Книга против другите книги
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИТАЛИЈА
ЗОШТО многу луѓе имаат предрасуди кон Библијата? Во некои земји, одговорот може да биде поврзан со историјата на едно средство што го измислиле луѓето за да се држи под контрола „ересот“. Тоа средство бил Индексот на забранети книги. Како дошло до тоа?
Католичката црква воодушевено го прифатила печатењето како нов изум. Неколку папи дури и го величале она што некои свештеници го нарекле „божествена уметност“. Но, црквата наскоро сфатила дека печатењето се користело за да се шират идеи спротивни на католичкото верување. Затоа, на крајот на 15 век, во неколку европски бискупии биле воведени ограничувања. Била воведена дозвола за печатење и, во 1515, Петтиот латерански концил издал наредби печатењето да се стави под контрола. Оние што ќе ги престапеле овие наредби можеле да бидат екскомуницирани. Меѓутоа, особено по започнувањето на реформацијата, ова не ја спречило продажбата на печатени материјали и книги што црквата сметала дека се опасни за верата и моралот. Затоа, некаде кон крајот на 16 век, ватиканските кругови се надевале „дека многу години нема повеќе ништо да се печати“.
За да го спречи „жестокиот и одвратен наплив од заразни книги“ — како што се изразил еден италијански језуит во 1951 — црквата сакала да се направи список што ќе важел за сите католици. Во 1542 била создадена римската инквизиција. Изгледа дека нејзиниот прв јавен писмен акт бил еден едикт против слободата на издавањето во доменот на религијата. Кога во 1555 поранешниот водечки инквизитор Џан Пјетро Карафа станал папа Павле IV, веднаш наредил една комисија да направи список на забранети книги. Така, во 1559 бил отпечатен првиот универзален Индекс на забранети книги.
Какви книги биле забранети?
Индексот бил поделен на три „категории“. Во првата биле наведени автори чии книги биле забранети без оглед на содржината. Во втората биле набројани насловите на одделни забранети книги на автори чии други дела не биле осудени. И, на крајот, третата категорија забранувала еден долг список на анонимни дела. Индексот содржел 1.107 цензурирани дела и во него биле наведени не само писатели на религиозни теми туку и писатели на други видови литература. Во додатокот биле наведени забранети изданија на Библијата, при што конкретно било наведено дека биле забранети сите преводи на народен јазик.
Иако претходно биле на сила локални забрани, „со овие одредби што се однесувале на сите католици, црквата ја дала својата прва официјална изјава против печатењето, читањето и поседувањето на Светото писмо на народен јазик“, како што изјавила Џиљола Фрањито, професорка по современа историја на Универзитетот во Парма (Италија). На Индексот жестоко му се противеле како продавачите на книги и издавачите така и владите, кои имале корист од печатењето. Од овие и од други причини било подготвено едно ново издание, кое било објавено во 1564, откако се одржал Концилот во Трент.
Во 1571 било основано посебно Собрание на Индексот кое требало да му направи ревизија. Во еден период дури три ентитети одлучувале кои дела да се забранат — Собранието на инквизицијата, Собранието на Индексот и Господинот на светата палата, еден папски достоинственик. Совпаѓањето на одговорностите, како и разликите во мислењата во врска со тоа дали треба да им се даде поголема моќ на бискупите или на локалните инквизитори, биле некои од причините за да се одложи издавањето на третиот каталог на забранети книги. Подготвен од Собранието на Индексот и официјално објавен од Клемент VIII во март 1596, Индексот бил повлечен на барање на инквизицијата, сѐ додека не го забранел поостро секое читање на Библијата на јазикот на обичниот народ.
Со ова издание, Индексот на забранети книги добил горе-долу некаков стабилен облик, и покрај постојаното ревидирање низ вековите. Многу протестанти, чии дела биле вклучени во него, го дефинирале Индексот како „најдобар водич за да се пронајдат најпожелните книги“. Меѓутоа, мора да се каже дека во тоа време, протестантизмот и католицизмот имале многу слични идеи кога станувало збор за цензурата на книги.
Индексот се одразил катастрофално врз културата, која во земји како што била Италија се повлекла во „задушена изолација“, вели историчарот Антонио Ротондо. Друг историчар, Гвидо дал’Олио, вели дека Индексот бил „еден од главните фактори за големата културна заостанатост на Италија, во споредба со повеќето други делови на Европа“. Иронично е тоа што некои книги преживеале затоа што завршиле на едно посебно место, таканаречениот „пекол“, место во многу црковни библиотеки каде што забранетата литература се чувала под клуч.
Но, постепено, новата улога на јавното мислење во ерата на просветителството имала свој удел во изумирањето на „најимпозантното средство за репресија што некогаш се користело против слободата на издавање“. Во 1766, еден италијански издавач напишал: „Забраните на Рим не одлучуваат колку вредат книгите. Тоа го одлучува јавноста“. Индексот ја губел својата важност, и во 1917 било распуштено Собранието на Индексот, кое се грижело за него. Од 1966 Индексот „со неговите цензури повеќе ја нема силата на црковен закон“.
Библијата на народен јазик
Историјата на Индексот открива дека, од сите тие „заразни книги“, една книга посебно ги загрижувала црковните власти — Библијата на народен јазик. Во 16 век, во Индексите биле наведени „приближно 210 изданија на целата Библија или на Новиот завет“, објаснува стручњакот Хесус Мартинез де Бујанда. Во текот на 16 век, Италијанците биле познати како страстни читатели на Библијата. Сепак, Индексот, кој строго го забранувал Писмото на народен јазик, од темел го променил односот што оваа нација го имала кон Божјата реч. „Забрането и отстрането како извор на ерес, на крајот Италијанците го изедначиле Светото писмо со списите на еретиците“, вели Фрањито, и додава: „Патот на спасение за католиците во јужна Европа бил преку катехизмот“, а „попожелни биле луѓето што биле како деца, а не зрели во поглед на религијата“.
Дури во 1757 папата Бенедикт XIV дал дозвола да се читаат ‚преводи на Библијата на народен јазик одобрени од папската столица‘. Со тоа конечно можела да се подготви една нова италијанска верзија, заснована на латинската Вулгата. Всушност, италијанските католици морале да чекаат до 1958 за да го добијат својот прв комплетен превод на Библијата што се темелел директно на оригиналните јазици.
Денес, вели Фрањито, особено оние што не се католици се зафатени „во дистрибуирањето на Писмото насекаде“. Меѓу најактивните несомнено се Јеховините сведоци, кои дистрибуираа повеќе од четири милиони примероци од Превод Нов свет на Светото писмо на италијански јазик. На тој начин помогнаа повторно да се разгори љубов кон Божјата реч во срцата на стотици илјади луѓе (Псалм 119:97). Зошто не се запознаете подобро со оваа извонредна книга?
[Слика на страници 20 и 21]
Страници од Индексот на забранети книги
[Извор на слика]
Su concessione del Ministero per i Beni e le Attività Culturali
[Слика на страница 22]
Италијанска Библија од 16 век што била забранета од црквата
[Слика на страница 22]
„Преводот Нов свет“ разбудил љубов кон Божјата реч кај многу луѓе