„До кога... ќе викам за помош?“
„Јас само сакам да се ослободам од оваа болка!“ — заплакала Џејн. Таа имала рак, кој почнал да се шири низ целото тело. Нејзиното семејство и пријателите од сѐ срце сакале да можат да ѝ ја отстранат болеста и да ѝ го олеснат страдањето. Го молеле Бог да ѝ помогне. Дали тој ги слушнал? Дали му било важно што се случува?
БОГ знае во каква состојба е човештвото. Во неговата Реч, Библијата, пишува: „Целото создание заедно воздивнува и... е во болка“ (Римјаните 8:22). Бог знае дека стотици милиони луѓе, исто како Џејн, секојдневно трпат болка, сеедно дали физичка, емоционална или душевна. Тој ги гледа сите 800 милиони луѓе што си легнуваат гладни секоја ноќ, милионите други што страдаат од домашно насилство, како и многуте родители што се загрижени за иднината и за доброто на своите деца. Си се прашал ли некогаш дали Бог ќе направи нешто во врска со тие проблеми? Се разбира, штом ние сакаме да им помогнеме на нашите најблиски, зар не сака и Бог да им помогне на луѓето, кои тој ги создал?
Ако и ти си ги имал истиве прашања, не си единствениот. Пред повеќе од 2.600 години, еден верен човек, Авакум, се чувствувал исто како многу луѓе денес, и го прашал Бог: „До кога, Јехова, ќе викам за помош, а ти нема да слушаш? До кога ќе те викам на помош поради насилството, а ти нема да спасиш? Зошто ме тераш да гледам зло и зошто гледаш неволја? Зошто се пљачката и насилството пред мене, зошто настануваат препирки и зошто избиваат караници?“ (Авакум 1:2, 3). Авакум, кој бил еврејски пророк, со свои очи видел безумни насилства и угнетувања во негово време. Денес, таквите неправди се секојдневие што предизвикува ужас кај сочувствителните луѓе.
Дали Бог ги сметал за неважни грижите на Авакум? Не. Тој ги сослушал неговите искрени прашања и потоа го утешил и го охрабрил овој вознемирен човек. Јехова Бог му ја зајакнал верата со ветувањето дека ќе им стави крај на страдањата. Божјата порака што влева надеж може да те утеши и тебе, како што ги утешила Џејн и нејзиното семејство. Во следните статии ќе го добиеме одговорот на овие прашања: Како можеме да бидеме сигурни дека Бог навистина нѐ сака? Што ќе направи Бог за да им стави крај на страдањата, и кога ќе биде тоа?