Цар Давид и музиката
АКО има некое име што нѐ асоцира на музиката во библиски времиња, сигурно тоа е името на Давид, извонреден човек кој живеел пред околу 3.000 години. Всушност, многу од она што го знаеме за музиката во тоа време доаѓа од библиските записи за животот на Давид — од времето кога бил младо овчарче, па сѐ до времето кога станал цар и добар организатор.
Преку Давид можеме да научиме многу за музиката во библиски времиња. На пример, на какви инструменти се свирело и какви песни се пееле? Каква улога играла музиката во животот на Давид и, што е уште поважно, во целиот Израел?
Музиката во древниот Израел
Кога ги изговараме зборовите на некоја песна, честопати во мислите ни доаѓа и мелодијата на која се пеат. Во Библијата се запишани стиховите на многу песни, чија музика, за жал, не ја знаеме. Сигурно била многу пријатна, дури и неверојатно убава. Поетската убавина на книгата Псалми покажува дека и музиката на која се пееле била нешто посебно.
Што се однесува до инструментите, во Библијата се спомнати само накратко. (Види ја рамката „Инструментите во библиските времиња“.) Не се знае сигурно дури ни на каква харфа свирел Давид. Сепак, интересно е што Израелците измислиле неколку инструменти, како што се ретките и скапоцени дрвени харфи (2. Летописи 9:11; Амос 6:5).
Меѓутоа, едно е сигурно: музиката играла важна улога во животот на Евреите, особено во нивната служба за Бог. Музиката била присутна кога се крунисувал некој цар, кога се вршеле верските обреди и кога се војувало. Исто така, таа го восхитувала царскиот двор, ја зголемувала веселбата на свадбите и на семејните прослави, и ја подигала атмосферата при гроздоберот и жетвата. За жал, музиката била поврзана и со местата што биле на лош глас. И на крајот, кога некој ќе умрел, музиката им носела утеха на ужалените.
Во Израел, музиката имала и други улоги. Било познато дека таа го смирувала умот и ги подготвувала пророците да ги примат Божјите зборови и пораки. Токму додека го слушал звукот на еден жичан инструмент, Елисеј добил вдахновение од Бог (2. Царевите 3:15). Музиката се користела и за да се објават значајни настани. Младата месечина и празниците се најавувале со звукот на две сребрени труби. На денот кога настапувала прошталната година, звукот на рогот го објавувал ослободувањето на робовите и враќањето на земјата и куќите што претходно сопствениците ги изгубиле. Колку радосни мора да биле сиромашните кога ќе ја чуеле музиката со која се објавувало враќањето на нивната слобода или имот! (3. Мојсеева 25:9; 4. Мојсеева 10:10).
Некои Израелци сигурно биле извонредни музичари или пејачи. Всушност, според еден асирски релјеф, цар Сенахирим побарал од цар Езекија да му плати голем данок во облик на музичари и музичарки. Изгледа дека тие биле првокласни изведувачи. Сепак, Давид се издвојувал меѓу сите виртуози.
Неверојатен музичар
На Давид му немало рамен и во тој поглед што бил и музичар и поет. Се смета дека тој напишал повеќе од половина од сите псалми. Кога бил дете, тој бил овчар, и неговиот чувствителен и приемлив ум ги впивал пејзажите на Витлеем. Знаел да ужива во едноставните работи — во звукот на разжуборените поточиња и во блеењето на јагнињата кога ќе го чуеле неговиот глас. Трогнат од убавината на оваа „музика“ во светот што го опкружувал, тој посегнувал по својата харфа и со песна го славел Бог. Колку трогателни мора да биле звуците на музиката што ја компонирал за 23. Псалм!
Како млад човек, Давид толку убаво свирел на харфа што му бил препорачан на цар Саул, кој го зел во служба. Кога Саул ќе го обземела душевна болка и немир, Давид доаѓал и на својата харфа свирел мелодични и смирувачки рефрени што му го успокојувале срцето на царот. Мрачните мисли што го прогонувале Саул исчезнувале, а немирот попуштал (1. Самоилова 16:16).
Но, музиката, која Давид толку многу ја сакал и која го исполнувала со голема радост, понекогаш предизвикувала и проблеми. Еден ден, кога Давид и Саул се вратиле по поразот што им го нанеле на Филистејците, до ушите на царот дошла победничка и радосна музика. Жените пееле: „Саул погуби илјади, а Давид десетици илјади свои непријатели“. Тогаш Саул толку се налутил и бил љубоморен што ‚од тој ден го гледал Давид со недоверба‘ (1. Самоилова 18:7-9).
Инспириран од музиката
Песните што ги компонирал Давид под вдахновение од Бог, биле нешто посебно во неколку аспекти. Неговите песни вклучуваат и псалми во кои се изразени длабоки размислувања и псалми во кои се опишува селската идила. Во нив се запишани изрази на фалба, историски настани, се опејува радоста во времето на гроздоберот, раскошот при свеченото отворање на дворецот, се зборува за спомени и надежи, за барања и молби. (Види Псалм 32, 23, 145, 8, 30, 38, 72, 51, 86 и нивните натписи.) Кога загинале Саул и неговиот син Јонатан, Давид компонирал една тажачка наречена „Лак“, која почнувала со зборовите: „Твојата убавина, о Израеле, е погубена на твоите височинки“. Тоа била многу тажна песна. Давид знаел да изрази најразлични чувства, како со зборови така и со музика од својата харфа (2. Самоилова 1:17-19).
Бидејќи бил многу ведра личност, Давид сакал весела, жива музика со убав ритам. Кога го донел ковчегот на сојузот на Сион, тој со сите сили скокал и играл од радост за тој настан. Библискиот извештај покажува дека музиката била многу весела. Можеш ли да си ја замислиш таа сцена? Кога го видела тоа, неговата жена, Михала, го прекорила. Но, на Давид не му било важно тоа. Тој го сакал Јехова, и музиката, која го исполнила со огромна радост, го натерала да скока и да игра пред Бог (2. Самоилова 6:14, 16, 21).
Но, тоа не било сѐ. Давид се истакнувал и по тоа што измислувал нови музички инструменти (2. Летописи 7:6). Имајќи го сето ова на ум, изгледа дека Давид бил исклучително талентиран уметник, изработувач на инструменти, поет, композитор и изведувач. Меѓутоа, Давид презел уште поголеми потфати.
Пеењето и музиката во храмот
Давид ги организирал пеењето и музиката во Јеховиниот дом. На чело на 4.000 пејачи и музичари ги поставил Асаф, Еман и Једутун (кој изгледа бил наречен и Етан), кои биле дел од 288 експерти што го обучувале и го надгледувале остатокот од групата. Сите 4.000 пејачи и музичари биле присутни во храмот на трите големи годишни празници. Замисли си колку бил величествен тој прекрасен хор! (1. Летописи 23:5; 25:1, 6, 7).
Во храмот пееле само мажи. Изразот „за Девојките“ во натписот на 46. Псалм укажува на висок глас или инструмент со високи тонови. Тие пееле складно, како што пишува во 2. Летописи 5:13, „во еден глас“. Псалмите можеле да се пеат со придружба на музика, како што е 3. Псалм и многу други псалми што ги напишал Давид. Понекогаш вклучувале и рефрени, како што е оној во Псалм 42:5, 11 и 43:5. Многу се ценеле песни во кои се користел антифон, кога хорови и/или солисти си возвраќале еден на друг. Тоа е случај со 24. Псалм, кој несомнено бил компониран за приликата кога Давид го донел ковчегот на сојузот на Сион (2. Самоилова 6:11-17).
Меѓутоа, пеењето не било само за левитите. Сите Израелци пееле кога се искачувале кон Ерусалим на годишните празници. Можеби на тоа се мисли со насловите „Песна за искачување“ (Псалми од 120 до 134). На пример, во 133. Псалм, Давид го велича единството што владеело меѓу Израелците во тие моменти. Тој почнува со овие зборови: „Гледај, колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно во единство!“ Обиди се да си ја замислиш музиката што се свирела во придружба на таа песна!
Музиката и обожавањето на Јехова
Една десеттина од Библијата е составена од такви песни, а книгата Псалми ги охрабрува сите луѓе да го фалат Јехова (Псалм 150). Музиката има моќ да натера некого да заборави на животните грижи, а пеењето може да дејствува како мевлем на ранетото срце. Меѓутоа, и на оние што се весели Библијата им препорачува да пеат псалми (Јаков 5:13).
Со пеењето човек може да ја изрази својата вера и љубов кон Бог. Ноќта пред да биде погубен Исус, тој и неговите апостоли на крајот од вечерата почнале да пеат песни (Матеј 26:30). Којзнае колку убав глас имал Исус, Синот Давидов! Па, тој лично го слушал величественото пеење во Божјиот небесен двор! Вечерта, веројатно го пееле Халелот, т.е. Псалми од 113 до 118. Ако е така, кога Исус бил со апостолите, кои не знаеле кои настани ќе се случат наскоро, гласно пеел: „Љубов се буди во мене, зашто Јехова го слуша мојот глас, моите сесрдни молби... Ме обвиткаа јажињата на смртта, ме снајдоа маки гробни... ‚О Јехова, избави ја мојата душа!‘“ (Псалм 116:1-4).
Музиката не е изум на човекот. Библијата ни кажува дека има музика и пеење во самото небо, каде што духовните суштества свират на симболични харфи и пеат фалби околу Јеховиниот престол (Откровение 5:9; 14:3; 15:2, 3). Јехова Бог им ја дал музиката на луѓето, всадувајќи во нивните срца љубов кон неа и нескротлива желба да ги изразат своите чувства свирејќи на некој инструмент или пеејќи песни. За човекот што има вера во Бог, музиката е пред сѐ дар од него (Јаков 1:17).
[Истакната мисла на страница 27]
„На денот на вашата веселба, на вашите празници... трубете во трубите“ (4. МОЈСЕЕВА 10:10)
[Истакната мисла на страница 28]
„Јехова е мојот Пастир. Ништо нема да ми недостасува. На зелени пасишта ми дава да се одморам, ме води на почивалишта обилни со вода“ (ПСАЛМ 23:1, 2)
[Истакната мисла на страница 29]
„Меѓу нив имаше... четири илјади од оние што требаше да го фалат Јехова со инструменти, за кои Давид рече дека ги направил за давање фалба“ (1. ЛЕТОПИСИ 23:4, 5)
[Истакната мисла на страница 29]
Давид изразил најразлични чувства и со зборови и со музика
[Истакната мисла на страница 30]
„Фалете го Јах! Фалете го со дајре и со оро! Фалете го со струни и со кавал! Сѐ што дише нека го фали Јах!“ (ПСАЛМ 150:1, 4, 6)
[Рамка/слики на страница 28]
Инструментите во библиските времиња
Меѓу жичаните инструменти што се користеле биле псалтирот, харфата и инструментот со десет жици (Псалм 92:3). Тие биле штимани според аламот и шеминит, изрази што можеби се однесувале на горна и на долна октава (1. Летописи 15:20, 21, фуснота). Во лимените и дувачките инструменти спаѓале кавалот, шупелката, рогот, како и трубите, кои ‚гласно трубеле‘ (2. Летописи 7:6; 1. Самоилова 10:5; Псалм 150:3, 4). При свеченото отворање на храмот, трубите и пејачите одекнувале „сложно во еден глас“ (2. Летописи 5:12, 13). Тоа веројатно значи дека имале иста јачина и дека немало дисхармонија. Ударните инструменти вклучувале дајриња и ѕвечала, еден вид музичка тропалка, како и „секакви инструменти направени од смрековина“. Имало и чинели — мали „со складен звук“ и големи наречени „чинели што ѕвечат“ (2. Самоилова 6:5; Псалм 150:5).
[Слики]
Горе: Детаљ од триумфалната порта на Тит во Рим (Италија), на која се прикажани труби земени од храмот во Ерусалим во 70 год. од н.е. Монети од околу 130 год. од н.е., на кои се гледаат еврејски музички инструменти
[Извор на слика]
Монети: © 2007 by David Hendin. Сите права се задржани.