Религијата — ја избирам јас или моите родители?
ВО Полска, многу луѓе имаат обичај да им кажат на Јеховините сведоци: „Во таа вера сум се родил, и во неа ќе умрам“. Значи, за нив, религијата е нешто што се пренесува од генерација на генерација. Дали и луѓето во твојата земја имаат сличен став? Кој е честопати резултатот од таквиот став? Обично религијата се сведува на семејна традиција и на држење вековни обичаи. Можно ли е вакво нешто да им се случи и на некои Јеховини сведоци кои добиле едно прекрасно духовно наследство од своите родители или од своите баби и дедовци?
Ова не било случај со Тимотеј, кого неговите побожни мајка и баба го поучиле да верува и да го сака вистинскиот Бог. Тој се запознал со светите списи уште „од рано детство“. Со текот на времето, заедно со своите мајка и баба, Тимотеј дошол до заклучок дека христијанството е вистинската религија. Тој „се уверил“ во она што го дознал од Писмото во врска со Исус Христос (2. Тим. 1:5; 3:14, 15). Одовде гледаме дека, иако христијанските родители денес даваат сѐ од себе за нивните деца да станат Јеховини слуги, самите деца треба да сакаат да му служат на Јехова (Мар. 8:34).
Секое дете мора, на темел на убедливи докази, да се увери во вистинитоста на библиските учења ако сака да му служи на Јехова од љубов и да му остане верно, сеедно што ќе се случи. Само тогаш ќе има цврста и непоколеблива вера (Еф. 3:17; Кол. 2:6, 7).
Улогата на децата
„Отсекогаш сум знаел дека Јеховините сведоци се вистинската религија, но ми беше тешко да го прифатам она што го кажуваа во врска со начинот на кој треба да живеам“, објаснува Алберт,a кој пораснал во семејство на Сведоци. Ако си млад, можеби и ти го мислиш истото. Тогаш, зошто не се потрудиш да разбереш како Бог сака да живееме, и потоа да научиш со задоволство да ја вршиш неговата волја? (Пс. 40:8). „Едноставно, почнав да се молам“, вели Алберт. „Во почетокот не ми беше лесно. Морав да се терам да го правам тоа. Но, набрзо потоа, почувствував дека би можел да му бидам мил на Бог ако се потрудам да го правам она што е исправно. Ова ми даде сила да ги направам потребните промени.“ Ако се трудиш да се зближиш со Јехова, кај тебе постепено ќе се развие желба да го правиш она што тој го бара од нас (Пс. 25:14; Јак. 4:8).
Размисли за некоја игра која ја играш — на пример, карти, или пак, некој спорт. Ако не ги знаеш правилата или не играш добро, веројатно ќе ти биде здодевно. Но, ако си ги научил правилата и добро ти оди, нема ли едвај да чекаш да играш, па дури и да бараш прилики за тоа? Истото може да се каже и за христијанските активности. Затоа, преземи чекори и подготвувај се за христијанските состаноци. Учествувај во нив. Всушност, иако си млад, ти можеш многу да ги охрабриш другите со својот пример! (Евр. 10:24, 25).
Истото важи и за сведочењето, кога им кажуваш на другите за својата вера. И ова треба да го правиш од љубов, а не затоа што мораш. Прашај се: ‚Зошто сакам да разговарам со другите за Јехова? Зошто го сакам?‘ Треба да го запознаеш Јехова и да сфатиш дека тој е Татко полн со љубов. Преку Еремија, Јехова рекол: „Ќе ме барате, и ќе ме најдете, зашто ќе ме барате со сето свое срце“ (Ерем. 29:13, 14). Што можеби ќе треба да направиш? „Морав да почнам поинаку да размислувам“, вели Јакуп. „Одев на состаноци и во служба уште од мали нозе, но овие работи ми станаа еден вид рутина. Дури откако подобро го запознав Јехова и стекнав личен однос со него, навистина сериозно ја сфатив вистината.“
Дали ќе уживаш во службата или не, во голема мера зависи од тоа дали имаш пријатели кои добро влијаат врз тебе. „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар“, вели една вдахновена изрека (Изр. 13:20). Затоа, барај пријатели меѓу оние што имаат духовни цели и со радост му служат на Јехова. Јола вели: „Многу ме охрабри дружењето со голем број духовно настроени млади лица. Редовно учествував во службата и почнав навистина да уживам во неа“.
Улогата на родителите
„Многу сум им благодарна на родителите што ме поучија за Јехова“, вели Јола. Навистина, родителите можат да имаат силно влијание врз изборот на нивните деца. Апостол Павле напишал: „Вие, татковци... воспитувајте ги [своите деца] со стега од Јехова и помагајте им да го усвојат неговиот начин на размислување“ (Еф. 6:4). Од овој совет, напишан под водство на светиот дух, јасно се гледа дека родителите треба да ги поучат децата да размислуваат како Јехова, а не како нив. Наместо да им го всадуваш во умот на твоите деца она што можеби ти сакаш да го постигнат, колку убаво би било да им помогнеш да си постават за цел да живеат во склад со Јеховините намери!
Можеш да ги всадиш Јеховините зборови во своите деца и ‚да им зборуваш за нив кога седиш во својата куќа, кога одиш по пат, кога легнуваш и кога стануваш‘ (5. Мој. 6:6, 7). „Често разговаравме за различни гранки од полновремената служба“, велат Ева и Ришард, кои имаат три сина. Кој бил резултатот од ова? „Децата сакаа да учествуваат во Теократската школа за служба уште кога беа многу мали, станаа објавители и, на крајот, самите решија да се крстат. Подоцна, станаа бетелски слуги или пионери.“
Многу е важно родителот да даде добар пример. Ришард вели: „Бевме решени да не водиме двоен живот, односно да не се однесуваме на еден начин во собранието, а сосем поинаку дома“. Затоа, прашај се: ‚Што можат да видат моите деца кај мене? Дали гледаат дека вистински го сакам Јехова? Дали моите молитви и моите навики за лично проучување јасно го покажуваат тоа? Дали го гледаат во мојот став кон службата, забавата, материјалните работи и во она што го зборувам за другите членови од собранието?‘ (Лука 6:40). Децата те гледаат како живееш секој ден и ќе забележат дали навистина го правиш она што го зборуваш.
Иако секое дете е различно, сепак родителите треба да сфатат дека е многу важно на децата да им се даде соодветна стега. Божјата вдахновена реч ни кажува да го ‚воспитуваме детето според патот по кој тоа треба да оди‘ (Изр. 22:6). Ева и Ришард велат: „Ја проучувавме Библијата со секое дете одделно“. Се разбира, родителите сами одлучуваат дали е потребно одделно да се проучува со децата. Како и да е, тие треба да имаат на ум дека секое дете е поинакво. Значи, родителите треба да се прилагодливи и разумни. На пример, наместо само да им кажеш на децата дека некоја музика е лоша, зошто не им покажеш како да донесуваат мудри одлуки и како во тоа се вклучени библиските начела?
Можеби твоите деца знаат што точно очекуваш од нив и можеби изгледа дека постапуваат како што сакаш. Сепак, ти треба да ги допреш до срце. Не заборавај, „размислувањата во човековото срце се како длабока вода, а разборитиот човек знае како да ги исцрпи“ (Изр. 20:5). Затоа, биди прониклив, внимателно гледај дали има знаци дека во срцето на твоите деца се крие некој проблем или сомнеж, и веднаш преземи нешто! Без да ги обвинуваш, покажи дека си загрижен и постави им соодветни прашања. Сепак, внимавај да не звучиш како да ги испрашуваш. Со својата искрена грижа ќе ги допреш до срце и така ќе бидеш во состојба подобро да им помогнеш.
Улогата на собранието
Можеш ли ти, како Божји слуга, да им помогнеш на младите во собранието да го ценат духовното наследство што го добиле? Иако родителите се одговорни да ги поучат своите деца, и другите членови на собранието, особено старешините, можат да им помогнат во тоа. Посебно е важно да им се обрне внимание на оние што живеат во религиозно разделен дом.
Што можат да сторат старешините за да им помогнат на младите да го сакаат Јехова и да се чувствуваат потребни и ценети? Мариуш, кој служи како надгледник во едно собрание во Полска, вели: „Старешините треба да разговараат, да разговараат и да разговараат со младите! Ова не треба да го прават само кога ќе има проблеми, туку и во други прилики — кога се заедно во служба, по состаноците или кога ќе седнат на сокче или на кафе“. Зошто не ги прашаш што мислат за собранието? Таквите отворени разговори ќе им помогнат да се зближат со собранието и да чувствуваат дека се дел од него.
Ако си старешина, дали се трудиш подобро да ги запознаеш младите во твоето собрание? Иако сега служи како старешина, Алберт, кој беше спомнат погоре, доживеал различни испити кога бил помлад. Тој вели: „Како млад човек, и самиот имав потреба од пастирска посета“. Старешините можат да покажат дека се заинтересирани за младите и така што ќе се молат за нивното духовно добро (2. Тим. 1:3).
Убаво е младите да бидат вклучени во собраниските активности. Во спротивно, би можеле да си постават световни цели. Би можеле ли вие што сте постари да ги земате во служба и да се спријателите со нив? Дружете се со нив во слободно време и помогнете им да стекнат доверба во вас и да ве чувствуваат како пријатели. Јола вели: „Една сестра која служеше како пионер покажа личен интерес за мене. Токму со неа првпат отидов во служба затоа што сакав“.
Твој личен избор
Млади, прашајте се: ‚Какви цели имам? Ако не сум крстен, дали имам цел да го сторам тоа?‘ Одлуката некој да се крсти треба да извира од срце полно со љубов кон Јехова, а не од чувство на обврска затоа што тоа е семејна традиција.
Јехова нека ти биде вистински пријател, а вистината нека ти биде скапоцено богатство. Преку својот пророк Исаија, Јехова рекол: „Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог“. Јехова ќе биде со тебе сѐ додека ти си негов пријател. Тој навистина ќе те зајакне и ‚ќе те потпре со својата праведна десница‘ (Иса. 41:10).
[Фуснота]
a Некои имиња се сменети.
[Слика на страница 4]
Обиди се да сфатиш што се крие во срцето на твоето дете
[Слика на страница 6]
Одлуката некој да се крсти извира од срце полно со љубов кон Јехова