Зошто верувам во Библијата — нуклеарен физичар ја раскажува својата приказна
РАСКАЖАЛ ОЛТОН ВИЛИЈАМС
ВО 1978, во мојот живот се случија два важни настана. Во септември дипломирав на отсекот за нуклеарна физика, а во декември бев крстен како Јеховин сведок.
Кога луѓето ќе чујат дека сум и научник и Сведок, честопати се прашуваат како сум успеал да ги усогласам научните сознанија со верувањето во Библијата. Морам да признаам дека со години и јас се прашував дали науката и верувањето во Библијата можат да одат рака под рака. Но, со текот на времето потполно се уверив дека Библијата е во склад со научните факти. Како дојдов до тој заклучок? Дозволете ми најнапред да Ви раскажам како станав научник.
Еден 19-годишен проект
Роден сум во 1953 во Џексон (Мисисипи, САД), како трето од вкупно 11 деца. Растев во сиромашно семејство. Честопати моравме да се селиме од една куќа во друга затоа што моите родители не можеа да ја платат киријата. Храна најчесто добивавме преку некоја владина добротворна програма, а користената облека што ја носевме ни ја даваа луѓето чии домови и канцеларии ги чистеше мајка ми.
Родителите често нѐ потсетуваа нас децата дека единствен излез од сиромаштијата е високото образование. Затоа, уште на многу рана возраст, си поставив за цел да завршам факултет. Тргнав на училиште кога имав шест години и се школував во текот на следните 19 години. Многу ја сакав науката и математиката, па штом се запишав на факултет, се посветив на тоа да станам научник.
Додека бев на факултет, се запознав со една девојка што се викаше Дел. Професорот по една од природните науки ја упатил кај мене за да ѝ помогнам по некој предмет. Но, наскоро, почнавме да разговараме и за други работи, и меѓу нас се роди љубов. Се венчавме на 10 јануари 1974 — на една двочасовна пауза меѓу предавањата! Докторирав по четири години, во 1978.
Го постигнав она што мислев дека е клуч за успех. Станав научник — и тоа нуклеарен физичар! Бидејќи имав диплома за теоретска нуклеарна физика, можев да почнам да уживам во плодовите од моето долго школување. Имав голема желба да станам познат во научните кругови. Освен тоа, можев да избирам од многуте примамливи понуди за работа во приватните компании и во владините институции.
Меѓутоа, по неколку месеци, на 30 декември 1978, направив еден чекор што наскоро се покажа дека изврши уште поголемо влијание врз мојот живот и иднина отколку мојата штотуку добиена диплома. Тој ден го симболизирав моето предание на Јехова Бог со крштавање во вода и така станав Јеховин сведок. Како дојде до ова?
Една книга го побуди мојот интерес
Кон крајот на 1977, додека студирав на универзитетот Масачусетс во Амхерст, две жени, Јеховини сведоци, тропнале на вратата на мојот стан. Дома беа само жена ми и децата — тригодишното синче и штотуку родената ќеркичка. Дел ги поканила Сведоците да влезат. По еден пријатен разговор, се согласила Сведоците да ја посетуваат еднаш неделно за да ја проучуваат Библијата со неа.
Кога жена ми ми кажа за тоа, веднаш ѝ се спротивставив. Немав ништо против нејзината желба да стане член на некоја религија, но не доаѓаше предвид да стане Јеховин сведок! Всушност, не знаев многу за Сведоците, но имав мислење дека тие се некоја чудна група што ја користи Библијата за да ги заведува луѓето. Затоа, во обид да ја избавам жена ми од стисокот на Сведоците, како што си мислев, решив да го употребам моето научно спознание за да ги побијам нивните учења.
Една седмица направив пауза од мојата истражувачка работа на факултетот и отидов дома за да присуствувам на библиската студија на мојата сопруга. Меѓутоа, дома пристигнав подоцна отколку што планирав и жената што ја водеше библиската студија беше на заминување. Ми ја остави книгата со наслов Did Man Get Here by Evolution or by Creation? (Дали човекот настанал со еволуција или бил создаден?)a Исто така, таа ѝ рече на жена ми дека на библиската студија што ќе ја имаат следната седмица ќе разгледуваат некое библиско пророштво што покажува дека 1914 е значајна година. Токму тоа го чекав! Ѝ реков дека ќе бидам дома за следната библиска дискусија. Сакав да ја проверам математичката точност на она што таа имаше да го каже во врска со 1914 година.
Истата вечер почнав да ја читам книгата што ми ја остави жената Сведок. Морам да признаам дека бев импресиониран од содржината. Беше напишана на логичен начин и содржеше бројни научни осврнувања во врска со еволуцијата. На мое големо изненадување, дознав дека Библијата содржи многу повеќе точни информации во врска со создавањето отколку што си мислев. За неколку дена ја прочитав книгата и морав да си признаам дека она што Библијата го вели во врска со создавањето не е во спротивност со познатите научни факти во врска со животот на Земјата.
Решен да ги најдам недоследностите
Сепак, сѐ уште бев скептичен во врска со учењата на Сведоците и едвај чекав да го проверам по математички пат библиското пророштво за 1914 година. Мислев дека тоа сигурно ќе ја обесхрабри жената што беше Сведок и, се надевав, ќе ѝ помогне на жена ми да увиди дека учењата на Сведоците се погрешни.
Следната седмица, жената Сведок дојде заедно со еден човек, старешина во локалното собрание на Јеховините сведоци. Старешината ја водеше библиската студија. Тој ги разгледа пророштвата од 4. до 9. поглавје од библиската книга Даниел, кои се однесуваа на доаѓањето на Исус како Месија и Цар. Бев решен да ги најдам математичките недоследности на тоа што го кажуваше, но не успеав да најдам ниту една. Напротив, повторно бев импресиониран од логичноста на информациите што ги содржеше Библијата.
Сѐ дотогаш, мислев дека верата во Бог повеќе се темели на емоции отколку на разум. Во колкава само заблуда бев! Им се заблагодарив на Сведоците за информативната дискусија и реков дека би сакал и понатаму да присуствувам на седмичната студија. Оттогаш натаму, продолжив со моите студии на универзитетот и, заедно со жена ми, продолжив со мојата библиска студија со Сведоците. Исто така, жена ми и јас почнавме да одиме на состаноците на Сведоците што се одржуваа во Салата на Царството.
За неколку месеци дознав многу нови библиски вистини и наскоро ги исполнив условите да им се придружам на Сведоците во службата од куќа до куќа. Го правев тоа иако сѐ уште работев на мојот докторат на универзитетот, што ми одземаше многу време. Ја завршив докторската дисертација летото 1978 и се преселив во државата Алабама, каде што почнав да предавам физика на Универзитетот за земјоделство и машинство Алабама, во Хантсвил. Веднаш стапивме во контакт со Сведоците во нашето ново место и еден старешина и неговата сопруга продолжија да ја проучуваат Библијата со нас. По неколку месеци, мојата сопруга и јас се крстивме, и двајцата во ист ден.
Активен како научник и како проповедник
Јас можев да го усогласам тоа што сум научник со тоа што сум Јеховин сведок. Во 1983, почнав да работам како астрофизичар во Центарот за вселенски летови Џорџ С. Маршал на НАСА (Национална управа за аеронаутика и вселенски истражувања), исто така во Хантсвил.b Работев и на експериментални и на теоретски истражувања во врска со еден телескоп со рендгенски зраци. (Во 1999, тој телескоп — Рендгенската опсерваторија Чандра — беше успешно лансиран во орбита со помош на спејс-шатлот Колумбија.) Уживав додека работев на тој проект, кој се состоеше од анализа на рендгенските зраци што ги емитуваат различни ѕвезди и галаксии, со цел подобро да се разбере физичкиот универзум.
Мојата работа ми носеше двојно задоволство затоа што не работев само на проблем што претставува предизвик од научна гледна точка туку стекнував и сѐ подлабоко ценење за моќта и мудроста на Творецот. Всушност, зборовите што ги кажал Јехова преку древниот пророк Исаија добија посебно значење за мене. Творецот вели: „Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал? Кој го пресметал бројот на војската нивна? Он сите нив ги нарекува по име: поради големата моќ и големата сила во Него ништо не недостига“ (Исаија 40:26, ПСП). Колку повеќе ‚ги кревав очите‘ за да го набљудувам огромното пространство, сложеноста и убавината на вселената, толку поголемо ценење чувствував за делото на интелигентниот Конструктор што го создал сето тоа и ги утврдил законите што го одржуваат.
Во тоа време бев зафатен со издавањето на нови податоци во научни списанија, врз основа на моето истражување на полето на астрофизика на рендгенските зраци. Меѓутоа, бев активен и во христијанското собрание. Служев како старешина и поминував околу 20 часа секој месец во јавното проповедничко дело. Во меѓувреме, мојата сопруга учествуваше во библиското образовно дело како полновремен проповедник.
Откако работев околу четири години во НАСА, почнав да чувствувам сѐ поголема потреба да посветувам повеќе време за да им помагам на другите да учат за прекрасните вистини од Библијата. Но, како можев да го правам тоа? Откако разговарав со жена ми за мојата желба и откако во молитва му ја изнесов таа работа на Јехова, сфатив дека мора да донесам некои важни одлуки.
Сериозни одлуки
Му пристапив на мојот претпоставен во НАСА и му реков дека сакам да работам четири наместо пет дена во неделата. Се разбира, бев спремен да работам за помала плата. Му објаснив дека останатите три дена од седмицата сакам да ги посветам на мојата служба. Тој се согласи, иако ваквиот договор беше нешто нечуено за научник во НАСА. Меѓутоа, ми рече дека ќе треба да разговарам со неговиот претпоставен. Го сторив тоа и бев пријатно изненаден кога и овој човек на висока положба се согласи со моето барање. Така, во септември 1987, започнав да служам како полновремен министер и минував околу 90 часа месечно проповедајќи од врата до врата и учествувајќи во други гранки од службата.
Подоцна, ми се јави по телефон еден од менторите на Универзитетот за земјоделство и машинство Алабама во Хантсвил. Ми понуди да држам часови на катедрата по физика. Одговорив дека ќе ја прифатам работата само ако бидам во положба да го користам поголемиот дел од времето во мојата служба. Но, го уверив дека моите активности во службата нема да влијаат врз квалитетот на мојата работа како професор. Тој се согласи. Денес сѐ уште предавам на тој универзитет и служам како полновремен министер. Имав време дури и да научам шпански јазик. Во моментов, мојата сопруга и јас служиме во едно шпанско собрание на Јеховините сведоци во Хантсвил.
Науката и верата
Во годините додека вршев научни истражувања, никогаш не наидов на конфликт помеѓу некој докажан научен факт и некое библиско учење. Честопати доаѓа до привидни конфликти поради недоволно спознание — сеедно дали за некое научно учење или за она што навистина го вели Библијата. На пример, некои научници и други луѓе имаат погрешно мислење дека Библијата учи дека растенијата, животните и луѓето се развиле на Земјата за шест дословни дена од 24 часа. Ова би било во конфликт со познатите научни факти. Но, Библијата не учи вакво нешто. Наместо тоа, таа открива дека „деновите“ на создавање опфаќаат период од илјадници години.c
Постои забуна и поради погрешното мислење дека верата во Бог е само емоционално доживување. Далеку од тоа, верата во Бог и во Библијата се темели на факти што можат да се потврдат. Според дефиницијата дадена во Библијата, „верата е осигуреното очекување на она на кое човек се надева, јасното докажување [или „убедлив доказ“, фуснота, NW со референции] на стварности иако не се гледаат“ (Евреите 11:1). Да, верата се темели на докази. Во минатото и во денешно време се исполниле стотици пророштва. Значи, дури и ако го примениме научниот метод што го користат сите научници кога поставуваат некоја научна теорија, можеме да имаме потполна доверба во исполнувањето на библиските пророштва што се однесуваат на идните настани.
Едно такво пророштво го вклучува ветувањето дека во блиска иднина ќе можеме да уживаме во рајски услови на земјата. Разорните последици од староста, болеста, смртта, војните и неправдата ќе бидат отстранети (Откровение 21:3, 4). Тогаш ќе имаме време детално да ги истражуваме и да ги изучуваме прекрасните творештва на Јехова Бог и многуте закони што ги дал за да управуваат со овој материјален универзум што влева страхопочит.
Благодарен сум му на Јехова Бог што ми помогна да го најдам клучот за вистинската среќа — прекрасните вистини што се наоѓаат во неговата Реч, Библијата. Се надевам дека уште многу други луѓе, вклучувајќи и научници, ќе го пронајдат тој скапоцен клуч.
[Фусноти]
a Издадена од Јеховините сведоци, но повеќе не се печати.
b НАСА е владина организација на САД што функционира независно од другите владини агенции.
c Видете 6. поглавје „Еден древен запис за создавањето — можеш ли да имаш доверба во него?“, во книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе?, издадена од Јеховините сведоци.
[Истакната мисла на страница 27]
Мислев дека верата во Бог повеќе се темели на емоции отколку на разум
[Истакната мисла на страница 29]
Никогаш не наидов на конфликт помеѓу некој докажан научен факт и некое библиско учење
[Слика на страница 28]
Го издржувам семејството давајќи часови со скратено работно време
[Слики на страница 30]
Рендгенската опсерваторија Чандра во орбита и рендгенска снимка на еден бинарен систем ѕвезда—црна дупка
[Извори на слики]
Фотографија на НАСА
NASA/CfA/J. McClintock et al.
[Слика на страница 30]
Мојата сопруга и јас се радуваме на полновремената служба