Зошто да постапуваме исправно?
ЕДЕН учен човек еднаш забележал: „Способен сум да го сакам она што е добро, но не и да го правам она што е добро. Зашто, доброто што го сакам, не го правам, туку злото што не го сакам, тоа го правам“. Зошто на овој човек му било тешко да постапува исправно како што сакал? Тој објаснил: „Го наоѓам во себе овој закон: кога сакам да го правам она што е добро, злото е во мене. Според својот внатрешен човек навистина уживам во Божјиот закон, но во своите делови на телото гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме заробува со законот на гревот, кој е во моите делови на телото“ (Римјаните 7:18, 19, 21-23).
Овие зборови на апостол Павле, запишани пред скоро 2.000 години, објаснуваат зошто е толку тешко за несовршените луѓе да постапуваат исправно. За да живееме според исправните принципи, односно начела, особено во тешки околности, потребна ни е морална сила. Затоа е добро да се прашаме: Која е најважната причина да постапуваме исправно?
Размисли за тоа што го вели Библијата за иднината на оној што е праведен. Во Псалм 37:37, 38 читаме: „Гледај го непорочниот и набљудувај го праведниот, зашто иднината на тој човек ќе биде мирна. А сите престапници ќе бидат истребени, ќе пропадне иднината за злите“. Изреки 2:21, 22 вели: „Праведниците ќе живеат на земјата и непорочните ќе останат на неа. А злите ќе бидат истребени од земјата и оние што постапуваат неверно ќе бидат искоренети од неа“.
Иако овие, како и другите ветувања што се наоѓаат во Библијата, за нас претставуваат поттик да живееме на начин кој му се допаѓа на Бог, сепак тие не се главната причина да го правиме тоа. Таа причина е поврзана со едно спорно прашање кое се однесува на сите суштества надарени со разум. Следната статија ќе објасни кое е тоа спорно прашање и во која смисла важи и за нас.