Амос — Собирал или засечувал смокви?
ВО ДЕВЕТТИОТ век пр.н.е., еден злобен свештеник и обожавател на теле, кој се викал Амазија, му наредил на пророкот Амос да престане да пророкува во Израел. Но, Амос приговорил со зборовите: „Бев овчар и ги засечував плодовите на дивите смокви. Но Јехова ме зеде откај стадото, и Јехова ми рече: ‚Оди, пророкувај му на мојот народ Израел‘“ (Амос 7:14, 15). Да, Јехова бил тој што го испратил да пророкува; Амос не се поставил самиот себеси за пророк. Но, на што мислел Амос кога рекол дека тој ги ‚засечувал‘ плодовите на дивите смокви?
Еврејскиот израз што е вака преведен се појавува само на ова место во Преводот Нов свет. Во други преводи на Библијата, овој израз е пренесен со „собирав“ и „одгледував“, наместо „засечував“ плодови на дивите смокви. Меѓутоа, списанието Economic Botany вели дека соодветен превод на овој израз би бил „дупчев“, бидејќи изразот укажува на една конкретна постапка што ја прави еден одгледувач на диви смокви.
Уште од многу одамна, во Египет и на Кипар било сосема вообичаено да се засечуваат, односно да се дупчат диви смокви, постапка при која се прават мали засеци во плодовите. Дупчењето, односно засечувањето, повеќе не се прави во денешен Израел поради тоа што сега таму растат други видови смокви. Но, во времето на Амос, Израелците го правеле, бидејќи дивите смокви што тогаш растеле во Израел потекнувале од египетските сорти.
По сѐ изгледа дека, кога смоквите се дупчат, тие впиваат вода и стануваат сочни. Тоа, исто така, го зголемува производството на гасот етилен, кој го забрзува процесот на зреење, и на тој начин се добива плод што е поголем и поблаг. Освен сето тоа, паразитските оси не ги расипуваат плодовите бидејќи тие брзо созреваат.
И покрај тоа што бил само обичен пастир и засечувач на плодовите на дивите смокви, Амос не се исплашил од своите непријатели. Наместо тоа, тој храбро ја објавил Јеховината осуда против Израел. Колку извонреден пример е тој за Божјите слуги денес, кои исто така мораат да објават неомилена порака! (Матеј 5:11, 12; 10:22).