Читателите прашуваат
Како можел Адам да згреши ако бил совршен?
Можно било Адам да згреши затоа што Бог го создал со слободна волја. Таа воопшто не била во спротивност со совршенството на Адам. Всушност, само Бог е совршен во апсолутна смисла на зборот (5. Мојсеева 32:3, 4; Псалм 18:30; Марко 10:18). Совршенството на некој друг или на нешто друго е ограничено. На пример, еден нож може да е совршен за сечење месо, но дали би го користел за да јадеш супа со него? Нештото е совршено само ако ја исполнува целта на своето постоење.
А со која цел Бог го создал Адам? Бог имал намера преку Адам да се намножат луѓе обдарени со разум и со слободна волја. Луѓето што ќе одлучат да го сакаат Бог и неговите мерила, треба да го покажат тоа така што ќе изберат да ги слушаат неговите закони. Значи, човекот не бил програмиран да биде послушен, туку требало да покажува послушност од срце, по своја волја (5. Мојсеева 10:12, 13; 30:19, 20). Според тоа, доколку Адам не можел да одлучи да биде непослушен, ќе бил непотполн — несовршен. Кога зборува за начинот на кој Адам решил да ја користи својата слободна волја, Библијата ни покажува дека тој се повел по својата жена и бил непослушен на Божјиот закон во врска со „дрвото на спознанието на доброто и злото“ (1. Мојсеева 2:17; 3:1-6).
Дали Бог го создал Адам со карактерна маана, па не можел да донесува мудри одлуки или да се спротивстави на некое искушение? Пред Адам да покаже непослушност, Јехова Бог проверил сѐ што создал на Земјата, вклучувајќи го и првиот човечки пар, и утврдил дека сѐ било „многу добро“ (1. Мојсеева 1:31). Затоа, кога Адам згрешил, неговиот Творец не морал да поправа некоја грешка во создавањето, туку вината целосно му ја припишал на Адам (1. Мојсеева 3:17-19). Адам не дозволил љубовта кон Бог и кон неговите праведни начела да го мотивира да му биде послушен на Бог по секоја цена.
Не заборавај дека и Исус бил совршен човек кога бил на Земјата, исто како што бил и Адам. Сепак, Исус, за разлика од другите потомци на Адам, бил зачнат со помош на светиот дух, и затоа не наследил никаква склоност да подлегне на искушенијата (Лука 1:30, 31; 2:21; 3:23, 38). Исус по своја волја му останал верен на својот Татко, и покрај најсилните притисоци. Бидејќи дејствувал врз основа на својата слободна волја, Адам бил лично одговорен за пропустот да ја послуша Јеховината заповед.
Тогаш, зошто Адам решил да не го послуша Бог? Дали си мислел дека така ќе му биде подобро? Не, бидејќи апостол Павле напишал дека ‚Адам не бил измамен‘ (1. Тимотеј 2:14). Меѓутоа, Адам решил да се потчини на желбите на својата жена, која веќе јадела од забранетото дрво. Желбата да ѝ угоди била поголема од желбата да го послуша својот Творец. Се разбира, кога му бил понуден забранетиот плод, Адам требало да застане и да размисли за последиците што ќе ги имала непослушноста врз неговиот однос со Бог. Ако немал длабока, цврста љубов кон Бог, Адам лесно можел да попушти на притисокот, вклучувајќи го и притисокот од неговата жена.
Адам направил грев пред да му се родат деца, па затоа сите негови потомци се родиле како несовршени луѓе. Сепак, исто како Адам, и ние имаме слободна волја. Да ја искористиме за да размислуваме со ценење за Јеховината добрина и за да развиеме непоколеблива љубов кон Бог, кој заслужува да го слушаме и да му служиме (Псалм 63:6; Матеј 22:36, 37).