Задржи ја Божјата љубов!
„А вие, сакани... стојте во Божјата љубов додека... се надевате на вечниот живот“ (ЈУДА 20, 21).
1, 2. Како можеш да ја задржиш Божјата љубов?
ЈЕХОВА толку многу ги сака луѓето што го дал својот единороден Син за да имаат вечен живот сите оние што веруваат во него (Јован 3:16). Колку е убаво некој да ни покаже таква љубов! Ако ти му служиш на Јехова, сигурно сакаш засекогаш да ја задржиш таа љубов.
2 Ученикот Јаков покажал како можеш да ја задржиш Божјата љубов. „Изградувајќи се врз својата најсвета вера и молејќи се со светиот дух“, напишал Јуда, „стојте во Божјата љубов додека го чекате милосрдието на нашиот Господар Исус Христос и се надевате на вечниот живот“ (Јуда 20, 21). Проучувањето на Божјата реч и проповедањето на добрата вест ќе ти помогнат да се изградуваш врз „својата најсвета вера“ — христијанските учења. За да ја задржиш Божјата љубов, мораш да се молиш „со светиот дух“, односно под негово влијание. За да бидеш награден со вечен живот, мораш да покажуваш и вера во откупната жртва на Исус Христос (1. Јованово 4:10).
3. Зошто некои повеќе не се Јеховини сведоци?
3 Некои што некогаш имале вера, не ја задржале Божјата љубов. Бидејќи направиле грев, тие повеќе не се Јеховини сведоци. Како можеш да избегнеш да ти се случи такво нешто? Ако подлабоко размислиш за следниве работи, ќе можеш да му одолееш на гревот и да ја задржиш Божјата љубов.
Покажи ја својата љубов кон Бог
4. Колку е важно да му бидеме послушни на Бог?
4 Покажи дека го сакаш Бог со тоа што ќе му бидеш послушен (Матеј 22:37). Апостол Јован напишал: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3). Ако секогаш го слушаш Бог, ќе имаш сили да му одолееш на искушението и ќе бидеш радосен. Псалмистот рекол: „Среќен е човекот што не постапува според советот на злите... туку ужива во законот на Јехова“ (Псалм 1:1, 2).
5. На што ќе те поттикне љубовта кон Јехова?
5 Љубовта кон Јехова ќе те поттикне да не направиш тежок грев што ќе му нанесе срам на неговото име. „Не давај ми ниту сиромаштија ниту богатство“, се молел Агур. „Храни ме со леб колку што ми треба, за да не се заситам, па да се откажам од тебе и да речам: ‚Кој е Јехова?‘ — и за да не осиромашам, па тогаш да крадам и да го осквернам името на својот Бог“ (Изреки 30:1, 8, 9). Биди решен да не го ‚оскверниш името на Бог‘ со тоа што ќе го посрамиш. Наместо тоа, секогаш труди се да постапуваш исправно за да го прославиш Бог (Псалм 86:12).
6. Што би можело да се случи ако намерно правиш грев?
6 Редовно моли го твојот грижлив небесен Татко да ти помогне да му одолееш на искушението да направиш грев (Матеј 6:13; Римјаните 12:12). Постојано следи ги Божјите совети за да не наидат на препрека твоите молитви (1. Петрово 3:7). Ако намерно се препуштиш на гревот, може да доживееш трагични последици бидејќи Јехова фигуративно спречува да му пристапат бунтовните, како да ставил облак па нивните молитви не можат да дојдат до него (Плач Еремиин 3:42-44). Затоа, биди понизен и моли се ништо да не спречи твоите молитви да стигнат до Бог (2. Коринќаните 13:7).
Покажи љубов кон Божјиот Син
7, 8. Како може Исусовиот совет да помогне некому да не направи грев?
7 Покажи љубов кон Исус Христос со тоа што ќе ги слушаш неговите заповеди, бидејќи тоа ќе ти помогне да не направиш грев. „Ако ги држите моите заповеди“, рекол Исус, „ќе останете во мојата љубов, како што јас ги држев заповедите на Таткото и останувам во неговата љубов“ (Јован 15:10). Како можат Исусовите зборови да ти помогнат да ја задржиш Божјата љубов?
8 Тоа што ќе обрнеш внимание на зборовите на Исус може да ти помогне да се држиш за моралните начела. Божјиот закон што му бил даден на Израел гласел: „Не врши прељуба!“ (2. Мојсеева 20:14). Но, Исус открил едно начело што стоело зад таа заповед, кога рекол: „Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5:27, 28). Апостол Петар рекол дека некои од собранието во првиот век имале ‚очи полни со прељуба‘ и ‚ги мамеле непостојаните души‘ (2. Петрово 2:14). Но, за разлика од нив, ти можеш да избегнеш да направиш неморал ако ги сакаш и ако ги слушаш Бог и Христос и ако си решен да го задржиш своето пријателство со нив.
Нека те води Јеховиниот дух
9. Ако некој упорно прави грев, што може да се случи со светиот дух што му го дал Бог?
9 Моли се за Божјиот свет дух и дозволи тој да те води (Лука 11:13; Галатите 5:19-25). Ако упорно правиш грев, Бог би можел да ти го одземе својот свет дух. Откако Давид згрешил во ситуацијата со Витсавеа, го преколнувал Бог: „Не отфрлај ме од пред своето лице и не одземај ми го својот свет дух“ (Псалм 51:11). Цар Саул го изгубил Божјиот дух бидејќи не се каел за своите гревови. Тој згрешил со тоа што принел жртва паленица и ги поштедил крупната и ситната стока и царот на Амаличаните. Оттогаш Јехова му го одзел на Саул својот свет дух (1. Самоилова 13:1-14; 15:1-35; 16:14-23).
10. Зошто треба да ја отфрлиш и самата помисла да правиш грев?
10 Отфрли ја и самата помисла да правиш грев. „Ако намерно грешиме, откако добро ја запознавме вистината“, напишал апостол Павле, „повеќе не ни преостанува жртва за гревови“ (Евреите 10:26-31). Би било многу жалосно ако западнеш во грев до тој степен!
Покажувај вистинска љубов кон другите
11, 12. На кој начин љубовта и почитта ќе спречат некого да направи неморал?
11 Љубовта кон другите луѓе ќе те спречи да направиш неморал (Матеј 22:39). Таквата љубов ќе те мотивира да го чуваш своето срце за да не те наведе да заинтересираш за себе личност што е во брак со некој друг. Тоа би можело да води до прељуба, која е грев (Изреки 4:23; Еремија 4:14; 17:9, 10). Биди како праведниот Јов, кој не дозволил да го заинтересира некоја друга жена освен неговата сопруга (Јов 31:1).
12 Ако го почитуваш бракот како света заедница, ќе ти биде полесно да не направиш тежок грев. Бог имал намера чесниот брак и половите односи да водат до продолжување на човечкиот род (1. Мојсеева 1:26-28). Не заборавај дека половите органи служат за создавање нов живот, кој е свет. Прељубниците и блудниците му се непослушни на Бог, му го одземаат достоинството на сексуалниот чин, не покажуваат почит кон бракот како света заедница и грешат против своето сопствено тело (1. Коринќаните 6:18). Но, љубовта кон Бог и кон ближниот, како и послушноста кон Бог, ќе те спречат да направиш нешто што би можело да води до исклучување од христијанското собрание.
13. На кој начин оној што направил неморал „уништува сѐ што е вредно“?
13 Треба да ги победиме грешните мисли за да не им нанесеме болка на своите најмили. „Оној што се дружи со блудници, уништува сѐ што е вредно“, стои во Изреки 29:3. Прељубникот што не се кае го уништува својот однос со Бог и си го растура семејството. Неговата жена има основа за развод (Матеј 19:9). Сеедно дали згрешила жената или мажот, разводот може да им причини голема болка на недолжниот сопружник, на децата и на други лица. Зар не се согласуваш дека, ако мислиме на тоа колкава штета нанесува неморалот, ќе бидеме мотивирани да не подлегнеме на искушението да направиме неморал?
14. Што можеме да научиме во врска со гревот од Изреки 6:30-35?
14 Тоа што не постои начин да се надомести штетата што ја предизвикува прељубата треба да биде силна мотивација да не се направи тој крајно себичен чин. Зборовите од Изреки 6:30-35 покажуваат дека, иако луѓето можеби ќе покажат сочувство кон крадецот што украл затоа што е гладен, тие го презираат прељубникот затоа што има лоши мотиви. Тој „си ја води душата [или животот] во пропаст“. Под Мојсеевиот закон, тој требало да биде погубен (3. Мојсеева 20:10). Оној што ќе направи прељуба им причинува болка на другите само за да ја задоволи својата страст, а непокајничкиот прељубник не ја задржува Божјата љубов туку е исклучен од чистото христијанско собрание.
Задржи чиста совест
15. Каква е состојбата на совеста што е запечатена „со вжештено железо“?
15 За да ја задржиме Божјата љубов, не смееме да дозволиме нашата совест да стане неосетлива на гревот. Јасно е дека не смееме да ги прифатиме ниските морални мерила на светот, и треба многу да внимаваме во врска со изборот на пријатели, каква литература читаме и како се разонодуваме. Павле предупредил: „Во идните времиња некои ќе отпаднат од верата, слушајќи заведувачки вдахновени објави и учења на демони, заведени од лицемерството на лажливците со затапена совест [на кои совеста им е запечатена со вжештено железо, фуснота]“ (1. Тимотеј 4:1, 2). Совеста што е „запечатена со вжештено железо“ е како изгорено месо на кое останала лузна, и во тој предел не функционираат никакви сетила. Таквата совест повеќе нема да нѐ опоменува да се тргаме настрана од отпадниците и од ситуации што би можеле да нѐ наведат да отпаднеме од верата.
16. Зошто е многу важно да имаме чиста совест?
16 Дали ќе се спасиме зависи од тоа дали имаме чиста совест (1. Петрово 3:21). Преку нашата вера во Исусовата пролеана крв, нашата совест е очистена од мртви дела „за да му служиме на живиот Бог“ (Евреите 9:13, 14). Ако намерно грешиме, нашата совест ќе стане расипана и повеќе не би биле чист народ кој е достоен да му служи на Бог (Тит 1:15). Но, со Јеховина помош, можеме да имаме чиста совест.
Што друго ќе ни помогне да не направиме грев
17. Зошто е корисно ‚во потполност да го следиш Јехова‘?
17 ,Во потполност следи го Јехова‘, како што правел Халев од древниот Израел (5. Мојсеева 1:34-36). Прави го она што го бара од тебе Бог, и немој ни да помислуваш да земаш од „трпезата на демоните“ (1. Коринќаните 10:21). Бегај од отпадништвото. Со ценење земај од духовната храна што е сервирана само на Јеховината трпеза, и нема да те заведат лажни учители или зли духовни сили (Ефешаните 6:12; Јуда 3, 4). Сосредоточи се на духовните работи, како што е проучувањето на Библијата, присуството на состаноците и службата на теренот. Сигурно ќе бидеш среќен ако во потполност го следиш Јехова и ако си секогаш зафатен во делото на Господарот (1. Коринќаните 15:58).
18. Како ќе влијае врз твоите постапки стравот од Јехова?
18 Биди решен ‚да му служиш на Бог со страв и со страхопочит‘ (Евреите 12:28). Страхопочитта од Јехова ќе ти биде силен мотив да не направиш грев. Таа ќе ти помогне да постапуваш во склад со советот што Петар им го дал на другите помазани христијани: „Ако го повикувате Таткото, кој непристрасно му суди секому според неговото дело, живејте богобојазливо додека престојувате во туѓина“ (1. Петрово 1:17).
19. Зошто треба секогаш да го применуваш она што го учиш од Божјата реч?
19 Постојано применувај го она што го учиш од Божјата реч. Тоа ќе ти помогне да не направиш тежок грев, затоа што ќе бидеш меѓу „оние чија моќ на согледување преку искуство им е извежбана да разликува добро и зло“ (Евреите 5:14). Наместо да не обрнуваш внимание на твоите зборови и постапки, многу внимавај на нив за да можеш да одиш како мудар, ‚откупувајќи си време‘ во овие зли денови. ‚Труди се да разбереш што е Јеховината волја‘ и постојано врши ја (Ефешаните 5:15-17; 2. Петрово 3:17).
20. Зошто не треба да бидеме лакоми?
20 Немој никогаш да покажуваш лакомост — алчна желба да го имаш она што е туѓо. Една од десетте заповеди гласи: „Не посакувај ја [„не лакоми се по“, New International Version] куќата на својот ближен! Не посакувај ја жената на својот ближен, ниту неговиот роб, ниту неговата робинка, ниту неговиот бик, ниту неговото магаре, ниту што и да е друго кое му припаѓа на твојот ближен!“ (2. Мојсеева 20:17). Овој закон ги штител куќата, жената, слугите, животните и сѐ друго што му припаѓало на некое лице. Но, најважно од сѐ е тоа што Исус рекол дека лакомоста го валка човекот (Марко 7:20-23).
21, 22. Кои мерки на претпазливост би можел да ги преземе еден христијанин за да не згреши?
21 Преземи мерки на претпазливост да не дозволиш твоите желби да те наведат на грев. Ученикот Јаков напишал: „Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами. Потоа желбата, кога ќе зачне, раѓа грев, а гревот, кога е направен, донесува смрт“ (Јаков 1:14, 15). На пример, ако некому во минатото пиењето му било проблем, ќе биде добро да одлучи да не држи дома никакви алкохолни пијалаци. Ако на еден христијанин му е искушение некоја личност од спротивниот пол што го привлекува, можеби ќе треба да го смени своето работно место или фирмата (Изреки 6:23-28).
22 Немој да го правиш дури ни првиот чекор што води кон грев. Флертувањето и неморалните мисли може да водат до блуд или прељуба. Малите лаги можат да охрабрат некого да кажува поголеми лаги и на крајот да стекне навика да лаже, што е грев. Ситните кражби би можеле да затапат нечија совест толку многу што ќе почне да краде и поголеми работи. Дури и со најмало толерирање на отпаднички размислувања некој би можел да тргне по патот на целосно отпадништво (Изреки 11:9; Откровение 21:8).
Што ако си направил грев?
23, 24. Како можеме да се утешиме со зборовите од 2. Летописи 6:29, 30 и Изреки 28:13?
23 Сите луѓе се несовршени (Проповедник 7:20). Но, ако си направил некој тежок грев, би можела да те утеши молитвата на цар Соломон, што ја кажал кога бил свечено пуштен во употреба Јеховиниот храм. Соломон го молел Бог: „Па [ако] кој и да било човек или сиот твој народ Израел ти упати молитва или молба за милост — зашто секој ја знае својата неволја и својата болка — ширејќи ги во молитва рацете кон овој дом, ти чуј од небото, од своето живеалиште, и прости и дај му секому според сите негови патишта, зашто ти го познаваш неговото срце, зашто само ти го познаваш срцето на синовите човечки“ (2. Летописи 6:29, 30).
24 Да, Бог ги познава срцата на луѓето и простува. Во Изреки 28:13 стои: „Кој ги крие престапите свои, ќе нема успех, а оној што ги признава и ги остава, ќе биде помилуван“. Со тоа што покајнички ќе го признаеме гревот и ќе престанеме да го правиме, можно е да се добие Божја милост. Сепак, ако си духовно ослабнат, што друго може да ти помогне да ја задржиш Божјата љубов?
Како би одговорил?
• Како можеме да ја задржиме Божјата љубов?
• Како ни помага љубовта кон Бог и кон Христос да не направиме грев?
• Зошто вистинската љубов кон другите ќе нѐ спречи да направиме неморал?
• Како можеме да му одолееме на гревот?
[Слика на страница 21]
Јуда ни покажува како да ја задржиме Божјата љубов
[Слика на страница 23]
Распаѓањето на бракот може да им причини длабока болка на недолжниот сопружник и на децата
[Слика на страница 24]
Дали си одлучен, како Халев, ‚во потполност да го следиш Јехова‘?
[Слика на страница 25]
Редовно моли се за помош да одолееш на искушението