Христијански пастири, ‚раширете го срцето‘!
„ГОСПОД [Јехова, NW] е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува.“ Со овие зборови Давид ја изразил целосната доверба во својот Бог. Јехова го водел, духовно говорејќи, на „плодни пасишта“ и на „тихи води“, насочувајќи го „по патот на правдата“. Кога бил опкружен со противници, Давид добил поддршка и охрабрување, што го навело да му рече на Јехова: „Нема да се плашам од злото, зашто Ти си со мене“. Имајќи таков Врховен Пастир, Давид бил одлучен да ‚престојува во домот Господов многу дни‘ (Псалм 22:1—6).
Божјиот единороден Син исто така ја осетил грижата на Јехова полна со љубов, и совршено ја одразувал оваа грижа во постапките со своите ученици додека престојувал на Земјата. Затоа Писмото укажува на него како на „добриот Пастир“, „големиот Пастир“ и „главниот пастир“ (Јован 10:11; Евреите 13:20; 1. Петрово 5:2—4, NW).
Јехова и Исус Христос продолжуваат да ги пасат оние кои ги љубат. Нивното пастирење се изразува, делумно, во љубезната подготовка за потпастири во собранието. Павле им дал упатство на тие потпастири кога рекол: „Пазете на себе и на целото стадо, во кое светиот дух ве именува за надгледници, да го пасете Божјето собрание, кое Бог го купи со крвта на својот Син“ (Дела 20:28, NW).
Пастирењето на стадото во склад со образецот кој го поставиле Јехова и Христос Исус не е лесна работа, но сега е побитна од кога и да било порано. Размисли за оние над еден милион Сведоци кои се крстиле во изминатите три години! Тие нови лица немаат духовна заднина која е резултат на годините активност. Размисли и за оние Сведоци кои сѐ уште се деца или тинејџери. Ним им е потребно не само вниманието од родителите туку и од собраниските потпастири.
Секако, секој христијанин е подложен на надворешни притисоци, вклучувајќи го и притисокот од врсниците. Сите мораат да се спротивставуваат на силното влијание да се следи светскиот пат на самопопустливост. Во некои земји објавителите на Царството можеби се обесхрабрени поради тоа што нема доволен одѕив на нивната порака. Многу објавители имаат сериозни здравствени проблеми. Финансиските проблеми можат да им го одземат поттикот на други да го бараат најпрвин Царството. Навистина, на сите нам — вклучувајќи ги и оние кои се долго време во вистината — ни е потребна и ја заслужуваме помошта од љубезните пастири.
Исправна мотивација
Христијаните од првиот век биле опоменати: ‚Раширете го срцето‘! (2. Коринтјаните 6:11—13). Христијанските старешини прават добро ако го следат овој совет во грижата за своите должности на пастирење. Како можат да го сторат тоа? И што е со слугите помошници, од кои многумина се потенцијални пастири?
За христијанските старешини да бидат благослов за стадото, мора да бидат мотивирани од нешто повеќе отколку само од чувство на должност. Ним им е даден советот: „Пасете го Божјето стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Бога; не заради неправедна корист, туку од добро срце [горливо, NW]“ (1. Петрово 5:2). Според тоа, делотворното пастирење вклучува спремност и горливост да им се служи на другите (Јован 21:15—17). Тоа значи да се увидат потребите на овците и брзо да се реагира. Тоа значи во постапките со другите да се покажуваат добрите христијански особини познати како плодови на Божјиот дух (Галатјаните 5:22, 23).
Пастирењето понекогаш вклучува да се посетуваат браќата во нивните домови.a Но, пастирите кои ‚ги рашируваат своите срца‘ се даваат себеси. Со други зборови, тие прават повеќе отколку само повремени пастирски посети. Ја користат секоја прилика да ги пасат останатите од стадото.
Обучување на другите да станат пастири
Секој брат, без разлика на возраста, кој „посегнува по служба на надгледник . . . сака извонредна работа“ (1. Тимотеј 3:1, NW). Многу слуги помошници покажале спремност да посегнат по додатни предности. На тој начин старешините со радост им помагаат на тие спремни браќа да го преземат овој важен чекор да ‚посегнат по служба на надгледник‘. Ова значи да ги обучуваат да бидат делотворни пастири.
Поради тоа што цврсто се држи за Божјите високи мерила, Јеховиното христијанско собрание не е ослабнато со лажни пастири како оние кои се опишани во Језекиил 34:2—6. Во Јеховините очи тие заслужувале презир, и тоа со право. Наместо да го хранат стадото, се хранеле самите себе. Пропуштиле да ги поткрепуваат слабите, да ги лекуваат болните, да ги преврзуваат ранетите или, пак, да ги вратат истераните или загубените. Постапувајќи повеќе како волци отколку како пастири, тие ги тиранизирале овците. Запоставените овци се расеале, бесцелно талкајќи без да има кој да се грижи за нив (Јеремија 23:1, 2; Наум 3:18; Матеј 9:36).
За разлика од тие неверни пастири, христијанските пастири го следат Јеховиниот пример. Тие помагаат овците да бидат водени на духовно „плодни пасишта“ и на „тихи води“. Настојуваат да ги насочуваат „по патот на правдата“ така што им помагаат исправно да ја разберат Јеховината реч и лично да ја применуваат. Тоа можат делотворно да го прават бидејќи се ‚оспособени да поучуваат‘ (1. Тимотеј 3:2, NW).
Поголемиот дел од поучувањето старешините го вршат од подиумот за време на собраниските состаноци. Меѓутоа, старешините поучуваат и лично. Се разбира, некои се подобри кога поучуваат очи в очи додека, пак, други се понадарени да држат говори. Но, ако некој има помала способност во некој аспект на поучувањето тоа задолжително не го дисквалификува како учител. Старешините поучуваат, користејќи ги сите канали кои им се отворени, вклучувајќи го и пастирењето. Некое пастирење се врши на формална основа, на пример, при организирани посети. Но, голем дел од пастирењето може да се изврши и на еден понеформален начин, кој е исто така од голема корист.
Пастири и учители во секое време
За еден лекар да ја врши својата работа потребно му е знаење и искуство. Но, неговите пациенти ценат кога тој покажува љубезност, сочувство, грижа и искрен интерес. Овие особини мора да бидат дел од неговата личност. Слични особини мора да станат дел и од личноста на еден добар учител и пастир, дел од неговото секојдневно јас. Вистинскиот учител ќе биде подготвен да ги поучи оние околу него секогаш кога ќе биде потребно. „Зборот во право време колку е добар!“ — се вели во Изреки 15:23 (ДХК). „Право време“ може да биде кога тој зборува од подиумот, кога проповеда од куќа до куќа, или кога разговара со некого во Салата на Царството или по телефон. Исто така, еден добар пастир настојува да покажува добри, грижливи особини во секое време, а не само кога прави пастирски посети. ‚Раширувајќи го своето срце‘ тој ќе ја искористи секоја прилика да ги пасе овците, давајќи им ја потребната грижа во право време. Тоа е она што го прави омилен во очите на овците (Марко 10:43).
Волфганг, сега старешина, се сеќава на една друштвена посета која на неговото семејство ја направил еден слуга помошник со сопругата. Тој вели: „Нашите деца беа возбудени од вниманието кое им беше посветено и од тоа колку ни беше пријатно. Сѐ уште зборуваат за тоа“. Да, овој слуга помошник покажал дека се грижи; ‚го раширил своето срце‘.
Друга прилика да ‚се рашири срцето‘ е на тој начин што ќе се посетуваат болните, што ќе им се испрати една кратка картичка со охрабрување, или ќе им се јавиме по телефон — нешто што ќе им покаже дека се грижиш! Понуди им помош кога им е потребна. Ако сакаат да зборуваат, слушај ги внимателно. Зборувај за позитивните, возбудливи теократски активности во локалното собрание и на други места. Помогни им да се сосредоточат на славната иднина која ги чека оние кои го љубат Јехова (2. Коринтјаните 4:16—18).
Освен пастирските посети
Задржувајќи ја на ум целта на пастирењето, очигледно е дека правењето формални пастирски посети во домовите на браќата, иако е важно, е само дел од она што е вклучено. Еден пастир полн со љубов ‚го раширува срцето‘ со тоа што е пристаплив под секакви околности и во секое време. Срдечниот однос што го негува со своите браќа ги уверува дека во мрачни времиња не треба да се плашат од зло, знаејќи дека нивниот брат полн со љубов, христијанскиот пастир, се грижи за нив (Псалм 22:4).
Да, сите вие христијански пастири, ‚раширете го срцето‘. Покажете искрена љубов кон вашите браќа — храбрете ги, освежувајте ги, изградувајте ги духовно на секој можен начин. Помогнете им да бидат цврсти во верата (Колосјаните 1:23, NW). Кога се благословени со христијански пастири кои ‚го рашируваат своето срце‘, на овците нема ништо да им недостига. Тие ќе бидат одлучни, како и Давид, да престојуваат во Јеховиниот дом многу дни (Псалм 22:1, 6). Што друго би можел да посака еден пастир полн со љубов?
[Фуснота]
a Предлози за правење пастирски посети можат да се најдат во Стражарска кула од 15 септември 1993, страници 20—23 и од 15 март 1996, страници 24—27.
[Рамка на страница 30]
Христијанските пастири
• Служат горливо и спремно
• Го хранат стадото и се грижат за него
• Им помагаат на другите да посегнат да бидат пастири
• Ги посетуваат болните и се грижат за нив
• Внимаваат за да им помогнат на своите браќа во секое време
[Слики на страница 31]
Сеедно дали е тоа во службата на теренот, на состаноците или во друштвените прилики, старешините секогаш се пастири