Да живееме во склад со Божјата намера денес
„[Христос] умре за сите, за оние што живеат да не живеат повеќе за себе“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 5:15).
1. Раскажи го искуството што го имал еден мисионер додека служел во Африка.
„НИЕ бевме првите што влегоа со цивилно возило во едно зафрлено африканско село откако заврши граѓанската војна“, вели еден мисионер кој се вика Арон.a „Врските со малото собрание во селото беа прекинати, па затоа моравме да се погрижиме за потребите на тамошните браќа. Освен храна, облека и библиска литература, им ја однесовме и видеокасетата Јеховини сведоци — организацијата зад името.b Толку многу заинтересирани лица дојдоа да ја гледаат во селското ‚кино‘ — голема сламена колиба во која беа поставени телевизор и видеорекордер — што моравме да ја пуштиме двапати. По двете прикажувања многу од селаните изразија желба да ја проучуваат Библијата. Навистина вредеше што вложивме толкав труд да дојдеме.“
2. а) Зошто христијаните се решени да го користат својот живот во службата за Бог? б) Кои прашања ќе ги разгледаме сега?
2 Зошто Арон и неговите сопатници се нафатиле на една толку тешка задача? Затоа што, во знак на благодарност за откупната жртва на Исус Христос, тие му го ветиле својот живот на Бог и сакаат да го користат во склад со Божјата намера. Исто како нив, сите крстени христијани се решени „да не живеат повеќе за себе“, туку да прават сѐ што можат за „добрата вест“ (2. Коринќаните 5:15; 1. Коринќаните 9:23). Тие знаат дека, кога ќе му истече времето на сегашниов поредок, секоја висока положба и сите пари во овој свет ќе бидат безвредни. Затоа, сѐ додека се живи и имаат релативно добро здравје, тие сакаат да се трошат служејќи во склад со Божјата намера (Проповедник 12:1). Како можеме да го правиме тоа? Што може да нѐ охрабри и да ни даде сила да постапуваме така? И кои сѐ видови служба ни стојат на располагање?
Преземај практични чекори
3. Кои основни чекори се вклучени во вршењето на Божјата волја?
3 За вистинските христијани, вршењето на Божјата волја е животен позив. Обично во почетокот секој од нас треба да направи неколку основни чекори — да се запише во Теократската школа за служба, секојдневно да ја чита Библијата, да почне да проповеда и да напредува до крштавање. Додека напредуваме, ги имаме на ум зборовите на апостол Павле: „Размислувај за тоа, сиот посвети се на тоа, за твојот напредок да им биде видлив на сите“ (1. Тимотеј 4:15). Со таквиот напредок не сакаме да се истакнуваме туку тоа е знак дека сме решени несебично да ја вршиме Божјата волја. Ако постапуваме така, покажуваме дека оставаме Бог да нѐ води во сите работи во животот, а тој го прави тоа далеку подобро отколку што можеме самите ние (Псалм 32:8).
4. Како можеме да ги совладаме непотребните стравови?
4 Меѓутоа, ако се двоумиме или ако премногу мислиме на себе, нашиот напредок во службата за Бог може да се забави (Проповедник 11:4). Затоа, пред да ја почувствуваме вистинската радост од тоа што им служиме на Бог и на другите, прво мора да ги совладаме сопствените стравови. На пример, Ерик размислувал да служи во собрание на странски јазик. Но, се прашувал: ‚Како ќе се вклопам? Ќе ги засакам ли браќата? Дали тие ќе ме засакаат?‘ Тој вели: „На крајот сфатив дека треба повеќе да мислам на браќата отколку на себе. Решив да престанам да се грижам и едноставно да почнам несебично да се давам на секој можен начин. Се помолив за помош и почнав да постапувам така. Сега навистина уживам во мојата служба таму“ (Римјаните 4:20). Значи, колку повеќе несебично им служиме на Бог и на другите, толку порадосни и позадоволни од службата ќе бидеме.
5. Зошто треба внимателно да планираме за да живееме во склад со Божјата намера? Наведи пример.
5 За да живееме во склад со Божјата намера, мораме и внимателно да ги планираме своите чекори. Ќе биде мудро да не си трупаме долгови кои можат да нѐ направат робови на овој свет и да нѐ ограничат во вршењето на Божјето дело. Библијата нѐ потсетува: „Кој зема на заем, слуга му е на оној што му го дава заемот“ (Изреки 22:7). Целта ќе ни остане пред очите само ако имаме доверба во Јехова и ако ги ставаме духовните работи на прво место. На пример, Гуоминг и неговите две сестри живеат заедно со мајка им во место каде што кириите се високи и каде што е тешко да се најде работа. Со тоа што внимателно ги користат парите и си ги делат трошоците, го имаат она што им е потребно дури и тогаш кога сите немаат работа. „Има периоди кога не носи секој од нас плата дома“, вели Гуоминг. „Сепак, успеваме да продолжиме со пионерската служба и добро да се грижиме за нашата мајка. Среќни сме што мајка ми не бара од нас да прекинеме со полновремената служба за таа да води луксузен живот“ (2. Коринќаните 12:14; Евреите 13:5).
6. Кој пример ни покажува како можеме да го доведеме својот живот во склад со Божјата намера?
6 Ако веќе си зафатен со многу световни цели — финансиски или други — ќе треба да направиш прилично големи промени за да ја ставиш Божјата намера на прво место. Таквите промени обично не се прават прекуноќ, и не треба да се разочараш ако во почетокот направиш некои грешки. Земи го, на пример, Коичи, кој трошел премногу време на разонода. Кога бил тинејџер тој ја проучувал Библијата, но подоцна, со години видеоигрите му биле најважното нешто во животот. Еден ден Коичи си рекол: ‚Што правиш, човеку? Веќе имаш над 30 години, а твојот живот сѐ уште нема никаква смисла!‘ Почнал повторно да ја проучува Библијата и ја прифатил помошта од собранието. Иако промените ги правел постепено, тој не кренал раце. Со многу молитви и со грижлива помош од другите, конечно успеал да се ослободи од својата опсесија (Лука 11:9). Коичи сега радосно служи како слуга помошник.
Научи да бидеш урамнотежен
7. Зошто треба да бидеме урамнотежени додека го извршуваме Божјето дело?
7 Треба да ја вршиме Божјата волја со сета душа. Никогаш не треба да се штедиме или да бидеме мрзливи додека му служиме на Бог (Евреите 6:11, 12). Но, Јехова не сака ни да папсаме од умор — физички, умствено или емоционално. Ако скромно признаеме дека не можеме да го вршиме Божјето дело со наша сопствена сила, ние всушност го славиме Бог и покажуваме дека сме урамнотежени (1. Петрово 4:11). Иако Јехова ни ветува дека ќе ни ја даде потребната сила за да ја вршиме неговата волја, ние, од наша страна, не смееме да се напрегаме над нашите можности и да се обидуваме да го правиме и она што тој не го бара од нас (2. Коринќаните 4:7). За да му служиме на Бог а притоа да не се исцрпиме, мора мудро да ја трошиме својата сила.
8. Што се случило кога една млада христијанка се обидела да го даде своето најдобро и за светот и за Јехова, и какви промени направила таа?
8 На пример, Џи Хе, која живее во Источна Азија, две години била пионер и истовремено работела на многу стресно работно место. „Се обидов да им го дадам најдоброто и на Јехова и на светот“, вели таа, „но секој ден спиев само по пет часа. На крајот немав умствена сила за вистината и не можев да уживам во службата за Јехова.“ За да му служи на Јехова со ‚сето срце, душа, ум и сила‘, Џи Хе се потрудила да најде работа што не била толку напорна (Марко 12:30). „И покрај тоа што семејството ми врши притисок да најдам подобро платено работно место, јас се трудам да ја ставам Божјата волја на прво место“, вели таа. „Сѐ уште заработувам доволно за да ги имам основните работи, како што е пристојната облека. И колку е убаво да си наспан! Сега навистина уживам во службата и се чувствувам духовно појака. Ова го постигнав затоа што не сум толку изложена на привлечноста на светот и на работите во него што можат да ми го одвратат вниманието“ (Проповедник 4:6; Матеј 6:24, 28-30).
9. Како може нашиот труд да влијае врз луѓето на кои им проповедаме?
9 Можеби секој од нас не може да му служи на Јехова како полновремен проповедник. Ако мораш да се бориш со староста, слабото здравје или други ограничувања, не заборавај дека Јехова многу ја цени твојата верност и се радува што му служиш со сета душа, сеедно колку малку ти изгледа тоа (Лука 21:2, 3). Според тоа, никој од нас не треба да го потценува ефектот кој може да го има врз другите она што го правиме, дури и ако тоа е многу малку. На пример, да речеме дека сме биле на неколку врати и не сме нашле никого кој изгледал заинтересиран за нашата порака. Сепак, откако ќе заминеме, можеби станарите ќе зборуваат со часови или со денови за нашата посета, дури и ако воопшто не ни ја отвориле вратата! Иако не очекуваме да ја прифатат добрата вест сите што ќе ја слушнат, некои сепак ќе ја прифатат (Матеј 13:19-23). Други можеби ќе ја прифатат подоцна, кога ќе се сменат околностите во светот или во нивниот живот. Како и да е, кога го правиме она што можеме во јавната служба, ние го вршиме Божјето дело. Тогаш сме „Божји соработници“ (1. Коринќаните 3:9).
10. Што може да прави секој во собранието?
10 Освен тоа, сите можеме да им помагаме на другите членови во семејството, како и на нашите духовни браќа и сестри (Галатите 6:10). Нашето добро влијание врз другите може да има силен и траен ефект (Проповедник 11:1, 6). Кога старешините и слугите помошници совесно ги извршуваат своите должности, придонесуваат за духовното здравје и за стабилноста на собранието, и така тоа може да биде уште поактивно. Библијата нѐ уверува дека, ако сме „зафатени во делото на Господарот“, нашиот труд „не е залуден“ (1. Коринќаните 15:58).
Вршењето на Божјата волја нека биде твој животен позив
11. Кои видови служба ни стојат на располагање надвор од нашето собрание?
11 Како христијани, ние му се радуваме на животот и сакаме да го славиме Бог со сѐ што правиме (1. Коринќаните 10:31). Кога верно се посветуваме на проповедањето на добрата вест за Царството и ги поучуваме другите да држат сѐ што заповедал Исус, имаме можност радосно да му служиме на Бог во најразлични видови служба (Матеј 24:14; 28:19, 20). Освен тоа што можеме да служиме во своето собрание, можеби ќе има можност да служиме и таму каде што има поголема потреба, сеедно дали на друго подрачје, на друг јазик или во друга земја. Оспособени старешини и слуги помошници кои сѐ уште не се женети можат да бидат повикани на Школата за организациско оспособување, а потоа да служат онаму каде што има потреба да помогнат зрели христијани, било во нивната земја било во странство. Брачните парови кои се во полновремена служба можат да ги исполнат условите да одат на мисионерската школа Гилеад и да служат во странство. Освен тоа, секогаш има потреба од доброволци кои можат да вршат најразлични задачи во Бетел и во изградбата и одржувањето на местата за состаноци и на подружниците.
12, 13. а) Како можеш да избереш на која служба ќе ѝ се посветиш? б) Наведи пример за тоа како може искуството стекнато со вршење на една задача да се искористи и за други задачи.
12 Кој вид служба би можел да си го поставиш како цел? Како крстен слуга на Јехова, секогаш барај водство од него и од неговата организација. Неговиот „добар дух“ ќе ти помогне да го направиш вистинскиот избор (Неемија 9:20). Една задача честопати води до друга, а искуството и вештините што ќе ги стекнеш во еден вид служба можат да се искористат и за некоја друга задача во иднина.
13 На пример, Денис и неговата жена, Џени, редовно учествуваат во проектите за градба на Сали на Царството. Кога ураганот Катрина го погоди југот на Соединетите Држави, тие се пријавиле како доброволци во акцијата за помош. Денис вели: „Бевме пресреќни што можевме да ги употребиме вештините кои ги научивме додека градевме Сали на Царството за да им помогнеме на нашите браќа. Нѐ трогна до солзи благодарноста на оние на кои им помагавме. Повеќето други групи што помагаа немаа толкав успех во обновувањето на домовите на луѓето. Јеховините сведоци веќе поправија или повторно изградија повеќе од 5.300 домови, како и многу Сали на Царството. Луѓето го гледаат ова и сега повеќе се интересираат за нашата порака“.
14. Што треба да правиш ако сакаш да започнеш со полновремена служба?
14 Би можел ли да ја вршиш Божјата волја така што ќе ја избереш полновремената служба за твој животен позив? Ако го сториш тоа, сигурно ќе имаш многу благослови. Доколку твоите сегашни околности не ти го дозволуваат ова, види дали може да направиш извесни промени. Моли се како што се молел и Неемија кога со сета душа копнеел да се зафати со една важна задача: „О Јехова... те молам, помогни му денес на својот слуга да успее“ (Неемија 1:11). А потоа, имајќи целосна доверба во оној „што ги слуша молитвите“, почни да работиш во склад со она за што си се молел (Псалм 65:2). Ако сакаш Јехова да го благослови трудот што го вложуваш за да му служиш во поголема мера, прво мора да направиш нешто. Штом еднаш се решиш да започнеш со полновремената служба, цврсто држи се за својата одлука. Со текот на времето, ќе стекнуваш сѐ поголемо искуство и ќе бидеш уште порадосен.
Живот што навистина вреди да се живее
15. а) Каква корист ќе имаме ако разговараме со оние што долги години му служат на Бог и ако читаме за нив? б) Наведи пример за некоја животна приказна што особено те охрабрила.
15 Што можеш да очекуваш ако живееш во склад со Божјата намера? Па, разговарај со лица што веќе долги години му служат на Јехова, особено со оние што поминале многу години во полновремена служба. Колку исполнет и смисловен е нивниот живот! (Изреки 10:22). Од нивна уста ќе чуеш дека Јехова секогаш им помагал кога се наоѓале во тешки околности и им го давал она што им било потребно, а и многу повеќе од тоа (Филипјаните 4:11-13). Од 1955 до 1961 год., во Стражарска кула излегуваше една рубрика со наслов „Смислата на мојот живот“, во која беа раскажани животните приказни на многу верни лица. Оттогаш наваму беа објавени стотици други животни приказни. Во секоја од нив се чувствуваат ревноста и радоста кои се многу карактеристични за библиската книга Дела. Ако ги читаш тие возбудливи извештаи, ќе бидеш поттикнат да кажеш: ‚Е таков живот сакам да живеам и јас!‘
16. Зошто христијаните водат исполнет и среќен живот?
16 Арон, кој беше спомнат во почетокот, раскажува: „Во Африка често имав прилики да сретнам луѓе што лутаа од едниот до другиот крај на земјата барајќи смисла во животот. Повеќето од нив никогаш не ја најдоа. А ние живеевме во склад со Божјата намера проповедајќи ја добрата вест за Царството и водевме многу интересен и исполнет живот. Искусивме на своја кожа дека повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).
17. Зошто уште сега мора да живееме во склад со Божјата намера?
17 А што правиш ти? Која е смислата на твојот живот? Ако немаш јасно зацртани духовни цели, времето може брзо да ти летне на други работи и сета сила ќе ти отиде на нив. Зошто да го потрошиш својот скапоцен живот градејќи кули од песок во Сатановиот свет? Во многу блиска иднина, кога ќе започне ‚големата неволја‘, материјалното богатство и положбата во светот ќе бидат потполно безвредни. Најважно ќе биде само нашето пријателство со Јехова. Колку благодарни ќе бидеме тогаш што сме му служеле на Бог и на другите, и што со сета душа сме служеле живеејќи во склад со Божјата намера! (Матеј 24:21; Откровение 7:14, 15).
[Фусноти]
a Некои имиња се сменети.
b Издадена од Јеховините сведоци.
Можеш ли да објасниш?
• Како гледа Јехова на нашата служба за него?
• Како тоа што сме практични и урамнотежени ќе ни помогне да им служиме на Бог и на другите?
• Во кои видови служба би можеле да учествуваме?
• Како може нашиот живот денес да има вистинска смисла?
[Слики на страница 23]
Потребно е да бидеме урамнотежени за да продолжиме да му служиме на Јехова со сета душа
[Слики на страница 24]
Постојат различни видови на света служба