Пастири што се „примери за стадото“
„Пасете го Божјето стадо кое е под ваша грижа... доброволно... желно... станувајќи примери за стадото“ (1. ПЕТРОВО 5:2, 3).
1, 2. а) Каква задача му доверил Исус на апостол Петар, и зошто не погрешил што покажал таква доверба во него? б) Што мисли Јехова за именуваните пастири?
НЕКОЕ време пред Пентекост 33 од н.е., Петар и шестмина други ученици појадувале од она што им го подготвил Исус на брегот на Галилејското Море. Ова не било првпат Петар да го види воскреснатиот Исус, и несомнено бил возбуден кога сфатил дека Исус е жив. Но, Петар можеби бил и загрижен, затоа што само неколку дена претходно, јавно одрекол дека воопшто го познава Исус (Лука 22:55-60; 24:34; Јован 18:25-27; 21:1-14). Дали Исус му приговорил на Петар што не покажал доволно вера? Не. Наместо тоа, Исус му дал задача да ги храни и да ги пасе неговите „овчички“ (Јован 21:15-17). Како што покажува библискиот извештај за историјата на христијанското собрание во првиот век, Исус не згрешил што покажал таква доверба во Петар. Заедно со другите апостоли и старешини во Ерусалим, Петар продолжил да го пасе христијанското собрание во време на големи искушенија и брз пораст (Дела 1:15-26; 2:14; 15:6-9).
2 Денес, Јехова преку Исус Христос поставува оспособени мажи да служат како духовни пастири што ќе ги водат неговите овци во најкритичните времиња од човечката историја (Ефешаните 4:11, 12; 2. Тимотеј 3:1). Дали Бог погрешил што покажал доверба во нив? Мирољубивото христијанско братство што постои низ целиот свет го докажува токму спротивното. Вистина е дека овие пастири се луѓе што прават грешки, исто како Петар (Галатите 2:11-14; Јаков 3:2). Сепак, Јехова има доверба дека ќе се грижат за овците што ‚ги купил со крвта на својот сопствен Син‘ (Дела 20:28). Јехова многу ги сака овие мажи, и во негови очи тие се „достојни за двојна чест“ (1. Тимотеј 5:17).
3. Како успеваат духовните пастири да задржат спремен и горлив дух?
3 Како успеваат духовните пастири да задржат спремен и горлив дух, и со тоа да станат примери за стадото? Исто како Петар и другите пастири од првиот век, тие се потпираат на Божјиот свет дух, кој им ја дава силата што им е потребна за да ги исполнат своите одговорности (2. Коринќаните 4:7). Исто така, светиот дух ги создава во нив плодовите на духот — љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост и самосовладување (Галатите 5:22, 23). Да разгледаме на кои начини пастирите можат да дадат пример во покажувањето на овие плодови додека го пасат Божјето стадо што им е доверено.
Љубов кон стадото и кон секоја овца
4, 5. а) Како Јехова и Исус покажуваат љубов кон стадото? б) На кои начини духовните пастири покажуваат љубов кон стадото?
4 Најважната особина што ја создава Божјиот свет дух е љубовта. Јехова покажува љубов кон стадото како целина со тоа што му дава изобилство духовна храна (Исаија 65:13, 14; Матеј 24:45-47). Сепак, тој прави и нешто повеќе освен што го храни стадото. Нему му е мила секоја поединечна овца (1. Петрово 5:6, 7). И Исус многу го сака стадото. Тој ја предал својата душа за него, и ја знае секоја овца „по име“ (Јован 10:3, 14-16).
5 Духовните пастири се угледуваат на Јехова и на Исус. Тие покажуваат љубов кон Божјето стадо како целина со тоа што ‚се посветуваат на поучувањето‘ на собранието. Нивните библиски говори помагаат да се нахрани и да се заштити стадото, и сите можат да видат колкав труд вложуваат за тоа (1. Тимотеј 4:13, 16). Но, на прв поглед не се забележува времето што го трошат за да ги средат собраниските извештаи, писмата, да направат распореди и да се грижат за многу други работи за да можат собраниските состаноци и другите активности да се одвиваат „пристојно и уредно“ (1. Коринќаните 14:40). Поголемиот дел од ваквата работа ја извршуваат додека другите не ги гледаат и без да добијат некаква посебна пофалба. Тие навистина работат од љубов (Галатите 5:13).
6, 7. а) На кој начин пастирите можат подобро да се запознаат со овците? б) Зошто понекогаш е корисно да зборуваме со некој старешина за своите чувства?
6 Нежните христијански пастири се интересираат за секоја овца во собранието (Филипјаните 2:4). Еден начин на кој пастирите можат подобро да се запознаат со секоја овца е да одат заедно со нив во служба на проповедање. Исус честопати ги земал своите следбеници со себе кога одел да проповеда и ги користел таквите моменти за да ги охрабри (Лука 8:1). Еден искусен христијански пастир вели: „Мислам дека еден од најдобрите начини да запознаам и да охрабрам некој брат или сестра е да одам со нив во службата на проповедање“. Ако одамна не си бил во служба со некој од старешините, договори се да одиш наскоро.
7 Љубовта го мотивирала Исус да ја дели радоста и тагата на своите следбеници. На пример, кога 70 негови ученици се вратиле радосни од проповедничката служба, Исус ‚многу се израдувал‘ (Лука 10:17-21). Меѓутоа, кога видел како се чувствувале Марија и нејзините роднини и пријатели кога умрел Лазар, ‚Исус почнал да рони солзи‘ (Јован 11:33-35). И грижливите пастири денес не се рамнодушни на она низ што минуваат овците. Љубовта ги мотивира ‚да се радуваат со оние кои се радуваат‘ и ‚да плачат со оние кои плачат‘ (Римјаните 12:15). Ако си радосен или тажен во животот, чувствувај се слободен да зборуваш за своите чувства со христијанските пастири. Тие ќе се охрабрат кога ќе слушаат додека им зборуваш за својата радост (Римјаните 1:11, 12). А кога ќе им ги кажеш своите маки, ќе те зајакнат и ќе те утешат (1. Солуњаните 1:6; 3:1-3).
8, 9. а) Како еден старешина покажал дека ја сака својата сопруга? б) Колку е важно еден пастир да покажува љубов кон своето семејство?
8 Љубовта што еден пастир ја има кон стадото особено може да се види во начинот на кој постапува со своето семејство (1. Тимотеј 3:1, 4). Ако е оженет, ќе им даде пример на другите мажи со тоа што ќе ја сака и ќе ја почитува својата сопруга (Ефешаните 5:25; 1. Петрово 3:7). Види што рекла Линда, една христијанка. Нејзиниот сопруг служел како надгледник подолго од 20 години, сѐ до својата смрт. Таа вели: „Маж ми секогаш беше многу зафатен во грижата за собранието. Но, ми даваше чувство дека ги правиме работите заедно, како да сме еден тим. Честопати ми се заблагодаруваше што му помагам, и слободното време го минуваше со мене. Затоа се чувствував сакана и не бев љубоморна на времето што го посветуваше на собранието“.
9 Ако некој христијански пастир има деца, на другите родители им дава пример на тој начин што со љубов ги воспитува и редовно ги пофалува своите деца (Ефешаните 6:4). Всушност, со љубовта што ја покажува кон своето семејство постојано докажува дека ја заслужува довербата што му била укажана кога бил именуван преку светиот дух (1. Тимотеј 3:4, 5).
Придонесувај за радоста и мирот преку добра комуникација
10. а) Што може да влијае негативно врз радоста и мирот во собранието? б) Што се заканувало на мирот во собранието во првиот век, и како бил решен проблемот?
10 Светиот дух може да создаде радост и мир во срцето на некој христијанин, меѓу старешините и во собранието како целина. Меѓутоа, недостигот на отворена комуникација може да се одрази негативно врз радоста и мирот. Соломон забележал: „Не успеваат намерите, каде што нема советување“ (Пословици 15:22). Од друга страна, пак, кога се комуницира со почит и отворено, се зголемуваат радоста и мирот. На пример, кога се заканувала опасност прашањето за обрезувањето да го наруши мирот на собранието во првиот век, водечкото тело во Ерусалим побарало водство од светиот дух. Исто така, неговите членови ги изнеле своите различни гледишта по тоа прашање. Откако долго време живо дискутирале за тоа, донеле една одлука. Кога му ја пренеле на собранието својата едногласна одлука, браќата „се израдуваа на охрабрувањето“ (Дела 15:6-23, 25, 31; 16:4, 5). Се зголемиле радоста и мирот.
11. Како можат старешините да придонесат за радоста и мирот во собранието?
11 И денес, пастирите шират радост и мир во собранието со тоа што имаат добра комуникација. Кога некои проблеми претставуваат закана за мирот во собранието, старешините се состануваат и отворено ги изнесуваат своите мислења. Со почит слушаат што имаат да кажат другите пастири (Пословици 13:10; 18:13). Откако ќе се помолат за свет дух, донесуваат одлуки на темел на библиските начела и упатствата што ги дава „верниот и разборит роб“ преку публикациите (Матеј 24:45-47; 1. Коринќаните 4:6). Кога старешинството ќе донесе одлука што се темели на Библијата, секој старешина се подложува на водството на светиот дух со тоа што ја поддржува таа одлука дури и ако повеќето старешини не го прифатиле неговото лично мислење. Ваквата скромност придонесува да има поголема радост и мир и им дава добар пример на овците за тоа како да одат со Бог (Михеј 6:8). Дали скромно соработуваш со библиските одлуки што ги донесуваат пастирите во собранието?
Биди долготрпелив и љубезен
12. Зошто Исус требало да биде долготрпелив и љубезен со своите апостоли?
12 Исус бил долготрпелив и љубезен со своите апостоли, и покрај тоа што тие постојано грешеле. На пример, Исус секогаш се трудел да им нагласи дека треба да бидат понизни (Матеј 18:1-4; 20:25-27). Сепак, последната ноќ од Исусовиот живот на Земјата, веднаш откако им дал поука за понизноста со тоа што им ги измил нозете, ‚меѓу нив настанала вжештена препирка околу тоа кој од нив да се смета за најголем‘ (Лука 22:24; Јован 13:1-5). Дали Исус ги прекорил апостолите? Не, туку љубезно разговарал со нив и им рекол: „Кој е поголем, оној кој прилегнал до масата или оној кој служи? Зарем не е оној кој прилегнал до масата? Но јас сум во вашата средина како оној кој служи“ (Лука 22:27). Долготрпеливоста и љубезноста на Исус — заедно со неговиот добар пример — на крајот сепак ги допреле срцата на апостолите.
13, 14. Особено кога мораат да бидат љубезни пастирите?
13 Слично, еден духовен пастир можеби ќе треба постојано да дава совет некому во врска со некоја слабост. Тоа би можело да го нанервира. Меѓутоа, ако мисли на своите сопствени слабости додека ‚ги опоменува неуредните‘, ќе може да биде долготрпелив и љубезен со својот брат. Така ќе се угледа на Исус и Јехова, кои ги покажуваат овие особини кон сите христијани — вклучувајќи ги и пастирите (1. Солуњаните 5:14; Јаков 2:13).
14 Понекогаш, пастирите можеби ќе треба да му дадат построг совет на некој што направил тежок грев. Ако таквиот не се кае, пастирите мора да го отстранат од собранието (1. Коринќаните 5:11-13). Но, дури и тогаш, начинот на кој постапуваат со него покажува дека не го мразат грешникот, туку гревот (Јуда 23). Љубезноста на старешините може да ѝ олесни на заталканата овца на крајот сепак да се врати во трлото (Лука 15:11-24).
Добри дела мотивирани од вера
15. На кој начин пастирите се трудат да покажуваат добрина како Јехова, и што ги мотивира на тоа?
15 „Јехова е добар кон сите“, дури и кон оние што не се благодарни за она што го прави за нив (Псалм 145:9, NW; Матеј 5:45). Добрината на Јехова особено се гледа во тоа што го испраќа својот народ да ја проповеда ‚добрата вест за царството‘ (Матеј 24:14). Пастирите покажуваат добрина како Божјата со тоа што предводат во проповедничкото дело. Кој мотив стои зад нивните неуморни напори? Силната вера во Јехова и во неговите ветувања (Римјаните 10:10, 13, 14).
16. Како можат пастирите ‚да им прават добро‘ на овците?
16 Освен што ‚им прават добро на сите‘ со тоа што проповедаат, пастирите имаат одговорност да им прават добро ‚особено на оние кои им се сродни по верата‘ (Галатите 6:10). Еден начин да се направи ова е да прават охрабрувачки пастирски посети. „Многу сакам да правам пастирски посети“, вели еден старешина. „Тогаш можам да ги пофалам браќата и сестрите за нивниот труд и да им помогнам да видат дека некој го цени она што го прават“. Понекогаш, пастирите може да дадат предлози како некој може подобро да ја извршува службата за Јехова. Притоа, мудрите пастири се угледуваат на апостол Павле. Размисли за тоа како им се обратил на браќата во Солун: „Што се однесува до вас, имаме доверба во Господ дека го вршите и дека ќе продолжите да го вршите она што ви го наредуваме“ (2. Солуњаните 3:4). Со ваквата доверба излегуваат на површина убавите склоности на овците и полесно им е ‚да им бидат послушни на оние што предводат‘ (Евреите 13:17). Кога ќе добиеш охрабрувачка пастирска посета, зошто не се заблагодариш за неа?
Благоста бара самосовладување
17. Што научил Петар од Исус?
17 Исус бил со благ нарав, дури и кога другите го предизвикувале (Матеј 11:29). Кога бил предаден и уапсен, Исус покажал благост и големо самосовладување. Без многу размислување, Петар извлекол меч и вратил со иста мера. Но, Исус го потсетил: „Мислиш дека не можам да го замолам мојот Татко да ми даде овој час повеќе од дванаесет легии ангели?“ (Матеј 26:51-53; Јован 18:10). Петар добро ја научил лекцијата и подоцна ги потсетил христијаните: „Христос страдаше за вас, оставајќи ви пример, за тесно да ги следите неговите стапки . . . Кога го навредуваа, не враќаше со навредување. Кога страдаше, не се закануваше“ (1. Петрово 2:21-23).
18, 19. а) Особено кога пастирите мораат да покажуваат благост и самосовладување? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во следната статија?
18 Слично на тоа, добрите пастири се благи дури и кога некој постапува лошо со нив. На пример, некој кому се обидуваат да му помогнат во собранието можеби нема да реагира баш најдобро. Ако оној кому му е потребна помош е духовно слаб или болен, може да реагира на советот на тој начин што ќе „зборува како да прободува со меч“ (Пословици 12:18). Меѓутоа, исто како Исус, пастирите не враќаат со остри зборови ниту се одмаздуваат. Наместо тоа, покажуваат самосовладување и сочувство, што може да биде за благослов на оној кому му треба помош (1. Петрово 3:8, 9). Дали учиш од примерот на старешините и покажуваш благост и самосовладување кога ќе добиеш совет?
19 Без сомнение, Јехова и Исус го ценат она што го прават илјадниците пастири што спремно се грижат за стадото во целиот свет. На Јехова и неговиот Син многу им се мили и илјадниците слуги помошници што им помагаат на старешините да ‚им служат на светите‘ (Евреите 6:10). Тогаш, зошто некои крстени браќа се колебаат да даваат сѐ од себе да ја вршат оваа „извонредна работа“? (1. Тимотеј 3:1). И како Јехова ги обучува оние што ги поставува за пастири? Овие прашања ќе ги разгледаме во следната статија.
Се сеќаваш ли?
• На кои начини пастирите покажуваат љубов кон стадото?
• Како можат сите во собранието да придонесат за радоста и мирот?
• Зошто пастирите се долготрпеливи и љубезни кога даваат совет?
• Како старешините покажуваат добрина и вера?
[Слика на страница 18]
Старешините му служат на собранието мотивирани од љубов
[Слики на страница 18]
Тие му посветуваат време на своето семејство и за рекреација и во службата
[Слика на страница 20]
Добрата комуникација меѓу старешините придонесува за радост и мир во собранието