Тешкотии со кои се соочуваат мајките
„Основните должности на човештвото се поврзани со домот . . . Кога мајката не би ја исполнувала својата должност, тогаш би немало следна генерација или би било подобро и да ја нема“ (Теодор Рузвелт, 26-ти претседател на Соединетите Држави).
ЈАСНО Е, без мајка нема живот, но нејзината улога не се сведува само на раѓање деца. Еден писател го забележал следново во врска со улогата што во денешно време ја има мајката во повеќето делови од светот: „Од неа во голема мера зависи здравјето и образованието на детето, како и развојот на неговиот интелект, карактер и емоционалната стабилност“.
Меѓу бројните улоги што ги има мајката спаѓа и поучувањето на децата. Токму од неа децата ги учат своите први зборови, но и самиот јазик — од таа причина честопати и се нарекува мајчин јазик. Бидејќи мајката обично поминува повеќе време со децата отколку таткото, може да се каже дека таа е нивниот главен учител и воспитувач. Во прилог на ова оди и една мексиканска пословица која вели дека детето „цица знаење од мајката“.
Нашиот Творец, Јехова Бог, исто така ги цени мајките. Всушност, една од Десетте заповеди, кои биле напишани на камени плочи со „Божјиот прст“, ги поттикнува децата да ‚ги почитуваат својот татко и својата мајка‘ (Излез 20:12; 31:18; Второзаконие 9:10). Освен тоа, една библиска пословица се осврнува на ‚учењето на мајката‘ (Пословици 1:8). Денес мнозина увидуваат колку е важно да се поучат децата уште во првите три години од животот, а ова е токму периодот кога за повеќето деца главно се грижи мајката.
Кои се некои од тешкотиите?
Многу мајки се присилени да работат за да помогнат во издржувањето на семејството, па затоа им е вистински предизвик да ги поучуваат децата во клучниот период од нивниот развој. Од статистичките податоци што ги имаат собрано Обединетите нации може да се види дека во многу развиени земји, повеќе од 50 отсто од мајките што имаат деца на возраст под три години се вработени.
Многу мајки се соочуваат со еден друг проблем. Мораат сами да ги подигаат децата затоа што нивните сопрузи заминале од дома да работат во некој друг град или во друга земја. На пример, се известува дека скоро една третина од мажите во некои делови од Ерменија заминале во потрага по работа во странство. Некои други мајки, пак, останале сами со децата затоа што мажите ги напуштиле или умреле.
Во некои земји проблем за многу мајки е тоа што самите немаат доволно образование. Одделот на ОН за економски и социјални прашања проценува дека од вкупно 876 милиони неписмени лица во светот, две третини се жени. Всушност, според податоци на УНЕСКО, во Африка, во арапските земји, и во источна и јужна Азија, над 60 отсто од жените се неписмени. Освен тоа, многу мажи сметаат дека на жените не им е потребно образование и дека образованата жена не може да биде добра мајка.
Списанието Outlook вели дека во една област од државата Керала во Индија, каде што девојчињата обично стануваат мајки пред да наполнат 15 години, никој не сака да има образована жена. Во соседниот Пакистан, синовите се во повластена положба. Нив ги школуваат за да можат подоцна да најдат подобро платена работа и така да ги издржуваат остарените родители. Од друга страна, пак, според книгата Образованието на жените во неразвиените земји (Women’s Education in Developing Countries), „родителите не вложуваат во образованието на своите ќерки затоа што од нив не се очекува финансиски да го помагаат семејството“.
Уште еден проблем со кој се соочуваат мајките се месните обичаи. На пример, во некои земји од мајките се бара да држат такви обичаи како што се продавање на женските деца во брак и осакатување на женскиот полов орган. Исто така, се смета дека мајките не смеат да ги поучуваат и да ги воспитуваат машките деца. Дали мајките се должни да ги држат тие обичаи и да дозволат други да им ги поучуваат синовите?
Во следниве статии ќе видиме што направиле некои мајки што се соочиле со вакви тешкотии. Исто така, ќе можеме да видиме зошто мајките заслужуваат да бидат ценети, а и да стекнеме урамнотежено гледиште за нивната улога во поучувањето на децата.
[Рамка/слика на страница 4]
„Мајката има пресудна улога кога станува збор за развојот на интелигенцијата и љубопитноста кај детето, како и за развојот на неговата креативност“
(Регионалниот самит за правата на децата, Буркина Фасо, 1997 година)
[Слики на страница 3]
Здравјето и образованието на детето, како и неговиот карактер и емоционална стабилност во голема мера зависат од мајката