ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w07 1/12 стр. 12-16
  • На пат кон новиот свет

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • На пат кон новиот свет
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Посеано е семето
  • На море
  • Една посебна задача
  • Животот ми се смени
  • Огромна задача
  • Значаен настан во мојот живот
  • Поучен од Јехова уште од мојата младост
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
w07 1/12 стр. 12-16

Животна приказна

На пат кон новиот свет

Раскажал Џек Прамберг

Во близината на Арбога, мало живописно гратче во Централна Шведска, Јеховините сведоци имаат подружница во која работат преку 80 доброволци. Таму живееме и работиме јас и мојата жена Карин. Како се најдовме овде?

КОН крајот на 19 век, една 15-годишна Швеѓанка емигрирала во Соединетите Држави. Во прифатилиштето за доселеници во Њујорк се запознала со еден морнар од Шведска. Меѓу нив се родила љубов, склопиле брак и им се родил син — јас. Тоа се случило во Бронкс (Њујорк, САД) во 1916 год., за време на Првата светска војна.

Кратко потоа сме се преселиле во Бруклин, само неколку улици подалеку од Бруклин Хајтс. Подоцна татко ми ми кажа дека јас и тој сме пуштиле макета на брод во близината на Бруклинскиот мост, кој може да се види од светското седиште на Јеховините сведоци. Ни на крај памет не ми паѓаше дека дејноста што се извршуваше таму ќе влијае врз мојот живот.

Во 1918 год. заврши Првата светска војна, и бесмислениот колеж во Европа привремено запре. Војниците се враќаа дома за да се соочат со два нови непријатела: невработеноста и сиромаштијата. Татко ми си мислеше дека ќе биде најдобро да се вратиме во Шведска, и тоа го сторивме во 1923 год. Се населивме во Ерикстад, селце во близина на една железничка станица, во областа Далсланд. Таму татко ми отвори машинска работилница, и таму пораснав и се школував.

Посеано е семето

Бизнисот на татко ми не одеше добро. Затоа, во почетокот на 1930-тите, повторно стана морнар. Останавме сами — мајка ми со многуте грижи и јас со мојата работилница. Еден ден, мајка ми појде кај тетин ми Јохан. Загрижена поради условите во светот, го прашала: „Јохан, дали секогаш ќе биде вака?“

„Не, Рут“, ѝ одговорил тој. Ѝ зборувал за Божјето ветување дека ќе му стави крај на злото и дека ќе воспостави една праведна влада над целата Земја преку едно Царство, чиј Цар ќе биде Исус Христос (Исаија 9:6, 7; Даниел 2:44). Ѝ објаснил дека тоа Царство, за кое Исус нѐ учел да се молиме, е праведна влада што ќе донесе рај на Земјата (Матеј 6:9, 10; Откровение 21:3, 4).

Тие ветувања од Библијата веднаш ѝ влегле на мајка ми в срце. Си заминала дома благодарејќи му  на Бог на секој чекор. Меѓутоа, татко ми и јас не бевме воодушевени што мајка ми почна да се интересира за религија. Некаде во тоа време, во средината на 1930-тите, се преселив во Тролхетан, во Западна Шведска, каде што најдов работа во една голема фабрика. Наскоро таму се преселија и мајка ми и татко ми, кој штотуку се беше вратил дома од море. Така, нашата фамилија повторно беше заедно.

За да го задоволи својот духовен глад, мајка ми ги побара Јеховините сведоци. Во тоа време тие се собираа во приватни домови, исто како што правеле и првите христијани (Филимон 1, 2). Еден ден дошло ред состанокот да се одржи кај мајка ми. Загрижена, таа го праша татко ми дали може да ги покани своите пријатели. Тој ѝ одговори: „Твоите пријатели се и мои пријатели“.

Оттогаш, вратата на нашиот дом беше отворена. Кога ќе дојдеа луѓето, јас излегував. Но, по кратко време почнав да останувам. Срдечноста на Сведоците и нивното реалистично и трезвено размислување ги растераа сите предрасуди што ги имав. Во моето срце почна да расте едно семе — надежта за иднината.

На море

Веројатно ја имав наследено од татко ми желбата да бидам морнар, па и јас заминав на море. Но, сѐ повеќе ме интересираа и духовните работи. Кога ќе влезевме во некое пристаниште, секогаш се обидував да ги најдам Јеховините сведоци. Во Амстердам (Холандија), отидов во една пошта за да прашам каде да ги најдам. По кратка дискусија, добив една адреса и веднаш се упатив таму. На вратата срдечно ме пречека едно 10-годишно девојче. Јас бев туѓинец, па сепак веднаш се почувствував близок со неа и нејзината фамилија — искусив како е да се биде дел од едно прекрасно меѓународно братство!

Иако не зборувавме ист јазик, кога тие извадија календар и возен ред и почнаа да ми цртаат мапа, сфатив дека ќе има конгрес во блискиот град Харлем. Отидов таму, макар што не разбрав ниту збор. Сепак, многу ми се допадна. Кога видов како Сведоците делат покани за јавното предавање што требаше да се одржи во недела, посакав и јас да поделам некоја. Затоа ги собирав поканите што луѓето ги фрлаа и им ги давав на други луѓе.

Еднаш стигнавме со брод во Буенос Аирес (Аргентина), каде што ја најдов подружницата на Јеховините сведоци. Внатре имаше една канцеларија и едно складиште. На една работна маса, една жена седеше и плетеше, а едно девојченце, веројатно нејзина ќерка, си играше со кукла. Беше доцна, и еден човек земаше книги од една полица. Таму беше и книгата Создавање на шведски јазик. Кога ги видов нивните среќни, насмеани лица, посакав да бидам Јеховин сведок.

На пат за дома, нашиот брод ја прими посадата од еден канадски воен авион што се урнал во близина на Њуфаундленд. По неколку дена стигнавме во близина на Шкотска, каде што нѐ зароби еден англиски воен брод. Нѐ одведоа на сослушување во Керквол, на Оркниските Острови. Беше започната Втората светска војна, и Хитлеровите нацистички трупи ја нападнаа Полска во септември 1939 год. По неколку дена нѐ пуштија, и се вративме во Шведска без никакви проблеми.

Се вратив дома не само дословно туку и духовно. Сега навистина сакав да му припаѓам на Божјиот народ и не сакав да ги пропуштам состаноците (Евреите 10:24, 25). Мило ми е кога ќе се сетам дека, како морнар, секогаш им сведочев на другите морнари, а знам дека еден од нив стана Сведок.

Една посебна задача

Во почетокот на 1940 год., ја посетив подружницата на Јеховините сведоци во Стокхолм. Ме пречека Јохан Х. Енерот, кој во тоа време го надгледуваше проповедничкото дело во Шведска. Кога му реков дека сакам да проповедам полновремено како пионер, тој внимателно ме погледна и ме праша: „Веруваш ли дека ова е Божја организација?“

„Да“, му одговорив. Се крстив на 22 јуни 1940 год., и почнав да служам во подружницата — во таа пријатна средина со прекрасни соработници. На викенд проповедавме. На лето, честопати одевме со велосипед на далечните подрачја и проповедавме по цел викенд, а ноќе спиевме во стогови сено.

Меѓутоа, најмногу проповедавме од куќа до куќа во Стокхолм и во неговата околина. Еднаш сретнав еден човек, кој во подрумот нервозно го поправаше парниот котел. Ги засукав ракавите и му помогнав. Кога котелот престана да тече, човекот благодарно ме погледна и ми рече: „Веројатно си дошол за нешто друго. Да се качиме горе, да си ги измиеме рацете и да се напиеме кафе“. Така и направивме. Пиејќи го кафенцето, му сведочев. Со текот на времето, тој стана Јеховин сведок.

Иако Шведска официјално беше неутрална земја, народот беше погоден од војната. Сѐ повеќе мажи, вклучувајќи ме и мене, добиваа покана за војска. Кога одбивав да одам на воени вежби, ме задржуваа в затвор. Подоцна ме пратија во работнички логор. Младите Сведоци честопати беа изведувани на суд, па можевме и таму да сведочиме за Божјето Царство. Со тоа се исполнуваше Исусовото пророштво: „Ќе ве изведуваат пред управители и цареви за сведоштво за нив и за другите народи“ (Матеј 10:18).

Животот ми се смени

Во 1945 год., војната во Европа заврши. Подоцна истата година, Натан Х. Нор, кој во тоа време го надгледуваше проповедничкото дело во целиот свет, дојде од Бруклин за да нѐ посети заедно со својот секретар, Милтон Хеншел. Нивната посета беше многу важна за реорганизацијата на проповедничкото дело во Шведска — и за мене лично. Кога чув дека постои можност да се заврши Школата за мисионери Гилеад, веднаш поднесов молба.

Веќе следната година седев во една училница на таа Школа, која во тоа време се одржуваше во близина на Саут Ленсинг (Њујорк). За време на тој петмесечен курс, добив обука што го продлабочи моето ценење за Библијата и за Божјата организација. Видов дека оние што предводат во проповедничкото дело низ целиот свет се многу пристапливи и обѕирни. Неуморно работеа, како и сите други (Матеј 24:14). Иако тоа не ме изненади, ми беше мило што го видов со свои очи.

Наскоро дојде значајниот момент — 9 февруари 1947 год. — кога дипломира осмиот клас на Школата Гилеад. Брат Нор објави во кои земји ќе бидат испратени студентите. Кога дојдов јас на ред, тој рече: „Брат Прамберг ќе се врати во Шведска за да им служи на браќата таму“. Мора да признаам дека не бев многу воодушевен што требаше да се вратам дома.

Огромна задача

Кога се вратив во Шведска, чув дека во многу земји во светот почнаа да служат обласни надгледници. Бев именуван како првиот обласен надгледник во Шведска, и добив задача да ги надгледувам собранијата во целата земја. Ги организирав и ги надгледував покраинските собири, кои се одржуваа во разни градови низ цела Шведска. Бидејќи ова беше нешто сосема ново, не добив некоја голема обука. Брат Енерот и јас седнавме заедно и составивме програма како што знаевме и умеевме. Се тресев од страв кога ја добив оваа задача и многу, многу пати го молев Јехова. Цели 15 години служев како обласен надгледник.

Во тоа време беше тешко да се најде соодветно место за одржување конгреси. Моравме да се задоволиме со сали за игранки и слични простории, кои честопати немаа добро затоплување и понекогаш беа многу запуштени. Еден конгрес што се одржа во Рокио (Финска), беше типичен пример за тоа. Салата беше стара општина која во моментот не се користеше за ништо. Надвор имаше снежна виулица, а температурата се спушти на -20o С. Затоа запаливме оган во две огромни печки направени од буриња за нафта. Меѓутоа, не знаевме дека птиците си направиле гнезда во оџакот. Нѐ обви чад. И покрај тоа, сите останаа да седат на своите места иако беа завиткани во капути и ги печеа очите. Со тоа конгресот ни остана во уште поголемо сеќавање.

Во упатствата за организирање на ваквите тридневни покраински собири беше речено да се обезбеди и храна за присутните. Во почетокот, немавме ниту опрема ниту искуство за такво нешто. Но, имавме прекрасни браќа и сестри кои радосно се зафатија со работа. Дента пред конгресот, наведнати над едно корито, лупеа компири и си раскажуваа искуства. Се гледаше дека уживаат. Додека работеа заедно, браќата и сестрите склопија многу трајни пријателства.

Друг аспект на нашата служба во тоа време беше парадирањето со плакати, со кои ги најавувавме покраинските собири. Одевме во колони низ градовите и селата и ги каневме луѓето на јавното предавање. Најчесто луѓето беа љубезни и учтиви. Еднаш, во градот Финспонг, тротоарите на улицата беа полни со работници што излегуваа од една фабрика. Одеднаш, еден од нив им довикна на другите: „Еве ги луѓето што Хитлер не можеше да ги победи!“

Значаен настан во мојот живот

Мојот живот како патувачки надгледник наскоро се промени откако се запознав со Карин, една прекрасна жена. Двајцата бевме поканети на меѓународниот конгрес што се одржа на стадионот Јенки, во Њујорк, во јули 1953 год. Таму, за време на една пауза, во понеделник на 20 јули, Милтон Хеншел нѐ венча. Тоа беше необичен настан во тој објект што беше прочуен како центар на бејзболот. Откако служевме заедно во патувачката служба сѐ до 1962 год., Карин и јас бевме поканети да служиме во Бетелот во Шведска. Во почетокот работев во одделението за списанија. Потоа, бидејќи бев механичар, добив задача да се грижам за печатарските машини и за другата опрема во подружницата. Неколку години Карин работеше во пералницата. А сега веќе многу години работи како коректор во преведувачкото одделение.

Како брачна двојка му служиме на Јехова подолго од 54 години, и за сето тоа време животот ни е многу исполнет, смисловен и среќен. Јехова навистина ја благослови својата организација составена од грижливи, вредни слуги. Во 1940 год., кога почнав да служам во подружницата, во Шведска имаше само 1.500 Сведоци. Но, денес има преку 22.000. Порастот е уште поголем во други земји, така што во целиот свет има преку шест и пол милиони.

Зад нашето дело стои Јеховиниот дух, кој постојано нѐ турка напред. Со очите на верата гледаме преку немирното море на човештвото, но не сме уплашени. Пред себе јасно го гледаме Божјиот нов свет. Карин и јас сме му благодарни на Бог за неговата добрина и секој ден се молиме за сила да останеме верни и на крајот да ја постигнеме нашата цел — Божјата милост и вечен живот! (Матеј 24:13).

[Слика на страница 12]

Кај мајка ми в скут

[Слика на страница 13]

Јас и татко ми сме пуштиле макета на брод во раните 1920-ти

[Слика на страница 15]

Со Херман Хеншел (татко му на Милтон) на Гилеад во 1946

[Слики на страница 16]

Се венчавме на стадионот Јенки на 20 јули 1953

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели