Не колебај се да водиш библиски студии!
1. Како можеме да им правиме добро на луѓето?
1 Со тоа што ја објавуваме добрата вест за Божјето Царство, им правиме добро на луѓето од нашето подрачје (Изр. 3:27). Нема подобра порака што можеме да им ја пренесеме од тоа дека Божјата влада ќе обезбеди подобар живот. Дури и ако во секоја прилика ја објавуваш надежта за Царството сведочејќи неформално или нудејќи литература, зошто не си поставиш за цел да водиш и библиска студија, ако тоа сѐ уште не го правиш?
2. Што може да нѐ спречи да започнеме библиска студија?
2 Понекогаш, нашиот став најмногу може да нѐ спречи да почнеме да проучуваме со некого. Некои се колебаат да водат библиски студии бидејќи мислат дека не се способни или, пак, затоа што се премногу зафатени. Сега ќе разгледаме неколку предлози што можат да ти помогнат да не се колебаш да ја проучуваш Библијата со другите (Мат. 28:19; Дела 20:20).
3. Зошто сме способни да ги поучуваме другите за Библијата?
3 Ако не си сигурен во себе: Можеби немаш некое високо световно образование или, пак, од други причини мислиш дека не си способен да водиш библиска студија. Некои делотворни христијански проповедници од првиот век биле „неуки и обични“ луѓе. Што им помогнало да ги поучуваат другите за вистината? ‚Тие биле со Исус‘ (Дела 4:13). Учеле од Големиот Учител, Исус, чии поуки и методи на поучување се зачувани за нас во Светото писмо. Дури и ако немаш стекнато световно образование, ти добиваш духовно образование кое е многу повредно (Иса. 50:4; 2. Кор. 3:5).
4. Што учиме од примерот на Амос?
4 Кога некои владетели или други лица што биле на висока положба ќе направеле некаков грев, Јехова користел пророци за да ги укори. Некои од тие пророци, како што бил Амос, потекнувале од обичниот народ. Амос за себе рекол: „Јас не бев ниту пророк ниту син на пророк. Бев овчар и ги засечував плодовите на дивите смокви“ (Амос 7:14). Сепак, тој не се колебал да му ја пренесе Јеховината осуда на свештеникот Амазија, кој обожавал теле (Амос 7:16, 17). Секогаш треба да имаме на ум дека извршуваме Божје дело и дека тој потполно ќе нѐ оспособи за задачата што ни ја дал (2. Тим. 3:17).
5. Зошто треба да се трудиме да започнеме библиска студија дури и ако сме многу зафатени?
5 Ако си многу зафатен: Дури и ако си многу зафатен, најверојатно веќе имаш одвоено време за редовно да одиш во служба. Водењето библиска студија може да биде една од најубавите гранки од службата. Навистина е прекрасно да се види како Јеховината реч менува нечиј живот (Евр. 4:12). Јехова многу се радува кога жртвуваме нешто за да му помогнеме некому ‚добро да ја запознае вистината‘ (1. Тим. 2:4). Дури и ангелите се радуваат кога некој се кае за својот поранешен начин на живот и духовно напредува (Лука 15:10).
6. Каква чест имаме додека ја извршуваме Божјата волја?
6 Божја волја е „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:4). Навистина имаме голема чест да постапуваме во склад со Божјата волја, при што не се колебаме да водиме библиски студии!