Божјата моќ се гледа во ѕвездите
„Подигнете ги очите угоре и гледајте! Кој го создал тоа? Оној што ја изведува нивната војска според нивниот број и ги вика сите по име. Поради неговата голема моќ и неговата огромна сила не изостанува ниту едно“ (ИСАИЈА 40:26).
НАШЕТО Сонце е една ѕвезда со просечна големина. Сепак, тоа има 330.000 пати поголема маса од Земјата. Поголемиот број од блиските ѕвезди се помали од Сонцето. Но, има и други ѕвезди, како што е ѕвездата наречена V382 Cygni, што имаат барем 27 пати поголема маса од нашето Сонце.
Колкава енергија зрачи Сонцето? Замисли си колку силен треба да биде еден оган ако си оддалечен 10 километри од него, но сѐ уште можеш да ја почувствуваш неговата топлина! Сонцето е оддалечено од Земјата околу 150 милиони километри. Но, во сончев ден, неговата топлина може да предизвика изгореници на кожата! Интересно е тоа што до Земјата стигнува отприлика само еден милијардити дел од сончевата енергија. Сепак, ова мало количество е доволно за да го одржува животот на нашава планета.
Всушност, научниците пресметале дека вкупната енергија што доаѓа само од Сонцето е доволна за да се одржува живот на околу 31 билион планети како што е Земјата. Со други зборови, кога би можеле да ја собереме и искористиме целокупната енергија која Сонцето ја зрачи само во една секунда, Соединетите Држави би имале „доволно енергија за следните 9.000.000 години, според денешната стапка на користење“, вели веб-страницата на Space Weather Prediction Center (SWPC).
Сончевата енергија се создава во неговото јадро — нуклеарен реактор во кој се соединуваат атоми при што се ослободува енергија. Бидејќи Сонцето е толку големо, а неговото јадро има огромна густина, потребни се милиони години за енергијата што се создава во јадрото да стигне до неговата површина. Истата веб-страница вели: „Ако Сонцето престане да создава енергија денес, ќе бидат потребни 50.000.000 години за да се почувствуваат значителни промени на Земјата!“
Сега размисли за следново: кога ќе погледнеш кон небото во некоја ведра ноќ, гледаш илјадници ѕвезди, и секоја од нив испушта огромни количества енергија, слично на нашето Сонце. А научниците пресметале дека во вселената има стотици милијарди ѕвезди!
Како настанале сите тие? Повеќето истражувачи денес сметаат дека, од причини кои сѐ уште не можат потполно да ги разберат, вселената настанала одеднаш пред околу 14 милијарди години. Библијата едноставно вели: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1). Без сомнение, за Оној што ги создал џиновските енергетски постројки што ние ги нарекуваме ѕвезди може со право да се каже дека има „голема моќ“ (Исаија 40:26).
Како Бог ја користи својата моќ
Јехова Бог ја користи својата моќ за да им помага на оние што ја вршат неговата волја. На пример, апостол Павле се трошел себеси за да ги поучува другите за Бог. Тој не бил чудо од човек, но сепак можел да направи многу добри дела и покрај тоа што бил жестоко прогонуван. Како успеал во тоа? Тој признал дека својата „сила, која ја надминува нормалната“, ја добил од Бог (2. Коринќаните 4:7-9).
Јехова Бог ја употребил својата моќ и за да ги уништи оние што бесрамно ги кршеле неговите морални мерила. Исус Христос го спомнал уништувањето на Содом и Гомор, како и Потопот во времето на Ное, како примери на ситуации кога Јехова ја користел својата моќ за да ги уништи само злите. Исус прорекол дека наскоро Јехова повторно ќе ја употреби својата сила и моќ за да ги уништи оние што не се држат за неговите мерила (Матеј 24:3, 37-39; Лука 17:26-30).
До каков заклучок доаѓаш?
Откако ќе размислиш за Божјата моќ што ни ја откриваат ѕвездите, можеби ќе се почувствуваш исто како цар Давид, кој рекол: „Кога ги гледам небесата твои, дело на твоите прсти, месечината и ѕвездите што си ги направил — што е смртниот човек, па да мислиш на него, и земниот човек, па да се грижиш за него?“ (Псалм 8:3, 4).
Навистина, стануваме понизни кога ќе сфатиме колку сме ситни и безначајни во споредба со огромната вселена. Сепак, не треба да се плашиме од Божјата сила и моќ. Јехова го вдахнал својот пророк Исаија да ги напише следниве успокојувачки зборови: „[Бог] му ја враќа силата на уморниот, му дава моќна сила на нејакиот. Момчињата се уморуваат и се тетерават, младичите ослабуваат, но оние што се надеваат на Јехова добиваат нова сила. Како орли се подигаат на крилја. Трчаат и не папсуваат, одат и не се уморуваат“ (Исаија 40:29-31).
Ако сакаш да ја вршиш Божјата волја, биди уверен дека тој ќе ти го даде својот свет дух за да ти помогне во тоа. Но, ти мора да го молиш Бог за свет дух (Лука 11:13). Со Божја помош, можеш да го пребродиш секое искушение и да имаш сила да го правиш она што е исправно (Филипјаните 4:13).
[Истакната мисла на страница 7]
Со Божја помош, ќе имаш сила да го правиш она што е исправно
[Слики на страница 7]
Од горе лево, во правец на стрелките на часовникот: спирална галаксија, ѕвезденото јато Квачка, маглината Орион, галаксијата Андромеда
[Слики на страница 7]
Сонцето има 330.000 пати поголема маса од Земјата
[Извори на слики на страница 7]
Ѕвезденото јато Квачка: NASA, ESA и AURA/Caltech; сите други фотографии горе: National Optical Astronomy Observatories