Ја најдов вистината барајќи грешки
Раскажал Р. Стјуарт Маршал
„Не разговараме со Јеховините сведоци“, рече језуитскиот свештеник. „Тие ја користат Библијата.“ Неговиот одговор ме изненади бидејќи јас го замолив да ѝ помогне на жена ми да ги увиди противречностите во учењата на Јеховините сведоци. Решив самиот да ја проучувам Библијата со Сведоците за да ѝ докажам дека не се во право.
ОВА е случката што ме наведе да се обидам да ги побијам учењата на Јеховините сведоци користејќи ги моите познавања од областа на логиката и теологијата. Тогаш имав 43 години. Од основно училиште до колеџ, се школував во католички школи. Дипломирав економија во 1969 год., а како задолжителни предмети ми беа филозофија и теологија, но во ниеден предмет од целокупното католичко образование не беше вклучено проучување на Библијата.
Откако го завршив колеџот, се оженив со Патриша Мекџин, која беше католик како мене. И двајцата продолживме со студиите и докториравме на универзитетот Стенфорд. Во 1977 год. ни се роди синот, Стјуарт, и по некое време се преселивме во Сакраменто (Калифорнија, САД). Следните 23 години работев во Калифорнија како аналитичар во канцеларијата каде што се анализираше финансискиот учинок на државниот буџет за образование. Многу работев и бевме добро ситуирани. Уживав додека го воспитував син ми. Мојата драга сопруга ми даваше најголема поддршка, а и јас ја поддржував неа.
Одговор од 25 центи
Кога нашиот син наполни две години, Патриша доби Библија од Јеховините сведоци и почна да проучува со нив. Се крсти по 3 години. Јас сметав дека Јеховините сведоци се тесногради во своите гледишта за празниците и за трансфузијата на крв, но сепак, бев свесен дека изнесуваа убедливи аргументи на некои други теми. На мое изненадување, јавно си ги кажав своите ставови еден ден во 1987 год. кога, на еден посебен состанок на законодавните комисии кои се одговорни за образованието во Калифорнија, бев повикан да се произнесам во врска со еден мој предлог.
Универзитетот во Калифорнија бараше средства за да се пријави на конкурсот за еден државен проект вреден шест милијарди долари. Со проектот беше предвидено да се изгради еден суперпроводен акцелератор за истражување на субатомски честички. Мојот предлог беше да не се вложуваат никакви средства, со образложение дека, долгорочно гледано, тоа не би придонело многу за развојот на државната економија. Како одговор на тоа, универзитетот повика двајца добитници на Нобелова награда по физика за да дадат изјава пред законодавните комисии. Секој од нив опиша колку многу ќе може да се научи благодарение на овој проект. Едниот рече дека проектот би можел да даде одговор на прашањата за потеклото на вселената. Другиот рече дека би можел да разјасни многу работи во врска со потеклото на животот на нашава планета.
Претседавачот на состанокот се сврте кон мене.
„Мислиш ли дека 6 милијарди долари се премногу за да се добие одговор на овие прашања?“, ме праша.
„Се согласувам дека овие прашања се многу важни“, одговорив јас. „Меѓутоа, Јеховините сведоци ми доаѓаат на врата секоја сабота и ми даваат списание од 25 центи во кое го има одговорот на истите тие прашања. И мислам дека нивниот одговор од 25 центи не е ништо полош од одговорите од 6 милијарди долари што би можеле да ги добиеме со овој проект“.
Сите во просторијата почнаа да се смеат, а исто така и двајцата нобеловци. Иако комисиите одобрија средства за да се финансира проектот, никој не го негираше она што го реков.
Како што минуваше времето, сфаќав дека ќе треба да сторам нешто во врска со ситуацијата што настана дома. По шест години разговори со Патриша во врска со Библијата и Јеховините сведоци, бев разочаран кога таа рече дека сака повеќе време да посвети на проповедничка служба. Тоа ќе значеше да работи помалку на универзитетот. Не можев да разберам како една личност, на која инаку многу ѝ работи логиката, си поставува таква цел, и изгледаше дека ниеден мој збор или постапка не може да ја премисли.
Се обидов да побарам помош од стручно лице, некој што си мислев дека ја знае Библијата подобро од мене и би можел лесно да ѝ покаже дека учењата на Јеховините сведоци не се во склад со Библијата. Ако само едно нивно учење се докажеше како погрешно, ќе беа доведени во прашање и сите останати. Само со такво нешто ќе можев да допрам до математичкиот ум на жена ми. Го побарав језиутскиот свештеник во црквата во која порано одевме со Патриша. Нашата средба заврши со разговорот што го раскажав во почетокот. Кога свештеникот одби да зборува со жена ми, знаев дека ќе мора јас да ги најдам грешките и да ѝ ги укажам на Патриша, иако за тоа ќе ми требаше малку повеќе време.
Барам грешки
Додека ја проучував Библијата со Сведоците, најголем впечаток ми оставија библиските пророштва. Во книгата на пророкот Исаија читав детали за падот на Вавилон запишани речиси 200 години пред да се случи тој настан, во кои беше кажано името на Кир како освојувач и однапред беше опишана стратегијата со која го свртел текот на реката Еуфрат за да го освои Вавилон (Исаија 44:27—45:4). Многу години пред тоа, на еден час по воена стратегија учевме за падот на Вавилон. Од проучувањето на Библијата дознав и дека повеќе од 200 години однапред пророкот Даниел прорекол детали за еден моќен цар чие царство по неговата смрт требало да биде поделено на четири царства кои ќе ја немале неговата моќ (Даниел 8:21, 22). На тој факт за Александар Македонски се сеќавам од часовите по историја на древниот свет. Преку лично истражување на разни дела, се уверив дека овие библиски книги биле напишани пред да се случат настаните што се проречени во нив.
Колку повеќе проучував со Сведоците, толку повеќе се уверував дека Библијата е Божја реч, за разлика од времето кога со години ја изучував католичката теологија. Што требаше да направам врз основа на тоа што го научив? Одлучив да му го заветувам својот живот на Јехова и да станам негов Сведок (Исаија 43:10). Се крстив во 1991 год., само две години по разговорот со свештеникот. Нашиот син се крсти следната година.
Сега, откако други работи ни станаа најважни во животот, ги сменивме нашите семејни цели. Меѓу првите нешта што ги направив откако се крстив беше еден петгодишен план со кој жена ми ќе можеше да престане да предава на универзитетот и да замине во пензија на возраст од 50 години. Таа сакаше да служи како пионер, што во тоа време значеше да посвети 1.000 часа годишно, или околу 83 часа месечно, за да им помага на другите да ги дознаат библиските вистини. Во 1994 год. го скрати работното време за да почне со пионерска служба. Моите почетни цели беа да се подобрам во службата, да помагам колку што можам во собранието и доброволно да го водам сметководството поврзано со изградбата на Сали на Царството во нашиот крај.
Понекогаш имав прилики на работа да разговарам за Библијата. Дознав дека една нова аналитичарка што работеше со мене е Сведок, но престанала со своите верски активности. Верата ѝ ја ослабнале сомневања во врска со Библијата. Со задоволство ѝ укажав духовна помош. Таа се врати во својот роден крај и почна со пионерска служба.
Во 1995 год. присуствував на еден вонреден заеднички состанок и расправа на комисијата на сенатот за образование во врска со едно истражување што го финансира државата. Претседавачот на комисијата го праша државниот претставник што се случува со проектот за врвниот акцелератор. Тој одговори дека проектот ѝ бил даден на државата Тексас, но не бил завршен од три причини. Прво, трошоците за проектот пораснале од шест на девет милијарди долари уште пред да започне неговата реализација. Второ, владата на САД сакала средствата да се употребат за нешто друго, имено, за војната во Ирак во 1991 год. Трето, утврдиле дека одговорите на прашањата во врска со животот би можеле да ги добијат од Јеховините сведоци за само 25 центи! Изгледа дека таа забелешка поминала низ многу уши и повторно дојде онаму каде што и почна.
Додека сите се смееја, некои членови на комисијата погледнаа во мене! Јас веднаш им кажав најнов податок за да бидат во тек: „Сега можете да ги добиете тие одговори и бесплатно, само ако ја читате литературата“.
Исполнет и смисловен живот
Штом жена ми отиде во пензија, направивме еден петгодишен план и за мене. Дискретно се распрашував и на други места за да најдам работа со скратено работно време бидејќи и јас сакав повеќе време да ги поучувам другите за библиските вистини. Неочекувано, на моето старо работно место ми понудија скратена работа. Така, во 1998 год., и јас станав пионер.
Едно утро, додека со жена ми се подготвувавме да одиме во служба, ми се јавија од подружницата на Јеховините сведоци во САД, која се наоѓа во Бруклин (Њујорк). Претходно нѐ имаа прашано дали би се ставиле на располагање ако има потреба од работа од нашата струка и, врз основа на тоа, сега ме замолија да работам на еден проект во Бруклин. Без никакво колебање се согласив. И така, работевме во седиштето цели 18 месеци. На крајот добив предвремена пензија од државата Калифорнија за да можам да го завршам проектот. Потоа доброволно работевме на изградбата на Конгресната сала на Јеховините сведоци во Ферфилд (Калифорнија). Ја продадовме куќата во Сакраменто и се преселивме во еден мал стан во Пало Алто. Тоа што се пензионирав предвреме ми овозможи да искусам и други благослови. Оттогаш работевме на проекти во подружниците на Јеховините сведоци во Нигерија, Јужна Африка, Канада, Британија и Германија.
Исто како Сведоците што ни помогнаа на жена ми и мене, и ние сега радосно им помагаме на други да ги дознаат вистините од Библијата. Навистина мислам дека образованието од Јехова вреди далеку повеќе од сето друго образование што го имам. По својата длабочина и сеопфатност многу се разликува од која и да е друга образовна програма во светот. Јехова ги обучува Сведоците да поучуваат за библиските вистини на начин што допира и до умот и до срцето. Тоа ме мотивира да продолжам да учам. Жена ми и јас сме задоволни со животот што го водиме и благодарни сме што можеме да го користиме нашето образование за да му служиме на Севишниот на целата вселена, Јехова Бог.
[Истакната мисла на страница 27]
Додека ја проучував Библијата со Сведоците, најголем впечаток ми оставија библиските пророштва
[Слика на страница 27]
Со Патриша на нашата венчавка
[Слика на страница 29]
Со задоволство разговараме со другите за библиските вистини