Можеш да се справиш со неправдата!
ПОСТОИ ЛИ човек што не доживеал некаква неправда во животот? Иако понекогаш може само да ни се чини дека ни е нанесена неправда, има и случаи кога таа навистина постои.
Секогаш кога ќе доживееме неправда, чувствуваме некоја емоционална болка која може дури и да ни го наруши пријателството со Бог. Во такви моменти можеби имаме силна желба да ја поправиме ситуацијата. Зошто? Една причина е тоа што нашиот Творец, Јехова Бог, кој е „без неправда“, всадил во луѓето силно чувство за правда (5. Мојсеева 32:4; 1. Мојсеева 1:26). Сепак, во некои ситуации, нашето чувство за правда нема да биде задоволено. Еден мудар човек еднаш рекол: „Пак почнав да ги набљудувам сите угнетувања што се прават под сонцето, и гледај, солзи на угнетуваните, а нема кој да ги утеши. Моќта е во рацете на нивните угнетувачи, а нема кој да ги утеши“ (Проповедник 4:1). Според тоа, како да се справиме со неправдата?
Што е вистинска неправда?
Неправда е кога се кршат мерилата за праведност. Кое мерило за праведност важи за луѓето? Без сомнение, нашиот праведен Творец, кој не се менува, го има авторитетот да одреди што е праведно, а што неправедно. Од негова гледна точка, оној што сака да живее според „одредбите што значат живот“ мора и да „не постапува неправедно“ (Езекиел 33:15). Затоа, кога го создал првиот човек, Јехова всадил во него совест — внатрешно чувство кое му помагало да разликува исправно од погрешно (Римјаните 2:14, 15). Освен тоа, во својата Реч, Библијата, Јехова јасно кажал што е праведно, а што неправедно.
Што да правиме доколку мислиме дека ни е нанесена неправда? Ќе биде добро објективно да ја испитаме работата за да утврдиме дали навистина станува збор за неправда. Да ја земеме за пример ситуацијата во која се нашол еврејскиот пророк Јона. Јехова му дал задача да ги извести жителите на Ниневија дека ги чека уништување. Отпрвин Јона избегал за да не ја исполни задачата. Но, по некое време, сепак отишол во Ниневија и ги предупредил жителите за пропаста што ги очекувала. Бидејќи тие се покајале, Јехова одлучил да го зачува градот и да не ги уништи жителите. А како се чувствувал Јона? Во Библијата пишува: „На Јона му беше многу криво поради тоа, па се разгневи“ (Јона 4:1). Тој сметал дека Јехова му нанел огромна неправда.
Јасно е дека, Јехова, кој може да ги чита срцата и кој „ги сака праведноста и правдата“, не постапил неправедно (Псалм 33:5). Јона едноставно морал да научи дека одлуката на Јехова била во склад со совршената правда. Ако некогаш мислиме дека ни е нанесена неправда, би можеле да се запрашаме: ‚Дали можеби Јехова гледа поинаку на оваа работа?‘
Како некои се справиле со неправда
Во Библијата се запишани многу примери за луѓе што претрпеле неправда. Можеме многу да научиме ако дознаеме како тие ги надминале своите тешки проблеми. Да размислиме за Јосиф. Неговите љубоморни браќа го продале како роб во Египет. А таму, сопругата на неговиот господар се обидела да го заведе. Кога тој ја одбил, таа лажно го обвинила дека сакал да легне со неа. Поради тоа, Јосиф се нашол во затвор. Сепак, неговата вера била посилна од железните синџири со кои бил окован. Тој не дозволил неправдата да му ја ослабне духовноста ниту, пак, да ја изгуби својата доверба во Јехова (1. Мојсеева 37:18-28; 39:4-20; Псалм 105:17-19).
Друг човек што претрпел неправда е Навутеј. Тој станал жртва на подмолните сплетки на Језавела, жената на израелскиот цар Ахав. Царот копнеел по наследеното земјиште на Навутеј, кое се наоѓало близу до палатата. Меѓутоа, на Израелците им било забрането засекогаш да го продаваат наследството, па затоа Навутеј ја одбил понудата од царот да му ја купи земјата (3. Мојсеева 25:23). Тогаш, злобната жена на Ахав нашла лажни сведоци кои го обвиниле Навутеј дека ги проколнал Бог и царот. Поради тоа, Навутеј и неговите синови биле убиени. Замисли како се чувствувал Навутеј кога луѓето ги земале камењата в раце за да го убијат! (1. Царевите 21:1-14; 2. Царевите 9:26).
Сепак, претходните примери се безначајни во споредба со неправдата што му била нанесена на Христос Исус. На едно незаконско судење, тој бил лажно обвинет и осуден на смрт. Римскиот управител што седел на судиската столица немал морална цврстина да застане на страната на правдата (Јован 18:38-40). Навистина, неправдата што Сатана му ја нанел на Христос Исус била најголемата неправда што некој ја доживеал!
Дали овие примери покажуваат дека Јехова е незаинтересиран за тие неправди? Никако! Јехова не гледал на овие случаи само од човечка гледна точка (Исаија 55:8, 9). На пример, бидејќи бил продаден како роб, Јосиф бил во положба да го спаси своето семејство. Тој станал управител над храната во Египет токму пред да настане голем глад што го погодил и неговото семејство. Размисли за следново, ако Јехова не ја допуштил таа неправда, Јосиф не би бил во затвор. Токму таму ги протолкувал соништата на двајцата затвореници. Еден од нив подоцна му кажал на фараонот за Јосиф, и така тој станал управител над храната (1. Мојсеева 40:1; 41:9-14; 45:4-8).
А каков е случајот со Навутеј? Повторно, обиди се да гледаш на работата како Јехова. За Јехова, кој може да ги воскресне мртвите, Навутеј бил сѐ уште жив, дури и кога неговото мртво тело лежело на земја (1. Царевите 21:19; Лука 20:37, 38). Навутеј мора да чека додека Јехова не го врати во живот. Но бидејќи мртвите не се свесни за ништо, тоа време е кратко колку еден миг (Проповедник 9:5). Освен тоа, Јехова го одмаздил Навутеј со тоа што извршил осуда врз Ахав и врз неговото семејство (2. Царевите 9:21, 24, 26, 35, 36; 10:1-11; Јован 5:28, 29).
Исус, исто така, умрел. Сепак, Бог го воскреснал и го поставил „далеку над секоја влада и власт и сила и управа и над секое име кое е дадено“ (Ефешаните 1:20, 21). Неправдата што Сатана му ја нанел на Христос Исус не можела да го спречи Јехова да го награди својот Син. Исус бил сигурен дека, ако Јехова сакал, можел веднаш да го спречи незаконското апсење, и така да ја отстрани неправдата. Но, Христос знаел и дека Јехова има одредено време кога ќе ги исполни ветувањата од Светото писмо и кога ќе ги отстрани сите неправди.
Вистина, Сатана и неговите застапници им нанесувале неправда на праведни луѓе, но Јехова, со текот на времето, ја исправил работата и трајно ги отстранил или ќе ги отстрани последиците од неправдата. Според тоа, за да биде исправена некоја неправда, мора да го чекаме Бог (5. Мојсеева 25:16; Римјаните 12:17-19).
Зошто Јехова дозволува неправди
Јехова може дури да има и причини што не презема ништо во некоја ситуација. За да нѐ поучи како христијани, тој може да дозволи да доживееме некоја неправда. Се разбира, Бог „никого не искушува со зло“ (Јаков 1:13). Сепак, тој може да допушти да се случи некоја ситуација без да се вмеша, а на оние што ја прифаќаат таквата поука може да им даде сила да издржат. Библијата нѐ уверува: „Откако малку ќе пострадате, Богот на сета незаслужена доброта... ќе го доврши вашето обучување, ќе ве зацврсти, ќе ве зајакне“ (1. Петрово 5:10).
Исто така, со тоа што дозволува да се случи некоја неправда, Јехова му дава шанса на тој што ја нанесува неправдата да се покае. Само неколку седмици откако Исус бил погубен, некои Евреи што го слушнале прекорот од Петар биле ‚прободени в срце‘. Тие со жар ја прифатиле Божјата реч и се крстиле (Дела 2:36-42).
Се разбира, нема да се покаат сите што постапуваат неправедно. Некои дури може да бидат поттикнати да постапат уште понеправедно. Сепак, во Изреки 29:1 пишува: „Човекот кој е повеќе пати укоруван, но останува тврдоглав, одеднаш ќе се скрши, и ќе му нема лек“. Навистина, Јехова во свое време ќе дејствува и ќе ги уништи оние што упорно прават зло (Проповедник 8:11-13).
Без оглед на тоа колку време ќе ни треба за да закрепнеме од некоја неправда, можеме да бидеме уверени дека Јехова знае како да ни помогне да закрепнеме. Исто така, тој сигурно ќе ги отстрани последиците од секоја неправда што ќе ја доживееме во овој зол свет. И не само тоа. Тој ни ветил и дека на крајот ќе нѐ награди со вечен живот во новиот свет во кој „ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:13).
[Слика на страници 16 и 17]
Како ли се чувствувал Навутеј кога доживеал голема неправда?