Можеш да бидеш среќен и покрај разочарувањата
КОЈ не се разочарал никогаш? Дури и нашиот небесен Татко, Јехова Бог, почувствувал колку е болно да се биде разочаран. На пример, тој ги избавил Израелците од ропството во Египет и богато ги благословил. Сепак, во Библијата стои: „И секогаш одново го искушуваа Бог и му нанесуваа болка на Израеловиот Светец“ (Псалм 78:41). И покрај тоа, Јехова секогаш бил „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11).
Навистина има многу работи поради кои би можеле да се разочараме. Што ќе ни помогне да не ја изгубиме радоста во тие моменти? Што можеме да научиме од начинот на кој реагирал Јехова Бог кога бил разочаран?
Работи што можат да нѐ разочараат
„Времето и непредвидените настани“ нѐ снаоѓаат сите, стои во Божјата реч (Проповедник 9:11). Сосема неочекувано, некое злосторство, несреќен случај или болест може да предизвика длабока болка — и разочарување. Библијата исто така вели: „Од предолго исчекување се разболува срцето“ (Изреки 13:12). Додека со нетрпение чекаме да се случи нешто убаво, чувствуваме огромна радост, но ако тоа не се случи за кратко време, може да се почувствуваме скршено и потиштено. На пример, Данкан,a кој долги години служел како мисионер и многу ја сакал таа служба, морал да се врати дома со сопругата. „Првпат во мојот живот се чувствував дезориентиран“, рекол тој. „Немав никакви цели. Повеќе ништо не ми изгледаше важно.“ Болката од разочарувањето може да трае долго време, како кај Клер. Таа објаснува: „Бев во седмиот месец од бременоста кога имав спонтан абортус и го изгубив бебето. Тоа се случи пред многу години, но дури и денес, кога ќе видам некое дете како изнесува говор на бината, си помислувам: ‚Толкав ќе беше и син ми‘“.
Болно е и кога ќе те разочара некоја личност. Тоа обично се случува кога ќе пропадне некоја романтична врска, кога ќе се распадне бракот, кога детето е непослушно, кога пријателот ќе те изневери или кога е неблагодарен. Бидејќи живееме со несовршени луѓе и во тешки времиња, лесно е да се најдеме во ситуации во кои ќе бидеме разочарани.
Може да се разочараме и поради нашите сопствени пропусти. На пример, ако добиеме лоша оценка, ако не најдеме работа или ако не успееме да стекнеме нечија наклоност, може да се чувствуваме безвредни. Може да се разочараме и кога некој од најблиските ќе престане да живее според библиските мерила. Мери вели: „Изгледаше дека ќерка ми добро напредува. Сметав дека ѝ дадов добар пример. Но, кога им го сврте грбот на Јехова Бог и на мерилата во нашето семејство, се чувствував навистина бедно. Успехот на другите полиња од животот не можеше да го надомести тоа. Бев многу обесхрабрена“.
Како да се справиме со таквите разочарувања? За да одговориме на ова прашање, да видиме како постапил Јехова кога бил разочаран и што можеме да научиме од тоа.
Мисли на решението
Јехова Бог со љубов им дал на првите маж и жена сѐ што им било потребно, но тие биле неблагодарни и се побуниле против него (1. Мојсеева, поглавја 2 и 3). И нивниот син Каин покажал лош став. Не ја прифатил опомената од Јехова и го убил својот брат (1. Мојсеева 4:1-8). Можеш ли да си замислиш колку бил разочаран Јехова?
Зошто Бог останал радосен и среќен и покрај ваквото разочарување? Затоа што имал намера Земјата да се наполни со совршени луѓе и продолжил да работи на тоа да ја исполни својата намера (Јован 5:17). За таа цел, ја обезбедил откупната жртва и го воспоставил своето Царство (Матеј 6:9, 10; Римјаните 5:18, 19). Јехова мислел на решението, а не на проблемот.
Божјата реч нѐ охрабрува да мислиме на позитивните работи, а не на она што можело или што требало да го направиме. Во неа стои: „Сѐ што е вистинито, сѐ што е благородно, сѐ што е праведно, сѐ што е чисто, сѐ што е допадливо, сѐ што е пофално, сѐ што е доблесно и сѐ што е достојно за фалба, за тоа размислувајте“ (Филипјаните 4:8).
Исправно гледиште за разочарувањето
Може да се случат работи кои драстично ќе ни го променат животот. На пример, може прекуноќ да останеме без работа, без брачниот другар или без теократските задолженија што некогаш сме ги имале. Би можеле да се разболиме, да останеме без дом или без нашите пријатели. Како да се справиме со таквите промени?
Некои увиделе дека е добро во таква ситуација да ги стават поважните работи на прво место. Данкан, кого го спомнавме претходно, вели: „Кога жена ми и јас сфативме дека никогаш повторно нема да можеме да живееме како порано, ни беше многу тешко. Сепак, на прво место ставивме две работи: да се грижиме за мајка ми и, ако е можно, да продолжиме со полновремената служба. Кога треба да донесеме некоја одлука, размислуваме како ќе влијае таа врз овие работи. Тоа ни олеснува да ја донесеме одлуката“.
Многумина од нас го преувеличуваат негативното кога се разочарани од нешто. На пример, нашите напори да ги воспитуваме децата, да најдеме работа или да ја проповедаме добрата вест на подрачје на странски јазик можеби не даваат резултат каков што би сакале. Можеби ќе си помислиме: ‚Не ме бидува за ништо‘. Сепак, исто како што разочарувачкиот почеток на човештвото не значел дека Бог не е способен за ништо, и ние не сме неспособни само затоа што во почетокот ќе се разочараме од себе (5. Мојсеева 32:4, 5).
Лесно е да се огорчиме кога луѓето ќе нѐ разочараат. Јехова не реагира така. Цар Давид го разочарал кога направил прељуба со една жена и потоа го договорил убиството на нејзиниот маж. Сепак, Јехова видел колку искрено се каел Давид, и продолжил да го користи како свој слуга. Слично, и верниот цар Јосафат згрешил кога склучил сојуз со Божјите непријатели. Јеховиниот пророк му рекол: „Затоа Јехова се разгневи на тебе. Сепак, се најде и нешто добро во тебе“ (2. Летописи 19:2, 3). Јехова не го сметал Јосафат за предавник само поради тој еден погрешен чекор. Слично на тоа, и ние ќе ги задржиме пријателите ако не реагираме претерано кога ќе ни згрешат. Иако понекогаш пријателите ќе нѐ разочараат, тие сепак имаат и убави особини (Колошаните 3:13).
На разочарувањата може да гледаме како на неизбежни искуства што ги имаме на патот до конечниот успех. Разочарани сме од себе кога ќе направиме грев. Сепак, може повторно да застанеме на нозе ако по гревот го направиме тоа што Бог го бара од нас и ако продолжиме напред. Кога цар Давид бил длабоко разочаран од себе, напишал: „Коските ми се исушија од непрестајно офкање... конечно ти го признав гревот... и ти [Јехова] ја прости вината за моите гревови“ (Псалм 32:3-5). Ако сфатиме дека сме му згрешиле на Бог, треба да го молиме да ни прости, да се промениме и да бидеме решени во иднина повнимателно да ги следиме Божјите совети (1. Јованово 2:1, 2).
Подготви се за разочарувањата
Без сомнение, сите ќе искусиме некакво разочарување. Што да направиме за да бидеме подготвени за тоа? Интересно е она што го рекол Бруно, постар христијанин што доживеал разочарување кое му го променило животот. Тој вели: „Во мојот случај, најважната работа што ми помогна да се справам со разочарувањето беше тоа што продолжив да го правам она што и дотогаш го правев за да ја зајакнам мојата духовност. Знаев зошто Бог дозволува сѐ уште да постои овој суров свет. Со години градев блиско пријателство со Јехова. Многу сум среќен што го сторив тоа. Ме тешеше помислата дека Тој е со мене, и тоа ми помогна да излезам од депресијата“.
Додека размислуваме за иднината, можеме да бидеме уверени во едно: иако можеби ќе се разочараме од себеси или од другите, никогаш нема да се разочараме од Бог. Всушност, Бог рекол дека неговото име, Јехова, значи „ќе станам сѐ што ќе посакам да станам“ (2. Мојсеева 3:14). Со тоа нѐ уверува дека ќе стане сѐ што е потребно за да ги исполни своите ветувања. Ветил дека преку неговото Царство, неговата волја ќе се врши „како на небото така и на земјата“. Затоа, апостол Павле напишал: „Уверен сум дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите... ниту кое и да е друго создание не може да нѐ одвои од Божјата љубов, која е во Христос Исус“ (Матеј 6:10; Римјаните 8:38, 39).
Можеме со доверба да очекуваме дека ќе се исполни она што Бог го ветил преку пророкот Исаија: „Јас создавам нови небеса и нова земја. Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето“ (Исаија 65:17). Колку прекрасна иднина — доаѓа време кога сите разочарувања ќе бидат минато!
[Фуснота]
a Некои имиња се сменети.
[Истакната мисла на страница 13]
Не значи дека сме неспособни само затоа што во почетокот ќе се разочараме од себе
[Истакната мисла на страница 14]
Божјата реч нѐ охрабрува да мислиме на позитивните работи, а не на она што требало да го направиме
[Слики на страница 15]
И покрај грешките на луѓето, Бог е радосен и среќен затоа што неговата намера сигурно ќе се исполни
[Слика на страница 16]
За да ги поднесеме разочарувањата, треба духовните работи да ги ставиме на прво место