Приближи му се на Бог
Најголемиот доказ за Божјата љубов
АВРААМ го сакал Бог. Овој верен човек го сакал и својот син Исак, кого го добил на стари години. Но, кога Исак имал околу 25 години, од Авраам се барало да оди сосема против своите татковски чувства — Бог побарал од него да го жртвува својот син! Сепак, приказната не завршува со смрт на Исак. Во моментот кога Авраам го кренал ножот, Бог испратил еден ангел кој го спречил во намерата. Овој библиски извештај од 1. Мојсеева 22:1-18 ни дава пророчки увид во тоа колкава е Божјата љубов кон нас.
„Бог го испита Авраам“, стои во 1. стих. Авраам бил верен човек, но овој пат неговата вера била ставена на испит како никогаш порано. Бог рекол: „Те молам, земи го својот син, својот единец, Исак, кого толку го сакаш, па... принеси го како жртва паленица на еден од ридовите, кој ќе ти го покажам“ (2. стих). Имај на ум дека Бог не дозволува неговите слуги да бидат испитани повеќе отколку што можат да поднесат. Затоа, овој испит покажува колкава доверба имал во Авраам (1. Коринќаните 10:13).
Авраам веднаш послушал. Во Библијата пишува: „Утредента Авраам подрани, го оседла магарето и зеде со себе двајца слуги и својот син Исак, па нацепи дрва за жртвата паленица. Потоа стана и тргна на пат“ (3. стих). Очигледно, Авраам не кажал никому за овој испит.
Патот траел три дена, па затоа имал доволно време сериозно да размисли. Но, решителноста на Авраам не ослабнала. Од неговите зборови се гледа колкава била неговата вера. Кога оддалеку ја здогледал планината што ја избрал Бог, Авраам им рекол на своите слуги: „Вие останете овде... а јас и момчето ќе појдеме онаму за да му се поклониме на Бог, па ќе се вратиме кај вас“. Кога Исак прашал каде е овцата што ќе ја принесат за жртва, тој рекол: „Бог ќе си прибави овца“ (стихови 5 и 8). Авраам очекувал да се врати со својот син. Зошто? Затоа што ‚сметал дека Бог можел да го подигне Исак и од мртвите‘ (Евреите 11:19).
Горе на планината, Авраам го зел ‚ножот за да го заколе својот син‘, но еден ангел го спречил да го стори тоа. Бог предизвикал еден овен да се заплетка во грмушките за да може Авраам да го принесе „наместо својот син“ (стихови 10-13). Во Божји очи било исто како Исак да бил навистина жртвуван (Евреите 11:17). Еден изучувач објаснува: „За Бог, спремноста да се направи нешто била иста како тоа да е веќе направено“.
Авраам ја оправдал довербата што Јехова ја покажал во него. Била наградена и довербата во Јехова што ја покажал Авраам, бидејќи Бог го повторил и го проширил својот сојуз со Авраам. Со тој сојуз Бог ветил благослов за луѓето од сите народи (стихови 15-18).
На крајот, Бог го поштедил Авраам од жртвата од која подоцна не се поштедил себеси. Спремноста на Авраам да го жртвува Исак ја претставувала вистинската жртва што ја направил Бог — Тој го дал својот единороден Син, Исус, за да нѐ откупи од гревот (Јован 3:16). Жртвувањето на Христос е најголемиот доказ дека Јехова нѐ сака. Бидејќи Бог направил таква жртва за нас, ние треба да се прашаме: ‚Какви жртви сум спремен да правам јас за да му угодам на Бог?‘