„Големиот подарок“ на Полска
НА 6 јули 1525 год., војводата Албрехт од Хохенцолерн го прогласил лутеранството за државна религија. Така, војводска Прусија, која во тоа време била феудален имот на царството Полска, станала првата држава во Европа што официјално ги прифатила учењата на Мартин Лутер.
Албрехт сакал да го направи Конигсберг — главниот град на источна Прусија — протестантски културен центар. Во него основал универзитет и го финансирал печатењето на лутерански книги на неколку јазици. Освен тоа, во 1544 год., војводата објавил дека на Полјаците во неговите земји треба да им се чита по малку од Библијата на нивниот јазик. Меѓутоа, на полски јазик сѐ уште немало ниеден превод на Библијата.
Превод на „секојдневниот јазик“
За да ја поправи ситуацијата, Албрехт почнал да бара некој што е способен да ги преведе Христијанските грчки списи на полски јазик. Некаде во 1550 год. најмил еден писател, книжар и издавач по име Јан Секлуцјан. Секлуцјан дипломирал на универзитетот во Лајпциг и бил познат по тоа што ја иритирал католичката црква ширејќи протестантски учења. Всушност, претходно заминал во Конигсберг за да не биде изведен на суд затоа што ја ширел својата вера.
Јан Секлуцјан многу сакал да се направи превод на Библијата на полски јазик. Само една година откако Секлуцјан ја добил својата задача, биле отпечатени првите примероци на евангелието по Матеј. Ова издание вклучувало детални коментари и корисни маргинални забелешки што давале можни алтернативни преводи на некои библиски стихови. Кратко потоа, Секлуцјан го надгледувал печатењето на едно издание што ги содржело сите четири евангелија. Само за три години ги отпечатил целокупните Христијански грчки списи.
За да направи еден точен и прецизен превод, преведувачот морал да ги консултира и грчките текстови. Освен тоа, во предговорот на изданието од 1551 год. стоело дека биле консултирани латинските преводи и „преводите на некои други јазици“. Станислав Роспонд, автор на Studies on the Polish Language of the 16th Century, вели дека овој превод претставува една „прекрасна и течна проза“. Преведувачот не бил ограничен од „литературниот јазик“, вели Роспонд. Наместо тоа, настојувал да користи полски зборови што биле „многу блиски до секојдневниот говор“.
Иако Секлуцјан го надгледувал овој проект, доказите велат дека тој не бил и преведувачот. Тогаш, кој бил стручниот преведувач? Станислав Муржиновски, кој веројатно бил во своите 20-ти години кога Секлуцјан му ја дал оваа тешка задача.
Муржиновски бил роден во село, но кога пораснал, татко му го испратил во Конигсберг за да ги изучува грчкиот и хебрејскиот јазик. Потоа се запишал на универзитетот Витенберг (Германија), каде што веројатно се запознал со Мартин Лутер. Младиот студент ги слушал предавањата на Филип Меланхтон, кој без сомнение му помогнал да ги научи грчкиот и хебрејскиот јазик. Откако продолжил со студиите во Италија, Муржиновски се вратил во Конигсберг и се понудил да работи кај војводата Албрехт.
„Муржиновски работел трудољубиво и ефикасно“, пишува Марија Косовска во својата книга The Bible in the Polish Language, „но не го свртувал вниманието на себе, не барал угледна положба ниту неговото име да биде ставено на насловната страница на преводот“. Всушност, за своите способности овој млад човек напишал: „Не знам дали пишувам полошо на латински или на полски јазик“. И покрај своите сомневања, Муржиновски најмногу придонел Божјата реч да му биде достапна на полскиот читател. Неговиот пријател, Секлуцјан, го опишал преводот што го направиле како „голем подарок“ што ѝ е даден на Полска.
Еден од најголемите подароци
По првиот превод на Библијата на полски јазик, биле направени уште многу други. Во 1994 год. бил издаден Превод нов свет на Христијанските грчки списи, а во 1997 год. комплетниот Превод нов свет на Светото писмо на полски јазик. И овие преведувачи не го свртуваат вниманието на себе, и настојувале да ја пренесат Божјата реч не само точно туку и блиску до денешниот говорен јазик, а не на јазикот што се зборувал во 16 век.
Денес, целата Библија или делови од неа постојат на околу 2.400 јазици. Ако можеш да набавиш некој точен и прецизен превод на Божјата реч на твојот мајчин јазик, тоа е еден од најголемите подароци што би можел да ги добиеш, подарок од Јехова Бог со кој ќе те води во животот (2. Тимотеј 3:15-17).
[Слика на страница 20]
Споменик на Станислав Муржиновски, преведувач на „Новиот завет“ на полски јазик
[Слика на страница 21]
Поглавје 3 од евангелието по Матеј, според преводот на Станислав Муржиновски
[Извор на слика]
Dzięki uprzejmości Towarzystwa Naukowego Płockiego