Вистинска слобода за Маите
КОЈ не чул за Маите? Секоја година илјадници туристи го посетуваат Полуостровот Јукатан во Мексико за да им се восхитуваат на импресивните пирамиди, како што се оние во Чичен Ица и Коба. Маите не се истакнувале само по своите вештини во градежништвото туку и по своите достигнувања на полето на математиката, астрономијата и пишувањето. Тие измислиле високоразвиен систем на хиероглифско писмо, го измислиле концептот за нулата, како и календар од 365 дена со измени слични на оние што денес се прават во престапната година.
Меѓутоа, кога станува збор за религијата, гледаме една сосема поинаква слика. Маите биле многубошци — обожавале богови на сонцето, месечината, дождот, пченката и уште многу други божества. Нивните свештеници внимателно ги набљудувале ѕвездите. Во своите обреди користеле темјан и кипови, се самоосакатувале, си пуштале крв при разни обреди и жртвувале луѓе — затвореници, робови и особено деца.
Доаѓаат Шпанците
Шпанците ја нашле оваа сложена цивилизација кога пристигнале на овие територии во почетокот на 16 век. Конквистадорите, како што биле наречени шпанските авантуристи, имале двојна цел: да освојат нова земја и богатство, но и да ги преобратат Маите во католицизам, со цел да ги ослободат од свирепите пагански обичаи. Дали шпанското освојување им донело на Маите вистинска слобода, како верска така и во секој друг поглед?
Шпанците, вклучувајќи го и свештенството на католичката црква, ја приграбиле заедничката земја, која Маите отсекогаш ја обработувале на традиционален начин — со сечење и палење на шумите. Ваквото приграбување предизвикало големи проблеми и непријателства. Колонизаторите ги презеле и понорните езера, кои биле речиси единствениот извор на вода на Полуостровот Јукатан. Натамошни проблеми настанале кога црквата им наметнала на Маите годишен данок по глава — 12,5 реалиa за секој маж и 9 реали за секоја жена — освен дотогашниот и онака висок данок што морале да ѝ го плаќаат на државата. Шпанските земјопоседници ја искористиле оваа ситуација со тоа што најнапред тие го плаќале од свој џеб црковниот данок за Маите, а потоа ги присилувале Маите да работат сѐ додека не го исплателе долгот. На тој начин, овие луѓе практично биле робови.
Свештениците наплатувале и за верските служби, како што биле крштавките, венчавките и погребите. Со преземањето на земјата, данокот по глава од жител и другите давачки, црквата се збогатила на сметка на Маите. Селаните ги сметале за суеверни и непоправливо прости. Затоа, свештениците и другите што биле на власт мислеле дека имаат право да ги камшикуваат Маите за да ги научат на ред и за да ги ослободат од суеверието.
Војна меѓу кастите
За да се одмаздат, Маите во почетокот не го плаќале црковниот данок, не ги носеле своите деца во црковните училишта, не оделе на часовите по веронаука и одбивале да работат на хациендите, односно плантажите. Но, со тоа само уште повеќе си ја влошиле положбата. Ситуацијата достигнала кулминација во 1847 год. — по отприлика 300 години шпанска доминација. Маите се кренале против „белите“ во таканаречената војна меѓу кастите.
Бунтовните водачи користеле еден верски симбол наречен Крстот што зборува. Тоа било крст преку кој еден стомакозборувач проповедал да се води војна до последната капка крв. Војната била погубна за Маите. До времето кога официјално завршила во 1853 год., околу 40 отсто од Маите на Јукатан биле убиени. Сепак, немирите продолжиле и следните 55 години. Конечно, Маите успеале да се ослободат од јаремот на Шпанците и земјиштето им било распределено на поправеден начин. Но, дали добиле и верска слобода?
Нема вистинска слобода
Ниту воведувањето на католицизмот по освојувањата од страна на Шпанците ниту Војната на кастите не им донела вистинска слобода на Маите. Денес на овие простори постои еден вид мешана религија во која се комбинирани римокатолички традиции и обичаи што домородното население ги држело пред доаѓањето на Шпанците.
Зборувајќи за денешните Маи, книгата Маите — 3000 години цивилизација (The Mayas—3000 Years of Civilization) вели: „Маите ги обожаваат своите древни богови на природата и своите предци во пештерите, по планините и на полињата... а во исто време обожаваат и светци во црквата“. Така, богот Кецалкоатл, или Кукулкан, се поистоветува со Исус, а божицата на месечината со Дева Марија. Освен тоа, обожавањето на светото дрво капок било заменето со обожавањето на крстот, кој луѓето сѐ уште го наводнуваат како да е живо дрво. Наместо да бидат украсени со ликот на Исус, крстовите се украсени со цветови од дрвото капок.
Конечно вистинска слобода!
Во последниве години, Јеховините сведоци во Мексико спроведуваат едно огромно библиско образовно дело меѓу Маите. Им се дава библиска литература, како што е ова списание, на нивниот мајчин јазик за да можат да разберат каква е Божјата намера со луѓето. Што се постигнува со тоа? Во моментов има околу 6.600 објавители на добрата вест за Царството што зборуваат на јазикот на Маите, и тие припаѓаат на 241 собрание на Јеховините сведоци во овој регион. Дали им е лесно на Маите да се ослободат од своите традиции за да ја прифатат библиската вистина?
За многу искрени припадници на Маите, тоа е вистинска борба. Марселино и неговата жена, Маргарита, биле ревносни католици. Секоја година при еден обред го носеле крстот од црквата до дома, каде што принесувале животински жртви и потоа ги јаделе заедно со своите роднини и пријатели. Еден ден ги посетиле Јеховините сведоци и почнале да ја проучуваат Библијата со нив. „Сфативме дека она што го учиме е вистината“, велат тие, „но си мислевме дека, ако прекинеме со нашите претходни верски обичаи, ќе нѐ нападнат духови.“ Сепак, продолжиле да ја проучуваат Библијата. „Малку по малку, библиската вистина пушти корен во нашето срце“, вели Марселино. „Тоа ни влеа храброст да зборуваме со нашите роднини и пријатели за она што го научивме од Библијата. Сега сме среќни што се ослободивме од суеверните верувања на кои им робувавме. Единствено ни е жал што порано не го направивме тоа. Сега сакаме да го надоместиме изгубеното време така што во секоја прилика ќе им зборуваме на другите за прекрасните вистини од Библијата.“
Алфонсо (73) бил искрен католик. Во својот град организирал верски прослави на кои се одржувала миса и сите присутни играле, јаделе и пиеле. Имало и борби со бикови. „Беше вообичаено овие прослави да завршат со пијани тепачки“, вели тој. „Иако уживав во прославите, имав чувство дека нешто ѝ фали на мојата религија.“ Кога Јеховините сведоци му проповедале, Алфонсо се согласил да ја проучува Библијата. И покрај слабото здравје, почнал да оди на состаноците во Салата на Царството. Прекинал со сите поранешни верски обичаи и сега ја користи секоја прилика за да им зборува за своите нови верувања на оние што доаѓаат да го посетат.
Ова се само неколку примери од многуте искрени припадници на Маите што искусиле вистинска верска слобода. Да, потомците на градителите на импресивните пирамиди на Јукатан сѐ уште се таму. Тие и ден-денес го зборуваат истиот јазик. Многумина живеат исто како што живееле и нивните предци, во куќи направени од испреплетени прачки слепени со глина и покриени со палмови лисја. Одгледуваат пченка и памук користејќи го истиот метод на расчистување на земјиштето со сечење и палење на шумите. Но, сега вистината од Божјата реч ослободила многу Маи од ропството на религиозните лаги и суеверија. Тие потполно ги сфаќаат Исусовите силни зборови: „Ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32).
[Фуснота]
a Реал е поранешна парична единица на Шпанија.
[Карта на страница 13]
(Види во публикацијата)
Подрачје на древните Маи
Мексикански Залив
МЕКСИКО
Полуостровот Јукатан
Чичен Ица
Коба
БЕЛИЗЕ
ГВАТЕМАЛА
ХОНДУРАС
ЕЛ САЛВАДОР
[Слика на страница 13]
Урнатини на Маите во Чичен Ица
[Слика на страница 15]
Марселино и жена му, Маргарита, ја проповедаат добрата вест на Јукатан