Како се истражува
ЦАР СОЛОМОН ,длабоко размислувал и направил темелно истражување за да може да ги подреди многуте изреки‘. Зошто? Затоа што бил заинтересиран да ги напише ,точните зборови на вистината‘ (Проп. 12:9, 10, NW). Лука ,сите работи од почеток ги испитал со точност‘ за да ги раскаже по логичен ред настаните од животот на Христос (Лука 1:3). Обајцата Божји слуги вршеле истражување.
Што е истражување? Тоа е внимателно трагање по информации во врска со одредена работа. Вклучува читање и бара да се применат начелата што важат за проучувањето. Исто така, може да вклучува интервјуирање луѓе.
За кои прилики е потребно истражување? Еве неколку примери. Можеби при личното проучување или при читањето на Библијата ќе ти се јават прашања што се важни за тебе. Некој кому му сведочиш може да ти постави прашање за кое ти би сакал да имаш одговор со конкретни информации. Можеби си добил задача да одржиш говор.
Да ја земеме задачата да одржиш говор. Материјалот што си замолен да го обработиш можеби изгледа прилично обопштен. Како да го примениш локално? Збогати го така што ќе направиш истражување. Кога е поддржана со еден или два статистички податока или со некој пример, кој се вклопува во твојот материјал и има врска со животот на твоите слушатели, извесна точка, која можеби изгледала очигледна, станува информативна, па дури и мотивирачка. Објавениот материјал што го обработуваш можеби е подготвен за читатели од целиот свет, но ти треба точките да ги прошириш, илустрираш и примениш на едно собрание или на една личност. Како да почнеш?
Пред да брзаш да бараш информации, размисли за своите слушатели. Што ќе знаат веќе? Што треба да знаат? Потоа, идентификувај ја твојата цел. Дали тоа е да објасниш? да увериш? да побиеш? или да мотивираш? Објаснувањето бара да се изнесат додатни информации за да се разјасни нешто. Иако можеби основните факти се разбираат, можеби треба подетално да се опише кога или како да се направи наведеното. Уверувањето бара да се наведат причините кои изложуваат зошто е нешто така, а тоа вклучува изнесување докази. Побивањето бара темелно спознание за обете страни на некое спорно прашање, како и внимателна анализа на употребените докази. Се разбира, ние не бараме само силни аргументи туку и начини љубезно да ги изнесеме фактите. Мотивирањето вклучува да се достигне срцето. Тоа значи на твоите слушатели да им дадеш поттик и во нив да изградиш желба да постапуваат во согласност со она за кое се дискутира. Вистинитите примери на оние што презеле таква акција, дури и наспроти тешкотии, можат да помогнат да се достигне срцето.
Дали сега си подготвен да започнеш? Не сосема. Размисли колку информации ти се потребни. Времето може да биде важен фактор. Ако треба да им ги изнесеш на другите, колку време ќе имаш на располагање за да го сториш тоа? Пет минути? Четириесет и пет минути? Дали времето е веќе утврдено, како на собраниски состанок, или е флексибилно, како на библиска студија или на пастирска посета?
На крајот, кои алатки за истражување ти се на располагање? Освен она што го имаш дома, има ли уште некои во библиотеката на Салата на Царството? Дали браќата што многу години му служат на Јехова ќе бидат спремни да ти дозволат да побараш во нивните алатки за истражување? Дали во твоето подрачје постои некоја јавна библиотека во која можат да се користат прирачници, доколку е потребно?
Користи ја нашата главна алатка за истражување — Библијата
Ако во проектот на истражување е вклучено значењето на некој стих, започни со самата Библија.
Испитај го контекстот. Запрашај се: ,Кому му бил упатен овој стих? Според околните стихови, кои околности воделе до таа изјава или до ставот на луѓето за кои станува збор?‘ Тие детали честопати можат да ни помогнат да разбереме еден стих, а можат и да го оживеат говорот во кој можеби го користиш.
На пример, Евреите 4:12 честопати се цитира за да се покаже дека Божјата реч има моќ да ги трогне срцата и да влијае врз животите. Контекстот придонесува уште подлабоко да сфатиме како е можно тоа. Во него се дискутира за искуствата на Израелците во текот на 40-те години во пустелијата пред да влезат во земјата што Јехова му ја ветил на Авраам (Евр. 3:7-4:13). „Речта Божја“, неговото ветување да ги внесе во едно место на починка, во согласност со својот сојуз со Авраам, не била мртва; таа била жива и се ближела кон исполнувањето. Израелците ги имале сите причини да покажат вера во неа. Меѓутоа, додека Јехова ги водел од Египет до гората Синај, и понатаму кон Ветената земја, тие секогаш одново покажувале недостиг на вера. На тој начин, нивната реакција на начинот на кој Бог ја спроведувал својата реч покажала што имале во срцата. На сличен начин, во нашево време Божјата реч на ветување открива што има во срцата на луѓето.
Провери ги паралелните стихови. Во некои Библии има паралелни стихови. Дали има и во твојата? Ако има, тие можат да ти помогнат. Забележи еден пример од Преводот Нов свет на Светото писмо. Прво Петрово 3:6 укажува на Сара како на пример што вреди да го имитираат христијанските сопруги. Еден паралелен стих, кој укажува на Битие 18:12, го поддржува тоа така, што разоткрива дека Сара „во себеси“ го нарекувала Авраам господар. Значи, нејзината подложност била од срце. Освен што ќе ти дадат таков увид, паралелните стихови можат да те упатат на стихови што го покажуваат исполнувањето на некое библиско пророштво или на некој образец од сојузот на Законот. Меѓутоа, биди свесен дека некои паралелни стихови не се предвидени за да дадат такви објаснувања. Тие можат едноставно да укажуваат на паралелни мисли или на биографски или географски информации.
Истражувај со библиска конкорданција. Библиска конкорданција е азбучен индекс на зборовите употребени во Библијата. Таа може да ти помогне да ги пронајдеш стиховите што се однесуваат на предметот кој го истражуваш. Додека ги испитуваш, ќе научиш и други корисни детали. Ќе видиш доказ за „образецот“ на вистината изложен во Божјата реч (2. Тим. 1:13). Преводот Нов свет содржи основен список со „Индекс на библиски зборови“. Comprehensive Concordance (Сеопфатната конкорданција) е уште поопширна. Ако ја има на располагање на твојот јазик, таа ќе те насочи кон сите стихови во Библијата кои ги содржат главните зборови.
Научи да ги користиш другите алатки за истражување
Рамката на 33. страница наведува неколку други алатки за истражување што ги обезбедува „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45-47). Доста од нив имаат содржина, а многу имаат одзади и индекс, кој е наменет да ти помогне точно да ги пронајдеш конкретните информации. На крајот од секоја година, во Стражарска кула и во Разбудете се! се издаваат тематски индекси за сите статии од таа година.
Познавањето на разновидните информации, кои ти ги нудат овие публикации за проучување на Библијата, може да го забрза процесот на истражување. Да кажеме, на пример, дека сакаш да дознаеш нешто повеќе за некое пророштво, доктрина, христијанско однесување или примена на библиските начела. Она што го бараш веројатно го содржи Стражарска кула. Разбудете се! се занимава со актуелни настани, современи проблеми, религија, наука и со народи од различни земји. Коментар за секој извештај во евангелијата, по хронолошки ред, се наоѓа во Најголемиот човек кој некогаш живеел. Дискусија стих по стих за цели библиски книги се наоѓа во публикации како што се Откривење — близу је величанствени врхунац!, Обрни внимание на Даниеловото пророштво! и двата тома на Пророштвото на Исаија — светлина за целото човештво. Во Reasoning From the Scriptures (Резонирање на темел на Писмото) ќе најдеш задоволителни одговори на стотици библиски прашања, кои честопати се поставуваат во службата на теренот. За појасно разбирање на другите религии, нивните учења и историска заднина, види ја книгата Потрагата на човештвото по Бог. Детален извештај за современата историја на Јеховините сведоци содржи книгата Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom (Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство). Во врска со извештајот за актуелните текови во глобалното проповедање на добрата вест, провери во најновиот Годишњак Јеховиних сведока. Insight on the Scriptures (Увид во Писмото) е библиска енциклопедија и атлас. Ако ти се потребни детали во врска со луѓе, места, предмети, јазици или историски настани поврзани со Библијата, ова е одлично средство.
„Индекс на публикации на Watch Tower“. Овој Индекс, издаден на повеќе од 20 јазици, ќе те насочи кон информации во најразлични наши публикации. Поделен е на тематски индекс и индекс на стихови. За да го користиш тематскиот индекс, пронајди еден збор што ја претставува темата која сакаш да ја истражуваш. За да го користиш индексот на стихови, пронајди го во списокот на стихови оној што би сакал подобро да го разбереш. Ако на твојот јазик е издадено нешто на таа тема или за тој стих во годините опфатени со Индексот, ќе најдеш список на референции во којшто можеш да погледнеш. Употреби го списокот што се наоѓа на првите страници од Индексот за да ги дешифрираш скратениците за имињата на наведените публикации. (Со нивна помош, на пример, ќе научиш дека w99 3/1 15 (или w99 1.3. 15) укажува на Стражарска кула од 1999, издание од 1 март, страница 15.) Главните наслови, како што се „Искуства од службата на теренот“ и „Животни приказни на Јеховини сведоци“ можат да бидат корисни при подготовката на мотивирачки презентации за собранието.
Со оглед на тоа што при истражувањето можеш многу да се задлабочиш, пази да не застраниш. Остани сосредоточен на својата цел да го истражиш материјалот што ти е потребен за претстојната задача. Ако Индексот укажува на извесен извор, отвори ја наведената страница или страници, потоа употреби ги поднасловите и воведните реченици на пасусите кои ќе те водат до материјалот што одговара на твоите потреби. Ако го истражуваш значењето на некој библиски стих, најпрвин пронајди го стихот на страницата што ти се посочува. Потоа, испитај ги околните коментари.
„Библиотека Watchtower“ на CD-ROM. Ако имаш пристап до компјутер, можеби ќе извлечеш корист од Библиотеката Watchtower на CD-ROM, која содржи огромна збирка наши публикации. Програмата за истражување, која лесно се користи, ти овозможува да побараш некој збор, комбинација од зборови или цитат од стих во која и да е публикација од Библиотеката Watchtower. Дури и ако оваа алатка за истражување не е достапна на твојот јазик, можеби ќе можеш да извлечеш корист од неа на некој нашироко користен меѓународен јазик што го знаеш.
Други теократски библиотеки
Во своето второ инспирирано писмо до Тимотеј, Павле го замолил младиот човек да му ги донесе во Рим „свитоците, особено пергаментите“ (2. Тим. 4:13). Павле високо ги ценел тие записи и ги чувал. Можеш и ти да го правиш истото. Дали ги чуваш личните примероци од Стражарска кула, Разбудете се! и Наша служба за Царството, дури и откако ќе бидат обработени на собраниските состаноци? Ако да, ќе ги имаш на располагање како алатки за истражување, заедно со другите христијански публикации што си ги набавил. Повеќето собранија настојуваат да чуваат колекција од теократски публикации во библиотеката на Салата на Царството. Нив треба да ги користат членовите на целото собрание и можат да ги употребуваат додека се наоѓаат во Салата на Царството.
Води лична архива
Внимавај кога наидуваш на интересни статии што ќе можеш да ги користиш кога зборуваш и поучуваш. Ако во весник или во некое списание најдеш вест, статистички податок или пример што би можел да го употребиш во службата, исечи го или препиши ги информациите. Вклучи го датумот, насловот на весникот и, можеби, името на авторот или издавачот. На собраниските состаноци, прибележи ги точките за резонирање и илустрациите што можат да ти помогнат да им ја објасниш вистината на другите. Дали некогаш си се сетил на некоја добра илустрација, но си немал прилика веднаш да ја употребиш? Запиши ја и чувај ја во архивата. По некое време откако си почнал да учествуваш во Теократската школа за служба, ќе имаш подготвено извесен број презентации. Наместо да ги фрлаш белешките од овие говори, чувај ги. Истражувањето што си го направил може да се покаже корисно подоцна.
Разговарај со луѓето
Луѓето се богат извор на информации. Кога Лука го составувал извештајот за своето евангелие, се чини дека многу информации собрал на тој начин што интервјуирал очевидци (Лука 1:1-4). Можеби некој сохристијанин може да ти расветли извесна тема која ти настојуваш да ја истражиш. Во согласност со Ефешаните 4:8, 11-16, Христос ги користи ,даровите во облик на луѓе‘ за да ни помогне да растеме во „точното спознание на Синот Божји“. Интервјуирањето на оние што имаат искуство во служењето на Бог може да ни даде корисни идеи. Разговорот со луѓето може да открие и за што размислуваат, а тоа може да ти помогне да подготвиш материјал што ќе биде вистински практичен.
Оцени ги своите резултати
Откако житото е ожнеано, зрната треба да се ослободат од плевата. Така е и со плодовите на твоето истражување. Пред да е готово за користење, треба да го одвоиш она што е вредно од она што е излишно.
Ако треба информациите да ги употребиш во говор, запрашај се: ,Дали точката што планирам да ја користам навистина придонесува нешто вредно за мојата презентација на темата? Или, иако тоа е интересен материјал, дали има тенденција да го одврати вниманието од темата за која треба да зборувам?‘ Ако размислуваш да употребиш некои актуелни настани или, пак, материјал од полето на науката или медицината, на кое постојано има промени, провери дали информациите се најнови. Исто така, биди свесен дека некои работи од нашите постари публикации можеби сега се осовременети, па затоа разгледај што е понеодамна издадено на таа тема.
Постои особена потреба да внимаваш ако се решиш да собереш информации од световни извори. Никогаш не заборавај дека Божјата реч е вистина (Јован 17:17). Исус ја игра клучната улога во исполнувањето на Божјата намера. Затоа, во Колошаните 2:3 се вели: „Во него внимателно се скриени сите блага на мудроста и спознанието“. Оцени ги плодовите од твоето истражување од таа перспектива. Во врска со световното истражување, запрашај се: ,Дали овој материјал е преувеличен, шпекулативен или кратковид? Дали е напишан од себичен или комерцијален мотив? Дали други авторитетни извори се сложуваат со него? Пред сѐ, дали е во согласност со библиската вистина?‘
Во Пословици 2:1-5 сме охрабрени и понатаму да трагаме по спознание, разбирање и проникливост ,како по сребро и скриено сокровиште‘. Тоа подразбира напрегање и богати награди. Истражувањето бара напор, но тоа ќе ти помогне да ги најдеш Божјите мисли за работите, да ги исправиш погрешните идеи и цврсто да ја зграпчиш вистината. Исто така, тоа ќе им придаде суштина и живот на твоите презентации, и ќе ги направи пријатни за изнесување и восхитувачки за слушање.