Помош од „Бог, кој дава истрајност и утеха“
ПРЕД околу 2.000 години, еден од писателите на Библијата по име Павле го опишал Јехова како „Бог, кој дава истрајност и утеха“ (Римјаните 15:5). Библијата нѐ уверува дека, без разлика колку време ќе помине, Јехова не се менува, па затоа можеме да бидеме сигурни дека Бог сѐ уште им дава утеха на оние кои му служат (Јаков 1:17). Всушност, Библијата ни кажува дека Јехова на разни начини ги теши оние на кои им е потребна утеха. Кои се некои од тие начини? Бог им дава сила на оние што му се молат и бараат помош од него. Тој, исто така, ги поттикнува вистинските христијани да им дадат утеха на соверниците. Освен тоа, Јехова ни ја дал и својата Реч, Библијата, во која има запишано извештаи што особено ги зајакнуваат оние што жалат поради тоа што им починало дете. Ајде да ги разгледаме овие три начини на утеха еден по еден.
„Јехова го слушна“
Цар Давид за нашиот Творец, Јехова, напишал: „Имај доверба во него, народе, во секое време! Излевајте го срцето пред него! Бог е наше прибежиште“ (Псалм 62:8). Зошто Давид имал толкава доверба во Јехова? Зборувајќи за себе, Давид напишал: „Овој страдалник повика, и Јехова го слушна. Од сите негови неволји го спаси“ (Псалм 34:6). Во сите тешки ситуации што ги преживеал, Давид секогаш му се молел на Бог за помош, а Јехова секогаш му помагал. Давид знаел од искуство дека Бог ќе го поткрепува и ќе му помогне да истрае.
Ужалените родители треба да знаат дека Јехова ќе им дава сили да ја издржат нивната огромна тага, исто како на Давид. Тие можат да зборуваат со оној „што ги слуша молитвите“, со доверба дека ќе им помогне (Псалм 65:2). Вилијам, кого го цитиравме во претходната статија, забележал: „Многу пати чувствував дека не можам повеќе да живеам без син ми и го молев Јехова да ми помогне. Секогаш ми дава сила и ми помага да соберам храброст за да продолжам да живеам“. Ако и ти со вера му се молиш на Јехова, големиот Бог што е на небото, тој ќе те поткрепи. Всушност Јехова Бог им ветува на оние што се трудат да му служат: „Јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата и ти велам: ‚Не плаши се! Јас ќе ти помогнам‘“ (Исаија 41:13).
Помош од вистински пријатели
На оние на кои им починало дете честопати им е потребно време насамо да жалат и да си ги средат чувствата. Но, не би било мудро подолго време да ги избегнуваат другите. Во Изреки 18:1 пишува дека „оној што се изолира“ може да си наштети себеси. Затоа, оние што жалат треба да бидат внимателни да не се изолираат, односно да се двојат од другите за да бидат сами.
Пријателите меѓу соверниците можат многу да направат за оние што тагуваат. Стихот во Изреки 17:17 вели: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“. Луси, која ја спомнавме во претходната статија, почувствувала колку може да значи утехата од вистинските пријатели кога го изгубила синот. За своите соверници од собранието таа вели: „Нивните посети многу ми помогнаа, иако понекогаш малку зборуваа. Една сестра доаѓаше да ме види во оние денови кога бев сама. Знаеше дека сум дома и дека плачам, и често ќе навратеше и заедно ќе се исплачевме. Една друга сестра ми се јавуваше секој ден за да ми влее малку сила. Други, пак, нѐ покануваа кај нив на ручек, и сѐ уште го прават тоа“.
Иако длабоката болка што ја чувствуваат родителите кога ќе им почине дете не може лесно да исчезне, ако му се молат на Бог и ако се дружат со вистински пријатели, нивните соверници, ќе најдат вистинска утеха. Многу родители во христијанското собрание на кои им починало дете чувствуваат дека Јехова е со нив. Јехова навистина „ги лекува оние со скршено срце и им ги преврзува раните“ (Псалм 147:3).
Библиски извештаи кои даваат утеха
Освен молитвата и дружењето со вистински пријатели, и Божјата пишана Реч е извор на утеха за оние што жалат. Библиските извештаи ни кажуваат дека Исус од срце сака и е способен да им ја оттргне болката на ужалените родители со тоа што ќе ги врати мртвите во живот. Овие извештаи може вистински да ги утешат оние што жалат. Да земеме како пример два од овие извештаи.
Лука, 7. поглавје, опишува што се случило кога Исус наишол на една погребна поворка во градот Наин. Луѓето требало да го погребат единецот на една вдовица. Стих 13 вели: „Кога ја здогледа, Господарот се сожали на неа и ѝ рече: ‚Не плачи!‘“
Малкумина би се осмелиле да ѝ речат на една мајка да не плаче на погребот на својот син. Зошто Исус го сторил тоа? Затоа што знаел дека тагата на мајката наскоро ќе исчезне. Извештајот понатаму вели: „[Исус] се приближи и ја допре носилката. Носачите застанаа, а тој рече: ‚Момче, тебе ти велам, стани!‘ Мртовецот седна и почна да зборува, а Исус го предаде на мајка му“ (Лука 7:14, 15). Во тој момент мајката сигурно пак заплакала, но овој пат од радост.
Во една друга прилика, на Исус му пристапил еден човек по име Јаир, кој побарал помош за својата 12-годишна ќерка, што била многу болна. Кратко потоа му јавиле дека девојчето умрело. Оваа вест му го скршила срцето на Јаир, но Исус му рекол: „Не плаши се, само верувај!“ Кога отишле дома кај Јаир, Исус му пришол на безживотното тело на девојчето. Го фатил за рака и рекол: „Девојче, тебе ти велам, стани!“ Што се случило? „Девојчето веднаш стана и почна да оди“. Како реагирале нејзините родители? Тие биле „избезумени од радост“. Се чувствувале пресреќни кога повторно ја прегрнале својата ќерка. Мора да им се чинело дека сонуваат (Марко 5:22-24, 35-43).
Ваквите Библиски извештаи, кои подробно ги опишуваат воскресенијата на деца, им кажуваат на ужалените родители денес што можат да доживеат во блиска иднина. Исус рекол: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Јехова има намера неговиот Син да ги оживее оние што умреле. Милиони починати деца ќе „го чујат неговиот глас“ кога ќе им рече: „Тебе ти велам, стани!“ Родителите повторно ќе можат да ги гледаат и да им го слушаат гласот на своите најмили. И исто како Јаир и неговата жена, ќе бидат „избезумени од радост“.
Ако ти си изгубил син или ќерка, биди уверен дека Јехова може да ја претвори твојата тага во радост преку воскресението. За да го доживееш ова прекрасно нешто, послушај го поттикот на псалмистот: „Барајте го Јехова и неговата сила! Постојано барајте го неговото лице! Сеќавајте се на чудесните дела што ги направи, на неговите чуда“ (Псалм 105:4, 5). Реши да му служиш на вистинскиот Бог, Јехова, онака како што тој бара.
Што ќе добиеш уште сега ако го ‚бараш Јехова‘? Ќе добиеш сила од молитвата, ќе добиеш утеха од вистински пријатели кои искрено ти го посакуваат најдоброто, и редовното проучување на Божјата реч ќе те подигне. Освен тоа, во блиска иднина со свои очи ќе ги видиш ‚чудесните дела и чуда‘ кои Јехова ќе ги направи за твое вечно добро и за доброто на детето што ти починало.
[Рамка на страница 5]
„Донесете ми ја жената на која ѝ умреле двете деца“
Кехинде и Бинту, брачен пар од Нигерија што се Јеховини сведоци, изгубиле две деца во сообраќајна несреќа. Таа страшна загуба им донела огромна болка. Но сепак, нивната доверба во Јехова ги поткрепува, и продолжуваат да им кажуваат на другите луѓе каква надеж ни дава Библијата.
Другите ги забележале спокојството и силата на Кехинде и Бинту. Еден ден една жена, која се вика г-ѓа Уколи, ѝ рекла на една од пријателките на Бинту: „Донесете ми ја жената на која ѝ умреле двете деца наеднаш и сѐ уште проповеда за Библијата. Сакам да знам што ѝ дава сила да издржи“. Кога Бинту дошла дома кај жената, г-ѓа Уколи ѝ рекла: „Сакам да знам зошто сѐ уште проповедаш за Бог, кога тој ти ги уби децата. Мене ми го зеде единственото девојче. Оттогаш не ме интересира ништо за Бог“. Бинту ја употребила Библијата за да ѝ објасни зошто луѓето умираат и зошто загарантирано можеме да очекуваме да воскреснат оние што ни починале (Дела 24:15; Римјаните 5:12).
Г-ѓа Уколи потоа рекла: „Досега си мислев дека Бог ги зема луѓето и затоа умираат. Сега ја знам вистината“. Таа одлучила да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци за да дознае повеќе во врска со она што го ветува Бог.
[Рамка на страница 6]
‚Сакам да помогнам, но не знам како‘
Родителите и братчињата и сестричињата на едно починато дете чувствуваат голема тага, додека нивните пријатели може да чувствуваат извесна мера страв. Тие сакаат да му помогнат некако на семејството, но се плашат дека ако речат или направат нешто што е погрешно, може да им нанесат уште поголема болка. Еве неколку предлози за оние што можеби си мислат: ‚Сакам да помогнам, но не знам како‘.
❖ Не избегнувај ги ужалените само затоа што не си сигурен што да кажеш или што да направиш. Со самото твое присуство ќе ги зајакнеш. Ако ти е тешко да смислиш што да кажеш, прегрни ги и искрено кажи им дека ти е многу жал. Тоа ќе им покаже дека мислиш на нив. Дали се плашиш дека ако почнеш да плачеш ќе им ја зголемиш болката? Библијата вели: „Плачете со оние што плачат“ (Римјаните 12:15). Твоите солзи покажуваат дека и тебе ти е жал, што е утешно.
❖ Преземи иницијатива. Можеш ли да зготвиш нешто едноставно за семејството? Можеш ли да ги измиеш валканите садови што им се насобрале? Можеш ли да им завршиш некои работи? Не вели им: „Ако треба нешто, само кажете“. Дури и кога искрено сакаш да помогнеш, тие зборови на многу ужалени родители им пренесуваат порака дека си премногу зафатен. Наместо тоа, прашај: „Што можам да ви помогнам сега?“ и потоа направи го она што ќе го побараат од тебе. Но немој да влегуваш во приватните простории во нивниот дом или да им навлегуваш во личниот живот.
❖ Не вели: „Знам како ти е“. Секој човек различно реагира на смртта на некој од блиските. Дури и самиот да си изгубил дете, не знаеш како точно се чувствуваат тие.
❖ Ќе помине многу време пред семејството да почне да води донекаде нормален живот. Продолжи да им помагаш колку што можеш. Во почетокот најчесто има многу кој да помогне, но ним ќе им треба помош уште долго време потоа. Продолжи да забележуваш што треба да им се помогне и во наредните седмици и месеци.a
[Фуснота]
a За повеќе информации за тоа како да им се помогне на оние што жалат поради тоа што изгубиле дете, види го поглавјето „Како можат другите да помогнат?“ на страници 20-24 од брошурата Кога ќе умре некој што го сакаш, издадена од Јеховините сведоци.
[Слики на страница 7]
Извештаите од Библијата покажуваат дека Исус може и сака да ги врати децата во живот