Помогнете му на своето дете да преболи
ВО ЕДНА добро снабдена книжарница, некоја мајка налутено ѝ се пожалила на продавачката: „Книжарницава ви е полна со секакви книги, но ниедна од нив не може да му помогне на моето дете!“ Мајката барала прирачник што ќе му помогне на нејзиното синче да ја преболи ненадејната смрт на некој близок роднина.
Оваа мајка била сосема во право. На едно мало дете многу му е тешко да ја прифати смртта. Децата добро напредуваат кога се згрижени од своето семејство, но смртта може да им одземе некој со кого биле многу блиски и многу го сакале. Како можеш ти, како родител, да му помогнеш на своето дете во моментите кога е неизбежна или кога веќе се случила една таква загуба?
Се разбира, ако починал некој од најблиските, можеби и ти самиот веќе се бориш со своите емоции и мислиш на својата болка и загуба. Меѓутоа, не заборавај дека и на твоето дете му треба помош. „Понекогаш децата ќе начујат нешто од вашите муабети и, оставени сами да го толкуваат она што го чуле, честопати ги извртуваат или погрешно ги сфаќаат работите што ги чуле“, стои во една публикација издадена од медицинска установа во Минесота (САД). Во неа понатаму пишува: „На децата треба да им се каже вистината“. Затоа, ќе биде мудро да им ги објасниш работите во зависност од тоа колку можат да разберат. Ова не е лесно, бидејќи децата многу се разликуваат во способноста да сфатат што се случува (1. Коринќаните 13:11).
Како да се објасни смртта
Некои истражувачи велат дека, кога се разговара со едно дете за смртта, родителите треба да внимаваат со употребата на термините како што се „спие“, „го изгубивме“, „замина“. Употребата на тие зборови без да се објаснат може да го збуни малото дете. Се разбира, Исус ја споредил смртта со спиење, и тоа било сосема на место. Но, не заборавај дека тој не зборувал со деца. Освен тоа, Исус ја објаснил споредбата што ја кажал. На своите ученици им рекол: „Нашиот пријател Лазар заспа“. Иако биле возрасни луѓе, учениците ‚си мислеле дека зборува за спиењето, за сонот‘. Тогаш Исус јасно им рекол: „Лазар умре“ (Јован 11:11-14). Штом на возрасните им е потребно такво недвосмислено објаснување, колку повеќе им е потребно на децата!
„Мајката можеби ќе се обиде да ги ублажи зборовите кога на детето му ја објаснува смртта“, велат авторите Мариен и Џејмс Емсвајлер, „но со тоа може да му всади во главата идеи што претходно не биле таму и што можеби го плашат или се штетни за него.“ На пример, ако на едно мало дете му кажат дека починатиот само спие, можеби ќе му биде страв да заспие ноќе затоа што ќе си мисли дека нема да се разбуди. Ако му кажат само дека починатиот „заминал“, детето можеби ќе се чувствува отфрлено или напуштено.
Многу родители дошле до заклучокот дека, кога треба да им се објасни смртта, децата полесно разбираат едноставни, директни зборови отколку апстрактни изрази или ублажени термини (1. Коринќаните 14:9). Истражувачите препорачуваат да го поттикнеш детето да поставува прашања и да зборува за она што го загрижува. Честите разговори можат да ти помогнат да ги расчистиш недоразбирањата и да ти откријат на кои други начини можеш да му помогнеш на детето.
Најдобар прирачник
Додека жали поради нечија смрт, детето ќе очекува од тебе водство, поддршка и одговори. Затоа, каде можеш да најдеш добри информации на таа тема? Многу луѓе утврдиле дека Библијата ги содржи најдобрите совети што даваат утеха и надеж. Таа точно објаснува зошто луѓето умираат, во каква состојба се мртвите и каква е надежта за нив. Едноставната вистина дека „мртвите не се свесни за ништо“ би требало да му помогне на детето да сфати дека саканото лице што починало не страда (Проповедник 9:5). Освен тоа, во Библијата Бог ни дава надеж дека повторно ќе се видиме со нашите блиски што умреле. Тоа ќе биде кога ќе воскреснат во рајот на Земјата (Јован 5:28, 29).
Со тоа што ќе го користиш Светото писмо, ќе му помогнеш на своето дете да увиди дека Библијата дава добри совети и утеха во секоја тешка ситуација. Во исто време, детето ќе сфати дека ти, како родител, се потпираш на Божјата реч и од неа бараш водство за важни работи во животот (Изреки 22:6; 2. Тимотеј 3:15).
Одговор на некои прашања
Додека му помагаш на своето дете да преболи нечија смрт, може да настанат ситуации што те збунуваат. Како да постапиш тогаш?a Да разгледаме некои вообичаени прашања што може да се појават.
• Дали да кријам од детето дека жалам? Сосема е нормално што сакаш да го заштитиш своето дете. Но, дали е погрешно детето да види дека жалиш? Многу родители утврдиле дека е најдобро да бидат искрени и да не ја кријат својата болка, и со тоа да му покажат на детето дека е нормално да се жали. Некои разговарале со своите деца за библиски личности кои жалеле пред другите. На пример, Исус заплакал кога умрел неговиот драг пријател Лазар. Тој не ги криел своите чувства (Јован 11:35).
• Дали детето да присуствува на погребниот говор или на самиот погреб? Ако дојде и детето, ќе биде добро однапред да му се објасни како ќе се одвиваат работите и зошто. Се разбира, во некои случаи родителите можеби ќе дојдат до заклучок дека има добри причини нивното дете да не присуствува на целиот или на некој дел од погребот. За децата што се присутни на погреб што го организраат Јеховините сведоци, ќе биде добро да го чујат библиското предавање што се изнесува. Освен тоа, срдечноста и љубовта меѓу присутните може да влијаат позитивно и да бидат вистинска утеха, дури и за едно дете (Римјаните 12:10, 15; Јован 13:34, 35).
• Дали да зборувам со детето за починатиот? Некои истражувачи велат дека, ако сосема се избегнува таа тема, детето може да дојде до погрешен заклучок дека криеш нешто за починатиот или дека се обидуваш да го избришеш секој спомен за него. Авторката Џулија Ратки вели: „Важно е да им помогнете на своите деца да научат да живеат со спомените и да не се плашат“. Со тоа што отворено ќе му зборуваш на детето за починатиот, спомнувајќи ги и убавите црти на неговата личност и пријатните моменти од неговиот живот, ќе му помогнеш полесно да преболи. Родителите што се Јеховини сведоци ги тешат своите деца со библиската надеж за воскресение во рајот на Земјата, каде што ќе нема повеќе болести и смрт (Откровение 21:4).
• Како да му помогнам на детето додека тагува? Додека жали, кај детето може да се јават некои физички симптоми, па дури и болест. Можеби ќе се лути или ќе биде вознемирено затоа што се чувствува беспомошно и фрустрирано. Не изненадувај се ако детето се мачи со чувства на вина, ако сѐ повеќе се приврзува кон тебе или ако го фаќа паника кога ќе се вратиш подоцна или кога ќе се разболиш. Како да му помогнеш? Детето никогаш не треба да има чувство дека не забележуваш кога нешто не е во ред. Затоа, биди прониклив и набљудувај го. Труди се да не судиш погрешно и да не ја омаловажваш болката што во него ја предизвикала смртта на некоја личност. Редовно теши го и наведи го да прашува и отворено да зборува со тебе. Можеш да ја зајакнеш неговата надеж — како и својата — „преку утехата од Писмата“ (Римјаните 15:4).
• Кога да се вратиме на вообичаената семејна рутина и да продолжиме со нормалните активности? Стручњаците велат дека треба да се продолжи со колку што е можно повеќе редовни активности. Се вели дека добрата рутина е ефикасно средство за борба со жалоста. Многу родители што се Јеховини сведоци утврдиле дека одржувањето добра духовна рутина, што значи редовно проучување на Библијата со семејството и редовно присуство на христијанските состаноци, може да го стабилизира и да го зајакне семејството (5. Мојсеева 6:4-9; Евреите 10:24, 25).
Сѐ додека Јехова Бог не им стави крај на болестите и на смртта, децата одреме-навреме ќе бидат соочени со трагедии како што е смртта (Исаија 25:8). Меѓутоа, со соодветна утеха и поддршка, може да им се помогне успешно да ја преболат загубата на некој од најблиските.
[Фуснота]
a Она што е кажано во оваа статија не е со намера да се постават правила. Треба да се земе предвид дека околностите и обичаите многу се разликуваат од земја до земја и од култура до култура.
[Истакната мисла на страница 19]
Поттикни го детето да поставува прашања и да зборува за она што го мачи
[Слика на страница 20]
Задржи ја вообичаената рутина, како што е проучувањето на Библијата со целото семејство