Можеш ли да прејдеш во Македонија?
ДОДЕКА престојувал во пристанишниот град Троада, во Мала Азија, апостол Павле добил видение. Еден Македонец го молел: „Прејди во Македонија и помогни ни!“ Веднаш штом го добил ова видение, Павле и неговите сопатници ‚заклучиле дека Бог ги повикува да им ја објават добрата вест‘ на Македонците. Каков бил резултатот? Во Филипи, еден од поважните градови во древна Македонија, Лидија и нејзините домашни станале верници. И други луѓе во таа римска провинција станале христијани (Дела 16:9-15).
Слична ревност се гледа и кај Јеховините сведоци во денешно време. Мнозина спремно се преселиле на сопствен трошок на подрачја каде што има поголема потреба од објавители на Царството. На пример, Лиза сакала уште повеќе да ѝ се посвети на службата. Затоа се преселила од Канада во Кенија. Тревор и Емили, кои исто така се Канаѓани, се преселиле во Малави со цел да проповедаат во уште поголема мера. За Пол и Меги од Англија, пензионирањето било златна можност да прават повеќе во Јеховината служба, и затоа се преселиле во една источноафриканска земја. Дали имаш самопожртвуван дух? Би можел ли да размислиш и ти да се преселиш некаде? Ако да, кои библиски начела и кои практични предлози би можеле да ти помогнат успешно да го направиш тоа?
Преиспитај се
Една работа за која треба да размислиш се твоите мотиви. Исус рекол дека најголемата заповед е оваа: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“. Значи, причините зошто некој оди да служи во друга земја треба да бидат љубовта кон Бог и желбата да ја изврши задачата што ни ја дал — да им помага на другите да станат ученици на Христос. Исус продолжил: „Втората, слична на неа, е оваа: ‚Сакај го својот ближен како себеси‘“. Ако ги сакаме ближните, ќе имаме искрена желба да им помогнеме (Мат. 22:36-39; 28:19, 20). За да се служи во друга земја, обично се потребни многу труд и самопожртвуваност. Тоа не е само авантура. На овој чекор мора да те поттикне љубовта. Ремко и Сузана од Холандија, кои сега служат во Намибија, велат: „Остануваме овде затоа што ги сакаме Бог и луѓето“.
Вили, кој служи како покраински надгледник во Намибија, вели: „Оние што се преселиле во друга земја и останале да служат таму, не очекувале локалните браќа да се грижат за нив. Напротив, дошле да служат рамо до рамо со нив и да им помогнат во проповедањето“.
Откако ќе си ги преиспиташ мотивите, прашај се: ‚Какво знаење или искуство имам што можат да ми користат ако служам во друга земја? Дали проповедам делотворно? Кои јазици ги зборувам? Дали сум спремен да научам нов јазик?‘ Сериозно разговарај за овие работи со своето семејство. Зборувај и со старешините во твоето собрание. И, се разбира, моли го Јехова во врска со таа работа. Едно вакво искрено преиспитување ќе ти помогне да увидиш дали навистина можеш и дали си цврсто решен да служиш во друга земја. (Види ја рамката „Запознај се себеси“.)
Каде да служиш
Павле бил повикан да оди во Македонија преку видение. Денес Јехова не ни дава упатства на натприроден начин. Сепак, преку ова списание и преку други публикации, Божјиот народ дознава во кои места има голема потреба од помош. Затоа, за почеток, направи список на вакви места или земји. Ако не си спремен да научиш нов јазик или планираш само некое време да престојуваш во друга земја, размисли дали би можел да служиш онаму каде што се зборува јазик што веќе го знаеш. Потоа побарај информации за тоа дали ќе ти треба виза, каков е превозот, колку е безбедно да се живее таму, колкави ќе ти бидат животните трошоци и каква е климата. Можеби од помош ќе ти биде да разговараш со некои што веќе се преселиле во друга земја. Моли се во врска со овие работи за да донесеш добра одлука. Сети се дека, на Павле и на неговите соработници ‚светиот дух им забранил да ја проповедаат речта во Азија‘. Потоа се обиделе да одат за Витинија, но ‚Исусовиот дух не им дозволил‘ да појдат ни таму. Можеби и тебе ќе ти треба некое време да одлучиш каде ќе можеш навистина да бидеш од помош (Дела 16:6-10).
Досега веќе веројатно знаеш кои можности ти одговараат. Ако размислуваш да служиш во друга земја, пиши до подружниците на Јеховините сведоци во земјите што ги имаш на ум. Наведи какви теократски задачи си вршел досега, и прашај конкретни работи што те интересираат. На пример, би можел да прашаш колкави се животните трошоци, какво сместување би можел да најдеш, какви се здравствените установи, и какво вработување би можел да најдеш. Потоа дај му го твоето писмо или писма на одборот на твоето собрание. Старешините од овој одбор ќе го приложат и своето писмо со препорака и ќе го испратат директно до подружниците што ги имаш наведено. Одговорот што ќе го добиеш сигурно ќе ти помогне да одлучиш каде би можел да бидеш од најголема помош.
Вили, кој беше цитиран погоре, вели: „Оние што се успешни на новото подрачје, обично најнапред отишле во земјата каде што решиле да служат и пронашле места на кои би им било убаво да живеат. Еден брачен пар, маж и жена, сфатиле дека ќе им биде тешко да служат во некое зафрлено место. Затоа се преселиле во гратче каде што имало потреба од објавители, а сепак можеле да живеат во доволно добри услови за да им биде убаво“.
Нови предизвици
Далечната преселба во сосема нова околина несомнено носи и одредени предизвици. „Може да биде особено тешко да се справиш со чувствата на осаменост“, вели Лиза, која беше спомната погоре. Што ѝ помага на Лиза? Тоа што се зближува со членовите на нејзиното ново собрание. Си поставила цел да ги запамти имињата на сите во собранието. За да успее во ова, таа доаѓала порано на состанок и останувала подолго откако ќе завршел состанокот за да може да зборува со објавителите. Лиза одела во служба со другите, често канела на гости различни објавители и си стекнала нови пријатели. Сега таа вели: „Не жалам за жртвите. Јехова навистина ме благослови“.
Откако подигнале семејство, Пол и Меги се иселиле од својот дом во кој живееле цели 30 години. Пол раскажува: „Не очекувавме дека толку лесно ќе се разделиме од материјалните работи што ги поседувавме. Но, вистински предизвик беше да го оставиме семејството — ни падна многу потешко отколку што си мислевме. Се изнаплакавме во авионот. Во тие моменти е многу лесно да си помислиш: ‚Ова е премногу за нас‘. Но, се потпревме на Јехова. Кога ќе стекнеш нови пријатели, стануваш уште поодлучен да продолжиш“.
Грег и Кристл решиле да се преселат од Канада во Намибија затоа што зборувале англиски, кој бил службен јазик во таа земја. Но, подоцна сфатиле дека ќе биде многу корисно ако научат и локален јазик. „На моменти се обесхрабрувавме. Но, дури откако го научивме локалниот јазик, успеавме да го разбереме менталитетот на луѓето. Дружењето со тамошните браќа ни помогна да се приспособиме на нашата нова околина“.
Таквата понизност и спремност можат да влијаат добро и врз локалните браќа. Џени има убави спомени за семејствата кои се преселиле во Ирска, каде што пораснала. „Всушност, тие покажаа гостољубивост“, вели таа. „Навистина дојдоа да служат, а не да им се служи. Толку беа ревносни и среќни што и кај мене се роди желба да служам во друга земја“. Џени и нејзиниот маж сега служат како мисионери во Гамбија.
Благословот од Јехова „збогатува“
Колку голема радост му донела на Павле службата во Македонија! Десетина години подоцна, тој им го напишал следново на браќата во Филипи: „Кога ќе се сетам на вас, му благодарам на својот Бог“ (Фил. 1:3).
Слични чувства имаат и Тревор и Емили, кои служеле во Малави пред да бидат повикани на мисионерската школа Гилеад. „Имаше моменти кога се прашувавме дали ја донесовме вистинската одлука, но бевме среќни. Се зближивме еден со друг и чувствувавме дека Јехова нѐ благословува“. Грег и Кристл велат: „Ништо друго не би сакале да правиме повеќе од ова“.
Се разбира, не може секој да служи во друга земја. За некои би било подобро да се преселат на друго место во својата земја, каде што има поголема потреба од објавители. Други можат да си постават цел да служат во други собранија блиску до нивниот дом. Најважно од сѐ е да се даваш со сета душа во службата за Јехова (Кол. 3:23). На тој начин, и ти ќе ги искусиш следниве вдахновени зборови: „Благословот од Јехова збогатува, и Бог не задава никаква болка притоа“ (Изр. 10:22).
[Рамка/слика на страница 5]
Запознај се себеси
Размисли за прашањата што се наведени подолу за да се преиспиташ дали би можел да служиш во друга земја. Потоа, искрено и во молитва процени дали навистина можеш да направиш таков чекор. Информациите од некои поранешни броеви на Стражарска кула можат да ти помогнат во тоа.
• Дали сум духовна личност? („Чекори кон среќата“, 15 октомври 1997, страница 6)
• Дали проповедам делотворно? („Како да успееш во пионерската служба“, 15 мај 1989, страница 21 [англ.])
• Можам ли да живеам далеку од семејството и пријателите? („Борба со носталгијата во Божјата служба“, 15 мај 1994, страница 28)
• Можам ли да научам нов јазик? („Да се служи во собрание на друг јазик“, 15 март 2006, страница 17)
• Имам ли доволно пари за да се преселам? („Можеш ли да служиш на странски терен?“, 15 октомври 1999, страница 23)
[Слика на страница 6]
Твојата понизност и спремност можат да влијаат добро и врз локалните браќа
[Слика на страница 7]
Оние што се решени да служат навистина ќе успеат