ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w06 15/10 стр. 18-23
  • Венчавки што се чесни во очите на Бог и на луѓето

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Венчавки што се чесни во очите на Бог и на луѓето
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Чесен брак — законски брак
  • Обичајни и граѓански бракови
  • Покажувај почит во бракот
  • Зголеми ги радоста и достоинството на твојата венчавка
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • Свадби кои му донесуваат чест на Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Радосни свадби со кои му се искажува чест на Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
  • Прашања
    Нашата служба за Царството 2008
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
w06 15/10 стр. 18-23

Венчавки што се чесни во очите на Бог и на луѓето

„Имаше свадба во Кана... На свадбата беа поканети и Исус и неговите ученици“ (ЈОВАН 2:1, 2).

1. На што го свртува вниманието извештајот за тоа кога Исус бил во Кана?

ИСУС и мајка му, а и неговите ученици, знаеле колкава радост може да донесе една достоинствена венчавка на некој Божји слуга. Токму на една таква венчавка Христос го направил своето прво запишано чудо. Поради ова, свадбената веселба на која присуствувале била навистина посебна, а самиот Исус придонел тој настан да биде уште порадосен (Јован 2:1-11). Можеби и ти си бил и си се радувал на венчавки на христијани кои сакаат да му служат на Јехова како среќно венчани лица. Можеби и самиот планираш да се венчаш или, пак, се радуваш што ќе му помогнеш на некој твој пријател да има убава венчавка. Што може да се стори за венчавката навистина да биде успешна?

2. Што кажува Библијата за венчавките?

2 Христијаните знаат дека советите од Божјата вдахновена реч можат многу да помогнат кога две лица планираат да стапат во брак (2. Тимотеј 3:16, 17). Се разбира, во Библијата нема список на правила што би важеле за сите христијански венчавки. Ова воопшто не е чудно затоа што обичаите, па дури и законските барања, се менуваат со текот на времето и се разликуваат од место до место. На пример, во древниот Израел немало некоја формална свадбена церемонија. На денот на венчавката, младоженецот едноставно ја доведувал невестата во својот дом или во домот на својот татко (1. Мојсеева 24:67; Исаија 61:10; Матеј 1:24). Штом некој ќе го направел ова, сите знаеле дека тие двајца се венчани, и немало потреба од никакви други официјални формалности кои се вообичаени во многу земји денес.

3. На што присуствувал Исус во Кана?

3 За Израелците, овој чекор бил знак дека две лица стапуваат во брак, односно се венчаваат. Ова обично било проследено и со свадбена гозба, слична на онаа што е спомната во Јован 2:1. Овој стих гласи: „Имаше свадба во Кана“. Изворниот збор за „свадба“ значи „свадбена гозба“ или „свадбена веселба“a (Матеј 22:2-10; 25:10; Лука 14:8). Од извештајот во евангелието на Јован јасно се гледа дека Исус присуствувал и ја зголемил радоста на една гозба по повод една еврејска венчавка. Но, важно е дека денес венчавките се прават поинаку од она што било вообичаено во времето на Исус.

4. За каква венчавка се одлучуваат некои христијани, и зошто?

4 Во многу земји денес, христијаните што сакаат да стапат во брак треба да исполнат извесни законски барања. Ако ги исполнуваат, тие можат да се венчаат на кој и да било законски прифатлив начин. Венчавката може да биде само една мала, едноставна церемонија во која младенците ќе ги венча судија, матичар или религиозно лице што е овластено од државата. Некои избираат да се венчаат на ваков начин и можеби ќе поканат некои нивни роднини или христијански пријатели да присуствуваат за да им бидат законски сведоци или само за да бидат со нив на овој радосен и важен настан (Еремија 33:11; Јован 3:29). Слично на ова, и други христијани можеби ќе решат да не прават голема свадбена веселба за која би биле потребни повеќе пари и време за планирање. Наместо тоа, можеби ќе одлучат да имаат мал ручек или вечера со најблиските. Сеедно што ние лично би избрале во овој поглед, мора да бидеме свесни дека некои други зрели христијани, имаат поинакво гледиште од нашето за оваа работа (Римјаните 14:3, 4).

5. Зошто многу христијани сакаат да им се одржи говор за венчавање кога се земаат, и што содржи тој?

5 Повеќето христијански двојки сакаат да им се одржи библиски говор на венчавката.b Тие признаваат дека Јехова го основал бракот и дека во својата Реч тој дава мудри совети за тоа како бракот може да биде успешен и да им донесе среќа (1 Мојсеева 2:22-24; Марко 10:6-9; Ефешаните 5:22-33). И, повеќето двојки сакаат да ги споделат ваквите среќни моменти со своите христијански пријатели и роднини. Меѓутоа, како треба да гледаме на различните законски барања, постапки, па дури и на утврдените локални обичаи? Во оваа статија ќе видиме како тие се разликуваат од место до место. Можеби некои се сосема различни од она што тебе ти е познато или од она што се прави во твоето место. Во секој случај, ќе можеш да видиш дека постојат извесни заеднички начела или аспекти што се важни за сите Божји слуги.

Чесен брак — законски брак

6, 7. Зошто треба да се интересираме за законските барања за бракот, и како ќе покажеме таков интерес?

6 Иако Јехова го основал бракот, човечките власти имаат извесна контрола врз тоа како треба да постапат оние што стапуваат во брак. Ова е на место. Исус рекол: „Вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог!“ (Марко 12:17). Сличен совет дал и апостол Павле: „Секој човек нека им биде подложен на властите што се над него, зашто нема власт која не е од Бог. Секоја власт што постои, Бог ја поставил на нејзината положба“ (Римјаните 13:1; Тит 3:1).

7 Во повеќето земји, цезарот, односно граѓанските власти, одлучува кој може да стапи во брак. Затоа, кога двајца христијани што од гледна точка на Библијата можат да стапат во брак, ќе решат да се земат, тие свесно му се подложуваат на она што го бараат локалните закони. Меѓу другото, можеби ќе треба да набават дозвола за регистрација, да бидат венчани од матичар што е овластен од државата и најверојатно да потпишат и писмена венчаница како потврда дека нивниот брак е регистриран. Кога цезарот Август побарал да се „попише“, односно регистрира населението, Марија и Јосиф се подложиле на ова барање и отпатувале во Витлеем ‚за да се попишат‘ (Лука 2:1-5).

8. Што не праваат Јеховините сведоци, и зошто?

8 Кога двајца христијани ќе склучат брак на законски и признат начин, тој брак е важечки во Божји очи. Затоа Јеховините сведоци не го повторуваат венчавањето со тоа што ќе имаат неколку различни законски церемонии ниту, пак, ги обновуваат брачните завети, на пример, на 25-тата или 50-тата годишнина од бракот (Матеј 5:37). (Некои цркви не го признаваат законското склучување на граѓански брак, тврдејќи дека бракот не важи доколку свештеник или поп не ги венча младенците во црква, односно не ги прогласи за маж и жена.) Во многу земји, државата овластува еден Јеховин сведок да биде матичар кога двајца се венчаваат. Доколку е возможно, би било најдобро тој да ги венча младенците во Салата на Царството и овој чин да биде проследен со говор за венчавање. Тоа е локалното место за обожавање и затоа е соодветно во него да се одржи говор за брак, заедница што ја основал самиот Јехова Бог.

9. а) Што можеби ќе одлучи една христијанска двојка доколку склучи граѓански брак? б) Како старешините можат да бидат вклучени во плановите за венчавката?

9 Во други земји, законот бара двојката да се венча во државна установа како, на пример, матична служба, или пред овластен граѓански претставник. Христијаните честопати одлучуваат по овој законски чекор да следи и говор за венчавање во Салата на Царството, истиот или следниот ден. (Не би било пожелно да поминат многу денови меѓу граѓанската церемонија и библискиот говор, бидејќи двојката веќе е венчана пред Бог и пред луѓето, вклучувајќи го и христијанското собрание.) Доколку двајца што ќе се регистрираат би сакале да им се одржи говор во некоја Сала на Царството, треба однапред да побараат дозвола од старешините во Одборот на собранието. Освен тоа што ќе се уверат дека двојката е на добар глас, овие надгледници ќе се потрудат венчавањето да се одржи во време кога нема редовни состаноци или друга програма во Салата (1. Коринќаните 14:33, 40). Тие исто така ќе проверат какви промени ќе сакаат да направат младенците во Салата, и ќе одлучат дали ќе има известување за говорот.

10. Ако државата бара да биде склучен граѓански брак, како ова ќе влијае врз говорот за венчавање?

10 Старешината кој ќе го одржи говорот за венчавање ќе се потруди да го изнесе на срдечен, духовно изградувачки и достоинствен начин. Доколку бил склучен граѓански брак, тој ќе нагласи дека младенците се венчале според законот на цезарот. Ако не го кажале брачниот завет во текот на регистрацијата, можеби ќе сакаат да го направат ова во текот на говорот.c Доколку при регистрацијата го кажале заветот, но сега сакаат да го кажат пред Јехова и пред собранието, треба да ги кажат изјавите во минато време, со што ќе покажат дека Бог веќе ги „составил“ (Матеј 19:6; 22:21).

11. Како може да се венча една двојка во некои места, и како тоа влијае врз говорот за венчавање?

11 Во некои места, можеби законот не бара двојката да се венча со никаква церемонија, дури ни пред претставник поставен од властите. Бракот е склучен кога на едно овластено службено лице ќе му се даде документ за склучен брак потпишан од младенците. Тогаш им се издава венчаница. Така двајцата официјално стануваат маж и жена и тој ден се смета за датум кога бил склучен бракот. Како што веќе беше спомнато, двојката која се венчала на ваков начин можеби ќе сака веднаш потоа да има библиски говор во Салата на Царството. Духовно зрелиот брат што ќе го одржи говорот ќе ги извести сите присутни дека двојката стапила во брак со регистрацијата која штотуку завршила. Заветот може да се изнесе на начинот што беше објаснет во 10. пасус и во фуснотата. Оние што се присутни во Салата на Царството ќе се радуваат со младенците и ќе извлечат корист од советите што се дадени во Божјата реч (Песна над песните 3:11).

Обичајни и граѓански бракови

12. Што е обичаен брак, и што е препорачливо да се направи откако ќе се склучи таков брак?

12 Во некои земји, двојките стапуваат во брак кој е наречен обичаен (или племенски). Ова не се однесува на случаи кога двајца само живеат заедно ниту, пак, се однесува на невенчани бракови кои можеби се признати во некои заедници но не се навистина озаконети.d Овде станува збор за брак кој се склучува во согласност со обичај утврден од одредено племе или на одредено подрачје. Овој обичај може да вклучува целосно плаќање и прифаќање на цена за невестата, со што двојката е венчана законски и библиски. Властите ги сметаат овие обичајни бракови за важечки, законски и непроменливи. Обично потоа е можно овој обичаен брак да се заведе и да се регистрира, и тогаш брачната двојка може да добие и венчаница. Регистрацијата на еден ваков брак овозможува законска заштита за двојката или за жената, доколку остане вдовица, како и за децата што можеби ќе им се родат понатаму. Собранието ќе ги поттикне сите што ќе склучат ваков обичаен брак да го регистрираат што е можно побрзо. Интересно е тоа што, додека важел Мојсеевиот закон, браковите и раѓањата биле официјално запишувани (Матеј 1:1-16).

13. Откако ќе се склучи обичаен брак, како и кога е пожелно да се одржи говорот за венчавање?

13 Младенците кои законски се венчаваат во склад со еден таков обичај, се сметаат за маж и жена кога ќе го склучат бракот. Како што забележавме погоре, христијаните што склучуваат еден ваков законски брак можеби ќе сакаат да им се одржи говор за венчавање и да го кажат брачниот завет во Салата на Царството. Доколку е така, говорникот ќе каже дека двојката веќе била венчана во склад со законите на цезарот. Ќе има само еден ваков говор. Постои само една венчавка, во овој случај законски важечкиот обичаен (племенски) брак, и еден библиски говор. Со тоа што и двата овие аспекти ќе се одржат едноподруго — пожелно е дури истиот ден — ќе му се оддаде чест на христијанскиот брак во заедницата.

14. Што би можел да направи еден христијанин ако постои можност да склучи и обичаен и граѓански брак?

14 Во некои земји каде што обичајниот брак е законски признат, има можност да се стапи и во граѓански (или, уставен) брак. Граѓанскиот брак обично го склучува некое лице овластено од државата, а при регистрацијата може да се каже и брачниот завет и да се потпише официјален документ. Некои христијански двојки повеќе сакаат да склопат ваков брак. Нема законско барање дека мора да се склучат и двата вида — пред законот се важечки и обичајниот и граѓанскиот брак. Она што беше кажано за говорот за венчавање и за брачниот завет во пасуси 9 и 10 важи и во овој случај. Најважно е младенците да стапат во брак на начин што е прифатлив за Бог и заслужува почит од луѓето (Лука 20:25; 1. Петрово 2:13, 14).

Покажувај почит во бракот

15, 16. Како почитта треба да биде основна состојка на бракот?

15 Кога персискиот цар имал проблем во својот брак, главниот советник Мемукан дал еден многу корисен совет — ‚жените да покажуваат почит кон своите мажи‘ (Естира 1:20). Во христијанските бракови, ова важи и без да се даде наредба од некој човечки цар — жените треба да покажуваат почит кон своите мажи. На сличен начин, и христијанските мажи ги почитуваат своите жени и ги фалат (Изреки 31:11, 30; 1. Петрово 3:7). Не треба да чекаме да поминат години па потоа да покажеме почит во бракот. Ова треба да се гледа уште од самиот почеток, да, уште од денот на самата свадба.

16 Мажот и жената — сопругот и сопругата — не се единствените што треба да покажуваат почит на свадбата. Доколку еден христијански старешина изнесе говор за венчавање, и тоа треба да го стори со почит. Говорот треба да им биде упатен на младенците. Говорникот ќе покаже почит кон нив со тоа што нема да внесува многу хумор или народни изреки. Не би требало да зборува ни за некои нивни многу лични работи со што би ги засрамил и нив и другите присутни. Напротив, ќе се труди да биде срдечен и позитивен, и да го стави акцентот на основачот на бракот и на Неговите извонредни совети. Да, достоинствениот говор за венчавање што ќе го изнесе еден старешина ќе придонесе со венчавката да му се оддаде чест и почит на Јехова Бог.

17. Зошто христијаните треба да внимаваат и на законските аспекти на венчавката?

17 Веројатно забележа дека во оваа статија беа изнесени многу законски поединости во врска со бракот. Некои аспекти можеби не важат директно во местото каде што живееш. Сепак, сите треба да бидеме свесни дека, кога двајца Јеховини сведоци стапуваат во брак, мора да покажат почит кон локалните закони, односно кон барањата на цезарот (Лука 20:25). Павле нѐ советува: „Давајте му го секому она што му припаѓа: на оној кој бара данок — данок, кој бара давачка — давачка... кој бара чест — чест“ (Римјаните 13:7). Да, навистина е на место христијаните, уште од самата свадба, да покажуваат почит кон ова уредување што Бог го одобрува денес.

18. Која друга работа што можеби следи по венчавката го заслужува нашето внимание, и каде можеме да најдеме информации за ова?

18 По многу христијански венчавки се одржува свадбена веселба, ручек или вечера. Сети се дека Исус решил да присуствува на една таква гозба. Ако има таква свадбена гозба, како можат библиските совети да ни помогнат да се увериме дека и таа ќе му донесе чест на Бог и ќе фрли поволна светлина на младенците и на христијанското собрание? Следната статија ќе зборува токму за тоа.e

[Фусноти]

a Истиот збор може да се користи за гозба и кога не се однесува на свадба (Естира 9:22, Септуагинта).

b Јеховините сведоци користат нацрт за 30-минутниот говор за венчавање со наслов „Чесен брак во Божји очи“. Во него се изнесени убави библиски совети од книгата Тајната на семејната среќа и од други публикации на Јеховините сведоци. Овој говор е многу корисен и за младенците и за сите што присуствуваат на венчавката.

c Доколку локалните закони не налагаат нешто друго, се користи следниов завет со кој му се оддава чест на Бог. За младоженецот: „Јас [името на младоженецот] те земам тебе [името на невестата] за да бидеш моја венчана сопруга, да те сакам и да те чувам, според Божјиот закон за христијански сопрузи, кој е изнесен во Светото писмо, сѐ додека обајцата живееме на Земјата во склад со Божјето уредување за бракот“. За невестата: „Јас [името на невестата] те земам тебе [името на младоженецот] за да бидеш мој венчан сопруг, да те сакам и да те чувам и длабоко да те почитувам, според Божјиот закон за христијански сопруги, сѐ додека обајцата живееме на Земјата во склад со Божјето уредување за бракот“.

d Во англиското издание на Стражарска кула од 1 мај 1962 година, на 287. страница се дискутира за невенчаните бракови.

e Види ја и статијата „Зголеми ги радоста и достоинството на твојата венчавка“ на 28. страница.

Дали се сеќаваш?

• Зошто треба да се интересираме и за законските и за духовните аспекти на венчавките?

• Ако двајца христијани склучат граѓански брак, што можеби ќе решат потоа да се одржи?

• Зошто говорите за венчавање се одржуваат во Салата на Царството?

[Слика на страница 18]

При венчавањето во древниот Израел, младоженецот ја доведувал невестата во својот дом или во домот на татка си

[Слика на страница 21]

Откако ќе склучат обичаен брак, христијаните можеби ќе сакаат да им се одржи говор во Салата на Царството

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели