Се сеќаваш ли?
Уживаше ли во читањето на последните неколку броеви од Стражарска кула? Тогаш, види дали можеш да одговориш на следниве прашања:
• Кога дошле астролозите кај Исус?
Во еден превод на Библијата е даден следниов коментар: „Астролозите не отишле кај бебето Исус ноќта кога се родило, како што отишле пастирите. Тие стигнале по неколку месеци“. Дотогаш Исус веќе бил ‚дете‘ и живеел во куќа (Мат. 2:7-11). Доколку тие му дале злато и скапоцени дарови ноќта кога се родил, зарем Марија би принела само две птици кога 40 дена подоцна го однела Исус во храмот? (1.1., страница 31).
• Како можат мнозина да си го збогатат животот?
Би можеле да се прашаат: Можам ли да сменам нешто за да живеам поедноставно? Ејми го сторила токму тоа. Имала пари, но не била среќна. Сфатила дека, додека напредувала во кариерата во овој свет, речиси одлутала од верата. Затоа решила да го стави Царството на прво место и почнала да служи како пионер. Таа вели дека ‚сега се чувствува исполнета, а така не се чувствувала кога поголемиот дел од времето го трошела‘ на световни цели (15.1., страница 19).
• Што може да им помогне на некои мајки да се чувствуваат исполнети?
Многу мајки одат на световна работа — некои за да ги покријат основните животни трошоци, а други за да се чувствуваат финансиски независни или да си купуваат по нешто луксузно. Трети, пак, го прават тоа затоа што уживаат во работата. Христијанските мајки имаат многу важна задача дома — особено кога децата се мали. Некои решиле да работат со скратено работно време или престанале да работат за да му се посветат повеќе на семејството. Ова им помага да се чувствуваат исполнети и задоволни (1.2., страници 28-31).
• На кое „поколение“ мислел Исус кога го кажал она што е запишано во Матеј 24:34?
Исус честопати го користел зборот „поколение“ со негативен призвук кога разговарал со зли луѓе или кога зборувал за нив. Но, не го сторил тоа во овој случај, кога разговарал со своите ученици кои наскоро требало да бидат помазани со свет дух. Тие биле во најдобра положба да дојдат до заклучокот што е спомнат во Матеј 24:32, 33. Според тоа, изгледа дека Исус мислел на своите помазани следбеници — на оние во првиот век, како и на оние врз кои се исполнуваат неговите зборови денес (15.2., страници 23, 24).
• Во која смисла Законот бил воспитувач, како што стои во Галатите 3:24?
Во старо време, воспитувачот обично бил некој доверлив роб, кој се грижел за безбедноста на детето и водел сметка да се почитуваат желбите на таткото. На сличен начин, Законот ги штител Евреите од расипани влијанија, на пример, им забранувал да стапат во брак со пагани. Но, исто како и дословниот воспитувач, и Законот служел привремено, сѐ додека не дошол Христос (1.3., страници 18-21).
• Во склад со она што стои во Јаков 3:17, кои особини треба да ги имаме?
Ако сме чисти, веднаш ќе ги отфрлиме лошите работи (1. Мој. 39:7-9). Треба да бидеме и мирољубиви, а не борбени, за да не го нарушиме мирот. Затоа е добро секој од нас да се праша: ‚Дали сум познат како миротворец или како борец против мирот? Дали често имам несогласувања со другите? Дали лесно се навредувам и дали имам навика да ги навредувам другите? Или, пак, сум спремен да простам и да не инсистирам веднаш да се следат моите лични мерила?‘ (15.3., страници 24, 25).
• Зошто Исус го излекувал слепиот човек постепено? (Мар. 8:22-26).
Библијата не дава конкретно објаснување. Сепак, можно е, лечејќи го постепено, Исус да допуштил овој слеп човек полека да се привикне на новото чувство дека може да гледа. Ова укажува на нежната грижа со која Исус го излекувал слепиот човек (1.4., страница 30).