Бракот и родителството во ова време на крајот
„Преостана малку време“ (1. КОР. 7:29).
1. а) Со кои работи тешко се излегува на крај денес? б) Зошто промената на вредностите во семејствата е од интерес за нас?
БОЖЈАТА РЕЧ претскажала дека во „времето на крајот“ ќе има војни, земјотреси, глад и смртоносни зарази (Дан. 8:17, 19; Лука 21:10, 11). Библијата исто така предупредила дека во овој клучен период од човечката историја ќе се случуваат огромни општествени промени. Меѓу другото, во овие ‚последни денови‘ тешко ќе се излегува на крај и со проблемите во семејството (2. Тим. 3:1-4). Зошто ваквите промени се од интерес за нас како христијани? Затоа што се толку раширени и големи што можат да влијаат врз нашиот став кон бракот и родителството. Во која смисла?
2. Како обично гледаат на бракот и на разводот повеќето луѓе во светот?
2 Денес, насекаде во светот, луѓето многу лесно се решаваат на развод, и стапката на разводи во многу земји постојано расте. Меѓутоа, нам треба да ни биде јасно дека Јехова Бог гледа на бракот и на разводот сосема поинаку од луѓето околу нас. Тогаш, кое е Јеховиното гледиште?
3. Како гледаат на бракот Јехова и Исус?
3 Јехова Бог очекува од оние што се во брак да го одржат својот брачен завет. Кога го склучил бракот меѓу првите маж и жена, Јехова рекол дека „човек... ќе се прилепи до својата жена, и тие двајцата ќе станат едно тело“. Подоцна Исус Христос ја повторил истата изјава и додал: „Затоа, Бог што составил, човек да не разделува!“ А потоа продолжил: „Секој што ќе се разведе од својата жена, освен поради блуд, и ќе се ожени со друга, прави прељуба“ (1. Мој. 2:24; Мат. 19:3-6, 9). Значи, за Јехова и за Исус бракот е доживотна врска, која трае сѐ додека едниот брачен другар не умре (1. Кор. 7:39). Бидејќи бракот е свет, разводот е многу сериозна работа. Всушност, Божјата реч вели дека Јехова го мрази разводот кој нема никаква библиска основа.a (Прочитај Малахија 2:13-16; 3:6.)
Бракот е одговорна работа
4. Зошто некои млади христијани се покајале што избрзано стапиле во брак?
4 Безбожниот свет во кој живееме е опседнат со секс. Секој ден сме бомбардирани со слики што кај нас би можеле да побудат страст. Не можеме да го негираме влијанието што тие го имаат врз нашите сетила, а особено врз нашите драги млади во собранието. Како треба тие да се справат со ваквото нездраво влијание, кое кај нив може да побуди сексуална желба дури и без да сакаат? Некои се обидуваат да го решат проблемот со тоа што стапуваат во брак многу млади, мислејќи дека така нема да направат неморал. Но, по кратко време, мнозина се покајале за таквата одлука. Зошто? Штом бракот веќе не им е ништо ново, почетниот занес исчезнува, и тие сфаќаат дека немаат многу заеднички работи во секојдневниот живот. Се разбира, тогаш овие парови се соочуваат со сериозен проблем.
5. Што ќе им помогне на брачните парови да го одржат брачниот завет? (Види ја и фуснотата.)
5 Без сомнение, ќе ти биде многу тешко ако сфатиш дека си стапил во брак со некого — дури и со сохристијанин — кој, всушност, е сосем поинаков од она што си го очекувал (1. Кор. 7:28). Сепак, без оглед колку е тешка ситуацијата, вистинските христијани знаат дека развод без библиска основа не е прифатливо решение за проблемите што ги носи еден несреќен брак. Затоа, оние што напорно се трудат да го зачуваат својот брак бидејќи сакаат да го одржат брачниот завет заслужуваат христијанското собрание да ги почитува и со љубов да им помага.b
6. Како треба младите христијани да гледаат на бракот?
6 Дали си млад и сѐ уште не си стапил во брак? Ако да, како треба да гледаш на брачното уредување? Ќе се поштедиш од многу болки ако не започнуваш врска со некој христијанин од спротивниот пол сѐ додека не бидеш физички, умствено и духовно спремен за брак. Се разбира, Библијата не кажува на колку години може да се стапи во брак.c Сепак, таа покажува дека е добро да се почека да поминат годините кога половите нагони се многу силни (1. Кор. 7:36). Зошто? Затоа што силните сексуални желби можат да го извртат доброто просудување и да те наведат да донесеш немудри одлуки за кои подоцна ќе зажалиш. Не заборавај, мудрите совети за бракот, кои Јехова ги дава во Библијата, се за твоја корист и среќа. (Прочитај Исаија 48:17, 18.)
Родителството е одговорна работа
7. Што се случува со многу млади двојки, и како ова може да ги затегне односите во бракот?
7 Некои брачни парови стануваат родители на многу млади години. Тие немале време ни да се запознаат како што треба, а веќе имаат бебе на кое сега треба да му се посветат 24 часа на ден. Кога бебенцето ќе го окупира речиси целото внимание на мајката — што е сосема нормално — можеби младиот сопруг ќе биде љубоморен. Освен тоа, бессоните ноќи можат да предизвикаат напнатост и стрес, што ќе ги затегне односите меѓу брачните партнери. Наеднаш и двајцата сфаќаат дека изгубиле голем дел од својата слобода. Сега веќе не можат да одат на многу места и не можат да прават многу работи што порано слободно ги правеле. Како треба да гледаат на новите околности?
8. Како треба да се гледа на родителството, и зошто?
8 Исто како што бракот треба да се смета за одговорна работа, и на родителството треба да се гледа како на одговорност и почесна должност доверена од Бог. Сеедно какви промени ќе треба да направи младиот пар кога ќе се роди бебето, и двајцата треба да дадат сѐ од себе за да постапуваат одговорно. Бидејќи Јехова им ја дал на луѓето способноста да имаат деца, родителите треба да го сметаат новороденчето за „наследство од Јехова“ (Пс. 127:3). Мајката и таткото ќе се трудат да ги исполнат своите одговорности како христијани и „родители во Господарот“ (Еф. 6:1).
9. а) Што е потребно за да се подигне едно дете? б) Што може да направи мажот за да ѝ помогне на жена си во духовен поглед?
9 Потребни се години на самоодрекување за да се подигне едно дете. Во него треба да се вложат многу време и сила. Христијанскиот сопруг треба да биде свесен дека, неколку години откако ќе се роди детето, неговата жена веројатно нема да може со полна концентрација да внимава на состаноците и можеби ќе има помалку време лично да ја проучува Библијата и да размислува за неа. Ова може донекаде да го ослабне нејзиното духовно здравје. Еден одговорен татко мора да стори сѐ што е во негова моќ за да помогне околу детето. Може да се обиде да го надомести она што жена му го пропуштила на состаноците така што подоцна дома ќе разговара со неа за некои точки од програмата. Би можел и да го чува бебето за таа да има можност почесто да проповеда за Царството. (Прочитај Филипјаните 2:3, 4.)
10, 11. а) Како родителите им помагаат на децата ‚да го усвојат Јеховиниот начин на размислување‘? б) Зошто многу христијански родители заслужуваат пофалба?
10 Да се биде одговорен родител не значи на детето да му се обезбеди само храна, облека, покрив над главата и здравствена нега. Особено во ова опасно време на крајот, младите мораат уште од мали нозе да бидат поучени за моралните начела според кои треба да живеат. Родителите треба да ги воспитуваат децата „со стега од Јехова“ и да им помогнат „да го усвојат неговиот начин на размислување“ (Еф. 6:4). Ова значи дека треба да почнат да ги всадуваат Јеховините мисли во умот на детето уште кога тоа е многу мало и да продолжат да го поучуваат и во текот на критичните тинејџерски години (2. Тим. 3:14, 15).
11 Кога Исус им кажал на своите следбеници ‚да прават ученици од луѓето од сите народи‘, тој сигурно мислел дека и родителите треба да им помогнат на своите деца да станат негови ученици (Мат. 28:19, 20). Тоа воопшто не е лесно бидејќи овој свет ги притиска младите од сите страни. Затоа, родителите што ќе успеат да им помогнат на своите деца да станат оддадени христијани навистина заслужуваат срдечна пофалба од сите во собранието. Тие го ‚победиле‘ влијанието на светот со својата вера и со тоа што лојално истрајале како одговорни родители (1. Јов. 5:4).
Остануваат самци или без деца од благородна причина
12. Зошто некои христијани одлучуваат да не стапат во брак неколку или повеќе години?
12 Со оглед на тоа што „се менува лицето на овој свет“ и „преостана малку време“, Божјата реч нѐ поттикнува да размислиме за предностите на самештвото (1. Кор. 7:29-31). Затоа, некои христијани одлучуваат никогаш да не стапат во брак или, пак, да останат немажени или неженети неколку или повеќе години. За пофалба е тоа што не ја користат слободата која им ја дава самештвото за некои свои себични цели. Мнозина одлучуваат да не стапат во брак за да му служат на Јехова „без пречка“. (Прочитај 1. Коринќаните 7:32-35.) Некои неженети или немажени христијани служат како пионери или во Бетел. Мнозина се трудат да ги исполнат условите за да присуствуваат на Школата за организациско оспособување, и така уште повеќе да се даваат во Јеховината организација. Всушност, некои што служеле полновремено додека биле самци и подоцна решиле да стапат во брак, честопати сфаќаат дека скапоцените поуки што ги научиле додека биле сами многу им користат во бракот.
13. Зошто некои христијани одлучуваат да немаат деца?
13 Во одредени делови од светот, во семејствата дошло до уште една промена — многу парови одлучуваат да немаат деца. Некои донесуваат ваква одлука од економски причини, а други затоа што сакаат да имаат одврзани раце за да се посветат на успешна кариера. Има и христијани што одлучуваат да немаат деца. Но, тие честопати го прават тоа за да имаат поголема слобода да му служат на Јехова. Ова не значи дека немаат нормален брак. Тие живеат како и сите други венчани лица. Сепак, спремни се да се откажат од извесни благодети во бракот за да го стават Царството на прво место (1. Кор. 7:3-5). Некои од овие парови им служат на Јехова и на браќата во покраинското и обласното дело или, пак, во Бетел. Други служат како пионери или мисионери. Јехова нема да го заборави нивниот труд и љубовта што ја покажуваат кон неговото име (Евр. 6:10).
„Телесни неволји“
14, 15. Кои „телесни неволји“ можеби ќе ги доживеат христијанските родители?
14 Апостол Павле им кажал на христијаните кои се во брак дека ќе имаат „телесни неволји“ (1. Кор. 7:28). Во овие неволји спаѓаат проблеми со здравјето на брачниот другар, на децата или на нивните остарени родители. Може да спаѓаат и тешкотиите и болките што се поврзани со одгледувањето на децата. Како што беше спомнато во почетокот на оваа статија, Библијата претскажала дека во „последните денови ќе настанат особено тешки времиња“. Една од работите со кои тешко ќе се излегува на крај би можеле да бидат и децата кои се „непослушни на родителите“ (2. Тим. 3:1-3).
15 На христијанските родители не им е лесно да ги воспитаат своите деца. Ние не сме заштитени од лошите последици на ‚тешките времиња‘ во кои живееме. Затоа, родителите мораат постојано да се борат против смртоносното влијание што „овој свет“ го има врз нивните деца (Еф. 2:2, 3). И, за жал, понекогаш ја губат битката. Ако синот или ќерката на некои христијани престане да му служи на Јехова, тоа навистина е ‚неволја‘ за родителите што се труделе да го воспитаат според Божјите мерила (Изр. 17:25).
„Тогаш ќе има голема неволја“
16. Која „неволја“ ја претскажал Исус?
16 Секоја ‚неволја‘ поврзана со бракот и раѓањето деца не е ништо во споредба со една друга неволја која ќе биде од многу поголеми размери. Во пророштвото за својата присутност и за свршетокот на овој поредок, Исус рекол: „Ќе има голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега, ниту повеќе ќе има“ (Мат. 24:3, 21). Нешто подоцна, Исус открил дека едно големо мноштво ќе ја преживее оваа „голема неволја“. Сепак, Сатановиот систем ќе ги нападне со сите сили Јеховините мирољубиви сведоци. Нема сомнение, тоа ќе биде тешко време за сите нас — и за возрасните и за децата.
17. а) Зошто можеме мирно да го чекаме она што ни го носи иднината? б) Што треба да влијае врз нашето гледиште за бракот и за родителството?
17 Како и да е, не треба премногу да се плашиме од она што го носи иднината. Родителите што му се верни на Јехова можат да имаат надеж дека тој ќе ги заштити и нив и нивните мали деца (Прочитај Исаија 26:20, 21; Соф. 2:2, 3; 1. Кор. 7:14). Но, сега-засега, да дозволиме свесноста за тешките времиња во кои живееме да влијае врз нашиот став кон бракот и родителството во ова време на крајот (2. Пет. 3:10-13). На тој начин — сеедно дали сме самци или во брак, со деца или без деца — со својот живот ќе им оддадеме чест и фалба на Јехова и на христијанското собрание.
[Фусноти]
a Види ја книгата Живеј со Јеховиниот ден во мислите, поднасловот „Јас го мразам разводот“, на 125. страница.
b Оние што имаат проблеми во бракот можат да се охрабрат ако разгледаат некои статии за бракот, како оние во Стражарска кула од 15 септември 2003 и Разбудете се! од 8 април 2001.
c Види го 30. поглавје, со наслов „Дали сум спремен за брак?“, во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори.
За повторување
• Зошто младите христијани не треба избрзано да стапат во брак?
• Што е вклучено во подигањето на едно дете?
• Зошто многу христијани не стапуваат во брак или, пак, ако се во брак, немаат деца?
• Со какви „неволји“ понекогаш се соочуваат христијанските родители?
[Слика на страница 17]
Зошто е мудро младите христијани да почекаат пред да стапат во брак?
[Слика на страница 18]
Сопругот може многу да помогне неговата жена да учествува повеќе во духовните активности
[Слика на страница 19]
Зошто некои христијански брачни парови одлучуваат да немаат деца?