Справување со предизвикот на мајчинството
Бидејќи децата ја претставуваат идната генерација, жените што ги обликуваат, нивните мајки, сигурно заслужуваат почит, чест и поддршка. Иако современиов свет дава една противречна слика за мајчинството, Библијата потврдува дека децата се благослов од Бог и дека тие можат да бидат извор на среќа за родителите (Псалм 127:3—5). Сепак, Писмото не ги затвора очите пред реалноста во врска со мајчинството. Библијата содржи запис за многу негови предизвици.
Одлуките што ги донесуваат родителите во врска со родителството и мајчинството имаат длабоко и трајно влијание врз животот и карактерот на нивните деца. Овие одлуки можат да донесат големи промени во начинот на живот на родителите, па затоа тие треба да се донесуваат внимателно. Тука се вклучени прашањата како што се: Треба ли мајката да најде вработување? Ако да, колку треба да работи? Кој ќе се грижи за децата додека мајката е на работа? На крајот, родителите мораат да го направат она што сметаат дека е најдобро за нивните деца, а исто така и она што е исправно во Божји очи.
Меѓутоа, мајките не треба да се чувствуваат сами кога настојуваат да донесуваат мудри одлуки. Можат да најдат голема утеха во зборовите од Исаија 40:11, кои покажуваат дека Бог е посебно заинтересиран за потребите на мајките со бебиња, кои тој „внимателно ги негува“. Бог покажува таков грижлив интерес давајќи во Библијата многу упатства што можат да ја направат улогата на мајката пријатна и успешна.
❖ Бидете разумни: Христијаните треба да бидат познати по својата разумност (Филипјаните 4:5). Џенет Пенли, писателка и мајка, научила колку вреди ова начело. „Станав мајка негувајќи најголеми очекувања“, вели таа. „Имав намера да бидам подобра мајка од која и да е друга дотогаш. Ги прочитав сите книги и ги слушав сите стручњаци. Но, наместо да се чувствувам успешна и способна, на крајот се чувствував недостаточна и бев под стрес.“ Таа забележува дека „исполнувањето на туѓите очекувања и обидот да се вклопиме во некаков ‚идеален‘ калап го ослабува духот и создава грижа и чувство на вина“.
❖ Поедноставувајте ги работите: „Она што семејствата ризикуваат да го изгубат во оваа луда трка на животот“, пишува во списанието Newsweek, „е суштината на детството и радоста на семејниот живот“. Затоа многу мајки копнеат по едноставен живот. Како можете да го постигнете тоа? Прво, поставете приоритети, обрнувајќи внимание на „поважните работи“, вклучувајќи го и времето и личната грижа што им се потребни на Вашите деца (Филипјаните 1:10, 11). Второ, анализирајте го својот начин на живот. Можеби ќе треба да се откажете од некои активности и поседи што не се баш неопходни.
Што Ви е најважно во животот? Да имате сѐ и тоа да го имате веднаш или, пак, можете да одложите некои цели додека постигнувате други? Каролин, мајка со ограничени средства, кажува како се справува со својата ситуација: „Се трудам сѐ да биде едноставно и ги намалувам трошоците“. Глорија, мајка на три деца, се сеќава: „Немавме пари за реномирани марки облека, но јас им шиев облека на децата и им велев дека е нешто посебно затоа што никој друг нема таква“.
Божјата реч вели дека „оној што ја чува проникливоста, ќе најде добро“ (Пословици 19:8, NW). Проникливоста е потребна за да се направи селекција од бескрајната низа слободни активности, апарати и трендови што ги преплавуваат мајките и децата. Џудит, мајка од Јужна Африка, вели: „Постојано сме бомбардирани со нови производи, подобра технологија и повеќе услуги!“ Еве како се справува со тој предизвик Анџела, од Германија, која е мајка на четири деца: „Морате да одредите што е неопходно и корисно за Вас и да им помогнете на своите деца да го направат истото“.
❖ Направете ги промените што се можни: „Користи здрав разум и здраво просудување“, опоменува Библијата (Пословици 3:21, Contemporary English Version). Ако во моментов сте вработени, може ли семејството да живее само од приходот на сопругот? Како помош за да одговорите на ова прашање, одредете колку изнесува вашиот нето приход откако ќе ги одземете даноците, грижата за детето, трошоците за превоз до работното место, облеката, оброците на паузите и додатните трошоци. Исто така, во земјите каде што приходот на сопружниците се комбинира, приходот на сопругот можеби е оданочен повеќе ако заедничкиот приход на сопругот и сопругата спаѓа во група со повисоки примања. Можеби ќе се изненадите кога ќе видите колку малку Ви останува.
Некои работат пократко време или поблизу до дома, што може да значи помалку пари но повеќе време поминато со децата. Ако одлучите да престанете да работите и ако Вашата работа Ви била важна поради чувството на самопочит и успех, размислете за тоа како можете да ги задржите овие важни нешта и покрај тоа што ќе останете дома.
❖ Побарајте помош: Божјата реч постојано покажува дека ‚повикот за помош‘ може да донесе резултати (Излез 2:23, 24; Псалм 34:15). Повикот за помош на мајката би требало да го натера сопругот да помогне. Со негова соработка ќе можете да воспоставите систем на поделба на работата низ дома за да имате време да ги постигнете целите што сте си ги поставиле заедно — на пример, да им стоите на располагање на своите деца. Ако е можно, мајката треба да си создаде и круг од луѓе што ќе ѝ помагаат, вклучувајќи го семејството и доверливите пријатели, кои ги имаат истите интереси и цели.
Многу мајки наоѓаат скапоцена поддршка во локалното христијанско собрание на соверници. Марија, мајка на три деца, сфатила дека „зближувањето со собранието“ е еден од начините на кои „Бог ни покажува љубов и сочувство и ни покажува дека се грижи за нас“.
❖ Одвојте си време за релаксација: Дури и Исус, совршен човек што бил многу издржлив, ги повикал своите ученици да појдат ‚насамо на некое осамено место и да се одморат малку‘ (Матеј 6:30—32). Успехот како мајка зависи од Вашата способност да останете урамнотежени во моменти кога многу се бара од Вас. Вистина е дека сте им потребни на Вашите деца, но потребно им е и тоа да бидете среќни и задоволни. Потребна Ви е разумна релаксација.
Анџела, спомната претходно, има план за релаксација: „Си одвојувам тивко време наутро и имам барем половина час за себе. А мојот сопруг и јас имаме една или две вечери во седмицата кога од нашите деца се очекува да одат во друга соба и да прават нешто без да креваат врева. Така можеме да имаме еден час само за нас двајцата“.
❖ Дајте ѝ приоритет на духовноста: Забележано е дека предизвиците на мајките се отежнати ако се изгуби од вид целта и ако не се постават приоритети. Христијанските семејства се среќни кога соработуваат и ја ставаат Божјата волја на прво место во својот живот. Апостол Павле напишал: „Побожната оддаденост е корисна за сѐ, зашто има ветување за сегашниот живот и за оној кој ќе дојде“ (1. Тимотеј 4:8). Семејството што живее со побожна оддаденост и што го следи Божјето водство од Библијата ќе биде среќно. Дури и ако само еден член од семејството ги применува библиските начела, работите се подобри отколку кога никој не го прави тоа.
Адел, христијанска мајка што работи полно работно време, видела колку е корисно да се биде духовно настроен. Таа вели: „Имаме многу водство и информации во библиските публикации што нѐ поучуваат со што се соочуваат нашите деца и како можеме да им помогнеме. Кога ќе видите како децата реагираат на духовната храна што им ја давате, чувствувате дека Вашиот труд се исплаќа. Кога ќе видите мали, позитивни работи во нивното однесување и начинот на резонирање, ќе сфатите дека го прифаќаат тоа и дека Вашите напори се исплателе“.a
Да, можно е успешно да се трча трката со пречки од која се состои мајчинството. Самиот Бог го дава утешното уверување дека напорите на трудољубивите и самопожртвувани мајки што имаат доверба во него нема да бидат залудни. Мајките што негуваат личен однос со него можат да најдат утеха во неговото ветување дека „на заморениот му ја враќа силата“ (Исаија 40:29).
[Фуснота]
a Јеховините сведоци издадоа многу библиски публикации наменети за воспитување на децата. Во нив спаѓаат Моја книга со библиски приказни, Младите прашуваат — делотворни одговори и Тајната на семејната среќа.
[Рамка на страница 10]
Влијанието на мајката
Како мајка, понекогаш можеби се прашувате колкаво влијание имате врз животот на своето дете. Понекогаш може да изгледа дека врсниците, наставниците, забавата, видеоигрите и музиката им влијаат повеќе од Вас.
Размислете за примерот на Јохаведа, мајка му на Мојсеј. Таа живеела во многу тешки времиња и не можела многу да влијае врз она што ќе се случи со нејзиниот син. Сепак, ги користела приликите што ги имала за да влијае врз неговиот развој. Прво, покажала храбра вера на тој начин што не сакала да дозволи Мојсеј да биде убиен. Бог ја наградил нејзината вера не само со тоа што го зачувал животот на бебето туку и со тоа што ги водел работите за да ѝ овозможи на Јохаведа да служи како негова доилка — и мајка (Излез 1:15, 16; 2:1—10).
Очигледно е дека Јохаведа помогнала во обликувањето на личноста на нејзиниот син. Тоа што возрасниот Мојсеј се идентификувал со Евреите и со нивниот Бог и покрај неговите врски со египетскиот двор сведочи за влијанието на неговите родители во годините кога се оформувал како личност (Евреите 11:24—26).
Како мајка, Вие можеби имате повеќе прилики да влијаете врз своето дете отколку што имала Јохаведа. Дали ги користите малкуте кратки години од детството на Вашето дете за да му дадете трајна, побожна поука? Или, пак, дозволувате раширената култура да има доминантно влијание врз развојот на Вашето дете?
[Слики на страница 10]
Вклучете и други во работата низ дома, одвојувајте си време за себе и дајте ѝ приоритет на духовноста