Зголеми ги радоста и достоинството на твојата венчавка
„ДЕНОТ на мојата венчавка беше еден од најважните и најрадосните денови од мојот живот“, рекол Гордон, кој е во брак скоро 60 години. Зошто денот на венчавката е толку значаен за вистинските христијани? Тоа е ден кога даваат свечено ветување на две лица кои тие искрено ги сакаат — на нивниот сопружник и на Јехова Бог (Матеј 22:37; Ефешаните 5:22-29). Точно, двојките што планираат да се венчаат сакаат да се радуваат на денот на својата венчавка, но сакаат и да му оддадат чест на Основачот на бракот (1. Мојсеева 2:18-24; Матеј 19:5, 6).
Како може младоженецот да придонесе овој среќен настан да помине достоинствено? Што може да стори невестата за да му покаже почит на својот маж и на Јехова? Како можат другите кои присуствуваат да придонесат денот на венчавката да биде уште порадосен? Сега ќе разгледаме некои библиски начела што ќе ни помогнат да одговориме на овие прашања. Доколку ги применуваме тие начела, ќе избегнеме многу од проблемите што би можеле да го расипат овој посебен настан.
Кој е одговорен?
Во многу земји, еден овластен Јеховин сведок може законски да венчава. Дури и во места каде што законските чекори мора да ги направи државен матичар, младенците можеби ќе сакаат да им се одржи библиски говор. Во овој говор, младоженецот обично е поттикнат да размислува за улогата што му е дадена од Бог како семеен поглавар (1. Коринќаните 11:3). Според тоа, младоженецот е тој што има првенствена одговорност за она што се случува на венчавката. Се разбира, плановите за самата регистрација и за свадбата што можеби потоа ќе се одржи, обично се прават доста однапред. Зошто може да биде тешко да се направат подготовки за сето тоа?
Една причина е тоа што роднините од едната или од другата страна би можеле да се обидат да го имаат главниот збор во плановите за венчавката. Родолфо, кој венчал многу двојки, вели: „Понекогаш младоженецот е под огромен притисок од роднините, особено ако помагаат да се платат трошоците за свадбата. Тие можеби имаат цврст став околу тоа како треба да се одвива венчавката и свадбата. Така би можеле да ја потценат библиската улога на младоженецот, според која тој е одговорен за настанот“.
Макс, кој венчава двојки повеќе од 35 години, вели: „Имам забележано една работа. Невестата го презема водството во одлучувањето за тоа што ќе се случува на венчавката и на свадбата, а младоженецот има малку можност да каже нешто“. Дејвид, кој исто така има венчано многу двојки, вели: „Младоженецот можеби не е навикнат да преземе водство и обично не е доволно вклучен во подготовките околу свадбата“. Како може младоженецот успешно да ја исполни таа одговорност?
Комуникацијата ја зголемува радоста
За да може младоженецот успешно да ја исполни својата одговорност во свадбените подготовки, мора добро да комуницира. Библијата јасно вели: „Намерите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор“ (Изреки 15:22). Меѓутоа, може да се избегнат многу нервози ако младоженецот прво разговара за подготовките околу свадбата со невестата, со членовите од семејството и со другите што можат да дадат добар совет од Библијата.
Да, важно е двајца што се свршени прво меѓу себе да разговараат за плановите и можностите. Зошто? Па, слушни некои забелешки на Иван и неговата жена, Делвин, кои среќно живеат во брак повеќе години, но кои потекнуваат од различни култури. Сеќавајќи се на нивните планови за свадбата, Иван вели: „Јас имав конкретни идеи околу тоа што сакав за мојата венчавка. Тоа значеше свадба со сите мои пријатели, свадбена торта и невеста во бело. А Делвин, пак, сакаше мала, едноставна венчавка без свадбена торта. Таа дури се мислеше дали да носи невестински фустан“.
Како оваа двојка ги усогласила овие различни гледишта? Со љубезна, искрена комуникација (Изреки 12:18). Иван додава: „Проучувавме статии на темел на Библијата со теми за венчавки како, на пример, статиите издадени во Стражарска кула од 15 април, 1984 година.a Овој материјал ни помогна да го имаме Божјето гледиште за овој настан. Со оглед на тоа што потекнуваме од различни култури, секој од нас мораше да направи некои отстапки од својот личен избор. Најдовме некоја средина“.
Арет и Пени постапиле на сличен начин. Во врска со нивната венчавка, Арет вели: „Пени и јас разговаравме за нашите различни желби за венчавката, и успеавме да се договориме. Се молевме Јехова да го благослови тој ден. Јас побарав совет и од моите и од нејзините родители и од други зрели брачни двојки во собранието. Нивните предлози многу ни помогнаа. Поради тоа нашата венчавка беше многу убава“.
Да имаме достоинствен изглед и облека
Се разбира, и невестата и младоженецот сакаат да бидат убаво облечени на нивната венчавка (Псалм 45:8-15). Можеби ќе потрошат време, труд и пари за облека што ќе одговара на настанот. Кои библиски начела ќе им помогнат да изберат облека што е и достоинствена и убава?
Да разгледаме на што треба да обрне внимание невестата во врска со облеката во таа пригода. Иако вкусовите се разликуваат од човек до човек и од земја до земја, библискиот совет важи насекаде. Жените треба „да се облекуваат пристојно, а притоа да бидат скромни и разборити“. Ова начело важи за христијанките во секое време, а секако дека се однесува и на денот на венчавката. Всушност, за една свадба да биде среќна пригода не е потребна „многу скапа облека“ (1. Тимотеј 2:9; 1. Петрово 3:3, 4). Ако го примениме овој совет ќе бидеме среќни!
Дејвид, кој го спомнавме претходно, вели: „Повеќето двојки се трудат да ги следат библиските начела, и заслужуваат пофалба за тоа. Но, наместо да бидат скромни, имало случаи кога фустаните на невестата и на девериците биле со многу длабоко деколте или биле проѕирни“. Еден зрел христијански старешина однапред се среќава со невестата и младоженецот и им помага да задржат духовно гледиште. Како? Така што ги прашува дали облеката што ќе ја носат би била доволно скромна за да ја носат на христијански состанок. Точно, стилот на облеката можеби е поинаков од вообичаената облека за состаноци, и врз она што се носи на венчавката можеби ќе влијаат локалните обичаи, но степенот на скромност треба да биде во склад со достоинствените христијански мерила. Дури и ако некои во светот сметаат дека библиските морални мерила ги ограничуваат, вистинските христијани спремно им се спротивставуваат на обидите на светот да ги стави во својот калап (Римјаните 12:2; 1. Петрово 4:4).
„Наместо да гледаме на облеката или на свадбата како на најважното нешто“, вели Пени, „Арет и јас се сконцентриравме на говорот, на духовниот дел од настанот. Тоа беше најважниот дел од денот. Важните работи на кои се сеќавам не се во што бев облечена или што јадев, туку со кого го поминав денот и колку бев среќна затоа што се венчавав со човекот што го сакам“. Една христијанска двојка ќе постапи добро ако ги задржи на ум овие мисли додека ја планира својата венчавка.
Салата на Царството — достоинствено место
Многу христијански двојки сакаат да ја одржат својата венчавка во Салата на Царството, доколку е таа на располагање. Зошто го сакаат тоа? Една двојка објаснува: „Сфативме дека бракот е свето уредување од Јехова. Тоа што се венчавме во Салата на Царството, нашето место за обожавање, ни помогна уште од самиот почеток да го всадиме во нас чувството дека Јехова мора да биде дел од нашиот брак. Друга корист од тоа што венчавката се одржа во Салата на Царството, а не на друго место, беше тоа што им покажа на нашите роднини кои не се Сведоци, а беа присутни, колку ни е важно обожавањето на Јехова“.
Ако собраниските старешини што се одговорни за Салата на Царството одобрат венчавката да се одржи таму, двојката треба однапред да ги извести за тоа што планираат да прават. Еден начин на кој невестата и младоженецот можат да покажат должна почит кон оние што се поканети на венчавката е ако се цврсто решени да пристигнат навреме. И секако, да се погрижат сѐ да се одвива на еден достоинствен начинb (1. Коринќаните 14:40). Така ќе се избегнат крајностите што се карактеристични за многу световни свадби (1. Јованово 2:15, 16).
Оние што присуствуваат на венчавката исто така можат да покажат дека го имаат Јеховиното гледиште за бракот. На пример, нема да очекуваат венчавката да ги надмине венчавките на другите христијани, како да се работи за некаков натпревар чија венчавка е најраскошна. Зрелите христијани исто така сфаќаат дека е поважно и покорисно да бидат присутни во Салата на Царството за библискиот говор отколку да бидат на свадбата или на веселбата што можеби ќе следи. Ако времето или околностите му дозволуваат на еден христијанин да биде присутен само на еден од двата настана, секако дека би било попожелно да биде во Салата на Царството. Еден старешина, кој се вика Вилијам, вели: „Ако гостите, без некоја посебна причина, не дојдат во Салата на Царството но дојдат на веселбата потоа, тоа покажува недостиг на ценење кон светоста на тој настан. Дури и да не сме поканети на свадбата, можеме да покажеме дека ги поддржуваме невестата и младоженецот со тоа што ќе присуствуваме на говорот во Салата на Царството. На тој начин ќе им дадеме одлично сведоштво и на роднините што не се Сведоци, а се дојдени на венчавката“.
Радоста што трае по денот на венчавката
Трговскиот свет од свадбите направи голем бизнис. Според еден неодамнешен извештај, просечната свадба во Соединетите Држави „чини 22.000 долари, или половина од просечниот [годишен] приход на едно американско домаќинство“. Под влијание на рекламната пропаганда, многу нововенчани двојки или нивните семејства за тој еден единствен ден, запаѓаат во голем долг што го отплаќаат со години. Дали е мудро така да се започне бракот? Оние што не ги знаат библиските начела или не им се важни можеби ќе отидат во таква крајност, но колку поинаку стојат работите кај вистинските христијани!
Со тоа што поканиле разумен број гости на свадбата, во склад со своите финансиски можности, и со тоа што се сконцентрирале на духовниот аспект од настанот, многу христијански двојки биле во можност да го употребат своето време и средства во согласност со нивното ветување да му служат на Бог (Матеј 6:33). Да го разгледаме примерот на Лојд и Александра, кои 17 години по својата свадба сѐ уште се во полновремена служба. Лојд вели: „Можеби за некои нашата венчавка беше многу едноставна, но Александра и јас бевме многу среќни. Сметавме дека венчавката не треба да биде настан што ќе ни наметне финансиски товар, туку настан со кој ќе му оддадеме слава на Јехова за тоа уредување кое им носи голема среќа на две лица“.
Александра додава: „Јас бев во пионерска служба пред да се венчаме, и не сакав да се откажам од таа посебна предност само за да имам раскошна свадба. Денот на нашата венчавка беше нешто посебно. Но, тоа беше само првиот ден од нашиот заеднички живот. Го применивме советот да не се концентрираме премногу на чинот на склучувањето на бракот и побаравме водство од Јехова за нашиот брачен живот. Тоа навистина ни донесе благослов од Јехова“.c
Да, денот на вашата венчавка е посебен настан. Ставовите и постапките што ќе се видат тој ден можат да му дадат насока на вашиот живот како брачна двојка во наредните години. Затоа, барајте водство од Јехова (Изреки 3:5, 6). Најважно нека ви биде духовното значење на тој ден. Поддржувајте се еден со друг додека ги извршувате улогите што ви ги дал Бог. На тој начин можете да поставите цврст темел за вашиот брак и, со Јеховин благослов, ќе ја имате радоста која трае многу долго по денот на вашата венчавка (Изреки 18:22).
[Фусноти]
a На македонски оваа статија излезе во Стражарска кула од 1 август, 1984 година. Дополнителен материјал има во Разбудете се! од 8 февруари, 2002 (на српски), издадено од Јеховините сведоци.
b Ако двојката планира некој да ја фотографира или да ја сними церемонијата во Салата на Царството, треба однапред да се погрижат ништо од она што ќе се прави да не го одземе достоинството на венчавката.
c Види ја 26. страница од книгата Тајната на семејната среќа, издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 29]
Двојката треба да разговара отворено но со почит додека прави планови за својата венчавка
[Слика на страница 31]
Најважно нека ви биде духовното значење на вашата венчавка