Библијата стигнува на Големиот црвен остров
МАДАГАСКАР, кој лежи на околу 400 километри од југоисточниот брег на Африка, е четвртиот остров по големина на Земјата. Неговите жители веќе долго време го знаат Божјето име, Јехова, бидејќи подолго од 170 години можат да читаат преводи на Библијата на својот јазик, во кои се користи Божјето име. Преведувањето на Библијата на малгашки јазик е приказна за истрајност и посветеност.
Првите обиди да се преведе Светото писмо на овој јазик биле направени на блискиот остров Маврициус. Уште во далечната 1813 год., сер Роберт Фаркер, британскиот гувернер на Маврициус, презел чекори да се преведат евангелијата на малгашки јазик. Подоцна го поттикнал Радама I, кралот на Мадагаскар, да покани учители од Лондонското мисионерско друштво да дојдат на Големиот црвен остров, како што честопати се нарекува Мадагаскар.
На 18 август 1818 год., двајца мисионери од Велс, Дејвид Џоунс и Томас Беван, допатувале од Маврициус во морското пристаниште Тоамазина. Таму наишле на многу побожно население, кај кое обожавањето на предците и усните преданија биле во средиштето на секојдневниот живот. Малгашкиот народ зборувал на многу живописен јазик, кој има малајско-полинезиско потекло.
Набрзо откако отвориле едно мало училиште, Џоунс и Беван ги довеле своите жени и деца од Маврициус во Тоамазина. Но, за жал, сите во групата се разболеле од маларија и, во декември 1818 год. на Џоунс му починале жената и детето. Два месеца подоцна, болеста го покосила целото семејство Беван. Од целата група преживеал само Дејвид Џоунс.
Но, тој не дозволил трагедијата да го спречи во неговата намера. Бил решен да им овозможи на жителите на Мадагаскар да ја читаат Божјата реч на свој мајчин јазик. Откако се вратил на Маврициус за да закрепне, Џоунс се посветил на една тешка задача — да го научи малгашкиот јазик. Кратко потоа, започнал со подготовките за преводот на Евангелието според Јован.
Во октомври 1820 год., Џоунс се вратил на Мадагаскар. Се сместил во главниот град, Антананариве, и по кратко време отворил ново мисионерско училиште. Условите биле многу тешки. Немало ни учебници, ни училишна табла, ни клупи. Но, наставната програма била одлична и децата многу сакале да учат.
Откако работел сам околу седум месеци, на Џоунс му бил испратен нов соработник како замена за Беван. Тоа бил мисионерот Дејвид Грифитс. И двајцата неуморно работеле да ја преведат Библијата на малгашки јазик.
Почнува преведувањето на Библијата
Во почетокот на 1820-тите, единствената азбука на малгашки била наречена сорабе. Всушност, тоа биле малгашки зборови кои се пишувале со арапски букви. Само малкумина можеле да читаат такви текстови. Затоа, откако мисионерите разговарале со кралот Радама I, тој им дал дозвола да користат латиница наместо азбуката сорабе.
Преведувањето започнало на 10 септември 1823 год. Џоунс ги преведувал 1. Мојсеева и Матеј, а Грифитс работел на 2. Мојсеева и Лука. Обајцата неуморно работеле. Освен што сами го превеле поголемиот дел од текстот, продолжиле да држат часови наутро и попладне. Исто така, подготвувале и одржувале црковни богослужби на три јазици. Сепак, преведувањето им било на прво место.
Со помош на 12 студенти, за само година и пол, двајцата мисионери ги превеле целите Грчки списи и многу книги од Хебрејските списи. Следната година, бил завршен грубиот превод на целата Библија. Се разбира, текстот требало да се коригира и да се усоврши. Затоа, од Англија биле испратени двајца лингвисти, Дејвид Џонс и Џозеф Фриман.
Истрајни и покрај пречките
Кога бил завршен преводот на малгашки, Лондонското мисионерско друштво го испратило Чарлс Хавенден да ја монтира првата машина за печатење на Мадагаскар. Хавенден пристигнал на 21 ноември 1826 год. Но, се разболел од маларија и умрел за неполн месец по своето пристигнување. Така, не останал никој што знаел да ја монтира печатарската машина и да работи на неа. Следната година, еден искусен трговец од Шкотска, Џејмс Камерон, успеал да ја монтира машината со помош на упатството за употреба што го нашол меѓу составните делови. По многу обиди, Камерон на крајот успеал да испечати еден дел од првото поглавје од 1. Мојсеева. Тоа било на 4 декември 1827 год.a
Друга пречка се појавила на 27 јули 1828 год., кога починал кралот Радама I. Тој му давал целосна поддршка на преведувањето. Во една прилика, Дејвид Џоунс рекол: „Кралот Радама е неверојатно љубезен и пријатен. Тој многу се залага за образованието и смета дека издигнувањето на неговиот народ на повисоко културно ниво вреди повеќе од среброто и златото“. Меѓутоа, кралот го наследила неговата жена, Ранавалона I, и наскоро станало јасно дека таа нема да ја поддржува работата на преведувачите како што ја поддржувал нејзиниот сопруг.
Кратко откако дошла на власт, еден посетител од Англија замолил да биде примен кај неа за да разговараат во врска со преводот на Библијата. Но, барањето му било одбиено. Во друга прилика, кога мисионерите ѝ рекле на кралицата дека сѐ уште има многу работи за кои треба да ги поучат луѓето, вклучувајќи ги и грчкиот и хебрејскиот јазик, таа рекла: „Воопшто не ми е важен ни грчкиот ни хебрејскиот, но би сакала да знам дали можете да го научите мојот народ на нешто покорисно, на пример, да прави сапун“. Бидејќи сфатиле дека можеби ќе бидат принудени да си заминат пред да ја преведат целата Библијата на малгашки јазик, Камерон ја замолил кралицата да му даде една седмица време за да размисли за она што му го рекла.
Следната седмица, Камерон им дал на кралските гласници две сапунчиња направени од состојки што ги имало на островот. Ова, како и други работи што ги правеле овие сестрани мисионери во корист на населението, ја одоброволило кралицата доволно долго за да се заврши печатењето на сите библиски книги, со исклучок на неколку од Хебрејските списи.
Најнапред пријатно изненадување, а потоа разочарување
И покрај тоа што во почетокот грубо ги одбила мисионерите, во мај 1831 год. кралицата донела одредба која ги изненадила. Таа решила да им дозволи на своите поданици да се крштаваат како христијани! Но, оваа одредба важела само кратко време. Според книгата Историјата на Мадагаскар (A History of Madagascar), „бројот на луѓе што се крштавале ги вознемирил конзервативците на кралскиот двор, кои ја убедиле кралицата дека Причесната е еден вид заклетва на верност на Британија“. Затоа, дозволата за христијанско крштавање била повлечена кон крајот на 1831 год., само шест месеци откако била издадена.
Колебливоста на кралицата, како и сѐ поголемото влијание што традиционалистите го имале во владата, ги натерало мисионерите да завршат со печатењето на Библијата. Христијанските грчки списи биле готови, и илјадници примероци веќе биле во рацете на луѓето. Сепак, на 1 март 1835 год. се појавила уште една препрека — кралицата Ранавалона I објавила дека христијанството не е дозволено со законот и наредила сите христијански книги да им се предадат на властите.
Поради овој указ од кралицата, малгашките помошници повеќе не смееле да работат на печатењето на Библијата. Бидејќи останале само неколку мисионери за да ја завршат работата, тие работеле дење и ноќе сѐ додека не била издадена целата Библија, во јуни 1835 год. Да, конечно била отпечатена комплетната Библија на малгашки јазик!
Со оглед на тоа што забраната веќе стапила на сила, Библијата брзо им била раздадена на луѓето, а 70 примероци биле закопани за да не бидат уништени. Ова било направено во вистински момент, бидејќи за една година мисионерите заминале од островот и останале само двајца од нив. Сепак, Божјата реч продолжила да се шири на Големиот црвен остров.
Малгашкиот народ ја сака Библијата
Колку се радувале жителите на Мадагаскар затоа што можеле да ја читаат Божјата реч на својот јазик! Навистина, во тој превод има некои грешки, а и јазикот сега е прилично застарен. Сепак, многу ретко може да се најде куќа во која нема Библија, а голем број од жителите на овој остров редовно ја читаат. Значајно за овој превод е тоа што во Хебрејските списи многу се користи Божјето име, Јехова. Во оригиналните примероци, Божјето име го има и во Грчките списи. Затоа, поголемиот дел од населението на Мадагаскар знае како се вика Бог.
Всушност, кога првите примероци од Грчките списи излегле од печатарската машина и кога видел колку многу се радуваат луѓето, печатарот, г. Бејкер, извикнал: „Јас не сум пророк, но мислам дека Божјата реч никогаш нема да биде искоренета од оваа земја!“ Неговите зборови се обистиниле. Ниту маларијата, ниту предизвикот да се научи тежок јазик, ниту неповолните одредби на една владетелка не можеле да спречат Божјата реч да му стане достапна на народот на Мадагаскар.
Може да се каже дека сега ситуацијата е уште подобра. Во која смисла? Во 2008 год., беше издадено комплетното Свето писмо — превод Нов свет на малгашки јазик. Овој превод е огромен чекор напред бидејќи е пишуван на современ и лесно разбирлив јазик. Така, Божјата реч сега е уште поцврсто вкоренета на Големиот црвен остров (Иса. 40:8).
[Фуснота]
a Десетте заповеди и молитвата Оченаш биле првите делови од Библијата отпечатени на малгашки јазик на Маврициус, некаде во април или мај 1826 год. Но, примероци од овој текст им биле дадени само на членовите на семејството на кралот Радама I и на некои владини службеници.
[Слика на страница 31]
„Преводот Нов свет“ на малгашки јазик му оддава чест на Божјето име, Јехова