Мајчинство — трка со пречки
Мајчинството е комплицирана и чудесна авантура. Мајките уживаат во скапоцени моменти што не би ги менувале за ништо на светот. Сепак, некои од нив понекогаш мислат дека се на работ на нервен слом. Својот живот како мајка Хелен го споредува со трка со пречки. И изгледа дека, како што одминува времето, пречките ги има сѐ повеќе и стануваат сѐ повисоки.
Мајките жртвуваат слободно време и голем дел од својот друштвен живот за да можат добро да се грижат за своите деца. „Секогаш сум на штрек“, вели Естер, мајка на пет деца. „Ги заменив релаксирачките бањи со брзи туширања, а романтичните вечери со храна од микробранова печка. За мене остануваат многу неотпатувани патувања, непосетени места, ненаправени нешта. Но, алиштата се испрани и здиплени!“
Се разбира, повеќето мајки ќе зборуваат и за незаборавните моменти на радост што ги доживуваат додека ги подигаат своите деца. Естер вели: „Повремената насмевка што ќе ја добиете, слаткото ‚Благодарам, мамичко‘ и топлите прегратки — тие се горивото што Ве одржува“.a
Мајката се вработува
Една голема пречка што го комплицира мајчинството е тоа што многу мајки ги исполнуваат традиционалните семејни одговорности додека истовремено го исполнуваат и она што го бара од нив работното место за да помогнат во финансиската издршка на семејството. Многу од тие мајки работат далеку од дома, не по личен избор туку затоа што е неопходно. Тие знаат дека, ако останат дома, нивните семејства, а особено нивните деца, ќе бидат лишени од многу работи. Нивните плати — честопати пониски од платите на мажите што работат слична работа — се многу важни.
На пример, во Сан Пауло (Бразил), 42 проценти од вработените се жени. Еден локален весник ги нарекол мајките што целото време го посветуваат на подигањето деца „загрозен вид“. Во африканските села е вообичаено да се види мајка со сноп дрва за огрев на главата и со дете врзано на грбот.
Работното место си го бара своето
Уште една препрека е тоа што пазарот на трудот бара мајките да бидат вработени. А тоа не е единственото барање. Кога Марија, која живее во Грција, се вработила, нејзиниот шеф побарал од неа да потпише документ со кој ветува дека нема да остане бремена во следните три години. Во случај да останела бремена, требало да плати отштета. Марија го потпишала тој документ. Но, околу една и пол година подоцна, останала бремена. Тогаш шефот ѝ го покажал документот на Марија, која отишла на суд за да се жали на правилникот на нејзината фирма и сега чека каков ќе биде исходот.
Во помалку екстремни случаи, работодавачите можеби им вршат притисок на мајките да се вратат на работа колку што е можно поскоро откако ќе се породат. Обично не следи скратување на работното време кога ќе се вратат. На тој начин не се излегува во пресрет на фактот дека сега тие имаат одговорности кон многу мало дете. Не можат да земат многу слободни денови без тоа да се одрази врз нивната финансиска состојба. Исто така, мајките можеби мораат да се справат со неадекватни објекти за грижа на децата и недоволен паричен надомест од државата.
Од друга страна, пак, некои мајки не работат за финансиска корист туку од лично задоволство. Сандра одлучила да се врати на работа по раѓањето и на првото и на второто дете. Се сеќава дека, кога останала дома сама со бебе, „понекогаш стоела загледана низ прозорецот и се прашувала што прават другите луѓе“. А некои мајки одат на работа затоа што сакаат да побегнат од стресот на семејниот живот. Британскиот Daily Telegraph известил: „Некои родители настојуваат да поминат повеќе часови во релативното спокојство на работното место. Ова создава еден затворен круг, бидејќи со тоа уште повеќе се намалува времето што го минуваат со децата кои стануваат сѐ поапатични, поагресивни и попроблематични“.
Жонглирање
Не е лесно да се одржува рамнотежа помеѓу работата и домот. Одразувајќи ги чувствата на многумина, една мајка од Холандија рекла: „Уморна, уморна, уморна. Дури и наутро се будам уморна. Кога ќе се вратам дома од работа, совладана сум од умор. Децата веќе велат ‚Мама секогаш е уморна‘ и тоа ми создава чувство на вина. Не сакам да отсуствувам од работа, но исто така сакам да бидам друштвена мајка која може сѐ. Но, не сум слика на совршенство каква што сакам да бидам“.
Таа е една од милионите вработени мајки што ја прифатиле идејата дека ‚квалитетно поминатото време‘ со децата може донекаде да ги надомести честите отсуства — и утврдиле дека таквата идеја не е точна. Многу мајки денес велат дека жонглирањето со стресовите на работното место и одговорностите дома прави да се преоптоварени, премногу напнати и недоволно платени.
Кога жените минуваат долго време одвоени од своите деца, децата не го добиваат она што најмногу им треба — времето и вниманието на својата мајка. Фернанда А. Лима, детски психолог од Бразил, вели дека никој не може да ја исполни улогата на мајката толку добро колку што може самата мајка. „Првите две години од животот на детето се најкритични“, вели таа. „Детето сѐ уште е премногу мало за да разбере зошто мајка му не е со него“. Оној што ја заменува може да ја ублажи потребата на детето за неговата мајка, но не може да го заземе нејзиното место. „Бебето чувствува дека не ја добива љубезната грижа на мајка си“, вели Лима.
Кети, мајка што работи полно работно време и има мала ќеркичка, рекла: ‚Чувствував ужасна вина, како да ја напуштам [во градинката]. Тешко ми паѓа сознанието дека пропуштам да гледам како расте и се развива и многу ми е чудно кога ќе помислам дека таа е поприврзана за градинката отколку за мене‘. Една стјуардеса од Мексико признала: „По извесно време, сопственото дете не Ве препознава, не Ве почитува едноставно затоа што не го одгледувате Вие. Тие знаат дека Вие сте им мајка, но одеднаш повеќе сакаат да бидат со жената што се грижи за нив“.
Од друга страна, пак, невработените мајки што остануваат дома за да се грижат за своите деца велат дека мораат да трпат потценување и омаловажување од едно општество во кое се велича платената работа. Во некои општества повеќе не се цени положбата на домаќинка, па затоа жените се под притисок да градат сопствена кариера, дури и ако нема потреба од дополнителен приход.
Оставени да се борат сами
Уште една препрека во мајчинството е ова: Уморна од работата со полно работно време, мајката доаѓа дома не за да се одмори туку за да продолжи со редовните работи низ дома. Првенствено мајките, сеедно дали работат или не, ја носат одговорноста за грижата за куќата и за децата.
Додека сѐ поголем број мајки работат сѐ подолго, татковците не го надоместуваат тоа секогаш. The Sunday Times од Лондон напишал: „Британија е нација на отсутни татковци, според едно ново истражување кое покажува дека мажите минуваат само 15 минути на ден со своите деца . . . Многу мажи не уживаат многу да минуваат време со своите семејства . . . За споредба, британската вработена мајка ќе помине 90 минути на ден со своите деца“.
Некои сопрузи се жалат дека на сопругата ѝ е тешко да му препушти дел од работата на друг затоа што инсистира сѐ да биде направено токму онака како што би го направила таа. „Ако не е така, Вие не го правите тоа како што треба“, велат сопрузите. Очигледно, за да има корист од соработката на сопругот, уморната домаќинка можеби ќе мора да биде спремна да прави отстапки во поглед на начинот на кој се извршуваат извесни работи во домаќинството. Од друга страна, пак, сопругот не треба да го користи овој аргумент како изговор да не работи ништо.
Други пречки
Длабоко вкоренетите традиции можат исто така да го зголемат бројот на пречките. Во Јапонија, од мајките се очекува да воспитуваат деца што ќе бидат слични на своите врсници. Ако другите деца одат на часови по пијано или сликање, мајката се чувствува принудена да се погрижи и нејзините деца да го прават истото. Училиштата вршат притисок врз родителите да ги тераат своите деца да се придружат на истите воншколски активности како другите деца. Ако бидат различни, може да бидат исмејувани од децата, наставниците, другите родители и роднините. Истото важи и за други земји.
Рекламите и опсесијата за трошење можат да ги натераат децата да бараат премногу. Во развиените земји, мајките можеби сметаат дека треба да им дадат на децата сѐ што ќе посакаат затоа што гледаат како другите мајки им ги даваат тие работи на своите деца. Ако не можат, можеби сметаат дека затаиле.
Оваа дискусија за мајчинството во овие модерни времиња не треба да фрли сенка врз подвигот на милиони трудољубиви, самопожртвувани мајки што даваат сѐ од себе за да извршат еден од најблагородните потфати — да ги подигнат идните генерации на човечката фамилија. Тоа е предност. Библијата вели: „Децата се благослов и подарок од Господ“ (Псалм 127:3, Contemporary English Version). Миријам, мајка на две деца, добро ги прикажува таквите мајки кога вели: „И покрај предизвиците, мајчинството си има свои неспоредливи радости. Нас, мајките, нѐ облева чувство на задоволство кога гледаме како нашите деца се оѕвиваат на воспитувањето и дисциплината што им ја даваме и стануваат одговорни членови на општеството“.
Што може да им помогне на мајките уште повеќе да уживаат во дарот на мајчинството? Следната статија ќе даде некои практични предлози.
[Фуснота]
a Овие статии се сосредоточуваат на мајките што се во брак. Во иднина Разбудете се! ќе дискутира за предизвиците на самохраните и невенчаните мајки.
[Рамка на страница 6]
„Денот на мајката“
Страшната сиромаштија, недостигот на образование, неодговорните партнери, честото малтретирање и епидемијата на СИДА ги измачуваат мајките во јужна Африка. На еден неодамнешен Ден на мајката, јужноафриканскиот весник The Citizen известил: „На Денот на мајката, илјадници жени ќе бидат малтретирани од своите партнери, а некои ќе го изгубат животот“. Секоја година ваквите проблеми наведуваат илјадници мајки од Јужна Африка да ги напуштат своите деца. Во последниов двегодишен период имаше 25-процентен пораст на напуштени бебиња. Уште поочајни се сѐ поголемиот број жени што извршуваат самоубиство. Неодамна, некоја жена од едно многу сиромашно подрачје, држејќи ги своите три деца на градите застанала пред воз што ѝ се приближувал. Сите загинале. За да врзат крај со крај, некои мајки се свртуваат кон проституција и илегално продаваат дрога или, пак, ги охрабруваат своите ќерки да го прават тоа.
Од Хонг Конг се известува дека „некои млади мајки го убиваат своето бебе кога ќе се роди или го фрлаат во контејнер бидејќи не можат да ги издржат притисоците“. South China Morning Post спомнал дека некои помлади мажени жени во Хонг Конг „сега се под толку голем стрес што нивното ментално здравје може да се влоши до степен да извршат самоубиство“.
[Рамка на страница 7]
Да се биде мајка во различни земји
Премалку време
❖ Една анкета во Хонг Конг покажа дека 60 проценти од вработените мајки не им посветуваат, како што велат самите, доволно време на своите деца. А во текот на работната седмица, 20 проценти од децата до тригодишна возраст што имаат вработени родители не живеат дома туку обично престојуваат кај бабата и дедото.
❖ Жените во Мексико минуваат околу 13 години од својот живот грижејќи се за своите деца од кои барем едно е помало од пет години.
Мајките и работното место
❖ Во Ирска, 60 проценти од жените остануваат дома за да се грижат за децата. Во Грција, Италија и Шпанија истото е случај со околу 40 проценти од жените.
Помагање низ дома
❖ Во Јапонија, 80 проценти од домаќинките рекле дека би сакале некој од семејството да им помага во работата низ дома, особено кога се болни.
❖ Во Холандија мажите минуваат околу 2 часа на ден со своите деца и 42 минути работејќи низ дома. Жените минуваат околу 3 часа со децата и 1 час и 42 минути работејќи низ дома.
Мајки под стрес
❖ Во Германија, повеќе од 70 проценти од мајките се под стрес. Околу 51 процент се жалат на болки во ’рбетот и меѓупрешленските дискуси. Повеќе од една третина се постојано уморни и малодушни. Речиси 30 проценти страдаат од главоболка или мигрена.
Малтретирани мајки
❖ Во Хонг Конг, 4 проценти од анкетираните жени рекле дека биле малтретирани за време на бременоста.
❖ Една анкета што ја спроведе списанието Focus од Германија покажа дека речиси секоја 6. мајка признала дека барем еднаш била физички нападната од своето дете.
[Слики на страница 7]
Може да биде многу стресно да се биде мајка, бидејќи многу жени мораат да „жонглираат“ со животот на работа и дома