Сиракуза — попатна станица на Павле
ОКОЛУ 59 год. од н.е., еден брод отпловил од водите на средоземноморскиот остров Малта и се упатил кон Италија. На неговиот клун стоел знакот на „Синовите на Зевс“, божества кои се сметале за заштитници на морепловците. Во Библијата, Лука запишал дека бродот ‚допловил во Сиракуза‘, на југоисточниот брег на Сицилија, и ‚останал таму три дена‘ (Дела 28:11, 12). Заедно со Лука, на бродот биле Аристарх и апостол Павле, кој одел на судење во Рим (Дела 27:2).
Не знаеме дали Павле смеел да слезе од бродот во Сиракуза. Ако тој или Лука и Аристарх слегле, што виделе?
Во грчко и римско време, по важност Сиракуза можела да се мери со Атина и Рим. Се вели дека била основана од коринќаните во 734 год. пр.н.е. Имало времиња кога била многу славна, а во неа се родиле и некои познати личности, како драмскиот писател Епикарм и математичарот Архимед. Во 212 год. пр.н.е., Сиракуза ја освоиле Римјаните.
Ако ја посетиш Сиракуза, донекаде ќе добиеш слика како изгледала во времето на Павле. Градот бил поделен на два дела — едниот се наоѓал на малиот остров Ортиџија, каде најверојатно и запрел бродот со кој патувал Павле, а другиот се наоѓал на копното.
На островот сѐ уште постојат остатоци од најстариот храм на Сицилија, храмот на Аполо, изграден во дорски стил во 6 век пр.н.е. Преживеале и некои од столбовите на храмот посветен на Атина, кој потекнува од 5 век пр.н.е., и денес тие се дел од една катедрала.
Центарот на денешна Сиракуза е во копнениот дел од градот, каде може да се разгледаат и остатоците од грчката населба Неапол. Покрај нејзиниот влез се наоѓа грчкиот театар, кој е еден од највпечатливите, типични театри од грчко време зачувани до денес. Со поглед на морето, тој нудел театарски изведби со спектакуларна заднина. Во најјужниот дел на древната населба се наоѓа римски амфитеатар од 3 век од н.е. Тој има овална форма и, со својата должина од 140 метри и ширина од 119 метри, е трет по големина во Италија.
Ако ти се укаже можност да појдеш во Сиракуза, седни на некоја од клупите крај пристаништето Ортиџија, отвори ја Библијата во Дела 28:12 и замисли си го апостол Павле застанат на палубата од бродот кој полека влегува во својата попатна станица.
[Графикон/карта на страница 30]
(Види во публикацијата)
Малта
Сицилија
Сиракуза
ИТАЛИЈА
Регија
Путеоли
Рим
[Слика на страница 30]
Урнатини од грчкиот театар во Сиракуза