Докажи ја својата вера со начинот на кој живееш
„Верата — ако нема дела, сама по себе е мртва“ (ЈАКОВ 2:17).
1. Зошто првите христијани внимавале и на својата вера и на своите дела?
ГЛЕДАНО во целина, првите христијани ја докажале својата вера со начинот на кој живееле. Ученикот Јаков ги поттикнал сите христијани: „Немојте само да ја слушате речта, туку и извршувајте ја“. Потоа додал: „Како што телото без дух е мртво, така и верата без дела е мртва“ (Јаков 1:22; 2:26). Околу 35 години откако го напишал ова, многу христијани и понатаму ја докажувале својата вера со соодветни дела. Но, за жал, некои престанале да го прават ова. Иако Исус го пофалил собранието во Смирна, на многумина во собранието во Сард им рекол: „Ги знам твоите дела — носиш име дека си жив, а мртов си“ (Откровение 2:8-11; 3:1).
2. Кои прашања треба да си ги постават христијаните во врска со својата вера?
2 Одовде гледаме дека Исус ги охрабрил оние во Сард — а и сите други што подоцна ќе ги читале неговите зборови — да ја докажат својата прва љубов кон христијанската вистина и да бидат духовно будни (Откровение 3:2, 3). Секој од нас може да се праша: ‚Што покажуваат моите дела? Дали од нив се гледа дека навистина правам сѐ што можам за да ја докажам својата вера во сѐ што правам, па дури и на полиња што не се директно поврзани со проповедањето или со собраниските состаноци‘? (Лука 16:10). Овие прашања може да си ги поставиме за многу работи во животот, но сега да разгледаме само една од нив: друштвените собири, меѓу кои спаѓаат и христијанските свадбени веселби.
Мали друштвени собири
3. Што вели Библијата во врска со заедничкото дружење?
3 Повеќето од нас сме радосни кога сме поканети на заедничко дружење со други среќни христијани. Јехова е „среќниот Бог“, и тој сака неговите слуги да бидат среќни (1. Тимотеј 1:11). Тој го поттикнал Соломон да ја запише следнава вистина во Библијата: „Јас ја фалам веселбата, зашто за човекот нема ништо подобро под сонцето отколку да јаде и да пие и да се весели, и тоа да го придружува во трудот негов во сите дни на животот негов“ (Проповедник 3:1, 4, 13; 8:15). Можеме да се радуваме кога имаме заеднички оброк со семејството или кога сме собрани за дружење во помал број како вистински обожаватели на Бог (Јов 1:4, 5, 18; Лука 10:38-42; 14:12-14).
4. За што треба да размисли оној што организира дружење?
4 Ако ти организираш едно такво дружење и ако си одговорен за него, треба добро да размислиш како планираш да се одвива дури и ако си поканил само неколку сохристијани на ручек или на вечера и на пријателски разговор (Римјаните 12:13). Би било добро да се увериш дека ‚сѐ е пристојно‘, и дека те води „мудроста одозгора“ (1. Коринќаните 14:40; Јаков 3:17). Апостол Павле напишал: „Било да јадете, било да пиете, било да правите што и да е друго, правете сѐ за Божја слава. Не бидете [никому] за спрепнување“ (1. Коринќаните 10:31, 32). На кои аспекти треба да им се обрне особено внимание? Тоа што однапред ќе ги разгледаме овие аспекти, ќе ти помогне и тебе и на твоите гости да ја покажете својата вера со дела (Римјаните 12:2).
Какво ќе биде дружењето?
5. Зошто домаќинот треба добро да размисли дали ќе служи алкохолни пијалаци и дали ќе пушта музика?
5 Многу домаќини се соочуваат со прашањето дали да служат алкохолни пијалаци. Ова не е неопходно за едно дружење да биде изградувачко. Сети се дека Исус обезбедил храна за прилично голема група луѓе што дошле кај него — ги умножил лебот и рибите. Во извештајот не се кажува дека тој со чудо обезбедил и вино, иако знаеме дека можел да го стори тоа (Матеј 14:14-21). Ако одлучиш да служиш алкохолни пијалаци на некој собир, тие нека бидат застапени во умерени количини, но погрижи се да има и безалкохолни пијалаци за другите (1. Тимотеј 3:2, 3, 8; 5:23; 1. Петрово 4:3). Како и да е, во никој случај немој да ставаш никого под притисок да пие нешто што може да ‚касне како змија‘ (Изреки 23:29-32). Што е со музиката или со пеењето? Ако на собирот си планирал да има музика, сигурно внимателно ќе ги избереш песните и притоа ќе ги земеш предвид и ритамот и текстот (Колошаните 3:8; Јаков 1:21). Многу христијани сфатиле дека за убава атмосфера многу придонесува ако се слушаат Мелодиите на Царството или дури и ако сите заедно ги пеат овие песни (Ефешаните 5:19, 20). И, се разбира, внимавај колку е гласна музиката за да можат другите да уживаат во меѓусебниот разговор, а и за да не се вознемируваат соседите (Матеј 7:12).
6. Како може домаќинот да покаже дека има жива вера кога станува збор за разговор или за други активности?
6 При едно вакво дружење, христијаните можат да разговараат на најразлични теми, можат гласно да читаат нешто или да раскажуваат интересни искуства. Ако разговорот тргне во погрешна насока, домаќинот може тактично да го пренасочи. Исто така, тој треба да внимава и никој од присутните да не доминира во разговорот. Ако види дека постои таква опасност, тој може промислено да каже нешто за да ги вклучи и другите во разговорот, на пример, младите, или да воведе тема за која можат сите да дискутираат. И младите и старите ќе бидат воодушевени со овој аспект на дружењето. Доколку ти, како организатор, ги водиш работите мудро и тактично, ‚твојата разумност ќе им биде позната‘ на оние што биле присутни таму (Филипјаните 4:5). Тие ќе чувствуваат дека твојата вера е жива и дека влијае врз секој дел од твојот живот.
Венчавки и свадбени веселби
7. Зошто вреди да обрнеме внимание на тоа како ќе ги планираме венчавките и свадбите?
7 Христијанската свадба е посебна прилика за веселба и радост. Божјите слуги во минатото, меѓу кои биле и Исус и неговите ученици, спремно учествувале во такви радосни настани и во гозбите кои обично следеле по нив (1. Мојсеева 29:21, 22; Јован 2:1, 2). Но, неодамнешното искуство јасно покажа дека планирањето на друштвените активности во врска со свадбите навистина бара посебни напори ако сакаме да одразуваат добро просудување и христијанска рамнотежа. Сепак, тие се и нормален дел од животот, во кој христијанинот може да ја покаже својата вера.
8, 9. Како она што се прави на многу свадби јасно ги потврдува зборовите од 1. Јованово 2:16, 17?
8 Многу луѓе, кои ниту ги знаат ниту им се важни Божјите начела, сметаат дека на свадбата може да се оди во крајности, или барем дека крајностите можат да се толерираат. Во едно европско списание, една жена која штотуку стапила во брак го изјавила следново во врска со својата „кралска“ свадба: ‚Се возевме во парадна кочија во која беа впрегнати четири коњи, а по неа одеа 12 еднозапрежни кочии, како и кочија во која свиреа музичарите. Потоа уживавме во извонредна храна и во одлична музика; беше вистинско доживување. Токму така сакав да биде — се чувствував како кралица‘.
9 Иако обичаите се разликуваат од земја до земја, ваквото размислување јасно го потврдува она што го напишал апостол Јован: „Сѐ што е во светот — желбата на телото и желбата на очите и истакнувањето на својот имот — не потекнува од Таткото, туку потекнува од светот“. Можеш ли воопшто да замислиш дека една зрела христијанска двојка би посакала „кралска“ свадба со луксузна гозба како од бајките? Напротив, плановите за свадбата треба да покажат дека го зеле при срце советот дека „оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“ (1. Јованово 2:16, 17).
10. а) Зошто е неопходно добро да се планира за една разумна свадба? б) Што треба да земеме во обѕир кога размислуваме кого да поканиме?
10 Христијанските двојки сакаат да бидат и реалистични и разумни, а Библијата може да им помогне во тоа. Иако денот на венчавката е многу важен за нив, тие се свесни дека тој е само почеток на заедничкиот живот на двајца христијани пред кои стои вечен живот. Не мора да имаат голема свадбена гозба. Доколку решат да организираат веселба, ќе ги пресметаат трошоците и ќе размислат каква ќе биде таа (Лука 14:28). Кога ќе почнат да живеат заедно во христијански брак, мажот ќе биде поглавар во склад со библиското начело (1. Коринќаните 11:3; Ефешаните 5:22, 23). Затоа, како младоженец, тој е најодговорен за свадбената веселба. Се разбира, љубезно ќе разговара и со својата идна сопруга за тоа кого сакаат или кого ќе можат да го поканат на свадбата. Можеби нема да е возможно или практично да ги поканат сите роднини и пријатели, па затоа ќе треба да постапат поскромно во овој поглед. Младенците треба да имаат доверба дека ќе наидат на разбирање од сохристијаните кои нема да бидат поканети и дека тие нема да се навредат (Проповедник 7:9).
„Управителот на масата“
11. Каква улога може да одигра „управителот на масата“ на една свадба?
11 Ако една двојка реши да прави свадба, што може да стори за таа да биде достоинствена до крај? Веќе неколку децении Јеховините сведоци сфаќаат колку е мудро во свадбите да се вклучи еден аспект кој е спомнат во поврзаност со свадбата на која присуствувал Исус во Кана. Таму имало ‚управител на масата‘, најверојатно некој одговорен соверник (Јован 2:9, 10). Слично на ова, еден мудар младоженец ќе избере некој духовно зрел брат за ова многу важно својство. Откако јасно ќе утврди што сака и што не сака младоженецот, управителот на гозбата ќе може во поединости да ги спроведе неговите желби и пред и во текот на самата свадба.
12. За што треба да размисли младоженецот во врска со служењето на алкохолни пијалаци?
12 Во согласност со она што беше разгледано во 5. пасус, некои двојки решаваат да не се служи алкохол на свадбената веселба за да не се наруши среќата и пријатната атмосфера доколку некој претера со пиење (Римјаните 13:13; 1. Коринќаните 5:11). Ако сепак решат да има и алкохолни пијалаци, младоженецот треба да се погрижи тие да се служат умерено. На свадбата во Кана на која бил Исус, имало вино, а и самиот тој направил вино со многу висок квалитет. Интересно е што рекол управителот на масата: „Секој човек најпрво го изнесува доброто вино, а кога луѓето ќе се опијат, полошото. А ти си го чувал доброто вино сѐ досега“ (Јован 2:10). Се разбира, со овој чин Исус не ги поттикнал гостите да се испијанат, бидејќи за него опивањето било неприфатливо (Лука 12:45, 46). Но, со тоа што бил изненаден од квалитетот на виното, управителот јасно укажал дека видел ситуации кога некои од гостите на свадбите навистина се опивале (Дела 2:15; 1. Солуњаните 5:7). Затоа, и младоженецот и доверливиот христијанин кого тој ќе го одреди како управител на гозбата треба да водат сметка сите присутни да го следат следново јасно упатство: „Не опивајте се со вино, во кое има разузданост“ (Ефешаните 5:18; Изреки 20:1; Осија 4:11).
13. На што треба да мислат младенците ако има музика на нивната свадба, и зошто?
13 Како што е случај и со другите собири, ако има музика, треба да се обрне внимание таа да биде доволно тивка за присутните да можат лесно да разговараат. Еден христијански старешина вели: „Како што одминува вечерта и разговорите стануваат сѐ поживи или присутните стануваат да играат, понекогаш и музиката станува сѐ погласна. Музиката која пред тоа се слуша само во заднина наеднаш станува прегласна и присутните не можат да разговараат. Свадбата нуди можност за пријатно дружење. Колку би било жално ова да се наруши затоа што музиката е многу гласна!“ И во овој случај се одговорни младоженецот и управителот на гозбата. Тие не треба да им дозволат на музичарите — без оглед дали се платени или не — да имаат контрола над тоа што ќе се свири и колку гласно ќе се свири. Павле напишал: „И што и да правите со збор или со дело, сѐ правете во името на Господарот Исус“ (Колошаните 3:17). Кога гостите ќе си заминат од свадбата, дали ќе се сеќаваат на тоа дека музиката покажала дека младенците правеле сѐ во името на Исус? Така треба да биде.
14. Какви пријатни спомени треба да имаат христијаните од свадбите на кои присуствуваат?
14 Да, свадбите што биле добро организирани оставаат многу пријатни спомени. Адам и Едита, кои се во брак 30 години, во врска со една свадба го рекле следново: „Навистина се чувствуваше христијанска атмосфера. Се пееја песни за фалба на Јехова, но имаше и друга убава забава. Играњето и музиката не беа најважни. Дружењето беше пријатно и изградувачко, и сѐ беше во склад со библиските начела“. Јасно е, невестата и младоженецот можат многу да сторат за да ја покажат својата вера со своите дела.
Свадбени дарови
15. Кој библиски совет може да се примени на давањето свадбени дарови?
15 Во многу земји е вообичаено пријателите и роднините да им даваат подароци на оние што се земаат. Доколку и ти го правиш тоа, што треба да имаш на ум? Па, сети се на она што го рекол апостол Јован во врска со „истакнувањето на својот имот“. Тој го поврзал таквото фалење со ‚светот што поминува‘, а не со христијаните што ја докажуваат својата вера со дела (1. Јованово 2:16, 17). Во согласност со овие вдахновени зборови на Јован, дали треба младенците да кажат пред сите кој го дал секој поединечен дар? Христијаните од Македонија и од Ахаја дале прилози за браќата во Ерусалим, но никаде не пишува дека некој ги дознал нивните имиња (Римјаните 15:26). Многу христијани што даваат свадбен дар не сакаат другите да знаат кој го дал подарокот и со тоа да свртат претерано внимание на себеси. Во врска со ова, разгледај го советот што го дал Исус во Матеј 6:1-4.
16. Како можат младенците да избегнат да ги повредат другите во однос на свадбените дарови?
16 Ако се кажат имињата на оние што ги дале подароците, може да се јави натпреварувачки дух за тоа кој дал поубав или поскап подарок. Затоа, мудрите христијани кои стапуваат во брак нема јавно да кажуваат кој ги дал подароците. Кажувањето на имињата може да ги засрами другите што можеби не можеле да дадат подарок (Галатите 5:26; 6:10). Се разбира, не е погрешно невестата и момчето да знаат кој им дал подарок. Тоа можат да го дознаат од картичката што оди со дарот, но која нема да ја читаат пред сите. Кога купуваме, даваме или добиваме свадбени подароци, сите можеме да покажеме дека, и во една толку лична работа, нашата вера влијае врз нашите постапки.a
17. Каква цел треба да имаат христијаните во врска со својата вера и своите дела?
17 Нашата вера не ја покажуваме само со тоа што водиме морален живот, и одиме на христијански состаноци и во служба на проповедање. Сите ние треба да имаме жива вера што влијае врз сѐ што правиме. Да, можеме да ја покажеме својата вера така што потполно ќе ги ‚извршиме‘ своите дела, дури и на полиња од животот како оние што ги разгледавме во оваа статија (Откровение 3:2).
18. Како зборовите во Јован 13:17 можат да се применат во врска со христијанските свадби и собири?
18 Откако Исус им дал убав пример на своите верни апостоли со тоа што понизно им ги измил нозете, тој рекол: „Кога го знаете тоа, среќни сте ако го правите“ (Јован 13:4-17). Можеби во местото каде што денес живееш, ти не е неопходно ниту вообичаено да миеш нечии нозе, на пример, на гостите што ќе дојдат во твојот дом. Но, како што видовме во оваа статија, има други аспекти во животот во кои можеме да ја покажеме нашата вера со љубезни, обѕирни дела, меѓу кои спаѓаат и оние поврзани со друштвените собири и со христијанските свадби. Ова важи за сите без оглед дали самите стапуваме во брак или сме гости на венчавка или на радосно дружење на христијани кои сакаат да ја покажат својата вера со своите дела.
[Фуснота]
a Додатни аспекти на свадбите и на веселбите се обработени во следната статија, „Зголеми ги радоста и достоинството на твојата венчавка“.
Како би одговорил?
Како можеш да ја докажеш својата вера
• кога организираш друштвен собир?
• кога организираш свадба или веселба?
• кога даваш или добиваш свадбени дарови?
[Слика на страница 24]
Дури и ако си поканил само неколку луѓе, нека те води „мудроста одозгора“