Млади — вие го допирате срцето на своите родители
„ЗА МЕНЕ нема поголема радост од тоа да чујам дека моите деца живеат според вистината“, напишал остарениот апостол Јован (3. Јованово 4). Иако зборот „деца“ што е спомнат во овој библиски стих се однесува на христијанските ученици, еден богобојазлив родител може лесно да сфати што сакал да каже Јован. Исто како што родителите играат многу важна улога во животот на своите деца, така и децата влијаат врз животот на своите родители.
Цар Соломон од Израел забележал колку длабоко може децата да влијаат врз чувствата на родителите. Тој напишал: „Мудриот син го радува таткото, а безумниот син е жалост за мајката“ (Изреки 10:1). Значи, ќе биде добро сите деца — дури и постарите — да размислат како ќе се одразат нивните постапки врз татко им и мајка им. Зошто?
Помисли само колку труд вложиле твоите богобојазливи родители за да те израснат! Тие мислеле на тебе и се молеле за тебе долго време пред да се родиш. Откако си се родил, и татко ти и мајка ти се приврзале за тебе и веројатно му се заблагодариле на Бог за прекрасната, но сериозна чест и одговорност да бидат родители. Од нивната грижа зависело едно мало, беспомошно бебенце и, како слуги на Јехова, сериозно ја сфатиле таа одговорност.
Бидејќи твоите родители се вистински христијани, барале водство од Библијата и од библиската литература, како и совети од оние што веќе подигале деца. Исто така, продолжиле да му ги кажуваат своите грижи на Бог во молитва (Судиите 13:8). Како што си растел, твоите родители увиделе кои се твоите убави особини, но не биле слепи ни за неубавите (Јов 1:5). Кога си станал тинејџер, се појавиле нови проблеми. Понекогаш можеби си бил непослушен, и твоите родители морале да се молат уште повеќе, да читаат уште повеќе и да размислуваат уште повеќе за тоа како да ти помогнат да продолжиш да му служиш на својот небесен Татко, Јехова.
Тие никогаш не престануваат да ти бидат мајка и татко. Нивната грижа за твоето физичко, душевно, емоционално и духовно добро продолжува дури и откако ќе станеш возрасен. Меѓутоа, сето време тие имаат на ум дека ти си лице со слободна волја и дека нема гаранција за тоа каков ќе испадне твојот живот. На крајот, ти самиот ќе одлучиш што ќе правиш во животот.
Ако нема „поголема радост“ за родителите од тоа да чујат дека нивните деца „живеат според вистината“, тогаш зарем не е точно и спротивното? Навистина, децата што прават глупости ги жалостат своите родители. Соломон рекол: „Безумниот син е жалост за татка си и горка болка за мајка си“ (Изреки 17:25). Родителите чувствуваат многу длабока болка кога нивното дете ќе престане да му служи на вистинскиот Бог!
Јасно е дека вие, млади, имате огромно влијание врз своето семејство и пошироко. Со своите постапки допирате до срцето на вашите родители. Ако му го свртите грбот на Бог и на неговите начела, вашите родители многу ќе страдаат. Меѓутоа, точно е и спротивното. Ако му останете верни и послушни на Јехова, вашите родители ќе се радуваат. Бидете решени да го радувате срцето на своите родители! Зар можете да им дадете поубав подарок на оние што ве подигаат, што ве штитат и што ве сакаат?