Зошто е важна чистотата?
Илјадници години луѓето страдаат од најразлични болести. Некои мислеле дека тие се знак за Божјиот гнев и дека со нив тој ги казнува грешниците. Стрпливото набљудување и темелните истражувања во текот на многу векови открија дека виновниците за болестите честопати се ситни суштества што живеат во нашата околина.
Истражувачите на полето на медицината открија дека стаорците, глувците, лебарките, мувите и комарците можат да пренесуваат разни болести. Исто така, утврдија дека луѓето честопати се изложуваат на заразни болести со самото тоа што не одржуваат хигиена. Јасно е дека чистотата може да значи живот или смрт.
Очигледно е дека мерилата за чистота се разликуваат во зависност од обичаите и условите за живот. Онаму каде што нема питка вода или канализација, одржувањето на хигиената е вистински предизвик. Сепак, Бог им дал на древните Израелци упатства како да ја одржуваат чистотата додека патувале низ пустината — иако таму владеат најтешките можни услови за да се одржува добра хигиена!
Зошто на Бог му е важна чистотата? Кое е разумното гледиште за чистотата? Кои едноставни мерки на претпазливост можете да ги преземете ти и твоето семејство за да ја намалите појавата на болести?
УЧИЛИШНИОТ ден завршува, и малиот Макс,a кој живее во Камерун, се враќа дома. Гладен и жеден, влегува во својот скромен дом, го гушка кученцето што го пречекува, си ја става чантата на трпезариската маса, седнува и чека да му дадат да јаде.
Мајката, која е во кујната, слуша дека Макс е дојден и му принесува чинија топол ориз и грав. Но, изразот на лицето ѝ се менува штом му ја здогледува чантата на чистата маса. Го погледнува своето синче и полека изговара само еден збор: „Мааакс!“ Тој сфаќа во што е работата, веднаш ја трга чантата и брзо оди да си ги измие рацете. Набргу се враќа за да си го добие јадењето. „Извини, мамо. Заборавив“, промрморува тој со чувство на вина.
Грижливата мајка може многу да придонесе за здравјето и чистотата, иако и сите други во семејството треба да го дадат својот дел. Како што видовме од примерот со Макс, потребно е многу време за да се научат децата да ја одржуваат чистотата бидејќи тоа бара неуморни напори и треба постојано да им се повторуваат истите работи.
Мајка му на Макс е свесна дека храната може да се зарази на различни начини. Не само што внимателно си ги мие рацете пред да допира храна туку и ја чува покриена за да не ја лазат мувите. Со тоа што не ја остава храната непокриена и го одржува домот чист и уреден, нема многу проблеми со стаорците, глувците и лебарките.
Една важна причина зошто мајка му на Макс води толкава грижа е тоа што сака да му угоди на Бог. „Библијата вели дека Божјите слуги мора да бидат свети, затоа што Бог е свет“, објаснува таа (1. Петрово 1:16). „Светоста е слична на чистотата“, додава. „Затоа, сакам мојот дом и моето семејство да бидат чисти. Се разбира, ова е можно само ако секој во семејството си го даде својот дел“.
Неопходно е сите да соработуваат
Како што вели мајка му на Макс, за хигиената во семејството се одговорни сите домашни. Одвреме-навреме, некои семејства седнуваат заедно за да разгледаат кои се нивните потреби и што можат да направат за да ги подобрат работите, како внатре така и надвор од домот. Ова им помага да бидат поблиски како семејство и секој да се потсети на својата улога што ја има во грижата за доброто на сите. На пример, мајката може да им објасни на поголемите деца зошто мора да си ги мијат рацете откако биле во ве-це, или фаќале нешто, како, на пример, пари и пред да јадат. Тие, пак, од своја страна, ќе можат да се погрижат и помалите деца сериозно да го сфатат тоа.
Сите во семејството можат да вршат различни задачи. Може да донесат заедничка одлука редовно да го чистат домот секоја седмица и да планираат генерално чистење еднаш или двапати годишно. А надвор од домот? Зборувајќи за Соединетите Држави, екологот Стјуарт Л. Удал рекол: „Живееме на земја чија убавина исчезнува, земја која станува сѐ погрда, има сѐ помалку слободен простор, а целокупната животна средина секојдневно страда од загадување, бучава и уништување“.
Дали и ти го мислиш истото за твојата околина? Во минатото, а во некои градови на централна Африка дури и ден-денес, градскиот телал минува со ѕвоно за да ги свика луѓето да чујат што има да каже. Гласно ги потсетува граѓаните да го средат градот, да ја исчистат канализацијата (одводот или сливниците), да ги поткастрат дрвјата, да го искорнат коровот и да го фрлат отпадот.
Фрлањето на отпадот е светски проблем и кошмар за многу влади. Некои општини не го собираат отпадот навреме, и затоа тој се натрупува по улиците. Можеби ќе биде побарана помош од граѓаните. Како добри граѓани, христијаните се меѓу првите што излегуваат да помогнат и без приговор се подложуваат на она што од нив го бара државата (Римјаните 13:3, 5-7). Вистинските христијани се спремни да направат дури и повеќе од она што се бара од нив за да дадат придонес во овој поглед. Сакаат да имаат чиста околина и, кога треба да се чисти, секогаш се меѓу првите — без да ги потсетува на тоа градски телал. Сфаќаат дека чистотата се должи на доброто воспитание и чувството за одговорност. Треба да ја одразува секој поединец и секое семејство. Ако секој ја одржува хигиената и чистотата и околу својот дом, ќе придонесе за подобро здравје и ќе го подобри целокупниот изглед на околината.
Личната чистота служи на чест на нашиот Бог
Чистиот и достоинствен личен изглед остава впечаток за нашата религија и честопати привлекува внимание. Група од 15-тина момчиња и девојки влегле во некој ресторан откако завршил конгресот на Јеховините сведоци во Тулуз (Франција). Една постара брачна двојка на соседната маса го очекувала најлошото — бучни разговори и задевање. Меѓутоа, биле изненадени од пристојното однесување и пријатните разговори на овие убаво облечени млади луѓе. Кога сите во групата станале да си заминат, постарите маж и жена ги пофалиле за нивното убаво однесување и му рекле на еден од младите дека таквото примерно однесување е навистина ретко во денешно време.
Оние што ги посетуваат канцелариите, печатниците и зградите за живеење во подружниците на Јеховините сведоци честопати се импресионирани од чистотата што ја гледаат таму. Чистата облека и редовното миење и туширање се задолжителни за сите доброволци што работат и живеат на тие места. Дезодорансите и парфемите не се замена за добрата лична хигиена. Кога тие доброволци, кои работат полновремено, им проповедаат на луѓето навечер или за време на викендите, и нивниот чист изглед фрла добро светло на пораката што ја носат.
„Угледајте се на Бог“
Христијаните се поттикнати да ‚се угледаат на Бог‘ (Ефешаните 5:1). Пророкот Исаија запишал едно видение во кое ангелите велат дека Творецот е „свет, свет, свет“ (Исаија 6:3). Со овие зборови се нагласува дека Бог е апсолутно чист и неизвалкан. Бидејќи е така, тој бара и сите негови слуги да бидат свети, чисти. „Бидете свети, зашто јас сум свет“, им вели тој (1. Петрово 1:16).
Библијата ги охрабрува христијаните „да се облекуваат пристојно“ (1. Тимотеј 2:9). Не изненадува тоа што во книгата Откровение се вели дека ‚финиот лен, сјаен и чист‘ ги претставува праведните постапки на оние што Бог ги смета за свети (Откровение 19:8). Од друга страна, пак, во Библијата честопати гревот е претставен со валканост и нечистотија (Изреки 15:26; Исаија 1:16; Јаков 1:27).
Денес, милиони луѓе мораат да живеат во места каде што постојано се борат да останат физички, морално и духовно чисти. Конечното решение на овој проблем ќе дојде кога Бог ‚ќе направи сѐ ново‘ (Откровение 21:5). Кога ќе се исполни тоа ветување, секоја нечистотија и валканост ќе исчезнат засекогаш.
[Фуснота]
a Името е сменето.
[Рамка на страница 10]
Бог бара да бидеме чисти
Додека патувале низ пустината, Израелците добиле упатства како да го отстрануваат човечкиот измет (5. Мојсеева 23:12-14). Тоа сигурно не било лесно кога ќе се земе предвид колкав бил логорот, но несомнено помогнало да се спречат болести како што се стомачниот тифус и колерата.
На луѓето им било заповедано да ги мијат или да ги уништат сите предмети што биле во допир со тело на мртовец. Иако можеби на Израелците не им била сосема јасна причината за ова барање, тоа што го послушале им помогнало да се заштитат од разни инфекции и болести (3. Мојсеева 11:32-38).
Свештениците требало да си ги измијат и рацете и нозете пред да ги вршат своите должности во светиот шатор. Веројатно не било лесно за таа цел да се наполни бакарниот мијалник со вода, но било задолжително да се измијат (2. Мојсеева 30:17-21).
[Рамка на страница 11]
Потсетувања од еден лекар
Водата е неопходна за живот, но загадената вода може да биде извор на болести и смрт. Го интервјуиравме д-р Џ. Мбанге Лобе, шеф на медицинското одделение во пристаништето Дуала (Камерун), и тој ни даде некои практични совети.
„Превријте ја питката вода кога не сте сигурни дали е чиста.“ Сепак, тој опоменува: „Добро е да се употребува варикина и други хемикалии, но може да бидат опасни ако не се користат исправно. Секогаш мијте си ги рацете со сапун и вода пред да јадете и откако ќе го користите тоалетот. Сапунот не е којзнае колку скап, па затоа можат да си го дозволат дури и сиромашните. Често перете ја облеката со топла вода ако имате кожни проблеми или некоја болест“.
„Сите во семејството мора да одржуваат добра хигиена во и околу домот“, вели понатаму овој лекар. „Тоалетите и полските клозети честопати се запоставуваат и автоматски стануваат гнездо на лебарки и муви.“ Тој дава едно важно предупредување во врска со децата: „Не капете ги во малите поточиња во соседството. Тие се полни со опасни микроби. Капете се навечер дома пред да си легнете, добро измијте си ги забите и спијте под мрежа за заштита од комарци“. Суштината на сите овие совети е да се мисли однапред, да се направи нешто и така да се избегнат проблеми.
[Слика на страница 10]
Со перење на алиштата се спречуваат кожни проблеми и болести
[Слика на страница 10]
Христијаните се меѓу првите кога треба да се чисти околината
[Слика на страница 10]
Грижливата мајка може многу да придонесе за чистотата на своето семејство