Која е смислата на животот?
„Сѐ што дише нека го фали Јах!“ (ПСАЛМ 150:6).
1. Опиши како еден млад човек барал смисла во животот.
„СТУДИРАВ медицина бидејќи навистина сакав да го посветам својот живот на тоа да им помагам на луѓето. Освен тоа, си мислев дека ќе бидам среќен со статусот и заработката што ја има еден доктор“, вели Сен Јин, кој пораснал во Кореја.a „Кога сфатив колку малку, всушност, може да стори еден доктор за да им помогне на луѓето, се разочарав. Потоа почнав да студирам уметност, но другите немаа некоја голема корист од моите уметнички дела, па ми изгледаше дека тоа што го правам е себично. Затоа решив да станам професор, но наскоро сфатив дека, иако им пренесував знаење на учениците, не можев да им го дадам и водството што ќе им помогне да бидат навистина среќни.“ Исто како мнозина други, и Сен Јин сакал да пронајде вистинска смисла во животот.
2. а) Што значи да се има смисла во животот? б) Од каде знаеме дека Творецот имал добра причина зошто нѐ создал на Земјата?
2 Да имаш вистинска смисла во животот значи да има зошто да живееш, да имаш јасна цел што ќе се трудиш да ја постигнеш. Дали луѓето навистина можат да најдат таква смисла во животот? Се разбира дека можат! Тоа што сме обдарени со разум, совест и способност за размислување покажува дека Творецот имал добра причина зошто нѐ создал на Земјата. Тогаш, логично е да заклучиме дека, само ако живееме во склад со Неговата намера, ќе можеме да најдеме и да имаме вистинска смисла во животот.
3. Што вклучува Божјата намера со луѓето?
3 Библијата ни открива дека Божјата намера со нас вклучува повеќе работи. На пример, Бог покажал дека навистина несебично нѐ сака со тоа што нѐ создал на прекрасен начин (Псалм 40:5; 139:14). Затоа, за да живееме во склад со намерата за која сме создадени, и ние треба несебично да ги сакаме луѓето, исто како што ги сака Бог (1. Јованово 4:7-11). Но, треба да сме послушни и на упатствата што ни ги дава тој, бидејќи тие ни помагаат да живееме во согласност со неговата прекрасна намера за нас (Проповедник 12:13; 1. Јованово 5:3).
4. а) Што ни треба за да имаме вистинска смисла во животот? б) Која е вистинската смисла во животот на секој човек?
4 Бог имал намера луѓето да живеат среќно и да бидат во мир едни со други и со сите други созданија (1. Мојсеева 1:26; 2:15). Но, што е потребно за навистина да бидеме среќни, да се чувствуваме безбедни и да имаме душевен мир? Исто како што едно дете има потреба да биде во близина на родителите за да се чувствува среќно и безбедно, и ние треба да имаме добар однос со нашиот небесен Татко за да имаме вистинска смисла и цел во животот (Евреите 12:9). Бог ни овозможува да имаме таков близок однос со него со тоа што ни дозволува да му се приближиме и со тоа што ги слуша нашите молитви (Јаков 4:8; 1. Јованово 5:14, 15). Ако верно ‚одиме со Бог‘ и ако станеме негови пријатели, можеме да го израдуваме и да го прославиме нашиот небесен Татко (1. Мојсеева 6:9; Изреки 23:15, 16; Јаков 2:23). Тоа е вистинската смисла во животот на секој човек. Псалмистот напишал: „Сѐ што дише нека го фали Јах!“ (Псалм 150:6).
Која е смислата на твојот живот?
5. Зошто не е мудро да ги ставиме материјалните работи на прво место?
5 Меѓу другото, Бог имал намера човекот добро да се грижи за себе и за своето семејство. Ова значи да се грижиме и за телесните и за духовните потреби. Но, потребно е да бидеме урамнотежени во овој поглед и да не дозволиме световните интереси и грижи да ни ги засенат поважните духовни работи (Матеј 4:4; 6:33). За жал, на многу луѓе животот им се врти само околу стекнување материјални работи. Меѓутоа, не е мудро да настојуваме да ги задоволиме сите наши потреби само со материјални работи. Една неодамнешна анкета спроведена над милионери во Азија открива дека многу од нив „ чувствуваат несигурност и загриженост иако имаат висока положба во општеството и се сметаат за успешни затоа што се богати“ (Проповедник 5:11).
6. Каков совет им дал Исус на луѓето што си трупале материјално богатство?
6 Исус рекол дека ‚богатството е примамливо‘ (Марко 4:19). Во која смисла е примамливо и како може да излаже? Па, тоа остава впечаток дека човек може да биде среќен ако го има но, всушност, не е така. „Кој го љуби среброто, никогаш не му е доста сребро“, рекол мудриот цар Соломон (Проповедник 5:10). Сепак, дали е можно некој да си трупа материјално богатство и истовремено да му служи на Бог со сета душа? Не, такво нешто не е можно. Исус објаснил: „Никој не може да им робува на двајца господари, зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака, или ќе биде приврзан кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да му робувате и на Бог и на богатството“. Исус ги советувал своите следбеници да престанат да си собираат материјално богатство на Земјата и да си собираат „богатство на небото“, односно да стекнат добро име кај Бог, кој ‚знае што ни треба уште пред да го замолиме‘ (Матеј 6:8, 19-25).
7. Како можеме ‚да го освоиме вистинскиот живот‘?
7 Во врска со ова, апостол Павле му дал еден многу добар совет на својот соработник Тимотеј. Тој му напишал: „На оние што се богати... заповедај им... да не се потпираат на несигурното богатство, туку на Бог, кој богато ни дава сѐ за да уживаме во тоа... да бидат дарежливи, спремни да го делат со другите она што го имаат. Со тоа ќе го собираат она богатство што е добар темел за иднината, за да го освојат вистинскиот живот“ (1. Тимотеј 6:17-19).
Што е „вистинскиот живот“?
8. а) Зошто мнозина трчаат по богатство и сакаат да бидат некој и нешто во општеството? б) Што не успеваат да сфатат таквите луѓе?
8 Кога ќе се каже „вистинскиот живот“, повеќето луѓе си замислуваат живот исполнет со луксуз и задоволства. Во едно азиско списание пишувало: „Оние што гледаат филмови и телевизија почнуваат да го посакуваат она што го гледаат и да сонуваат за она што би можеле да го имаат“. Смислата во животот на многу луѓе им е да стекнат богатство и да бидат некој и нешто во општеството. Во трката по богатство, мнозина од нив ја жртвуваат својата младост, здравје, семејство и духовни вредности. Малкумина си го ставаат прстот на чело за да размислат дека луксузот и задоволствата што се прикажуваат во медиумите се само одраз на „духот на светот“, односно начинот на размислување кој влијае врз милијардите луѓе на Земјата и ги тера да постапуваат спротивно на намерата за која нѐ создал Бог (1. Коринќаните 2:12; Ефешаните 2:2). Не е ништо чудно што денес има толку несреќни луѓе! (Изреки 18:11; 23:4, 5).
9. Што нема никогаш да постигнат луѓето, и зошто?
9 А што е со оние кои несебично се даваат за доброто на другите, трудејќи се да им стават крај на гладот, болестите и неправдите? Со своите благородни и самопожртвувани напори честопати успеваат да им направат добро на многу луѓе. Сепак, и покрај тоа што имаат најдобри намери, тие никогаш нема да успеат да го променат овој поредок за да има правда и да им биде добро на сите. Зошто? Затоа што „целиот свет е под власта на Злобниот“ — Сатана — а тој не сака овој свет да се смени (1. Јованово 5:19).
10. Кога верните луѓе ќе уживаат во „вистинскиот живот“?
10 Колку е жално ако човек не се надева на ништо друго освен на животот во овој свет! „Ако само во овој живот се надеваме на Христос, најмногу сме за жалење од сите луѓе“, напишал Павле. „Да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме“, е мотото на оние што мислат дека со овој живот завршува сѐ (1. Коринќаните 15:19, 32). Но, ни претстои иднина, бидејќи „според [Божјето] ветување очекуваме нови небеса и нова земја во кои ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:13). Тогаш христијаните, како совршени луѓе, ќе можат да уживаат во „вистинскиот живот“, односно „вечниот живот“ — или на небото или под прекрасната влада на Божјето Царство (1. Тимотеј 6:12).
11. Зошто вршењето на Божјата волја во поврзаност со Божјето Царство му дава вистинска смисла на животот?
11 Само Божјето Царство може успешно да ги реши сите човечки проблеми. Затоа, највозвишената цел што може да си ја постави некој е да се труди да ја врши Божјата волја давајќи му ја својата поддршка на тоа Царство (Јован 4:34). Додека го извршуваме ова дело, градиме скапоцен однос со нашиот небесен Татко. Освен тоа, се радуваме што служиме рамо до рамо со милиони духовни браќа и сестри, кои имаат иста цел во животот.
Да се направат вистинските жртви
12. Која е разликата помеѓу животот во сегашниов свет и „вистинскиот живот“?
12 Библијата вели дека денешниот свет и неговата желба поминуваат. Ниту еден дел од Сатановиот свет, вклучувајќи ја и сета негова слава и богатство, нема да бидат поштедени од уништување. Само ‚оној што ја врши Божјата волја, ќе остане засекогаш‘ (1. Јованово 2:15-17). За разлика од несигурното богатство, минливата слава и површните задоволства што ги нуди сегашниов свет, „вистинскиот живот“ — вечниот живот под владата на Божјето Царство — нема да помине и затоа вреди да правиме жртви за да го добиеме, но под услов тоа да се вистинските жртви.
13. Како еден брачен пар ги направил вистинските жртви?
13 Размисли за она што го направиле Хенри и Сузана. Тие имаат потполна доверба во Божјето ветување дека Тој ќе им помогне на сите што ќе го стават Царството на прво место во животот (Матеј 6:33). Затоа решиле да живеат во скромен дом за да можат да посветат повеќе време во службата за Бог заедно со своите две ќерки наместо и двајцата да одат на световна работа (Евреите 13:15, 16). Една добронамерна пријателка не можела да ја разбере нивната одлука. Таа ѝ рекла на Сузана: „Сузе, душо, ако сакаш да живееш во поубава куќа, мора да жртвуваш нешто!“ Но, Хенри и Сузана добро знаеле дека Јехова „ветува живот — сегашен и иден“ за оние што на прво место го ставаат Него (1. Тимотеј 4:8; Тит 2:12). Кога пораснале, нивните ќерки станале ревносни полновремени проповедници. Како семејство, тие се уверени дека не пропуштиле ништо во животот. Напротив, многу се среќни затоа што си поставиле за цел да го добијат „вистинскиот живот“ (Филипјаните 3:8; 1. Тимотеј 6:6-8).
‚Не користете го светот во потполност‘
14. Какви страшни последици може да претрпиме ако ја изгубиме од вид вистинската смисла на нашиот живот?
14 Ќе се најдеме во голема опасност ако изгубиме од вид која е вистинската смисла на животот и ако дозволиме други работи да ни го одвлечат вниманието од „вистинскиот живот“. Тогаш постои опасност да бидеме „одвлечени од грижите, од богатството и од задоволствата на овој живот“ (Лука 8:14). Поради неконтролираната желба за материјални работи и поради ‚грижите околу издршката‘, би можеле длабоко да загазиме во овој свет (Лука 21:34, фуснота). За жал, некои дозволиле толку да се преокупираат со мислата за заработувачка што ‚одлутале од верата и си нанеле многу маки‘, па дури го изгубиле и својот скапоцен однос со Јехова. Колку скапо платиле што попуштиле во својата решеност да го „освојат вистинскиот живот“! (1. Тимотеј 6:9, 10, 12; Изреки 28:20).
15. Каква радост доживеало едно семејство поради тоа што ‚не го користело светот во потполност‘?
15 Павле ги советувал „оние што го користат светот... да не го користат во потполност“ (1. Коринќаните 7:31). Кит и Бони го послушале овој совет. „Станав Јеховин сведок отприлика во исто време кога завршив стоматологија“, раскажува Кит. „Имав избор. Можев да имам многу пациенти и добро да заработувам, но тоа ќе ни пречеше во службата за Бог. Решив да го ограничам бројот на пациенти за да можам да се грижам за духовното и емоционалното добро на моето семејството — на жена ми и моите пет ќерки. Иако ретко имавме пари настрана, научивме да трошиме помалку и секогаш го имавме она што ни требаше. Во нашето семејство владееше блискост, срдечност и радост. На крајот, сите почнавме со полновремена служба. Сега нашите ќерки се среќно омажени, а три од нив имаат деца. И нивните семејства се среќни затоа што и тие ја ставаат Јеховината намера на прво место во животот.“
Стави ја Божјата намера на прво место во животот
16, 17. За кои надарени луѓе зборува Библијата, и по што се познати тие?
16 Во Библијата има примери на лица кои живееле во склад со Божјата намера, но и на такви кои не живееле како што сака Бог. Поуката од тие примери важи за луѓе од сите возрасти, кои потекнуваат од различни култури и живеат во различни услови (Римјаните 15:4; 1. Коринќаните 10:6, 11). Нимрод изградил големи градови, но со тоа му се противел на Јехова (1. Мојсеева 10:8, 9). Сепак, има и многу други добри примери. На пример, на Мојсеј не му било главна цел во животот да ја задржи својата висока положба на египетскиот двор. Напротив, тој ја сметал задачата што му ја дал Бог за „поголемо богатство од египетските ризници“ (Евреите 11:26). Лекарот Лука веројатно им помагал на Павле и на други луѓе кога биле болни. Но, најдоброто нешто што го направил е тоа што проповедал и напишал две книги од Библијата. Павле, пак, не е познат како добар познавач на Законот, туку како мисионер, „апостол испратен кај другите народи“ (Римјаните 11:13).
17 Давид не е познат главно како воен заповедник или музичар и композитор туку како „човек според [Божјето] срце“ (1. Самоилова 13:14). Даниел не ни е познат како управител на царството во Вавилон, туку како верен Јеховин пророк. Естира не ни е позната како царица на Персија, туку како пример за храброст и вера. Петар, Андреј, Јаков и Јован не ни се познати како успешни рибари, туку како апостоли на Исус. И, на крајот, самиот Исус за нас не е „дрводелецот“, туку „Христос“ (Марко 6:3; Матеј 16:16). На сите овие луѓе им било многу јасно дека, сеедно какви дарби, богатство или положба имале, во средиштето на нивниот живот не требало да биде некаква световна кариера, туку нивната служба за Бог. Тие знаеле дека најблагородната и највозвишена цел што можеле да си ја постават во животот била да му угодат на Бог.
18. Како решил да го искористи својот живот еден млад христијанин, и што сфатил?
18 И Сен Јин, кој беше спомнат во почетокот, го сфатил ова. „Наместо да ја посветам сета своја сила на медицината, уметноста или учителската професија, решив да го искористам својот живот во склад со ветувањето што му го дадов на Бог“, вели тој. „Сега служам во место каде што има голема потреба од луѓе што поучуваат за Библијата, и им помагам на другите да го најдат патот што води до вечен живот. Порано си мислев дека и не е некој предизвик да бидеш полновремен проповедник. Но, сега животот навистина ми е исполнет со предизвици, бидејќи се трудам да се подобрам како личност и да ја подобрам способноста да поучувам луѓе од различни култури. Сфаќам дека животот има вистинска смисла само ако живееме во склад со Јеховината намера.“
19. Како може нашиот живот да има вистинска смисла?
19 Нам, како на христијани, ни е доверено животоспасувачко знаење и дадена ни е надеж за спасение (Јован 17:3). Затоа, ‚да не пропуштиме да ја исполниме целта на Божјата незаслужена доброта која ја примивме‘ (2. Коринќаните 6:1). Наместо тоа, да ги користиме скапоцените денови и години од нашиот живот за да го фалиме Јехова. Да го шириме насекаде знаењето кое ни носи вистинска среќа уште сега и ќе води до вечен живот во иднина. Ако правиме така, ќе се увериме од прва рака дека се точни зборовите што ги кажал Исус: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Само тогаш нашиот живот ќе има вистинска смисла.
[Фуснота]
a Некои имиња се сменети.
Можеш ли да објасниш?
• Која е вистинската смисла на нашиот живот?
• Зошто не е мудро да се живее за материјалните работи?
• Што е „вистинскиот живот“ кој го ветува Бог?
• Како можеме да го користиме својот живот во склад со Божјата намера?
[Слики на страница 18]
Христијаните треба да ги направат вистинските жртви