Решени да дадеме темелно сведоштво
„Ни заповеда да му проповедаме на народот и да сведочиме темелно“ (ДЕЛА 10:42)
1. Кој налог го нагласил Петар кога зборувал во домот на Корнелиј?
ИТАЛИЈАНСКИОТ воен заповедник по име Корнелиј ги собрал своите роднини и пријатели за еден настан кој, всушност, означил една значајна промена во Божјиот однос кон луѓето. На сите што биле собрани во домот на овој побожен човек, апостол Петар им кажал дека апостолите добиле налог да ‚му проповедаат на народот и да сведочат темелно‘ за Исус. Сведоштвото на Петар дало добри резултати. Кога врз необрежаните незнабошци бил излеан светиот дух, тие се крстиле и со тоа им била дадена можност да царуваат со Исус на небото. Темелното сведоштво кое го дал Петар во оваа пригода навистина родило одличен плод! (Дела 10:22, 34-48).
2. Од каде знаеме дека не требало да проповедаат само 12-те апостоли?
2 Ова се случило во 36 год. од н.е. Две години пред тоа, еден закоравен противник на христијанството доживеал нешто што во потполност му го променило животот. Овој човек, Савле од Тарс, бил на пат за Дамаск кога му се појавил Исус и му рекол: „Влези во градот! Таму ќе ти се каже што мораш да правиш“. Исус го уверил ученикот Ананија дека Савле ќе им сведочи „на незнабошците, и на царевите и на Израеловите синови“. (Прочитај Дела 9:3-6, 13-20.) Кога се сретнал со Савле, Ананија му рекол: „Богот на нашите прататковци те избра тебе да... му бидеш сведок пред сите луѓе“ (Дела 22:12-16). Колку сериозно Савле, кој подоцна станал познат како Павле, ја сфатил задачата да сведочи?
Тој навистина сведочел темелно!
3. а) Кој конкретен извештај ќе го разгледаме? б) Како реагирале старешините од Ефес на пораката од Павле, и каков убав пример дале со тоа?
3 Би било многу интересно да се проучи во детали сето она што Павле го направил потоа, но сега да обрнеме внимание на еден говор што тој го изнел околу 56 год. од н.е., а е запишан во Дела, 20. поглавје. Павле го одржал овој говор кон крајот на своето трето мисионерско патување. Тој слегол од брод во Милет, пристаниште на Егејското Море, и испратил да ги повикаат старешините од собранието во Ефес. Ефес бил на 50-тина километри од Милет, но патувањето сепак траело прилично долго бидејќи патот бил полн со кривини. Можеш да си замислиш колку биле возбудени старешините во Ефес кога ја добиле пораката од Павле! (Спореди со Изреки 10:28.) Но, требало да се подготват за пат до Милет. Дали некои од нив зеле слободни денови од работа или ги затвориле своите дуќани? Многу христијани денес го прават токму тоа за да не пропуштат ниту еден дел од програмата на своите годишни обласни конгреси.
4. Што правел Павле неколку години додека престојувал во Ефес?
4 Што мислиш, што правел Павле на Милет тие три-четири дена додека ги чекал старешините? Што би правел ти? (Спореди со Дела 17:16, 17.) Зборовите што им ги кажал на старешините од Ефес ни помагаат да го дознаеме одговорот. Тој опишал како живеел низ годините, зборувајќи и за времето што пред тоа го поминал во Ефес. (Прочитај Дела 20:18-21.) Без страв дека некој ќе ги негира неговите зборови, тој рекол: „Вие знаете како... од првиот ден кога стапнав во Азија... темелно... сведочев“. Тој бил навистина решен да го изврши налогот што го добил од Исус! Како го правел тоа во Ефес? Еден начин бил така што им сведочел на Евреите, одејќи на места каде што можел да ги најде. Лука известува дека, кога биле во Ефес некаде од 52 до 55 год. од н.е., Павле ‚држел говори и изнесувал уверливи докази‘ во синагогата. Кога Евреите покажале дека ‚биле закоравени и не верувале‘, Павле го свртел своето внимание кон другите и се преместил на друго место во градот, но продолжил да проповеда. Така им сведочел и на Евреите и на Грците во тој голем град (Дела 19:1, 8, 9).
5, 6. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Павле им проповедал на неверници кога одел од куќа до куќа?
5 Некои што станале христијани, со текот на времето, ги исполниле условите за старешини, и токму ним Павле им се обратил кога бил во Милет. Тој ги потсетил на методата што самиот ја користел, велејќи: „Не пропуштив да ви кажам сѐ што е корисно и да ве поучувам јавно и одејќи од куќа до куќа“. Некои денес тврдат дека овде Павле зборува за пастирските посети што ги правел кај верниците. Но, не е така. Изразот ‚поучува јавно и одејќи од куќа до куќа‘ главно се користел за проповедање на неверници. Ова јасно се гледа од неговите следни зборови. Павле вели дека им сведочел „и на Евреите и на Грците за покајанието пред Бог и за верата во нашиот Господар Исус“. Јасно е дека Павле им сведочел на неверници кои требало да се покаат и да поверуваат во Исус (Дела 20:20, 21).
6 Откако направил опширна анализа на Христијанските грчки списи, еден изучувач го рекол следново во врска со Дела 20:20: „Павле поминал три години во Ефес. Бил во секоја куќа или барем им проповедал на сите луѓе (стих 26). Во ова наоѓаме библиска поткрепа за проповедањето од куќа до куќа, како и за јавните состаноци“. Сеедно дали бил дословно во секоја куќа, како што тврди овој изучувач, или не, Павле не сакал старешините од Ефес да заборават како сведочел и какви биле резултатите од неговото сведочење. Лука известил: „Сите што живееја во Азија, и Евреи и Грци, ја чуја речта на Господарот“ (Дела 19:10). Но, како чуле „сите“ во Азија, и на што може да укажува ова во врска со нашето сведочење?
7. Како проповедањето на Павле веројатно извршило влијание и на луѓе на кои не им сведочел лично?
7 Мнозина ја чуле пораката на Павле благодарение на тоа што проповедал на јавни места и од куќа до куќа. Дали мислиш дека е можно сите што го чуле да останале во Ефес и никој да не заминал на друго место по работа, кај роднини или едноставно да побегне од вревата на големиот град? Тешко. Мнозина денес се преселиле од такви причини — можеби дури и ти си еден од нив. Освен тоа, тогаш доаѓале многу луѓе во Ефес за да тргуваат или на гости. Додека биле таму, можеби се сретнале со Павле или го чуле како сведочи. Што се случувало кога се враќале дома? Оние што ја прифатиле вистината продолжиле да им сведочат на други. Некои можеби не станале верници, но веројатно зборувале за она што го слушнале во Ефес. На тој начин, нивните роднини, соседи или муштерии чуле за вистината, и можеби некои од нив ја прифатиле. (Спореди со Марко 5:14.) Според ова, каков може да биде резултатот кога ти им сведочиш темелно на луѓето?
8. Како луѓето низ цела Азија можеби чуле за добрата вест?
8 Во врска со својата претходна служба во Ефес, Павле напишал дека тогаш ‚му се отворила голема врата за работа‘ (1. Кор. 16:8, 9). За каква врата станува збор, и како му се отворила? Добрата вест се раширила како резултат на тоа што Павле продолжил да проповеда во Ефес. Размисли за Колоси, Лаодикија и Хиераполис, три соседни градови кои не излегувале на море. Павле никогаш не бил таму, но добрата вест стигнала и во нив. Епафрас бил од тој крај (Кол. 2:1; 4:12, 13). Дали Епафрас го чул Павле како сведочи во Ефес, и така станал христијанин? Библијата не кажува конкретно. Но, Епафрас можеби зборувал во името на Павле кога ја ширел вистината во својот роден крај (Кол. 1:7). Додека Павле сведочел во Ефес, христијанската порака можеби стигнала и до градовите Филаделфија, Сард и Тијатира.
9. а) Каква горлива желба имал Павле? б) Кој е годишниот стих за 2009 год.?
9 Затоа, старешините во Ефес имале добри причини да се согласат со следниве зборови на Павле: „Ни најмалку не се грижам за својот живот, само сакам да ја довршам својата трка и службата што ја примив од Господарот Исус: темелно да сведочам за добрата вест за Божјата незаслужена доброта“. Тој стих ги содржи охрабрувачките и мотивирачки зборови од годишниот стих за 2009 год.: ‚Темелно сведочи за добрата вест‘ (Дела 20:24).
Темелно сведочи денес
10. Од каде знаеме дека и ние треба темелно да сведочиме?
10 Заповедта да ‚му проповедаат на народот и да сведочат темелно‘ не важела само за апостолите. Кога воскреснатиот Исус им се обратил на учениците собрани во Галилеја — кои веројатно биле 500 — тој заповедал: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“. Таа заповед важи за сите вистински христијани денес, како што се гледа и од следниве зборови на Исус: „И еве, јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:19, 20).
11. По кое важно дело се познати Јеховините сведоци?
11 Ревносните христијани и понатаму ѝ се послушни на оваа заповед додека се трудат ‚темелно да сведочат за добрата вест‘. Главен начин на кој го прават ова е со методата што им ја спомнал Павле на старешините од Ефес — проповедајќи од куќа до куќа. Во една книга од 2007 год., која зборува за тоа како да се биде делотворен мисионер, Дејвид Џ. Стјуарт Помладиот, напишал: „Методата на Јеховините сведоци, која се состои од поучување на верниците како да ги споделуваат своите верувања со другите, се покажала многу поделотворна од слабиот, чисто теоретски [поттик што се дава од проповедалниците]. Многу Јеховини сведоци со задоволство разговараат со луѓето за своите верувања“. Каков е резултатот од ова? ‚Во 1999 год., само 2 до 4 отсто од анкетираните лица во два главни града во Источна Европа изјавиле дека некогаш биле посетени од верници на црквата Светци на последните денови или од мормонски мисионери. Но, над 70 отсто изјавиле дека лично им пристапиле Јеховини сведоци, најчесто и повеќепати.‘
12. а) Зошто одиме повеќепати кај луѓето на нашето подрачје? б) Можеш ли да раскажеш искуство за некој што го сменил ставот кон нашата порака?
12 Речиси истото може да се каже и за луѓето во твојот крај. Веројатно и ти си имал свој удел во ова. Кога ‚лично си им пристапувал‘ на луѓето додека си проповедал од куќа до куќа, си разговарал со мажи, жени и деца на нивниот праг. Некои од нив можеби не сакале да слушаат, иако Сведоците им пристапувале повеќепати. Други можеби слушале додека кратко си им прочитал некој стих или си им кажал некоја мисла од Библијата. Но, на трети си можел да им дадеш убаво сведоштво, и тие ја прифатиле пораката. Можно е да наидеме на која и да било од овие реакции додека ‚темелно сведочиме за добрата вест‘. Како што веројатно и самиот знаеш, има безброј примери на лица што не покажале некој интерес, иако Сведоците им пристапувале повеќепати, но потоа дошло до промена. Можеби нешто им се случило ним или на некој близок, и тоа им ги отворило умот и срцето за вистината. Сега тие се наши браќа и сестри. Затоа, не кревај раце, иако во последно време можеби не си наишол на приемливо уво. Не очекуваме сите да дојдат во вистината. Но, она што Бог го очекува од нас е трудољубиво и ревносно да продолжиме темелно да сведочиме.
Има резултати за кои и не знаеме
13. Во кој поглед нашето сведочење може да има резултати за кои можеби не сме ни свесни?
13 Со својата служба, Павле не извршил влијание само врз оние на кои лично им помогнал да станат христијани. Истото може да се каже и за нас. Ние се трудиме да учествуваме редовно во службата од куќа до куќа и да им сведочиме на што е можно повеќе луѓе. Им зборуваме за добрата вест на соседите, колегите, соучениците и роднините. Дали ни се познати сите резултати? Во некои случаи, можеби веднаш има добри резултати. Во други, пак, семето на вистината може да мирува некое време, но потоа да фати корен во почвата на нечие срце и да порасне. Дури и да не дојде до тоа, луѓето со кои сме разговарале можеби ќе зборуваат со други за она што сме им го кажале, и ќе им кажат во што веруваме и како се однесуваме. Значи, можеби тие ненамерно ќе помогнат тоа семе на вистината да падне на добра почва кај некој друг.
14, 15. До какви резултати довело сведочењето на еден брат?
14 Да го земеме примерот на Рајан и неговата жена Менди, кои живеат во Флорида (САД). На работното место, Рајан му сведочел неформално на еден колега. Тој човек, по потекло хиндус, бил восхитен од начинот на кој се облекувал и се изразувал Рајан. Во нивните разговори, Рајан зборувал за теми како што се воскресението и состојбата на мртвите. Една вечер во јануари, овој човек ја прашал жена си, Џоди, што знае за Јеховините сведоци. Таа била католик, и рекла дека единственото нешто што го знае за Сведоците е тоа дека „проповедаат од куќа до куќа“. Затоа Џоди побарала нешто за нив на Интернет под „Јеховини сведоци“, и така ѝ се отворила нашата веб-страница, www.watchtower.org. Таа продолжила со месеци да бара информации на оваа страница, а меѓу другото, ја читала Библијата и статии што ја интересирале.
15 По некое време, Џоди се запознала со Менди, бидејќи и двете работеле како медицински сестри. Менди со задоволство одговарала на прашањата што ѝ ги поставила Џоди. Во една прилика имале сеопфатна дискусија за Библијата — „од Адам до Армагедон“, како што ја нарекла Џоди. Потоа таа прифатила да ја проучува Библијата. Наскоро почнала да оди во Салата на Царството. Во октомври Џоди станала некрстен објавител, а во февруари се крстила. Таа пишува: „Сега, кога ја знам вистината, водам многу среќен и исполнет живот“.
16. Што покажува искуството на овој брат од Флорида во врска со нашите напори темелно да им сведочиме на луѓето?
16 Рајан воопшто не помислувал дека, како последица на тоа што му сведочел на еден човек, некој друг ќе дојде во вистината. Се разбира, во овој случај, дознал до каков резултат довело тоа што бил решен ‚темелно да сведочи‘. Но, може да ти се случи и тебе да сведочиш на врата, на работа, на училиште или неформално, и така, без ти да знаеш, индиректно и други да чујат за добрата вест. Исто како што Павле не знаел што сѐ постигнал со своето сведочење во Азија така и ти не можеш да знаеш какви сѐ добри резултати се постигнуваат кога даваш темелно сведоштво. (Прочитај Дела 23:11; 28:23.) Но, многу е важно и понатаму да го правиш тоа!
17. Што си решен да правиш во 2009 год.?
17 Во 2009 год., да го сфатиме сериозно налогот да сведочиме од куќа до куќа, а и на други начини. Така ќе имаме слични чувства како и Павле, кој рекол: „Ни најмалку не се грижам за својот живот, само сакам да ја довршам својата трка и службата што ја примив од Господарот Исус: темелно да сведочам за добрата вест за Божјата незаслужена доброта“.
Како би одговорил?
• Како апостолите Петар и Павле и другите христијани дале темелно сведоштво во првиот век?
• Зошто резултатите од нашето сведочење можат да бидат далеку поголеми отколку што си мислиме?
• Кој е годишниот стих за 2009 год., и зошто мислиш дека е соодветен?
[Истакната мисла на страница 19]
Годишниот стих за 2009 год. е: ‚Темелно сведочи за добрата вест‘ (Дела 20:24)
[Слика на страница 17]
Старешините од Ефес знаеле дека Павле имал обичај да сведочи од куќа до куќа
[Слика на страница 18]
Колку далекосежни ќе бидат резултатите од твоето темелно сведочење?