ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w08 1/2 стр. 28-31
  • Задоволни и исполнети мајки

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Задоволни и исполнети мајки
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Зошто мајките се вработуваат
  • Мит или реалност
  • Како може да помогне мажот
  • Важната улога на мајката
  • Мајки кои извршиле позитивно влијание
  • Одлука која носи најголемо задоволство
  • Мајчинство — трка со пречки
    Разбудете се! 2002
  • Тешкотии со кои се соочуваат мајките
    Разбудете се! 2005
  • Улогата на мајката заслужува ценење
    Разбудете се! 2005
  • Мајки — учете од примерот на Евника
    The Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2022
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
w08 1/2 стр. 28-31

Задоволни и исполнети мајки

ДЕНЕС, низ целиот свет, повеќето жени одат на работа. Во индустријализираните земји, бројот на жените што работат за плата е речиси ист со бројот на мажите. Во земјите во развој жените честопати по цел ден се мачат по нивите за да можат да го прехранат семејството.

Многу жени се растргнати меѓу потребата од пари за живот и обврските околу децата и куќата. И, освен што носат дома пари за храна, облека и стан, тие ја готват таа храна, ја перат облеката и го чистат станот.

Но, за мајките што се христијанки, ни тоа не е сѐ. Тие се трудат да всадат во своите деца и духовни вредности. „Морам да признаам дека е многу тешко да се најде рамнотежа меѓу работата и семејството, особено кога децата се мали“, вели Христина, мајка на две девојчиња. „Не е лесно да им го посветиш на децата сето внимание што им е потребно.“

Зошто мајките бараат работа? Со какви тешкотии се соочуваат? И, дали една мајка мора да оди на работа за да се чувствува задоволно и исполнето?

Зошто мајките се вработуваат

Има многу мајки што немаат друг избор освен да работат со цело работно време. Некои од нив немаат брачен другар кој би обезбедувал финансиски средства за семејството. А има и брачни парови што увидуваат дека една плата не им стасува ни за основните трошоци.

Сепак, не работат сите мајки со цело работно време само затоа што мораат. Голем број од нив одат на работа заради чувството на поголема самопочит. Други работат заради извесна финансиска независност или за да си купуваат по нешто луксузно. А има и такви што се добри во својата професија и едноставно уживаат да ја работат таа работа.

Притисокот од средината исто така може да биде причина за некои мајки да се вработат. И покрај тоа што повеќето луѓе признаваат дека вработените мајки постојано се исцрпени и под стрес, невработените мајки не само што често не наидуваат на разбирање туку и се исмејувани. „Не е лесно да им кажеш на другите дека си ‚само домаќинка‘“, вели една жена. „Од зборовите, па дури и од изразот на лицето на некои луѓе, се гледа дека за нив ти губиш многу во животот“, додава таа. Ребека, мајка на двегодишна ќерка, вели: „Иако во нашето општество сите се согласуваат дека жената треба да се грижи за своите деца, имам чувство дека истите тие ги сметаат за помалку вредни мајките што намерно не се вработуваат“.

Мит или реалност

Во некои делови од светот, медиумите ја прикажуваат „идеалната жена“ како успешна во својата кариера — добро платена, беспрекорно облечена и потполно самоуверена. Кога ќе си дојде од работа, уште има сила да ги реши проблемите на децата, да ги поправи грешките на сопругот и да излезе на крај со сите други домашни проблеми. Се разбира, во вистинскиот живот нема многу такви „супер жени“.

Во реалноста, работните места што ги добиваат жените честопати се монотони и релативно слабо платени. Освен тоа, тие не им овозможуваат на вработените мајки да ги искористат своите таленти во потполност, што додатно ги разочарува. Книгата Social Psychology вели: „И покрај тоа што жените добија малку поголема рамноправност, мажите сѐ уште се подобро платени и се поставени на повисоки раководни места. Затоа жените чијашто самодоверба им зависи од работата се во прилично неповолна положба“. Во шпанскиот весник El País стои: „Според проценките, трипати е поголема веројатноста жените од стрес постојано да чувствуваат вознемиреност за разлика од мажите, бидејќи повеќето жени имаат по две работни места — едно на работа и едно дома“.

Како може да помогне мажот

Се разбира, секоја христијанка која има деца самата одлучува дали ќе оди на работа или не. Меѓутоа, ако е мажена, одлуката ќе ја донесе заедно со својот сопруг откако ќе разговараат за тоа и внимателно ќе ги одмерат сите фактори (Изреки 14:15).

Што ако некој брачен пар, од чисто економски причини, дојде до заклучок дека и двајцата треба да работат со цело работно време? Во тој случај, мудриот сопруг особено ќе се потруди да го примени библискиот совет: „Вие, мажи, како женети луѓе, мора да покажувате разбирање: постапувајте со своите жени со почит, не само затоа што се физички послаби туку и затоа што Божјиот дар на живот е нешто што го имате и двајцата“ (1. Петрово 3:7, The Revised English Bible). Мажот покажува почит кон својата жена ако е свесен за нејзината физичка и емоционална градба. Затоа, секогаш кога е можно, тој треба да ѝ помогне во домашните обврски. Исто како Исус, мажот треба да биде спремен понизно да ја сработи секоја работа по дома, а не да ја одбие затоа што мисли дека е „женска“ работа (Јован 13:12-15). Наместо тоа, работата низ дома за него ќе биде можност да ѝ покаже љубов на својата вредна жена. А таа неизмерно ќе ја цени таквата помош (Ефешаните 5:25, 28, 29).

Во секој случај, ако двајцата брачни партнери мораат да одат на работа, многу е важно двајцата да работат и дома. Тоа го потврдува и еден напис од шпанскиот весник ABC. Коментирајќи за една студија што ја спровел тамошниот Институт за семејни прашања, статијата вели дека високата стапка на разводи во Шпанија не се должи само на „недостигот на верски и морални мерила“ туку и на комбинација од две други причини — „жените почнаа да одат на работа, а мажите не сакаат да им помагаат во домашните обврски“.

Важната улога на мајката

Иако Јехова главно на татковците им ја дал одговорноста да ги воспитуваат децата, мајките се свесни дека и самите добиле многу важна задача — особено додека децата се мали (Изреки 1:8; Ефешаните 6:4). Јехова им се обратил и на мајките и на татковците кога им заповедал на Израелците да го всадуваат неговиот Закон во своите деца. Тој знаел дека за тоа ќе им биде потребно време и трпение, особено додека децата се оформуваат како личности. Затоа им рекол на родителите да ги учат своите деца кога се дома или на пат, кога ќе станат и кога ќе си легнат (5. Мојсеева 6:4-7).

Божјата реч истакнува колку е важна и достоинствена улогата на мајките преку заповедта што им ја дава на децата: „Не оставај го законот на мајка си“ (Изреки 6:20, фуснота). Се разбира, мажената жена, пред да постави некакви закони за децата, треба да се договори со мажот. Но, како што истакнува и стихот, мајките имаат право да поставуваат закони. А децата кои ги сфаќаат сериозно духовните и моралните закони за кои ги поучуваат нивните богобојазливи мајки, ќе имаат голема корист од тоа (Изреки 6:21, 22). Тереза, мајка на две деца, објаснува зошто не сака да бара работа. Таа вели: „Моја задача е да им помогнам на децата да му служат на Бог, и тоа е засега најважно. Би сакала да ја завршам таа задача најдобро што можам“.

Мајки кои извршиле позитивно влијание

Израелскиот цар Лемуил несомнено имал голема корист од трудот што го вложила околу него неговата мајка. ‚Важните поуки‘ со кои ‚го советувала‘ денес се дел од Божјата вдахновена реч (Изреки 31:1; 2. Тимотеј 3:16). Нејзиниот опис на вредна жена сѐ уште им помага на многумина мудро да си изберат брачен партнер. А нејзините предупредувања во врска со неморалот и претераното пиење важат денес исто толку колку што важеле кога првпат биле запишани (Изреки 31:3-5, 10-31).

Во првиот век, апостол Павле ја пофалил Евника, која многу добро го поучила својот син Тимотеј. Поради тоа што нејзиниот сопруг веројатно верувал во грчките богови, Евника морала да го увери Тимотеј дека треба да верува во „светите списи“. Но, кога почнала да го поучува Тимотеј за Светото писмо? Вдахновениот извештај вели дека почнала уште „од рано детство“, што значи уште откако Тимотеј се родил (2. Тимотеј 1:5; 3:14, 15). Нејзината вера и нејзиниот пример, како и поуките што му ги дала, очигледно го подготвиле Тимотеј за неговата мисионерска служба (Филипјаните 2:19-22).

Библијата, исто така, ги спомнува мајките чијашто гостољубивост им овозможила на децата да се дружат со лојални слуги на Бог кои за нив биле одличен пример. Една таква мајка била Сунамката, која редовно го канела пророкот Елисеј кај нив на гости. Подоцна Елисеј го воскреснал од мртвите нејзиниот син (2. Царевите 4:8-10, 32-37). Слична била и Марија, мајката на Марко, кој напишал дел од Библијата. Таа очигледно го понудила својот дом во Ерусалим како место на кое се состанувале првите христијани (Дела 12:12). Марко, без сомнение, извлекол голема корист од дружењето со апостолите и со другите христијани кои редовно доаѓале во нивниот дом.

Јехова многу го цени трудот на верните жени кои ги поучуваат своите деца за Неговите мерила. Тој ги сака овие жени затоа што се лојални и затоа што се трудат во домот да создадат духовна атмосфера (2. Самоилова 22:26; Изреки 14:1).

Одлука која носи најголемо задоволство

Како што видовме од библиските примери, семејството има голема корист кога мајката добро се грижи за физичките, духовните и емоционалните потреби на секој член. Но, не е лесно да се постигне сето тоа. Се чини дека таа честопати има дома повеќе работа и одговорности отколку еден директор во фирма.

Ако мајката, откако ќе зборува со својот сопруг, реши да работи со скратено работно време или да даде отказ на работа, семејството најверојатно ќе мора да се задоволи со понизок стандард на живот. Освен тоа, таа ќе мора да го трпи и исмејувањето на оние што не ја сфаќаат нејзината одлука. Но, позитивните резултати што ќе произлезат од таа одлука можат да ја засенат жртвата што ја направила. Паки има три деца и мора да работи со скратено работно време. Таа вели: „Сакам да сум дома кога децата ќе си дојдат од училиште за да имаат со кого да зборуваат“. Каква корист од тоа имаат децата? „Им помагам да си ја напишат домашната и, ако имале некакви проблеми, можеме веднаш да ги решиме“, вели таа. „Поради нашето секојдневно дружење, децата се многу отворени. Толку многу ми значи времето поминато со моите деца што одбив една понуда за цело работно време.“

Многу христијанки што имаат деца увиделе дека, ако работат со скратено работно време или ако воопшто не работат, сите во семејството имаат корист. „Кога престанав да одам на работа, целото семејство почна некако подобро да функционира“, објаснува Христина, која веќе ја спомнавме. „Имав време да зборувам со децата и да му помогнам на мојот сопруг на различни начини. Ми стана задоволство да ги поучувам моите ќерки, и се радував кога гледав како учат и напредуваат.“ Еден настан ѝ оставил длабок впечаток на Христина. „Поголемата ќерка прооди во градинка“, раскажува таа, „но на помалата самата ѝ помогнав да научи да оди. Моментот кога ги направи првите чекори и ми падна во прегратка беше за мене нешто посебно. Бев пресреќна!“

Треба да се земе предвид и тоа дека финансиската загуба што семејството ќе ја претрпи ако мајката работи пократко или ако воопшто не работи, понекогаш и не е толку голема. „Голем дел од мојата плата одеше за градинка и за превоз“, вели Христина. „Откако добро размисливме за нашата ситуација, сфативме дека парите што вистински ни остануваа од мојата плата воопшто не беа многу.“

Некои брачни парови, откако внимателно ја разгледале својата ситуација, дошле до заклучокот дека повеќе им се исплаќа мајката да биде дома и да се грижи за семејството отколку да оди на работа. „Јас сум среќен што мојата жена не мора да оди на работа и може да се грижи за нашите две мали деца“, вели Пол, сопругот на Христина. „И двајцата бевме под многу поголем стрес кога таа работеше.“ Како се одразила оваа одлука врз двете ќеркички на овој брачен пар? „Не само што сега, кога уште се мали, се чувствуваат многу посигурни“, вели Пол, „туку се во голема мера и заштитени од лоши влијанија.“ Зошто тие мислат дека е толку важно да поминуваат со своите ќерки колку што е можно повеќе време? Пол вели: „Убеден сум дека, ако родителите, така да се каже, не пишуваат врз срцата на децата, тоа ќе го стори некој друг“.

Секако дека секој брачен пар треба да ја процени својата ситуација и никој не треба да ги критизира нивните одлуки (Римјаните 14:4; 1. Солуњаните 4:11). Сепак, вреди да се земат предвид многуте користи што ќе ги има семејството ако мајката не оди на работа со цело работно време. Тереза, која ја цитиравме претходно, со неколку збора ги изразува своите чувства по ова прашање: „Ако една мајка сака да се чувствува задоволно и исполнето, треба да поминува колку што е можно повеќе време со своите деца за да се грижи за нив и да ги поучува — ништо друго не може да го замени тоа!“ (Псалм 127:3).

[Слика на страница 31]

Христијанките што имаат деца играат значајна улога во нивното воспитување

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели