Дали уживаш во читањето на Божјата Реч?
„КОГА почнав редовно да ја читам Библијата, воопшто не уживав во тоа“, вели Лорејн. „Бидејќи ми беше тешко да го разберам она што го читав, честопати ми се случуваше да одлетам некаде со мислите.“
И други признаваат дека не уживале кога почнале да ја читаат Библијата. Сепак, не се откажале бидејќи знаеле дека е важно да го прават тоа. Марк вели: „Лесно може нешто да нѐ спречи редовно да ја читаме и проучуваме Библијата. Морав многу да се молам и да вложам голем напор за да ми стане навика секој ден да го читам Светото писмо“.
Што ќе ти помогне уште повеќе да ја цениш Божјата пишана Реч? Како би можел да уживаш додека ја читаш? Да ги разгледаме следниве предлози.
Како да извлечеш поголема корист
Помоли му се на Јехова пред да почнеш да читаш и труди се да останеш сконцентриран на материјалот. Моли го Јехова да ти помогне да развиеш желба да ја проучуваш неговата Реч, и да ти го отвори умот и срцето за да можеш уште подобро да ја разбереш неговата мудрост (Пс. 119:34). Ако не го правиш ова, проучувањето на Библијата лесно може да ти стане површно и механичко, и би можел да изгубиш желба да продолжиш да проучуваш. Лин вели: „Понекогаш читам толку брзо, што пропуштам да забележам некои интересни информации. А честопати не успевам да ги разберам во потполност ни главните мисли. Но, го молам Јехова за самосовладување, и тоа ми помага да не мислам на други работи“.
Цени го она што го учиш. Имај на ум дека твојата вечна иднина зависи од тоа дали ќе ги разбереш библиските вистини и дали ќе живееш во склад со нив. Затоа, кога ја читаш Библијата, настојувај да најдеш работи што ќе ти користат и обиди се да ги примениш во животот. „Се трудам да обрнам посебно внимание на стиховите што ми помагаат да ги препознаам погрешните ставови и мотиви во моето срце“, вели Крис. „Многу се охрабрувам кога во Библијата и во нашите публикации ќе најдам совети кои се напишани баш како за мене, иако никој од писателите лично не ме познава.“
Постави си достижни цели. Труди се да научиш нешто ново за личностите од Библијата. Во нашите публикации можеш да најдеш многу интересни информации за нив. Колку повеќе читаш за мажите и жените од библиски времиња и дознаваш какви особини и чувства имале тие, толку пореални ќе ти стануваат.
Барај нови начини на кои би можел да ги објасниш библиските вистини (Дела 17:2, 3). Софија проучува со таква цел. „Се обидувам да наоѓам нови мисли и стихови со кои би можела добро да ги објаснам библиските учења кога сум во служба и во други прилики. Во ова многу ми помагаат статиите од Стражарска кула“, вели таа (2. Тим. 2:15).
Живо претстави си го она што го читаш. „Речта Божја е жива“, стои во Евреите 4:12. Додека ја читаш Библијата, оживеј ја Божјата порака замислувајќи си го она што го гледале библиските личности. Обиди се да го слушнеш она што тие го слушале и да го почувствуваш она што тие го чувствувале. Поврзи го тоа што им се случувало со конкретни ситуации од твојот живот. Учи од начинот на кој постапувале во различни околности. Ова ќе ти помогне подобро да ги разбереш и да ги запамтиш библиските извештаи.
Посвети повеќе време на потешките стихови и на нивното објаснување за да можеш подобро да ги разбереш. Одвој доволно време секојпат кога ќе проучуваш за да можеш подлабоко да размислиш за информациите. Веројатно при проучувањето ќе ти се наметнат некои интересни прашања кои ќе треба додатно да ги истражиш. Побарај ги непознатите зборови во речник, провери ги фуснотите и прочитај ги паралелните стихови. Колку повеќе го разбираш и применуваш она што го читаш, толку повеќе ќе уживаш во Божјата пишана Реч. Тогаш ќе можеш да го кажеш истото што го рекол и псалмистот: „[Јеховините] опомени ги усвоив засекогаш, зашто ми се радост за срцето“ (Пс. 119:111).
Немој само да претрчуваш преку материјалот. Но, од друга страна, биди урамнотежен. Посвети разумно време на личното проучување водејќи сметка да ти остане време и за да се подготвиш за состаноците. „Честопати сум толку напната што не можам да се концентрирам“, вели Ракел. „Затоа, проучувам почесто, но пократко. Така можам да извлечам поголема корист.“ Крис признава: „Кога брзам, совеста ме пече затоа што скоро ништо не можам да запамтам и она што го читам не ме допира до срце“. Затоа, немој да брзаш.
Труди се да развиеш посилна желба за читање на Божјата Реч. Апостол Петар рекол: „Како новородени деца, развивајте желба за чистото млеко од Божјата реч, за да можете, хранејќи се со него, да пораснете до спасение“ (1. Пет. 2:2). Бебињата не мора да развиваат желба за млеко, бидејќи се раѓаат со неа. Но, Библијата јасно вели дека ние треба да развиеме желба за читање на Божјата Реч. Ако читаш само по една страница секој ден, наскоро ќе имаш таква желба. Она што во почетокот ти изгледало тешко, за кратко време ќе ти претставува уживање.
Длабоко размислувај за библиските стихови. Ќе извлечеш голема корист и ако длабоко размислуваш за она што го читаш. На тој начин ќе можеш да ги поврзеш духовните бисери што си ги нашол додека си истражувал, и наскоро ќе имаш цел „ѓердан“ од бисери на мудроста — навистина скапоцен посед! (Пс. 19:14; Изр. 3:3).
Мудро потрошено време
Иако треба да вложиш труд за да проучуваш редовно и квалитетно, тоа ќе ти донесе неизмерни благослови. Уште подобро ќе ја разбираш Библијата (Евр. 5:12-14). Проникливоста и мудроста со кои се здобиваш кога го проучуваш вдахновеното Свето писмо ќе ти донесат среќа, задоволство и мир. Мудроста што се наоѓа во Божјата Реч е „дрво на животот“ за оние што ја стекнуваат и применуваат (Изр. 3:13-18).
Ако длабоко ја проучуваш Божјата Реч, ќе стекнеш разборито срце (Изр. 15:14). Тоа ќе ти помогне да му дадеш некому искрен совет кој цврсто се темели на Библијата. Ако донесуваш одлуки кои се во склад со она што го читаш во неа и во публикациите на „верниот и разборит роб“, ќе чувствуваш голема радост и внатрешен мир (Мат. 24:45). Ќе гледаш попозитивно на работите, и твојот духовен напредок ќе може да се види во секој аспект од твојот живот. Ќе имаш успех во сѐ што правиш за Бог (Пс. 1:2, 3).
Ако навистина го сакаш Јехова, ќе бидеш поттикнат да зборуваш со другите за својата вера. И ова ќе ти донесе голема радост. Софија се труди да запамти и да користи најразлични стихови за да им го привлече вниманието на станарите. Ова ѝ ја прави службата поделотворна и поинтересна. Таа вели: „Срцето ми се прелева од радост кога гледам колку силен впечаток остава врз луѓето она што им го читам од Библијата“.
Сепак, најголемиот благослов што ќе го добиеме од тоа што уживаме во читањето на Божјата Реч е блискиот однос со Јехова. Преку проучувањето дознаваш кои се неговите мерила и учиш да ги цениш неговите особини, како што се љубовта, дарежливоста и правдата. Ништо друго не е поважно од ова и ништо друго не може да те направи посреќен. Затоа, задлабочи се во проучувањето на Божјата Реч. Тоа навистина е мудро потрошено време (Пс. 19:7-11).
[Рамка/слики на страница 5]
ИЗВЛЕЧИ ПОГОЛЕМА КОРИСТ ОД ЧИТАЊЕТО НА БИБЛИЈАТА
▪ Помоли му се на Јехова пред да почнеш да читаш и труди се да останеш сконцентриран на материјалот.
▪ Цени го она што го учиш.
▪ Постави си достижни цели.
▪ Барај нови начини на кои би можел да ги објасниш библиските вистини.
▪ Живо претстави си го она што го читаш.
▪ Посвети повеќе време на потешките стихови и на нивното објаснување за да можеш подобро да ги разбереш.
▪ Немој само да претрчуваш преку материјалот.
▪ Труди се да развиеш посилна желба за читање на Божјата Реч.
▪ Длабоко размислувај за библиските стихови.
[Слика на страница 4]
Кога читаш некој библиски извештај, замисли дека и ти си во слична ситуација