Римските патишта — споменици на древното инженерство
КОЈ Е најзначајниот римски споменик? Дали ќе речеш дека тоа е Колосеумот, чии остатоци можат да се видат во Рим? Ако сакаме да ги разгледаме римските градби што траеле најдолго или што влијаеле врз историјата, ќе мора да размислиме за патиштата.
По римските патишта не поминувале само стоки и војски. Епиграфичарот Ромоло А. Стачоли вели дека по патиштата „се пренесувале идеи, влијанија од уметноста и филозофски и верски доктрини“, вклучувајќи ги и оние на христијанството.
Во античко време, римските патишта се сметале за споменици. Во период од повеќе векови, Римјаните изградиле ефикасна мрежа што на крајот се протегала во должина од 80.000 километри на површина што сега покрива повеќе од 30 држави.
Првиот важен виа публика, или како што денес би го нарекле автопат, бил Виа Апија. Познат како кралица на патиштата, го поврзувал Рим со Брундисиум (денешен Бриндизи), пристаниште што служело како врата кон истокот. Овој пат го добил името според Апиј Клавдиј Кекус, римски службеник, кој почнал да го гради некаде во 312 година пр.н.е. Римјаните патувале и по Виа Саларија и Виа Фламинија, патишта кои се протегале источно кон Јадранското Море и го отворале патот кон балканските земји и кон Рајнската и Дунавската област. Виа Аурелија се протегал на север кон Галија и Иберискиот (Пиринејскиот) Полуостров, а Виа Остиенсис водел во Остија, римското омилено пристаниште за патувањата кон и од Африка.
Најголемиот градежен проект на Рим
Патиштата биле важни за Рим уште пред неговите жители да почнат да градат нови. Овој град се подигнал на местото каде што древните патишта се спојувале на единствениот постоечки премин на долниот тек на реката Тибар. Според древните извори, за да ги подобрат патиштата што ги нашле, Римјаните го следеле примерот на Картагинците. Но, пред Римјаните, во мајсторството на изградба на патишта веројатно предводеле Етрурците. Сѐ уште можат да се видат остатоци од нивните патишта. Освен тоа, пред да завладее Рим, на таа територија веќе постоеле друмови по кои интензивно се патувало. Тие можеби се користеле за да се пренесуваат животните од едно до друго пасиште. Меѓутоа, било тешко да се патува по тие патишта, бидејќи биле правливи во сувата сезона, а калливи кога ќе настапеле дождливи периоди. Римјаните честопати ги граделе своите патишта врз таквите патеки.
Римските патишта биле внимателно проектирани и се граделе да бидат цврсти, практични и да изгледаат убаво. Идеално било патиштата да поврзуваат некоја појдовна точка со некое одредиште преку најкратката можна линија, што објаснува зошто многу од нив со километри се протегаат праволиниски. Но, честопати, патиштата морале да го следат природниот релјеф на теренот. Каде што било можно, на ридските и планински предели, римските инженери ги граделе патиштата до половина од нагорнините, од сончевата страна на планината. Ваквата положба на патот им овозможувала на патниците да избегнат секакви неприлики што би можеле да се појават поради лошите временски услови.
На кој начин Римјаните ги граделе своите патишта? Имале најразлични техники, но еве што во основа откриле археолошките ископувања.
Најнапред се одредувало каде ќе минува патот. Ова го работеле геометрите од тоа време. Потоа, напорната работа да се копа им се препуштала на легионерите, работниците или робовите. Се копале два паралелни рова. Најмалото растојание помеѓу нив изнесувало околу 2,4 метри, но најчесто тие биле оддалечени 4 метри, а на кривините растојанието меѓу нив било дури и поголемо. Откако ќе бил завршен, патот можел да биде широк и до 10 метри, вклучувајќи ги и пешачките патеки на двете страни. Потоа се копала земјата меѓу двата рова, и останувала дупка. Штом ќе се дошло до цврсто тло, дупката се пополнувала со три или четири слоја различни материјали. Првиот слој можел да се состои од големи камења или парчиња шут. Потоа се ределе помали камења или мазни камчиња, кои можеби биле бетонирани. Врз сето тоа се ставал збиен чакал или кршени камења.
Површината на некои римски патишта се состоела само од густо набиен чакал. Сепак, поплочените патишта го пленеле интересот на луѓето од тоа време. Горната површина на таквите патишта се правела од големи камени плочи, кои обично ги сечеле од карпи што можеле да се најдат во местото каде што се правел патот. Патиштата биле благо испакнати за да може дождовницата полесно да се слева од најиспакнатиот дел до сливниците на обете страни. Ваквото решение придонело за трајноста на овие споменици и благодарение на тоа некои од нив останале до ден-денес.
Околу 900 години откако бил направен Апиевиот пат, византискиот историчар Прокопиј го опишал како „прекрасен“. Во врска со камените плочи од кои била направена неговата површина, тој напишал: „И покрај тоа што поминало многу време и што врз нив секојдневно минувале многу коли, нивната состојба воопшто не се влошила ниту се оштетила нивната мазна површина“.
Како можеле овие патишта да ги преминат природните препреки, како што се реките? Еден важен начин на кој се постигнувало тоа биле мостовите, од кои некои сѐ уште постојат и сведочат за извонредната градежна вештина на древните Римјани. Тунелите во римската патна мрежа можеби не се толку познати, но било уште потешко да се направат со оглед на техниките што се користеле во тоа време. Во едно стручно дело стои: „Римското инженерство... постигнало резултати што со векови никој не можел да ги надмине“. Еден пример е тунелот кај преминот Фурло, на Виа Фламинија. Во 78 година од н.е., откако инженерите внимателно ја испланирале изведбата, во цврстата карпа бил ископан еден тунел долг 40 метри, широк 5 и висок 5 метри. Тоа навистина било извонреден потфат, ако се земе предвид само какви алатки постоеле во тоа време. Изградбата на таква патна мрежа била еден од најголемите човечки потфати.
Патници и ширење идеи
Овие патишта ги користеле војници и трговци, попови и туристи, актери и гладијатори. Оние што патувале пеш можеле да поминат по 25-30 километри на ден. Патниците можеле да дознаат колку е далеку нивното одредиште ако ги следеле патоказите. Овие камења со различни облици, обично цилиндрични, се поставувале на секои 1.480 метри — колку што изнесувала должината на една римска милја. Имало и места за одмор, каде што патниците можеле да ги сменат коњите, да купат нешто за јадење или, во некои случаи, да преноќат. Некои од тие места подоцна прераснале во гратчиња.
Кратко пред раѓањето на христијанството, Цезарот Август започнал една програма за одржување на патиштата. Тој поставил службеници што ќе се грижат за еден пат или за повеќе патишта. Во римскиот форум тој подигнал милиариум ауреум, златен патоказ. Овој столб со позлатени бронзени букви бил замислената завршна точка на сите патишта во Италија што ги направиле Римјаните. Оттаму доаѓа поговорката „Сите патишта водат во Рим“. Август изложил и мапи на патната мрежа на целото римско царство. Изгледа дека оваа мрежа била во одлична состојба за потребите и стандардите во тоа време.
Некои патници од старо време користеле пишани водичи, или итинерари, за да си го олеснат патувањето. Овие водичи содржеле информации како што се растојанијата помеѓу различни места за запирање и опис на услугите што можеле да се добијат на тие места. Меѓутоа, тие водичи биле скапи и затоа не можел да ги набави секој.
Па сепак, христијанските евангелизатори планирале и реализирале многу далечни патувања. Апостол Павле, како и други во негово време, обично пловел по море кога одел на исток, за да ги искористи сезонските ветрови (Дела 14:25, 26; 20:3; 21:1-3). На Средоземното Море, тие дувале од запад во летните месеци. Но, кога Павле патувал на запад, честопати одел по копно, користејќи ја римската патна мрежа. Според овие услови, Павле го испланирал своето второ и трето мисионерско патување (Дела 15:36-41; 16:6-8; 17:1, 10; 18:22, 23; 19:1).a Некаде во 59 година од н.е., Павле патувал по Апиевиот пат за да стигне во Рим и се сретнал со своите соверници на прометниот Апиев форум, или Апиевиот плоштад, на 74 километри југоисточно од Рим. Други го чекале на 60 километри од Рим во одморалиштето кај Трите гостилници (Дела 28:13-15). Некаде во 60 година од н.е., Павле можел да рече дека добрата вест била проповедана „во целиот свет“ што бил познат тогаш (Колошаните 1:6, 23). Тоа го овозможила мрежата од патишта што постоела тогаш.
Значи, римските патишта се покажале како извонредни и трајни споменици — кои придонеле да се рашири добрата вест за Божјето царство (Матеј 24:14).
[Фуснота]
a Погледни ја мапата на 33. страница од брошурата „Запознај ја ‚добрата земја‘“, издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 14]
Римски патоказ
[Слика на страница 15]
Виа Апија, во околината на Рим
[Слика на страница 15]
Пат во древна Остија (Италија)
[Слика на страница 15]
Траги од тркала што ги оставиле древните коли (Австрија)
[Слика на страница 15]
Дел од римски пат со патоказ (Јордан)
[Слика на страница 16]
Остатоци од гробиштата на Виа Апија, надвор од Рим
[Слика на страница 16]
Тунелот Фурло на Виа Фламинија, во областа Марче
[Слика на страници 16 и 17]
Мостот на Тибериј на Виа Емилија во Римини (Италија)
[Слика на страница 17]
Павле се сретнал со своите соверници на прометниот Апиев форум, или Апиев плоштад
[Извори на слики на страница 15]
Сосема лево, Остија: ©danilo donadoni/Marka/age fotostock; сосема десно, пат со патокази: Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.