ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w08 1/5 стр. 25-29
  • Кога некој има неизлечлива болест

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Кога некој има неизлечлива болест
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Природна реакција
  • Мисли на личноста, а не на болеста
  • Спремно слушај
  • Да се разберат основните потреби
  • Кога деновите се избројани
  • Кога некој од најблиските има неизлечива болест
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (За јавност) 2017
  • Како да се излезе на крај со чувствата
    Разбудете се! 1997
  • Ако некој твој близок е болен
    Разбудете се! 2015
  • Предизвикот на преземањето грижа
    Разбудете се! 1997
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
w08 1/5 стр. 25-29

Кога некој има неизлечлива болест

„Кога првпат чув дека мајка ми има неизлечлива болест, едноставно не можев да верувам. Бев шокирана, не можев да прифатам дека мојата мила мајка ќе умре“ (Грејс, Канада).

КОГА ќе се утврди дека некој од најблиските има неизлечлива болест, и семејството и пријателите се длабоко погодени и можеби не знаат како да реагираат. Некои се прашуваат дали да му ја кажат на пациентот целата вистина за болеста. Други се прашуваат дали ќе можат да издржат да гледаат како нивниот мил пријател или роднина страда и се чувствува беспомошен поради последиците од болеста. Мнозина се плашат дека нема да знаат што да речат или што да прават во последните часови од животот на пациентот.

Што треба да знаеш за начинот на кој ќе биде најдобро да реагираш на една таква лоша вест? И како можеш да се покажеш како ‚вистински пријател‘ и да дадеш утеха и поддршка во тие тешки моменти? (Изреки 17:17).

Природна реакција

Сосема е природно да ни биде многу жал кога некој од нашите најмили ќе заболи од некоја тешка болест. Дури и на лекарите, иако постојано контактираат со луѓе што умираат, честопати им е тешко — па дури се чувствуваат и беспомошно — кога ќе се најдат пред физичките и емоционалните потреби на лицата што боледуваат од некоја неизлечлива болест.

Можеби и тебе ти е тешко да ги потиснуваш своите чувства кога гледаш како страда некој од твоите блиски. Хоза, која живее во Бразил и чија сестра била тешко болна од неизлечлива болест, вели: „Многу е тешко да гледаш како некој што многу го сакаш трпи постојани болки“. Кога видел дека сестра му е погодена од лепра, верниот Мојсеј извикнал: „О Боже, те молам, излечи ја!“ (4. Мојсеева 12:12, 13).

Кога се мачи некој од нашите најмили, чувствуваме длабока болка бидејќи сме создадени според ликот на нашиот сочувствителен Бог, Јехова (1. Мојсеева 1:27; Исаија 63:9). Како се чувствува Јехова кога гледа дека луѓето се мачат? Размисли како реагирал Исус. Тој совршено ги одразувал особините на својот Татко (Јован 14:9). Кога Исус ги гледал луѓето што страдале од разни болести, ‚му паднало жал‘, и ‚се сожалил‘ на нив (Матеј 20:29-34; Марко 1:40, 41). Како што беше кажано во претходната статија од ова списание, кога Исусовиот пријател Лазар умрел и Исус видел како реагираат на смртта семејството и пријателите, бил длабоко потресен и ‚почнал да рони солзи‘ (Јован 11:32-35). Всушност, Библијата вели дека смртта е непријател, но исто така ветува дека наскоро нема да има веќе ниту болести ниту смрт (1. Коринќаните 15:26; Откровение 21:3, 4).

Се разбира, можеби ти доаѓа да обвиниш некого — кого и да е — за лошата вест дека некој од твоите најмили има неизлечлива болест. Меѓутоа, д-р Марта Ортиз, која подготвила дисертација на тема грижа за лицата со неизлечлива болест, го дава следниов совет: „За болеста на пациентот не обвинувај ги другите — ниту лекарите, ниту медицинските сестри, ниту себеси. Тоа само уште повеќе ќе ја отежне ситуацијата и ќе го одврати вниманието од она што е најважно: потребите на пациентот со неизлечлива болест“. Кои практични чекори би можел да ги направиш за да му помогнеш на оној што ти е драг да издржи и да се соочи со смртта?

Мисли на личноста, а не на болеста

Првиот чекор е да гледаш зад последиците од болеста, како што се немоќта или деформитетите, и наместо тоа да мислиш на личноста. Како можеш да го постигнеш ова? Сара, која е медицинска сестра, вели: „Си одвојувам време да гледам слики од пациентот од времето кога сѐ уште бил полн со сила и енергија. Внимателно го слушам додека ми раскажува за своите спомени. Ова ми помага да дознаам нешто за животот и минатото на пациентот и да не мислам само на неговата сегашна состојба“.

Ан-Катрин, која исто така работи како медицинска сестра, објаснува дека гледа зад физичките симптоми на пациентот. „Го гледам човекот в очи“, вели таа, „и размислувам само за тоа што можам да направам за да му биде подобро“. Во книгата Потребите на оние што се на умирање — водич за давање надеж, утеха и љубов во последното поглавје од животот (The Needs of the Dying—A Guide for Bringing Hope, Comfort, and Love to Life’s Final Chapter), стои: „Нормално е да се чувствуваме ужасно кога ќе видиме какви последици оставила болеста или сообраќајката врз некој што ни е многу драг. Во тие околности најдобро е да го гледаме в очи и да се задлабочиме во тие непроменливи костенливи, зелени или сини очи“.

Се разбира, за да го направиш тоа треба да покажеш самосовладување и да бидеш решителен. Жорж, христијански надгледник што редовно ги посетува оние со неизлечлива болест, го вели следново: „Нашата љубов кон блискиот мора да биде посилна од болеста“. Ако мислиш на личноста, а не на болеста, си правиш добро и себеси и на другиот. Ивон, која се грижела за деца болни од рак, вели: „Кога гледаш дека можеш да им помогнеш на пациентите да го задржат своето достоинство, полесно ќе издржиш кога нивната здравствена состојба ќе почне да се влошува“.

Спремно слушај

Луѓето можеби се плашат да контактираат со некого што е на умирање иако таа личност им е многу драга. Зошто? Страв им е дека нема да знаат што да речат. Меѓутоа, Ан-Катрин, која неодамна ја негувала својата многу болна пријателка за чија болест немало лек, вели дека понекогаш е во ред човек и само да молчи. Таа објаснува: „Утехата не доаѓа само од нашите зборови туку и од нашите постапки. Кога ќе ја приближиме столицата до креветот и ќе седнеме до нив, кога ќе им ја подадеме раката, кога не се воздржуваме да заплачеме додека ни кажуваат како се чувствуваат — покажуваме дека сме заинтересирани за нив и дека ни значат“.

Твојот мил пријател или роднина веројатно има потреба да си каже како се чувствува — да разговара искрено и отворено со некого. Но, честопати болниот е свесен дека на неговите блиски им е непријатно и избегнува да зборува за сериозни лични работи. Добронамерните пријатели и семејството можеби исто така избегнуваат да разговараат на теми што го засегаат пациентот, па дури и кријат од него важни информации за неговата здравствена состојба. До што води ваквиот заговор за молчење? Една лекарка што работи со пациенти кои имаат неизлечлива болест објаснува дека напорот што некои го вложуваат за да ја скријат вистината им „ја одзема силата што им е потребна за да можат отворено да му ја објаснат ситуацијата и да му помогнат да се соочи со болеста“. Според тоа, ако болниот сака, треба да му се дозволи да зборува отворено за својата болест или за својата претстојна смрт.

Кога биле очи в очи со смртта, Божјите слуги во минатото не се колебале да му ги искажат своите стравови на Јехова Бог. На пример, кога дознал дека ќе умре, 39-годишниот цар Езекија го искажал својот очај (Исаија 38:9-12, 18-20). И на лицата со неизлечлива болест мора да им се дозволи да ја искажат својата тага затоа што сфаќаат дека наскоро ќе умрат. Можеби се чувствуваат фрустрирани бидејќи сега не можат да ги остварат целите што си ги поставиле, на пример, да патуваат некаде, да основаат семејство, да гледаат како им растат внучињата или, пак, да му служат на Бог во поголема мера. Можеби се плашат дека пријателите и семејството ќе се оддалечат од страв дека нема да знаат како да реагираат (Јов 19:16-18). Можеби им тежи и помислата дека ќе страдаат, дека ќе изгубат контрола над телесните функции или дека ќе бидат сами кога ќе умрат.

Ан-Катрин вели: „Важно е да дозволиш твојот пријател да си каже што му лежи на срце, без да го прекинуваш, да му судиш или да му велиш дека нема потреба да се плаши. Така најдобро ќе дознаеш како навистина се чувствува и какви желби има, какви стравови го измачуваат и што мисли дека ќе му се случи“.

Да се разберат основните потреби

Неволјата на твојот драг пријател или роднина, можеби влошена од јаки терапии и последиците од нив, може толку да те вознемири што ќе заборавиш на една основна потреба на пациентот. Тоа е потребата сам да донесува одлуки.

Во некои култури, семејството се обидува да го заштити болниот криејќи ја вистината за неговата здравствена состојба до тој степен што го исклучуваат од некои одлуки поврзани со неговото лекување. Во други култури може да се појави друг проблем. На пример, Џери, кој работи како болничар, вели: „Понекогаш оние што доаѓаат на посета почнуваат да зборуваат за болниот додека се покрај неговата постела како тој воопшто да не е присутен“. И во едниот и во другиот случај, тоа што се прави му го одзема достоинството на пациентот.

Надежта е уште една основна потреба на пациентот. Во земјите каде што има квалитетна медицинска нега, надежта честопати е тесно поврзана со наоѓањето ефикасен лек. Мишел, која ѝ помага на мајка си на која три пати ѝ се вратил ракот, објаснува: „Ако мама сака да се обиде со уште некоја терапија или да разговара со некој друг специјалист, ѝ помагам во тоа. Сфатив дека мора да бидам реална во срцето но, во исто време, мора да бидам позитивна кога зборувам“.

Што ако нема никаква надеж да се најде лек? Не заборавај дека пациентот што има неизлечлива болест има потреба отворено да зборува за смртта. Жорж, христијанскиот надгледник што веќе го спомнавме, вели: „Многу е важно да не се крие дека смртта е неизбежна. Така болниот ќе има можност да направи сѐ што е потребно за да се подготви за својата смрт“. Исто така, тоа може да му даде мир затоа што си ги средил работите и да чувствува олеснување кога ќе помисли дека нема да им биде на товар на другите.

Се разбира, нормално е на човек да му биде тешко да разговара за овие работи. Но, таквите отворени разговори даваат неповторлива можност искрено да ги изразиш своите најдлабоки чувства. Оној што е на умирање можеби сака да среди некои несогласувања, да каже дека жали за нешто или да се извини некому. Со ваквите разговори ќе станеш уште поблизок со него.

Кога деновите се избројани

Како можеш да утешиш некого што се ближи кон крајот на својот живот? Д-р Ортиц вели: „Дозволете му на пациентот да си ги каже последните желби. Слушајте внимателно. Ако е можно, обидете се да го направите она што го бара. Ако не е можно да ја исполните неговата желба, искрено кажете му го тоа“.

Повеќе од кога и да е порано во животот, оној што е на смртна постела можеби ќе чувствува потреба да биде со оние што најмногу му значат во животот. Жорж вели: „Помогнете му на пациентот да се гледа или да се слуша со нив, дури и ако разговорите се кратки затоа што е исцрпен“. Дури и ако се само по телефон, ваквите разговори се прилика за меѓусебно охрабрување и за заедничка молитва. Кристина, Канаѓанка која за кратко време изгубила тројца од своите блиски, вели: „Колку повеќе се ближеа кон крајот на животот, толку повеќе им значеа молитвите на сохристијаните“.

Треба ли да се воздржуваш да плачеш пред твојот пријател или роднина кој е на умирање? Не. Ако заплачеш, ти, всушност, му даваш прилика тој да те теши. Во книгата Потребите на оние што се на умирање стои: „Многу е трогателно да те теши некој што е на умирање. Тоа е искуство што ним многу им значи“. Тешејќи ги другите, оној за кого другите многу се грижеле има можност повторно да биде во улога на грижлив пријател, татко или мајка.

Се разбира, можеби околностите те спречуваат да бидеш со твојот драг пријател или роднина во последните часови од неговиот живот. Меѓутоа, ако сепак можеш да бидеш со него в болница или дома, држи го за рака до крајот ако е можно. Во тие последни мигови ќе имаш прилика да изразиш чувства што ретко кога си ги искажал со зборови. Иако можеби тој нема свесно да реагира на твоите зборови или гестови, не дозволувај тоа да те спречи да се збогуваш со него и да ја изразиш својата љубов и надеж дека повторно ќе се видите кога ќе воскресне (Јов 14:14, 15; Дела 24:15).

Ако најдобро ги искористиш тие последни мигови, веројатно нема да жалиш подоцна. Всушност, тие моменти на силни емоции би можеле да ти бидат извор на утеха во иднина. Ќе знаеш дека си се покажал како вистински пријател „во неволја“ (Изреки 17:17).

[Истакната мисла на страница 27]

Ако мислиш на личноста, а не на болеста, си правиш добро и себеси и на другиот

[Рамка/слика на страница 29]

Како да се покаже почит кон достоинството на пациентот

Во многу земји се прават напори да се уважи правото на пациентите со неизлечлива болест да умрат достоинствено и во мир. Однапред напишаниот документ во кој болниот ги изнесува своите желби многу ќе помогне да се почитуваат неговите права и да му се дозволи да умре или дома или во болничка установа.

Ваквиот документ ќе помогне во следниве работи:

• Ќе ја подобри комуникацијата со лекарите и роднините

• Ќе го ослободи семејството од донесување одлуки

• Ќе ја намали веројатноста од несакани, бесполезни, агресивни и скапи третмани

Добро составениот документ треба да ги содржи барем следниве податоци:

• Името на лицето што си го ополномоштил да донесува одлуки за твоето лекување

• Третманите што ќе ги прифатиш или одбиеш ако состојбата во никој случај не може да се подобри

• Ако е можно, името на лекарот кој знае какви одлуки си донел

[Слика на страница 26]

Мисли на животот на пациентот, а не само на неговата моментална здравствена состојба

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели