Прашања од читателите
Што може да направи некој ако е измачуван од демони?
Божјата реч покажува дека оние што се измачувани од демонски напади можат да се ослободат од нив. Во тоа игра важна улога молитвата (Марко 9:25-29). Но, оној што има проблеми со демоните ќе треба да преземе и дополнителни чекори. Настаните во кои биле вклучени христијаните од првиот век, покажуваат што уште е потребно.
Пред да станат следбеници на Христос, некои лица во древниот Ефес се занимавале со демонизам. Меѓутоа, откако решиле да му служат на Бог, ‚оние кои се занимавале со магија ги собрале своите книги и ги изгореле пред сите‘ (Дела 19:19). Со тоа што ги уништиле книгите за гатање, тие нови верници од Ефес дале добар пример за сите што денес сакаат да се ослободат од нападите на демоните. Тие мораат да ги уништат сите предмети што имаат некаква врска со спиритизам. Во ова спаѓаат книгите, списанијата, филмовите, материјалите земени од Интернет, музичките снимки што имаат елементи на спиритизам, како и амајлиите или другите предмети што се носат заради „заштита“ или се поврзани со спиритизам (Второзаконие 7:25, 26; 1. Коринќаните 10:21).
Неколку години откако христијаните во Ефес ги уништиле своите книги за магија, апостол Павле напишал: „Водиме борба против . . . злите духовни сили“ (Ефешаните 6:12). Павле ги поттикнал христијаните: „Облечете ја потполната воена опрема од Бог за да можете цврсто да стоите против Ѓаволовите сплетки“ (Ефешаните 6:11). Овој совет сѐ уште важи. Христијаните мораат да ја зајакнат својата духовна одбрана за да можат да се заштитат од злите духови. „Пред сѐ,“ нагласил Павле, „земете го големиот штит на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите огнени стрели на злобниот“ (Ефешаните 6:16). Човек може да си ја зајкне верата преку проучување на Библијата (Римјаните 10:17; Колошаните 2:6, 7). Според тоа, ако редовно ја проучуваме Библијата ќе можеме да стекнеме вера што ќе нѐ штити од влијанието на злите духови (Псалм 91:4; 1. Јованово 5:5).
Христијаните во Ефес требало да преземат уште еден важен чекор. Павле им рекол да се ‚молат со секаков облик на молитва и преколнување во духот во секоја прилика‘ (Ефешаните 6:18). Да, навистина е многу важно оние што сакаат да бидат ослободени од денешните демонски напади горливо да го молат Јехова да ги заштити (Пословици 18:10; Матеј 6:13; 1. Јованово 5:18, 19). Библијата убаво вели: „Подложете му се на Бог; а спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас“ (Јаков 4:7).
Додека оној што доживува напади од демони треба горливо да се моли да биде ослободен, другите вистински христијани можат исто така да се молат за секој што од сѐ срце сака да му служи на Јехова и кој искрено прави сѐ за да им се спротивстави на злите духови. Тие можат да го молат Бог да му даде духовна сила на оној што е измачуван од демони за да може да ги одбие тие напади. Бидејќи Божјата реч вели дека „преколнувањето на праведникот, кога дејствува, има многу сила“, молитвите што ги кажуваат Божјите слуги сигурно ќе им помогнат на оние што се измачувани од демони и кои прават сѐ за да му се ‚спротивстават на Ѓаволот‘ (Јаков 5:16).
[Слика на страница 31]
Верниците во Ефес ги уништиле своите книги за магија