Прашања
◼ Ако некоја двојка сака да ја користи Салата на Царството за својата венчавка, за кои работи треба да разговара со старешините?
Венчавките што се организираат во склад со библиските начела му носат чест на Јехова. Ова особено важи за венчавките во Салата на Царството, бидејќи луѓето го поврзуваат со нашата организација сето она што се одржува таму. Според тоа, за да може „сѐ [да] биде пристојно и така како што е редот“, соодветно е старешините од тоа собрание да поразговараат со двојката за некои работи околу венчавката (1. Кор. 14:40).
Двојката што сака да ја користи Салата на Царството за својата венчавка треба да поднесе писмено барање до одборот на некое од собранијата што одржува состаноци во таа Сала. Писмото треба да се поднесе доволно рано и во него треба да стои датумот и времето кога сакаат да ја користат Салата. Треба да имаат на ум дека старешините нема да ги менуваат термините за состаноци поради венчавката. Освен тоа, невестата и младоженецот мора да се на добар глас, да живеат во склад со библиските начела и Јеховините праведни мерила.
За да бидат сигурни дека венчавката ќе му донесе чест на нашиот достоинствен Бог, младоженецот и невестата треба предвреме да разговараат со одборот на собранието околу организирањето на венчавката. Иако старешините нема да се обидуваат да им ги наметнуваат своите лични ставови, сепак, ако се планира нешто што не е прифатливо, треба да се направат потребните промени. Може да се пушта само музика од Мелодиите на Царството. Исто така, потребно е одобрување доколку младоженците сакаат да ја украсуваат Салата на Царството или да ги преуредат столчињата. Ако некој слика со фотоапарат или снима со видеокамера, треба да внимава со тоа да не го наруши достоинството на настанот. Старешините можеби ќе дозволат да се направи проба на венчавката во Салата на Царството доколку ова не ги попречува другите активности на собранието. На огласната табла не треба да се ставаат покани. Но, старешините можеби ќе дадат кратко известување за време на Состанокот за нашата служба за да го информираат собранието околу претстојната венчавка во Салата на Царството.
Иако не е задолжително да бидат крстени Јеховини сведоци сите што ќе бидат вклучени во венчавката (како кумот и старосватот), не би било прикладно тие да се луѓе чиј начин на живот е сосема спротивен на библиските начела или кои се однесуваат непримерно со што би ги спрепнале присутните. Доколку законот во државата тоа го дозволува, венчавањето треба да го изврши некој старешина. Старешините се оспособени учители на Божјата реч, па затоа тие најдобро можат да ги истакнат библиските начела што одговараат на овој важен настан (1. Тим. 3:2).
Ако законот во државата дозволува венчавањето да го изврши старешина, тогаш и тој е донекаде одговорен за настанот, па затоа треба да биде информиран за некои детали околу организирањето на венчавката. Тој ќе се сретне со младоженецот и со невестата и ќе ги праша дали биле чисти во морален поглед додека се запознавале, а тие треба да бидат отворени и искрени со него. Ако некој од тие двајца бил претходно во брак, мора да докаже дека од библиска гледна точка и според законот во државата има право повторно да стапи во брак (Мат. 19:9). Меѓу другото, тоа значи дека треба да му ја покаже на старешината конечната потврда за развод на претходниот брак.
Ако двојката отворено комуницира и целосно соработува со старешините, венчавката ќе биде радосен настан за сите (Изр. 15:22; Евр. 13:17).