Пријатните зборови придонесуваат за добри односи
„Вашиот збор секогаш нека биде пријатен“ (КОЛ. 4:6)
1, 2. Каков добар резултат дале пријатните зборови на еден брат?
ЕДЕН брат раскажува: „Додека проповедав од врата до врата, наидов на еден човек кој толку се налути што усните му трепереа и целиот почна да се тресе. Смирено се обидов да зборувам со него за Библијата, но тој само уште повеќе се налути. Кога почнаа да ме навредуваат и жена му и децата, ми беше јасно дека е време да си одам. Им кажав дека дојдов во мир и дека би сакал и да си одам во мир. Им ги покажав зборовите од Галатите 5:22, 23, каде што се спомнати љубовта, благоста, самосовладувањето и мирот. Тогаш си заминав.
2 Подоцна, додека одев во куќите од другата страна на улицата, го видов истото тоа семејство како седи пред својата куќа. Ме викнаа да одам кај нив. ‚Што ли сакаат сега?‘ — си реков. Човекот држеше бокал ладна вода и ми понуди да се напијам. Се извини што беше груб и ме пофали за мојата цврста вера. Се разделивме пријателски“.
3. Зошто не смееме да дозволиме другите да нѐ разгневат?
3 Денешниов свет наметнува големи притисоци и затоа е неизбежно да наидеме на гневни луѓе, и во службата и во други прилики. Кога ќе се најдеме во таква ситуација, многу е важно да постапуваме „благо и со длабока почит“ (1. Пет. 3:15). Ако братот што го спомнавме претходно дозволел гневот и нељубезноста на станарот и кај него да предизвикаат гнев, тешко дека станарот ќе смекнел. Можеби дури уште повеќе ќе се разгневел. Но, бидејќи братот се воздржал и зборувал смирено, на крај резултатот бил добар.
Кога зборовите се пријатни?
4. Зошто е важно нашите зборови да бидат пријатни?
4 Сеедно дали разговараме со луѓе надвор од собранието или со наши браќа и сестри, па дури и со членовите на семејството, многу е важно да го следиме советот на апостол Павле: „Вашиот збор секогаш нека биде пријатен, зачинет со сол“ (Кол. 4:6). Љубезните, примерни зборови се неопходни за добра комуникација и мир.
5. Што не значи добрата комуникација? Наведи пример.
5 Добрата комуникација не значи дека треба да си кажеш сѐ што ќе ти падне на памет, особено кога си вознемирен. Библијата покажува дека неконтролираните изливи на гнев се знак на слабост, а не на сила. (Прочитај Изреки 25:28; 29:11.) Мојсеј — „најкроткиот“ човек во негово време — еднаш дозволил бунтовноста на израелскиот народ толку да го извади од такт што не му оддал слава на Бог. Мојсеј многу јасно си ги кажал чувствата, но на Јехова не му се допаднало тоа. Иако 40 години ги водел Израелците, Јехова не му дозволил на Мојсеј да ги внесе во Ветената земја (4. Мој. 12:3; 20:10, 12; Пс. 106:32).
6. Што значи да бидеме разборити во говорот?
6 Во Библијата пофално се зборува за способноста да се воздржиме и да бидеме промислени, или разборити, во нашиот говор. „Многуте зборови не остануваат без грев, а кој си ги зауздува усните, постапува разборито“ (Изр. 10:19; 17:27). Но, разборитоста не значи дека никогаш не треба да си ги искажеме чувствата, туку дека нашите зборови треба ‚да бидат пријатни‘, односно да го користиме јазикот за да ги лекуваме другите, а не за да ги повредуваме. (Прочитај Изреки 12:18; 18:21.)
„Време за молчење и време за зборување“
7. Од какви зборови треба да се воздржуваме, и зошто?
7 Треба да бидеме тактични и смирени кога зборуваме со колегите и со непознати во службата, но мораме да бидеме такви и со членовите на собранието и на семејството. Ако го истураме гневот без да мислиме на последиците, може сериозно да си го нарушиме нашето духовно, емоционално и физичко здравје, а и на другите (Изр. 18:6, 7). Негативните чувства — кои се одраз на нашата несовршеност — мораат да се контролираат. Погрешно е да се служиме со навреди, исмевање, омаловажување и омраза (Кол. 3:8; Јак. 1:20). Тие можат да ни ги уништат скапоцените односи што ги имаме со другите луѓе и со Јехова. Исус поучувал: „Секој што упорно се гневи на својот брат, ќе одговара пред суд. А оној што ќе го нарече својот брат со навредливо име, ќе одговара пред највисокиот суд. А оној што ќе му рече дека не заслужува да живее, и самиот би можел да се најде во огнот на геената“ (Мат. 5:22).
8. Кога треба да си ги искажеме чувствата, но како треба да го правиме тоа?
8 Но, има и работи за кои е најдобро да зборуваме. Ако некој брат рекол или направил нешто кое толку те вознемирува што не можеш лесно да преминеш преку тоа, не дозволувај омразата да ти ја труе душата (Изр. 19:11). Кога некој ќе те налути, прво смири се и потоа преземи ги потребните чекори за да се реши проблемот. Павле напишал: „Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина“. Штом проблемот продолжува да те мачи, реши го љубезно во поволен момент. (Прочитај Ефешаните 4:26, 27, 31, 32.) Разговарај со својот брат отворено, но на убав начин и со цел да се смирите (3. Мој. 19:17; Мат. 18:15).
9. Зошто пред да разговараме со некого треба прво да се смириме?
9 Се разбира, гледај да избереш поволно време. Има „време за молчење и време за зборување“ (Проп. 3:1, 7). Освен тоа, „срцето на праведникот промислува што ќе одговори“ (Изр. 15:28). Тоа значи дека можеби ќе треба да почекаш да се смириш пред да зборуваш за проблемот. Ако зборуваш додека си сѐ уште лут, може само да ги влошиш работите. Но, не е мудро ни да се чека предолго.
Љубезните постапки придонесуваат за добри односи
10. Како можат љубезните постапки да ги подобрат односите?
10 Пријатните зборови и добрата комуникација помагаат да одржуваме мирољубиви односи со другите. Всушност, кога правиме сѐ што можеме за да си ги подобриме односите со другите, може да си ја подобриме и комуникацијата со нив. Кога од срце постапуваме љубезно со другите — со тоа што сме спремни да им помогнеме, да им дадеме подарок, да им укажеме гостопримство — може да придонесеме за отворена комуникација. На тој начин можеме дури ‚да му натрупаме жив жар‘ на другиот и да ги извадиме на површина неговите убави особини, по што ќе биде полесно да се решат работите (Рим. 12:20, 21).
11. Што направил Јаков за да си ги поправи односите со Исав, и каков бил резултатот од тоа?
11 И семејниот поглавар Јаков бил свесен за ова. Неговиот брат близнак, Исав, му бил толку лут што Јаков морал да бега од страв Исав да не го убие. По многу години, Јаков се вратил. Исав му излегол во пресрет со уште 400 свои луѓе. Јаков го молел Јехова за помош. Потоа му испратил на Исав многу добиток како дар. Овој дар ја постигнал целта. Кога се сретнале, Исав му притрчал на Јаков и го прегрнал, бидејќи срцето веќе му било смекнато (1. Мој. 27:41-44; 32:6, 11, 13-15; 33:4, 10).
Храбри ги другите со пријатни зборови
12. Зошто треба да користиме пријатни зборови со нашите браќа?
12 Христијаните му служат на Бог, а не на луѓе. Сепак, сосема е нормално да сакаме другите да нѐ прифатат. Со своите пријатни зборови можеме да им ги олесниме товарите на нашите браќа и сестри. Но, со острите критики може да им ги направиме тие товари уште потешки, па дури и да ги натераме да мислат дека Јехова повеќе не ги сака. Затоа, искрено да им кажуваме охрабрувачки зборови, зборови ‚што се добри, за да ги изградуваме другите според потребата и да им бидат од корист на оние што ги слушаат‘ (Еф. 4:29).
13. Што треба да задржат на ум старешините а) кога даваат совет? б) кога пишуваат писма?
13 Особено старешините треба да бидат „благи“ и нежни со стадото (1. Сол. 2:7, 8). Кога треба да дадат совет, нивната цел е да го направат тоа „со благост“, дури и кога зборуваат со „оние што се бунтовни“ (2. Тим. 2:24, 25). Старешините треба да се изразуваат учтиво и во писмата што ги праќаат до друго старешинство или до Бетелот. Треба да бидат љубезни и тактични, во склад со она што е запишано во Матеј 7:12.
Пријатни зборови во семејството
14. Каков совет им дава Павле на мажите, и зошто?
14 Често го потценуваме влијанието што нашите зборови, изрази на лицето и движења на телото го имаат врз другите. На пример, некои мажи можеби не се сосема свесни колку длабоко можат нивните зборови да ги погодат жените. Една сестра вели: „Ме плаши кога маж ми луто ќе ми подвикне“. Грубите зборови може да имаат посилно влијание врз една жена отколку врз маж и може подолго да ѝ останат во умот (Лука 2:19). Ова е особено случај кога зборовите доаѓаат од некој што таа го сака и го почитува. Павле ги советувал мажите: „Сакајте ги своите жени и немојте да се гневите на нив“ (Кол. 3:19).
15. Објасни со пример зошто мажот треба да биде нежен со својата жена.
15 Во врска со ова, еден искусен женет брат објаснил со пример зошто мажот треба да биде нежен со својата жена како со ‚послаб сад‘. Тој рекол: „Кога држиш в раце една скапоцена и осетлива вазна, не смееш да ја стиснеш премногу силно, зашто може да ја скршиш. Дури и да ја поправиш, пукнатината ќе се гледа. Ако мажот ѝ се обраќа на својата жена со прегруби зборови, може да ја повреди. Тоа може да предизвика трајна пукнатина во нивниот однос“. (Прочитај 1. Петрово 3:7.)
16. Како може една жена да си го гради семејството?
16 И мажите можат или да се охрабрат или да се обесхрабрат од нечии зборови, вклучувајќи ги и зборовите на нивните жени. „Разборитата жена“, или жената на која мажот „се потпира“, е обѕирна кон неговите чувства, исто како што сака и тој да биде кон нејзините (Изр. 19:14; 31:11). Факт е дека жената може да има големо влијание во семејството, било добро било лошо. „Вистински мудрата жена си ја гради куќата, а глупавата ја руши со свои раце“ (Изр. 14:1).
17. а) Како треба децата да зборуваат со своите родители? б) Како треба возрасните да зборуваат со децата, и зошто?
17 И родителите и децата треба љубезно да зборуваат меѓу себе (Мат. 15:4). Кога зборуваме со деца, промисленоста ќе ни помогне да ‚не ги огорчуваме‘ или ‚да не ги раздразнуваме‘ (Кол. 3:21; Еф. 6:4). Дури и ако децата треба да бидат искарани, родителите и старешините треба со почит да зборуваат со нив. Така, на децата ќе им биде полесно да се поправат и да задржат добар однос со Бог. Тоа е многу подобро отколку да им оставиме впечаток дека сме кренале раце од нив, поради што и тие би можеле да кренат раце од самите себе. Децата можеби нема да се сеќаваат на секој совет што ќе го добијат, но ќе се сеќаваат на начинот на кој им бил кажан.
Од срце да зборуваме за добри работи
18. Што ќе ни помогне да го отстраниме гневот од себе?
18 Да си го контролираме гневот не значи тој да не ни се чита на лицето. Нашата цел не треба да биде само да ги потиснеме чувствата. Ако се трудиме да изгледаме смирени однадвор, а однатре вриеме од лутина, се ставаме под голем стрес. Тоа е како во еден автомобил во исто време да притискаш на педалата за гас и на кочницата. Тогаш автомобилот е под дополнителен притисок и може да биде предизвикана штета. Затоа, не собирај во себе гнев што подоцна може да експлодира. Моли го Јехова да ти помага да ги отстраниш тие чувства од своето срце. Дозволи му на Јеховиниот дух да ти ги обликува умот и срцето во склад со неговата волја. (Прочитај Римјаните 12:2; Ефешаните 4:23, 24.)
19. Кои мерки можат да ти помогнат да избегнеш гневни расправии?
19 Преземи практични мерки. Ако се најдеш во стресна ситуација и чувствуваш како во тебе почнува да се собира гнев, од помош може да ти биде да си заминеш и да почекаш малку да се смириш (Изр. 17:14). Ако гледаш дека оној со кого разговараш почнува да се лути, вложи уште поголем напор да зборуваш тактично. Не заборавај: „Благиот одговор го смирува гневот, а остриот збор предизвикува лутина“ (Изр. 15:1). Зајадлива или навредлива забелешка ќе додаде дрва на огнот, дури и ако е кажана со мек глас (Изр. 26:21). Затоа, кога ќе се најдеш во ситуација во која на испит ти е самоконтролата, биди „бавен на зборување и бавен на гнев“. Моли го Јехова да ти го дава својот дух за да ти помогне да кажуваш добри, а не лоши работи (Јак. 1:19).
Простувај од срце
20, 21. Што може да ни помогне да им простуваме на другите, и зошто мораме да простуваме?
20 За жал, никој од нас не може совршено да си го контролира јазикот (Јак. 3:2). И покрај најдобрите намери, дури и членовите на нашето семејство и нашите драги духовни браќа и сестри може понекогаш непромислено да кажат работи што нѐ повредуваат. Наместо брзо да се навредиме, стрпливо да размислиме зошто можеби рекле нешто. (Прочитај Проповедник 7:8, 9.) Дали можеби биле под притисок, уплашени, не се чувствувале добро или се бореле со некој проблем за кој не сме свесни?
21 Точно, овие работи не се изговор за некој да избувне. Но, ако сме свесни за нив, ќе разбереме зошто понекогаш луѓето кажуваат или прават нешто што не треба и можеби ќе бидеме поспремни да им простиме. Сите ние сме рекле или сме направиле нешто што ги повредило другите и се надеваме дека милостиво ќе ни простат (Проп. 7:21, 22). Исус рекол дека, ако сакаме Бог да ни прости нам, мораме и ние да им простуваме на другите (Мат. 6:14, 15; 18:21, 22, 35). Затоа, треба брзо да се извиниме и брзо да простиме со што ќе ја зачуваме љубовта која ‚совршено нѐ поврзува‘, и во семејството и во собранието (Кол. 3:14).
22. Зошто вреди да се трудиме да зборуваме пријатни зборови?
22 Како што овој гневен свет сѐ повеќе се ближи кон својот крај, голема е веројатноста дека ќе биде сѐ потешко да ги зачуваме радоста и единството. Ако се држиме за практичните начела од Божјата реч, ќе можеме да го користиме својот јазик за да правиме добро, а не лошо. Ќе имаме помирољубиви односи во собранието и во семејството, а со својот пример ќе им дадеме на другите одлично сведоштво за нашиот ‚среќен Бог‘ Јехова (1. Тим. 1:11).
Можеш ли да објасниш?
• Зошто е важно да одбереме соодветно време за да зборуваме за проблемите?
• Зошто сите во семејството треба да зборуваат меѓу себе со ‚пријатни зборови‘?
• Што ќе ни помогне да не кажуваме навредливи зборови?
• Што ќе ни помогне да простуваме?
[Слики на страница 21]
Прво смири се, и потоа одбери соодветно време за да зборуваш
[Слика на страница 23]
Мажот треба секогаш да зборува нежно со својата жена