„Сѐ додека смртта не нѐ раздели“
КОЛКУ брачни двојки радосно ги изговориле овие зборови на денот на својата венчавка — можеби без да размислуваат дека еден ден тоа навистина може да се случи? Староста, болестите или несреќните случаи се секојдневие и можат трагично да го прекинат животот на саканиот, оставајќи го другиот сопружник да живее во осаменост и болка (Проповедник 9:11; Римјаните 5:12).
Статистиките покажуваат дека речиси половина од жените постари од 65 години се вдовици. Всушност, бидејќи трипати е поголема веројатноста жените да останат без брачниот партнер отколку мажите, болната загуба на сопружникот се смета за „женски феномен“. Тоа не значи дека на мажите не им е тешко. Факт е дека милиони луѓе секојдневно се соочуваат со оваа стресна ситуација. Дали можеби и ти си еден од нив?
Ако да, сеедно дали си маж или жена, што можеш да сториш? Дали Библијата може да ти помогне да се справиш со болката? Што им помогнало на некои вдовици и вдовци? Иако не постои формула што важи за сите случаи, има некои начела и предлози што можат многу да ти помогнат.
Соочување со загубата
И покрај тоа што некои мислат дека плачењето е знак на слабост, па дури и дека е штетно да се плаче, психологот д-р Џојс Брадерс од лично искуство вели дека солзите се како прва помош за смирување на емоциите. Всушност, плачењето е нормален дел од процесот на тагување и помага да се намали болката. Не срами се да плачеш. Во Библијата е наведен еден добар пример во врска со ова. Авраам бил човек со многу голема вера, и затоа имал чест да биде наречен Божји пријател. Сепак, кога умрела неговата сакана жена, отишол „да тагува по Сара и да ја оплаче“ (1. Мојсеева 23:2).
Иако е нормално понекогаш да сакаш да бидеш сам, немој сосема да се повлечеш од луѓето. Во Изреки 18:1 е дадена опомената: „Оној што се изолира, оди по своите себични желби“. Наместо тоа, барај поддршка од роднините и пријателите кои се сочувствителни. Во тој поглед може многу да ти помогне христијанското собрание, во кое духовно зрелите мажи можат да ти дадат поддршка и совет кога тоа ќе ти биде потребно (Исаија 32:1, 2).
На некои им било полесно откако одговориле на писмата и картичките со изрази на сочувство. Ова можеш да го искористиш за да ги запишеш убавите работи што ги помниш за својот сопружник и за моментите што сте ги минале заедно. Во процесот на закрепнување може да ти помогне и тоа што ќе направиш албум со спомени во кој ќе ставиш фотографии, писма и белешки.
Нормално е оној што неодамна го загубил сопружникот да се чувствува изгубено, но ќе ти биде од помош ако продолжиш и понатаму со секојдневните активности и со својата вообичаена рутина. На пример, ако секогаш си легнувал, си станувал, си јадел или си завршувал извесни задачи во одредено време, труди се и понатаму да се држиш за тој ред. Однапред планирај што ќе правиш за време на викендите, а и во посебните денови, како што е годишнината од бракот, кога болката од загубата можеби ќе ти се чини неиздржлива. Особено е важно да продолжиш со духовните активности исто како и порано (1. Коринќаните 15:58).
Способноста здраво да ги проценуваш работите може да ти се замагли ако си под голем емоционален притисок. Можеби некои злонамерни луѓе дури и ќе се обидат да ја искористат твојата ситуација. Затоа, не донесувај избрзани одлуки во врска со работи како, на пример, продажба на куќата, поголеми инвестиции, преселба или повторно стапување во брак. Една мудра изрека вели: „Замислите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист, а секој што избрзува, сигурно оди кон немаштија“ (Изреки 21:5). Треба да ја одложиш секоја таква поголема промена во животот сѐ додека не си ги средиш емоциите.
Може да ти биде многу болно кога ќе ги средуваш личните работи на твојот сопружник, особено ако сте биле заедно многу години. Сепак, тоа е дел од процесот на закрепнување. Одложувањето може само да ја продолжи болката (Псалм 6:6). Некои повеќе сакаат да бидат сами кога го прават тоа, а на други им е полесно покрај нив да има некој близок пријател со кој ќе ги споделат своите сеќавања. Исто така, би можел да побараш помош од некој пријател или роднина за да се средат документите како, на пример, да се извади посмртница, да се известат соодветните државни служби, банките и фирмите што издаваат кредитни картички, да се префрли имотот на друго име, да се добие парична помош за погребот или да се исплатат здравствените трошоци.
Не заборавај дека живееме во неморален свет. Бидејќи сега си сам или сама, може да биде ставена на испит твојата решеност да останеш морално чист. Следниве зборови на апостол Павле важат исто толку денес како и порано: „Секој од вас да знае како да завладее со своето тело во светост и чест, а не во незауздана сексуална страст својствена на народите што не го познаваат Бог“ (1. Солуњаните 4:4, 5). Затоа, мудро е да избегнуваш филмови, книги и музика кои имаат романтична содржина или можат да побудат во тебе сексуални желби.
Пред сѐ, помири се со тоа дека ќе ти биде потребно време за да закрепнеш. Весникот USA Today известува дека анкетите што ги спровел Институтот за социјални истражувања при Универзитетот во Мичиген покажуваат дека на ужалениот сопружник му требаат барем 18 месеци за да почне физички и психички да закрепнува. Моли го Бог за истрајност, која ќе се зголеми ако истовремено ги покажуваш и плодовите на духот (Галатите 5:22, 23). Иако во моментов можеби си мислиш дека тоа не е можно, како што минува времето, секој ден ќе биде подобро.
Како некои ја надминале болката
На Ана, која била во среќен брак 40 години, неодамнешната загуба на сопругот ѝ паднала многу тешко. „Ја изгубив мајка ми кога имав 13 години, а потоа починаа татко ми и двајца браќа, како и сестра ми. Но, искрено можам да кажам дека ниедна од тие трагедии не ме погоди толку длабоко како загубата на мојот сопруг. Се чувствував како да изгубив дел од себе — болката беше неиздржлива.“ Што ѝ помогнало да се справи со својата болка? „Направив една огромна книга со имејлови и картички во кои мнозина со прекрасни зборови ја изразија својата љубов и ценење за сите убави особини на Дарил. Секој спомнува нешто посебно за него. Сигурна сум дека и Јехова се сеќава на него и дека ќе го воскресне.“
Естер, која има 88 години, кажува што ѝ помогнало нејзе: „По 46 години другарување, најтешко ми падна осаменоста. Но, забележав дека тоа што бев зафатена со духовни активности многу ми помогна. Не престанав да одам на христијанските состаноци, да им ја пренесувам на другите библиската порака и да ја читам Библијата. Ми помогна и тоа што не се изолирав од другите. Се дружам со пријатели што се спремни да ме сослушаат. Не можат секогаш да ми кажат утешни зборови, но многу ценам што едноставно ми посветуваат време и ме слушаат“.
Роберт, чија жена умрела од рак по 48 години брак, раскажува: „Многу е тешко да се поднесе загубата на сопружникот со кого си можел да разговараш, да донесуваш одлуки, да одиш на патувања и годишни одмори и да си раскажеш што ти се случило во текот на денот. Тешко ми е, но решен сум да не се предадам, туку да продолжам со животот. Ми помага тоа што сум активен физички и умствено. И молитвата ми е извор на голема утеха“.
Исполнет живот и по загубата
Иако загубата на саканиот сопружник е една од најболните работи што може да се случат, тоа не е крај на сѐ. Обиди се да најдеш нешто позитивно и во овие околности. Можеби сега ќе имаш прилика да правиш работи за кои претходно не си имал доволно време, на пример, да се занимаваш со некое хоби или да патуваш. Овие активности може да ти помогнат да ја пополниш празнината. Други, пак, на новите околности гледаат како на прилика да учествуваат повеќе во христијанската служба. Ако им помагаш на другите на таков начин, сигурно ќе бидеш радосен и задоволен, бидејќи Исус рекол: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).
Немој да мислиш дека никогаш повторно нема да бидеш среќен. Биди уверен дека Јехова Бог ќе се грижи за тебе ако му се обратиш. Псалмистот Давид рекол дека ‚Јехова ѝ помага на вдовицата‘ (Псалм 146:9). Утешно е да се знае дека Библијата не го опишува Јехова само како „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха“ туку за него го вели и следново: „Ти ја отвораш својата рака и ја задоволуваш желбата на сѐ што е живо“ (2. Коринќаните 1:3; Псалм 145:16). Навистина, љубезниот Бог, Јехова, може, сака и е спремен да им помогне на оние што искрено бараат помош од него. И твоите чувства нека бидат исти како чувствата на Израелците од минатото, кои пееле: „Ќе ги подигнам очите кон планините. Од каде ќе добијам помош? Мојата помош е од Јехова, Творецот на небото и на земјата“ (Псалм 121:1, 2).
[Истакната мисла на страница 19]
Милиони се соочуваат со болка и осаменост по загубата на својот сопружник. Дали си и ти еден од нив?
[Рамка на страница 21]
Дали повторно да се стапи во брак?
Библијата покажува дека смртта ѝ става крај на брачната врска, што значи дека брачниот другар што останал жив може да се прежени или да се премажи (1. Коринќаните 7:39). Сепак, таа одлука е сосема лична. Меѓутоа, важно е децата да знаат за одлуката на својот родител и да го поддржуваат, ако е можно (Филипјаните 2:4). На пример, Андре во почетокот не се согласувал неговиот татко да се прежени. Многу ја сакал мајка си и сметал дека никој не треба да го заземе нејзиното место. „Но, наскоро сфатив дека татко ми донесе добра одлука“, вели тој. „Бракот повторно го развесели. Почна да прави работи што не ги правеше извесно време. На пример, почна да патува. Се разбира, благодарен сум ѝ на неговата нова жена што толку добро се грижи за него во физички и во емоционален поглед.“
[Слики на страници 20 и 21]
Побрзо ќе закрепнеш ако си активен и ако го молиш Бог за истрајност