Млади, изберете да му служите на Јехова
„Денес изберете кому ќе му служите“ (ИСУС НАВИН 24:15).
1, 2. Какви погрешни облици на крштавање се практикувале во христијанството?
„ДЕЦАТА нека станат христијани кога ќе бидат способни да го запознаат Христос.“ Еден писател по име Тертулијан ги напишал овие зборови некаде кон крајот на вториот век од н.е. Тој бил против крштавањето на бебиња, обичај што почнал да се вкоренува во отпадничкото христијанство во тоа време. Спротивно на она што го велеле Тертулијан и Библијата, црковниот отец Августин тврдел дека со крштавањето се отстранува дамката на првобитниот грев и дека бебињата што ќе умрат некрстени се осудени да одат во пеколот. Поради ова верување, се раширил обичајот бебињата да се крштаваат колку што е можно поскоро откако ќе се родат.
2 Во многу од главните христијански религии сѐ уште постои обичајот да се крштаваат новороденчињата. Освен тоа, низ историјата, владетелите и верските водачи на таканаречените христијански земји присилно ги крштавале победените „пагани“. Но, Библијата не дава никаква основа да се крштаваат бебиња и присилно да се крштаваат возрасни луѓе.
Денес заветот не доаѓа автоматски
3, 4. Што може да им помогне на децата чии родители му служат на Бог и самите да посакаат да му ветат на Бог дека и тие ќе му служат?
3 Библијата покажува дека во Божји очи децата се свети дури и ако само едниот од нивните родители е верен христијанин (1. Коринќаните 7:14). Дали со тоа децата автоматски стануваат и слуги на Јехова? Не. Меѓутоа, децата што се воспитани од родители што му служат на Јехова, добиваат поука што може да ги мотивира по своја волја да му се заветуваат на Бог дека и тие ќе му служат. Мудриот цар Соломон напишал: „Сине мој, пази ги заповедите на својот татко и не отфрлај ја науката на својата мајка... За да те водат кога одиш, да те чуваат кога спиеш, и да разговараат со тебе кога ќе се разбудиш. Зашто заповедта е светилник, законот е светлина, опомените на изобличувањата се пат кон животот“ (Пословици 6:20-23).
4 Водството што го даваат христијанските родители може да биде заштита за младите, само ако тие сакаат да го следат. Соломон го кажал и следново: „Мудриот син го радува таткото, а безумниот син е тага на својата мајка“. „Слушај, сине мој, и биди мудар и води го твоето срце по рамен пат“ (Пословици 10:1; 23:19). Да, за да ви користи воспитанието од родителите, млади, мора спремно да прифатите совети, поука и укор. Не сте се родиле мудри, но можете да станете мудри и спремно да одите по „патот кон животот“.
Што е умствено насочување?
5. Каков совет им дал Павле на децата и на татковците?
5 Апостол Павле напишал: „Деца, бидете им послушни на своите родители во обединетост со Господ, зашто тоа е праведно: ‚Искажувај им чест на татка си и мајка си‘; што е првата заповед со ветување: ‚За да ти биде добро и да останеш долго на земјата‘. А вие, татковци, не раздразнувајте ги своите деца, туку подигајте ги во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ (Ефешаните 6:1-4).
6, 7. Што е вклучено во тоа да се воспитуваат децата во „Јеховино умствено насочување“, и зошто не е погрешно родителите да ги воспитуваат своите деца на таков начин?
6 Дали е погрешно христијанските родители да ги воспитуваат своите деца „во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“? Не. Може ли некој со право да ги критикува родителите што ги поучуваат своите деца за она што мислат дека е исправно и морално добро? Никој не ги критикува атеистите што ги учат своите деца дека не постои Бог. Римокатолиците и православните сметаат дека е нивна обврска да ги воспитаат своите деца во католичката или во православната вера, и ретко некој ги критикува поради тоа. Слично, никој не треба да ги обвинува Јеховините сведоци дека манипулираат со умот на своите деца кога ги учат да го прифатат Јеховиното размислување во врска со основните вистини и морални начела.
7 Според Теолошкиот речник на Новиот завет (Theological Dictionary of the New Testament), оригиналниот грчки збор што во Ефешаните 6:4 е преведен со „умствено насочување“, се однесува на еден процес со кој треба „да се исправи размислувањето, да се поправи она што е погрешно, да се подобри ставот кон Бог“. Што ако една млада личност покажува отпор кон воспитанието од родителите поради притисокот од врсниците, поради желбата да не дојде во судир со мнозинството? За кого може да се рече дека врши негативен притисок — за родителите или за врсниците на младиот човек? Ако врсниците го тераат да зема дрога, да се опива или да врши неморал, зар родителите треба да бидат критикувани што се обидуваат да го исправат размислувањето на својот син или ќерка и да му помогнат да сфати кои се последиците од таквото опасно постапување?
8. Што значело тоа што Тимотеј бил ‚убеден да верува‘?
8 Апостол Павле му напишал на младиот Тимотеј: „Остани во она што си го научил и во што си убеден да веруваш, знаејќи од кого си го научил и дека од периодот на доење ги познаваш светите списи, кои можат преку верата да те направат мудар за спасение во поврзаност со Христос Исус“ (2. Тимотеј 3:14, 15). Уште од раното детство на Тимотеј, мајка му и баба му цврсто ја втемелиле неговата вера во Бог врз она што стоело во Светото писмо (Дела 16:1; 2. Тимотеј 1:5). Подоцна, кога станале христијанки, не го присилиле Тимотеј да верува, туку го ‚убедиле‘ водејќи логични разговори на темел на она што стоело во Библијата.
Јехова те повикува да избереш
9. а) Со што ги удостоил Јехова своите созданија, и од која причина? б) Како ја употребил својата слободна волја Божјиот единороден Син?
9 Јехова можел да нѐ создаде како роботи, програмирани да го прават само она што тој сака и ништо друго. Наместо тоа, тој нѐ удостоил со слободна волја. Нашиот Бог сака да му бидеме подложни од сѐ срце. Се радува кога гледа како луѓето што ги создал, и стари и млади, му служат од љубов. Најубавиот пример за тоа што значи спремно да се подложиш на Божјата волја го дал неговиот единороден Син, за кого Јехова рекол: „Ова е мојот Син, љубениот, кого го одобрив“ (Матеј 3:17). Овој првороден Син му рекол на својот Татко: „Мило ми е, Господи, да ја исполнувам Твојата волја, јас го носам Твојот закон длабоко во срцето“ (Псалм 40:8; Евреите 10:9, 10).
10. Како треба да му служиме на Јехова за тој да ја прифати нашата служба?
10 Јехова очекува и оние што му служат под водство на неговиот Син спремно да се подложат на Неговата волја. Кажувајќи едно пророштво, псалмистот пеел: „Твојот народ спремно ќе се понуди во денот кога ќе ја поведеш во војна својата војска. Украсени со светост, од утробата на зората, покрај тебе се твоите млади воини, кои се како капките роса“ (Псалм 110:3, NW). Целата Јеховина организација, и на небото и на Земјата, функционира на темел на таквата спремна подложност на Божјата волја.
11. Пред каков избор стојат младите што се воспитани од родители што му служат на Јехова?
11 Затоа, вие млади, треба да сфатите дека ниту вашите родители ниту христијанските старешини во собранието немаат намера да ве натераат да се крстите. Желбата да му служите на Јехова мора да ја чувствувате вие. Исус Навин им рекол на Израелците: „Служете Му [на Јехова] совршено и верно... Изберете кому ќе му служите“ (Исус Навин 24:14-22). Слично на тоа, мора вие лично да му се заветувате на Јехова и да го посветите животот на вршењето на неговата волја.
Прифати ја одговорноста
12. а) Иако родителите можат да ги воспитуваат своите деца, што не можат да прават наместо нив? б) Кога еден млад човек станува одговорен пред Јехова за она што ќе избере да го прави во својот живот?
12 Доаѓа време кога младите повеќе нема да ги штити верноста на нивните родители (1. Коринќаните 7:14). Ученикот Јаков напишал: „Ако некој знае како да го прави она што е исправно, а сепак не го прави, тоа му е грев“ (Јаков 4:17). Родителите не можат да му служат на Бог наместо своите деца, исто како што ни децата не можат да му служат на Бог наместо своите родители (Езекиел 18:20). Дали добро се запозна со Јехова и со неговите намери? Дали си доволно возрасен за да го разбереш она што си го научил и да станеш пријател со него? Тогаш, зар не би било логично Бог да те смета за способен да одлучиш да му служиш?
13. Кои прашања треба да си ги постават некрстените млади?
13 Дали си некрстен млад човек што е воспитуван од побожни родители, присуствува на христијанските состаноци, па дури и ја проповеда добрата вест за Царството? Ако е така, искрено запрашај се: ‚Зошто го правам ова? Дали одам на состаноците и проповедам затоа што тоа го очекуваат од мене моите родители или затоа што сакам да го радувам Јехова?‘ Дали си се уверил „која е добра и прифатлива и совршена волја Божја“? (Римјаните 12:2).
Зошто да одложуваш да се крстиш?
14. Кои библиски примери покажуваат дека крштавањето не треба непотребно да се одложува?
14 „Што ме спречува да се крстам?“ Етиопјанецот што му го поставил тоа прашање на проповедникот Филип штотуку дознал дека Исус бил Месијата. Но, Етиопјанецот доволно го познавал Светото писмо за да сфати дека нема зошто да одложува јавно да покаже дека оттогаш натаму ќе му служи на Јехова како дел од христијанското собрание, и затоа бил многу радосен (Дела 8:26-39). Слично на тоа, една жена по име Лидија, чие срце било ‚ширум отворено да обрне внимание на она што го зборувал Павле‘, веднаш ‚се крстила‘, и тоа не само таа туку и сите во нејзиниот дом (Дела 16:14, 15). Исто така, кога чуварот на затворот во Филипи ги сослушал Павле и Сила кога ‚му ја говореле речта Јеховина‘, ‚тој и неговите се крстиле без одлагање‘ (Дела 16:25-34). Според тоа, ако ги знаеш основните работи за Јехова и за неговите намери, ако имаш искрена желба да ја вршиш неговата волја и ако си на добар глас во собранието и верно одиш на сите состаноци и ја проповедаш добрата вест за Царството, зар има потреба да одложуваш да се крстиш? (Матеј 28:19, 20).
15, 16. а) Поради кое погрешно размислување некои млади можеби се двоумат да се крстат? б) Како може заветот и крштавањето да служат како заштита за младите?
15 Дали можеби се двоумиш да го направиш овој важен чекор од страв дека ќе бидеш повикан на одговорност ако згрешиш нешто? Ако е така, размисли за следново: Дали би се откажал од полагање возачки испит само затоа што се плашиш дека еден ден би можел да имаш сообраќајна незгода? Се разбира дека не! Па, не треба да се двоумиш ни да се крстиш ако ги исполнуваш условите. Всушност, ако му се заветуваш на Јехова и се согласиш да ја вршиш неговата волја, ќе имаш голема мотивација да даваш сѐ од себе за да не направиш грев (Филипјаните 4:13). Млади, ве молиме, немојте да си мислите дека со одложување на крштавањето ја избегнувате и одговорноста. Штом сте на возраст кога можете да одговарате за себе, вие сте одговорни пред Јехова за своите постапки сеедно дали сте крстени или не (Римјаните 14:11, 12).
16 Голем број Сведоци во целиот свет сметаат дека многу им помогнала одлуката да се крстат кога биле млади. Да спомнеме како пример еден 23-годишен Сведок од Западна Европа. Тој се сеќава дека тоа што се крстил кога имал 13 години го мотивирало да внимава да не им подлегне на „желбите кои ѝ се својствени на младоста“ (2. Тимотеј 2:22). Уште рано си поставил за цел да стане полновремен проповедник. Денес радосно служи во една подружница на Јеховините сведоци. Сите млади што избираат да му служат на Јехова, вклучувајќи те и тебе, ќе бидат богато благословени.
17. На кои полиња е неопходно и понатаму да согледуваме која е „Јеховината волја“?
17 Со заветот и со крштавањето се означува почетокот на еден живот во кој мислиме на Јеховината волја во сѐ што правиме. За да го исполниме нашиот завет треба да си откупиме време. Како го правиме тоа? Со тоа што ќе одвојуваме време што инаку би го потрошиле на бескорисни работи и ќе го посветуваме тоа време на сериозно проучување на Библијата, редовно присуство на состаноците и колку што можеме повеќе ќе учествуваме во проповедањето на ‚добрата вест за царството‘ (Ефешаните 5:15, 16; Матеј 24:14). Заветот што сме му го дале на Јехова и нашата желба да ја вршиме неговата волја ќе се одразат добро на сите полиња од нашиот живот, вклучувајќи го и начинот на кој се разонодуваме, што и колку јадеме и пиеме и каква музика слушаме. Зошто не избереш разонода во која ќе можеш да уживаш во сета вечност? Илјадници среќни млади Сведоци ќе ти кажат дека има многу здрави начини да се разонодуваш додека остануваш во границите на она што е ‚Јеховина волја‘ (Ефешаните 5:17-19).
„Ќе дојдеме со вас“
18. Кое прашање треба да си го постават младите?
18 Од 1513 година пр.н.е. до Пентекост 33 година од н.е., Јехова имал на Земјата еден организиран народ чии припадници ги избрал да му служат нему и да бидат негови сведоци (Исаија 43:12). Младите Израелци биле родени во тој народ. Од Пентекост, Јехова има еден нов народ на Земјата, духовниот Израел, „народ за своето име“ (1. Петрово 2:9, 10; Дела 15:14; Галатите 6:16). Апостол Павле вели дека Христос си очистил „народ кој е негова посебна своина, ревносен за добри дела“ (Тит 2:14). Вие млади слободно можете да истражите каде може да се најде тој народ. Кој денес го сочинува „праведниот народ, кој ја пази верноста“, живее во склад со библиските начела, верно сведочи за Јехова и го објавува неговото Царство како единствена надеж за човештвото? (Исаија 26:2-4). Размисли за црквите на христијанскиот свет и за другите религии, и спореди го она што го прават со она што Библијата вели дека треба да го прават вистинските слуги на Бог.
19. Во што се увериле милиони луѓе во целиот свет?
19 Милиони луѓе во целиот свет, вклучувајќи и многу млади, се увериле дека помазаниот остаток од Јеховини сведоци го сочинува тој ‚праведен народ‘. Тие им велат на овие духовни Израелци: „Ќе дојдеме со вас, чувме дека Господ е со вас“ (Захарија 8:23). Вистински се надеваме и се молиме вие млади да одлучите да застанете во редовите на Божјиот народ и со тоа да ‚изберете живот‘ — вечен живот во Јеховиниот нов свет (Второзаконие 30:15-20; 2. Петрово 3:11-13).
За повторување
• Што е вклучено во умственото насочување?
• Каква служба му е прифатлива на Јехова?
• Каков избор е поставен пред сите млади што се воспитани од родители што му служат на Јехова?
• Зошто не треба крштавањето непотребно да се одложува?
[Слики на страница 26]
Кого ќе го слушаш?
[Слика на страница 28]
Како можат заветот и крштавањето да ти послужат како заштита?
[Слика на страница 29]
Што те спречува да се крстиш?