Бурната историја на италијанската Библија
„БИБЛИЈАТА е една од најраспространетите книги во нашата земја [Италија], но можеби е и една од најнечитаните. Верниците и ден-денес не добиваат голем поттик да се запознаат со неа и не добиваат голема помош да ја читаат како Божја реч. Има и такви што сакаат да имаат познавање за Библијата, но честопати нема кој да ги поучи за неа.“
Од оваа изјава, што во 1995 ја даде одборот на конференцијата на бискупите во Италија, произлегуваат многу прашања. Колку се читала Библијата во Италија во изминатите векови? Зошто не била толку распространета како во другите земји? Зошто и ден-денес е една од најнечитаните книги во Италија? Еден преглед на историјата на библиските преводи на италијански јазик ќе ни даде некои од одговорите.
Требало да поминат векови за од латинскиот да настане романската група јазици — францускиот, италијанскиот, португалскиот, шпанскиот и други. Во различни европски земји чиј јазик се развил од латинскиот, говорниот јазик на обичниот народ постепено почнал да се цени и да се користи дури и во литературата. Развојот на народниот јазик директно влијаел врз преведувањето на Библијата. Како? Во одреден момент, јазот помеѓу латинскиот, кој бил свет јазик што го користела црквата, и народниот јазик, кој имал многу дијалекти и локални варијанти, станал толку широк што необразованите луѓе повеќе не го разбирале латинскиот јазик.
Во 1000 година, на повеќето жители на Италијанскиот Полуостров ќе им било тешко да ја читаат латинската Вулгата, дури и да можеле да си набават личен примерок. Со векови, образованието било во рацете на црквата, вклучувајќи го и образованието во неколкуте универзитети што постоеле. Образование можеле да стекнат само мала група привилегирани. Затоа, со текот на времето Библијата станала „непозната книга“. Сепак, многу луѓе сакале да ја имаат Божјата реч и да ја разберат на својот мајчин јазик.
Општо земено, свештенството се противело на преведувањето на Библијата, плашејќи се дека со тоа ќе се поттикне ширењето на таканаречената ерес. Според историчарот Масимо Фирпо, „употребата на народниот јазик [би значела] уривање на една јазична бариера [употребата на латинскиот јазик] што на свештениците им обезбедувала исклучителна власт над верските работи“. Значи, во коренот на општиот недостиг на познавање на Библијата што сѐ уште владее во Италија лежи комбинација од културни, верски и општествени фактори.
Првите делумни преводи на Библијата
Во 13 век биле направени првите преводи на некои библиски книги од латински на народен јазик. Таквите делумни преводи биле рачно препишувани и многу скапи. Во 14 век продолжило да се прават сѐ повеќе преводи, и тогаш речиси целата Библија била преведена на народен јазик, иако книгите што влегуваат во нејзиниот состав ги превеле различни луѓе, во различно време и место. Повеќето од овие преводи, направени од анонимни преведувачи, ги купувале богатите или учените луѓе, единствените што можеле да ги платат. Дури и кога книгите станале значително поефтини благодарение на печатењето, како што вели историчарот Џиљола Фрањито, Библија можеле „да си купат само малкумина“.
Со векови, повеќето луѓе биле неписмени. Дури и во времето кога се обединила Италија, во 1861 година, неписмени биле 74,7 проценти од населението. А кога новата италијанска влада се спремала да овозможи бесплатно и задолжително јавно образование за секого, папата Пио IX му напишал писмо на царот во 1870 година, молејќи го да му се спротивстави на таквиот закон, кој папата го нарекол „неволја“ со цел „сосема да се уништат католичките училишта“.
Првата Библија на италијански јазик
Првата комплетна Библија на италијански јазик била отпечатена во Венеција во 1471 година, околу 16 години откако во Европа првпат биле употребени подвижните печатарски букви. Николо Малерби, калуѓер од Камалдоли, ја превел Библијата за осум месеци. Многу ги користел тогашните преводи, ги ревидирал на темел на латинската Вулгата, и некои зборови ги заменил со зборови што се типични за неговото место, Венеција. Неговиот превод бил првото отпечатено издание на Библијата на италијански јазик што достигнало значителен тираж.
Друг човек што во Венеција издал превод на Библијата бил Антонио Бручоли. Тој бил хуманист со протестантски идеи, но никогаш не расчистил сосема со католичката црква. Во 1532 година, Бручоли ја превел Библијата од оригиналните јазици, хебрејски и грчки. Тоа била првата Библија што била преведена на италијански јазик врз основа на оригинални текстови. Иако не била преведена на литературен италијански јазик, значајно е тоа што преводот тесно се држи за оригиналните текстови, со оглед на ограниченото познавање на древните јазици во тоа време. На некои места и во некои изданија, Бручоли го вратил Божјето име со обликот „Иеова“. Речиси еден век, неговата Библија била многу популарна меѓу италијанските протестанти и верски дисиденти.
Биле издадени и други италијански преводи — кои всушност биле ревидирани изданија на Библијата на Бручоли — а некои од нив ги направиле католици. Ниеден од тие преводи не достигнал некаков забележителен тираж. Во 1607, Џовани Диодати, кој бил калвинистички свештеник чии родители пребегнале во Швајцарија за да го избегнат верското прогонство, во Женева издал уште еден превод на италијански јазик направен од оригиналните јазици. Неговата верзија со векови била Библија на италијанските протестанти. Ако се земе предвид периодот во кој била направена, таа може да се смета за одличен италијански превод. Библијата на Диодати им помогнала на Италијанците да ги сфатат библиските учења. Но, цензурата што ја правеле свештениците застанала на патот на овој и на други преводи.
Библијата — „непозната книга“
„Црквата секогаш успешно си ја исполнувала својата должност да врши контрола над книгите, но сѐ до откривањето на печатењето, не чувствувала потреба да направи список на забранети книги затоа што ракописите што се сметале за опасни биле палени“, стои во Enciclopedia Cattolica. Дури и откако започнала протестантската Реформација, свештенството во неколку европски земји правело сѐ што е можно за да се ограничи ширењето на таканаречените еретички книги. Значителна промена настапила по Концилот во Трент во 1546 година, кога било разгледано прашањето за преводите на Библијата на народен јазик. Биле изнесени две различни мислења. Оние што биле за забрана тврделе дека Библијата на народен јазик е „мајка и зачетник на секоја ерес“. Оние што биле против забраната велеле дека нивните „непријатели“, протестантите, ќе тврдат дека црквата ја забранува Библијата на народен јазик за да ги скрие „измамата и лукавството“.
Тоа што не се дошло до заедничко мислење значело дека Концилот немал конечен став по тоа прашање туку се ограничил на потврдување на автентичноста на Вулгатата, која станала стандарден текст за католичката црква. Меѓутоа, Карло Буѕети, предавач на Папскиот универзитет Салесианум, во Рим, забележува дека прогласувањето на Вулгатата за „автентична“ „ја поткрепило идејата дека, во суштина, таа требало да биде единствената одобрена Библија“. Ова го потврдил натамошниот развој на настаните.
Во 1559 година, папата Павле IV го издал првиот Список на забранети книги, во кој биле наведени делата што на католиците им било забрането да ги читаат, да ги продаваат, да ги преведуваат или да ги поседуваат. Овие изданија се сметале за безбожни и опасни по верата и моралот. Со овој список било забрането да се читаат библиските преводи на народен јазик, вклучувајќи го и преводот на Бручоли. Престапниците биле исклучувани од црквата. Списокот на забранети книги од 1596 година бил уште построг. Повеќе не се давала дозвола да се преведуваат или да се печатат Библии на народен јазик. Тие Библии требало да се уништат.
Затоа, по 16 век во дворовите на црквите сѐ почесто се гореле Библии. Во мислите на луѓето, Светото писмо станало книга на еретиците, и луѓето сѐ уште имаат таква претстава за Библијата. Речиси сите Библии и библиски коментари во јавните и во приватните библиотеки биле уништени, а во текот на следните 200 години, ниеден католик не преведувал Библија на италијански јазик. Единствените Библии што кружеле низ Италијанскиот Полуостров — и тоа тајно, од страв да не бидат конфискувани — биле оние што ги превеле протестантските изучувачи. Затоа, историчарот Марио Чињони вели: „Всушност, со векови несвештените лица не ја читале Библијата. Библијата станала речиси непозната книга, и милиони Италијанци во својот живот не прочитале ниту една страница од неа“.
Забраната попушта
Подоцна, папата Бенедикт XIV, во еден указ во врска со Списокот, издаден на 13 јуни 1757, ја променил претходната наредба, „дозволувајќи да се читаат преводите на народен јазик што ги одобрила Светата столица и што се издадени по наредба на бискупите“. Затоа, Антонио Мартини, кој подоцна станал надбискуп на Фиренца, се подготвил да ја преведе Вулгатата. Првиот дел бил издаден во 1769, а целокупното дело било завршено во 1781 година. Според еден католички извор, преводот на Мартини бил „првиот што вистински бил вреден да се спомене“. Дотогаш, католиците што не разбирале латински не можеле да читаат Библија одобрена од црквата. Во текот на следните 150 години, преводот на Мартини бил единствениот што бил одобрен за католиците во Италија.
Голема промена настанала на екуменскиот концил Ватикан II. Во 1965, документот Dei Verbum првпат охрабрил да се прават „соодветни и точни преводи . . . на различни јазици, особено од оригиналните текстови на светите книги“. Кратко пред тоа, во 1958 година, Pontificio istituto biblico (Папскиот библиски институт) го издаде „првиот целосен католички превод направен на темел на оригиналните текстови“. Во овој превод, на неколку места било вратено Божјето име со обликот „Јахве“.
Отпорот кон библиските преводи на народен јазик водел до тешки последици, кои сѐ уште се чувствуваат. Како што рекла Џиљола Фрањито, една последица било тоа што „на верниците им се всадила недоверба кон нивната слобода на размислување и совест“. Освен тоа, биле наметнувани верски традиции, кои многу католици ги сметаат за поважни од самата Библија. Поради сево ова луѓето се отуѓиле од Светото писмо, иако неписменоста речиси била искоренета.
Меѓутоа, проповедничкото дело на Јеховините сведоци го обнови интересот за Библијата на италијански јазик. Во 1963 година, Сведоците го издадоа Преводот Нов свет на христијанските грчки списи на италијански јазик. Во 1967 било завршено преведувањето на целата Библија. Само во Италија се поделени повеќе од 4 милиони примероци од овој превод. Преводот Нов свет, во чиј текст е вратено Божјето име, Јехова, се издвојува по своето строго придржување за смислата од оригиналните текстови.
Јеховините сведоци одат од куќа до куќа, читајќи ја и објаснувајќи им ја библиската порака на надеж на сите што сакаат да слушаат (Дела 20:20). Следниот пат кога ќе ги сретнете Јеховините сведоци, замолете ги да Ви покажат што вели Вашата Библија во врска со Божјето прекрасно ветување дека наскоро ќе воспостави „нова земја“ во која „ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13).
[Карта на страница 13]
(Види во публикацијата)
Венеција
РИМ
[Слика на страница 15]
Преводот на Бручоли го користи во својот текст Божјето име Иеова
[Слика на страница 15]
Во Списокот на забранети книги стоело дека преводите на Библијата на народен јазик се опасни
[Извор на слика на страница 13]
Насловната страница на Библијата: Biblioteca Nazionale Centrale di Roma
[Извори на слики на страница 15]
Преводот на Бручоли: Biblioteca Nazionale Centrale di Roma; Индекс: Su concessione del Ministero per i Beni e le Attività Culturali