Утеха по масакрот во едно училиште
НАСЛОВНАТА страница на весникот беше сосема црна. Со големи букви беше отпечатен само еден збор: „Зошто?“ Луѓето постојано го поставуваа ова прашање откако еден 17-годишник изврши масакр во Виненден (јужна Германија), при што застрела 15 лица, а на крајот се уби и себеси. Низ цела Германија знамињата беа спуштени на половина копје, а веста за овој трагичен настан брзо се рашири низ целиот свет.
Виненден е напредно и убаво гратче, опкружено со лозја и овоштарници. Во средното училиште Албертвил, утрото на 11 март 2009 год. почна како и секое друго утро. Одеднаш, во 9.30 часот, дојде до насилство и голем хаос.
Еден младич влета во своето поранешно училиште, држејќи во рацете пиштол што го зел од спалната на своите родители. За кратко време, во ходникот и во три различни училници застрела девет ученици и три наставнички, а рани уште неколку души. За неколку минути стигна полицијата. Убиецот избега во дворот на блиската психијатриска клиника. Таму уби еден вработен во одржувањето. Потоа грабна автомобил, држејќи го возачот на нишан. По 40-тина километри возачот успеа да побегне. Во еден салон за автомобили, убиецот ги застрела продавачот и еден муштерија, а сериозно рани двајца полицајци што се обидуваа да му се приближат. Кога полицајците конечно го опколија, тој се застрела в глава.
Според оние што го познавале напаѓачот, тој не се разликувал од останатите тинејџери и, како и сите други, сакал да биде прифатен и да има пријатели. Тогаш, зошто го извршил масакрот? Можеби бил склон кон депресија, а се знае и дека пукал со воздушни пушки и играл некои насилнички компјутерски игри што биле многу популарни. Но, и илјадници други млади го прават истото, велат некои. А што е со жртвите? Дали намерно избрал некои од нив или случајно ги застрелал? Имаше претпоставка околу тоа зошто убил осум девојчиња, а само едно момче, но никој не знае да каже точно.
Реакции
„Кога се јави син ми и рече дека во училиштето имало пукање, не ми се веруваше“, раскажува Хајке. „Ама кога почнаа да се слушаат сѐ повеќе полициски и амбулантни возила, ме фати паника.“ Брзата реакција на полицијата веројатно го спречи напаѓачот да убие уште луѓе во училиштето. Откако училиштето беше евакуирано, работата ја презедоа болничари, психолози и свештени лица кои дадоа сѐ од себе за да им помогнат на учениците.
Во училиштето веднаш нагрнаа новинари, кои се обидуваа да направат интервјуа со учениците, од кои многумина сѐ уште беа во шок. Еден ученик избројал дека пред училиштето биле паркирани 28 возила од 26 ТВ-станици. Меѓу средствата за јавно информирање постоеше силна конкуренција, па затоа се ширеа извештаи со непотврдени детали. Истиот ден кога беше извршен масакрот, еден новинар му се јавил на семејството на едно од девојчињата што беа убиени и побарал фотографии, а други новинари им нуделе пари на некои ученици за да ги фотографираат. Во тој хаос, изгледа дека на некои новинари им беше поважно први да пренесат некоја сензационална вест отколку да покажат обѕир и почит кон жртвите.
Како што често се случува во такви ситуации, луѓето се свртеа кон религијата за да најдат утеха и објаснување. На денот на масакрот се одржа богослужба за верниците од различни религии. Многумина беа благодарни за поддршката. Но, оние што бараа утеха од Божјата реч или одговор на прашањата што ги збунуваа, многу се разочараа. Едно семејство било на погребот на другарката на својот син. Мајката рекла: „Бискупот зборуваше за страдањата на Јов. Чекав да објасни каква е поуката или да ни даде некаква утеха — ама ништо од тоа. Не кажа ниту збор за тоа зошто страдал Јов ниту што се случило со него на крајот“.
Еден човек бил многу вознемирен од празните зборови што ги чул. Тој ја имал проучувано Библијата со Јеховините сведоци пред околу 30 години, но прекинал. Сега повторно оди на нивните состаноци.
Вализа, 14-годишно девојче што редовно проучува со Сведоците, била во една училница во близина на масакрот. Кога ги чула истрелите, почнала да му се моли на Јехова. Подоцна, кога ја прашале како се чувствува по сѐ што се случило, таа рекла дека тие настани само ѝ го потврдиле она што веќе го научила од Библијата за овие тешки последни денови (2. Тимотеј 3:1-5). Двајца Сведоци им кажувале утешни зборови на соседите. Една постара жена им пристапила и им рекла: „И други треба да го прават ова што го правите вие“. Колку и да беше тажен и шокантен масакрот, тој поттикна некои луѓе спремно да слушаат за надежта и утехата од Божјата реч.
Трауматични последици
Се разбира, дури ни најнежните утешни зборови не можат да ги отстранат шокот и очајот на оние што беа директно погодени. Нема зборови што можат целосно да ја отстранат болката на родителот што го изгубил своето дете или очајот на полицаецот што влетал во училиштето само за да види дека и жена му е меѓу жртвите.
Учениците што го преживеаја сето тоа, како и нивните семејства, претрпеа длабоки трауми. Василиос потрчал кон најблискиот излез веднаш штом напаѓачот почнал да пука. „Кога скокнав од прозорецот“, раскажува тој, „му се помолив на Јехова. Си мислев дека ќе умрам. Бев уверен дека тоа ми е последната молитва.“ Следните седмици го мачеле кошмари, и не сакал да зборува со никого. Посебно се вознемирувал кога ја гледал немилосрдната конкуренција меѓу медиумите и бесчувствителноста на оние што по секоја цена сакале да дојдат до детали во врска со масакрот. Со текот на времето, успеал да ја прифати реалноста.
Јонас бил во истата училница со Василиос и со свои очи видел како биле убиени пет негови соученици. Тој рекол: „Веднаш по настанот не ми беше тешко да раскажувам што се случи. Беше како во хорор филм. Но сега ми е тешко да зборувам за тоа како се чувствувам. Расположението постојано ми се менува. Понекогаш не сакам да зборувам, а понекогаш, пак, премногу зборувам за тоа“. И тој има кошмари и проблеми со спиењето.
По неколку дена, на учениците им ги вратија личните работи што им останале во училниците. Психијатрите предупредија дека тие предмети би можеле да им ги разбудат сеќавањата за трагедијата. Во почетокот Јонас не сакал ни да ги допре јакната, чантата и шлемот за мотоциклот. Го фаќало ужас секогаш кога ќе видел некој што личел на напаѓачот или што носел ранец каков што имал напаѓачот. Еднаш, додека родителите гледале филм и се чул истрел, многу се вознемирил. Психијатрите се обидуваат да им помогнат на жртвите да не си го поврзуваат со тој трауматичен настан она што им се случува во секојдневието.
Јорген, татко му на Јонас, работи во клиниката каде што бил убиен еден од вработените. Тој спомна дека многу родители и колеги се измачувале со прашањата „зошто?“ и „што ако..?“ На пример, една вработена во клиниката, која од балконот го видела напаѓачот, толку се измачувала со мислата дека можел да ја убие и неа, што и нејзе морало да ѝ биде укажана стручна помош од психијатар.
Што им помогна на некои
Што им помогна на некои да се справат со едно такво ужасно искуство? Јорген вели: „Иако понекогаш не ми е лесно, убаво ми е кога сум со луѓе. Мислата дека другите се грижат за тебе, дека не си сам, многу помага“.
И на Јонас му значи тоа што другите покажуваат грижа за него: „Многумина ми испраќаат картички и пораки. Во некои се напишани библиски стихови, кои потоа ги читам. Многу убаво од нивна страна“. Што друго му помага? „Кога се будам ноќе и ми е многу тешко, се молам. Понекогаш слушам музика или снимки од списанието Разбудете се!“a Тој додава дека Библијата ни кажува зошто се случуваат вакви работи: Сатана владее со светот, а ние живееме во времето на крајот. Татко му вели дека таа мисла многу им помага.
Наскоро повеќе нема да има страдања
За неколку дена, просторот пред училиштето беше прекриен со свеќи, цвеќиња и писма. Керстин забележала дека некои луѓе напишале ливчиња со прашања зошто се случило сето тоа и зошто Бог допуштил такво нешто. Чувствувајќи дека тие прашања заслужуваат одговор, таа и две други девојки што се Сведоци напишале писмо и го ставиле меѓу другите писма.
На официјалното одбележување на тој настан, една телевизиска станица го покажала нејзиното писмо и ги цитирала првите неколку реда: „Зошто? Во последниве денови, ова прашање одекнува сѐ погласно, а особено прашањата: Каде беше Бог? И зошто го дозволи ова?“ За жал, цитатот завршил со тие зборови.
Зошто велиме „за жал“? Затоа што во писмото понатаму било објаснето од каде доаѓа сето страдање и дека Бог „ќе се погрижи да се поправи сета штета што ја направиле луѓето“. Понатаму пишувало: „Во последната книга од Библијата, Бог вели дека ќе ја избрише секоја солза од очите на луѓето и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, ќе помине“. Јехова Бог ќе ги врати дури и мртвите во живот. Наскоро, кога неговото Царство ќе владее на Земјата, повеќе нема да има трагедии, масакри ниту страдање. Бог ветил: „Гледај, правам сѐ ново!“ (Откровение 21:4, 5).
[Фуснота]
a Списанието Разбудете се! во печатен облик и на аудиоснимки го издаваат Јеховините сведоци.
[Слика на страница 12]
Јонас добил картичка на која пишувало: „Мислиме на тебе“
[Извор на слика на страница 9]
Focus Agency/WPN
[Извор на слика на страница 9]
© imagebroker/Alamy
[Извор на слика на страница 10]
Фотографија: picture alliance
[Извор на слика на страница 11]
Фотографија: picture alliance